Насловна / Архитектура / Гробишта како шумски парк: Анкаран на Истра го редефинира просторот на сеќавањето

Гробишта како шумски парк: Анкаран на Истра го редефинира просторот на сеќавањето

Проектот за гробиштата во Анкаран е заеднички потпишан од љубљанските канцеларии VOID architecture (архитектура) и Studio AKKA (пејзажно уредување).

Сместени во словенечкиот дел на Истра, гробиштата Анкаран се проектирани како слободно прооден шумски парк помеѓу медитеранскиот пејзаж, шумата и хоризонтот на Јадран, редефинирајќи го просторот на сеќавањето преку архитектура и контемплација.

Простор помеѓу шума, море и сеќавања

Станува збор за современи шумски гробишта кои комбинираат класични гробни места, ѕидови за урни и јавен парк отворен за секојдневни прошетки.

Како што наведуваат архитектите, гробиштата се места на тивко присуство на сеќавања и постојаност на културни ритуали, и токму оваа комбинација силно го дефинира искуството на движење низ тивок и интровертен простор. Гробиштата во Анкран ги обединуваат овие квалитети – нивното значење и нивната постојаност.

Истовремено, архитектурата на гробиштата е замислена како граничен, преоден простор помеѓу вертикалноста на блиската шума и бескрајниот хоризонт на Јадранското Море на југозапад. Просторот на гробиштата е обликуван преку овие спротивставени односи и транзиции помеѓу отворено и затворено, светло и темно, односно помеѓу јавен простор и места за збогување.

Со протест до пренамена на парцелата

Гробиштата се наоѓаат на исклучителна локација, на гребен над централниот дел на Анкаран и над модернистичката црква Свети Николај, покрај Маслинова патека, со поглед на Трстјанскиот Залив и словенечката Истра.

Токму поради својата атрактивна положба, парцелата првично била наменета за комерцијални содржини, но по протестите на локалната заедница, била пренаменета во гробишта.

Дотогаш, Анкаран немал соодветен простор за збогување со починатите, па затоа новите гробишта, и функционално и симболично, стануваат еден од главните јавни простори на заедницата.

Гробишта како шумски парк

Шумските гробишта со својата концепција откриваат двојна природа. Од една страна функционираат како слободно прооден шумски парк наменет за пешачење и размислување, додека од друга страна, се состојат од низа јасно дефинирани гробни полиња, односно помали гробишта распоредени терасасто на падината над објектот за збогување.

Внимателно осмислена секвенца од ѕидови, патеки и визури долж серпентинеста ритуална патека го насочува погледот на посетителите понекогаш долж теренот кон вертикалата на шумата, а понекогаш попречно кон морето и неговата бесконечна димензија што се спојува со небото.

Материјалност изведена од пејзажот

Сите архитектонски елементи материјално произлегуваат од боите и текстурите на самата локација. Меѓу масивните ѕидови од испран бетон во земјени тонови на локалниот терен и камен се истакнуваат измазнети бетонски ѕидови за урна, додека лесна патека за поврзување лебди над теренот.

Може да заклучиме дека гробиштата во Анкаран, со својот современ пристап на гробишта како слободно достапен шумски парк отворен за сите, ја трансформира традиционалната идеја за простор на сеќавање во метафора на заедништво.

Испрати коментар

Scroll To Top