Насловна / Вести / Град или село: Местото каде што растат децата влијае на менталното здравје

Град или село: Местото каде што растат децата влијае на менталното здравје

Кога станува збор за менталното здравје на детето, важна улога има средината во која расте, укажува нова студија. Со други зборови, децата од села имаат различни проблеми со менталното здравје од децата од градовите.

Децата од руралните средини имаат поголема веројатност да доживеат депресија, анксиозност, социјално повлекување и други емоционални проблеми, додека децата од урбаните средини почесто имаат проблеми во однесувањето, вклучително и AДХД (нарушување на вниманието и хиперактивност), утврдиле истражувачите.

Притисоците на градскиот живот – од стрес во училиште до побрзото темпо на живот – придонесуваат за поголем број проблеми во однесувањето кај децата, според резултатите од студијата, објавени во списанието Pediatric Investigation. Од друга страна, децата од руралните средини почесто се соочуваат со емоционални потешкотии поврзани со сиромаштија, изолација и одвојување од семејството.

Местото каде што детето расте има поголемо влијание отколку што се мисли

Истражувачите анализирале податоци од речиси 20.000 ученици на возраст од шест до 16 години од рурални и урбани училишта во Кина и откриле значајни разлики во психолошката состојба на децата во зависност од тоа каде живеат.

Истражувачите посебно анализирале група од 3.003 ученици на кои им е дијагностицирано некое ментално нарушување. Во оваа група, разликите помеѓу децата од село и од град биле уште поизразени.

Учениците од рурални средини со ментални нарушувања почесто покажувале симптоми на повлекување, депресија, проблеми во размислувањето, агресивно однесување и кршење правила, додека кај децата од градовите почесто се забележани телесни тегоби поврзани со нивната психичка состојба и агресивност.

Едно од најинтересните откритија се однесувало на родовите разлики. Кај момчињата се забележани значајни разлики во психолошките симптоми во зависност од тоа дали живеат во село или град, додека таква разлика не е забележана кај девојчињата. Истражувачите сметаат дека ова укажува дека менталното здравје на момчињата е почувствително на условите на животната средина и дека пристапот кон поддршката треба да се прилагоди соодветно.

Разликите во менталното здравје кај децата произлегуваат од различните услови на растење, нагасуваат експертите. Децата во Кина во руралните средини имаат поголема веројатност да живеат во сиромаштија, имаат помал пристап до образование и психолошка поддршка, а многумина растат без родители кои се преселиле во градовите поради работа. Од друга страна, децата во градовите се изложени на поголем притисок поради академскиот успех и конкурентната средина.

Ограничувања на истражувањето

Се напоменува дека студијата има и одредени ограничувања, бидејќи менталното здравје на децата е оценето со помош на само еден инструмент, што можеби не дава целосна слика. Исто така, бидејќи станува збор за истражување кое претставува пресек во еден момент, а не долгорочно следење, не е можно со сигурност да се утврди дали овие модели се менуваат како што децата растат или колку раните интервенции би можеле да влијаат на резултатите, пренесува Јуроњуз.

Испрати коментар

Scroll To Top