Насловна / Арт и дизајн / Dolce&Gabbana: ArteModa – свет каде што уметноста и модата се испреплетуваат

Dolce&Gabbana: ArteModa – свет каде што уметноста и модата се испреплетуваат

Откако Domenico Dolce и Stefano Gabbana во 1985 година го лансираа брендот Dolce&Gabbana, естетиката на својата модна куќа ја градеа врз сицилијанските корени и нејзината живосписна култура, италијанската мантра за добар живот la dolce vita и инспирацијата што отсекогаш ја црпеле од уметноста. Токму оваа нераскинлива врска ја слави новата книга Dolce&Gabbana: ArteModa, која го претставува самото јадро на нивната креативност во која знаењето, страста и убавината се спојуваат во единствена целина.

Иако брендот црпи сила од сликарството и скулптурата уште од 1990-тите, тој дијалог станал уште подлабок и посвесен со лансирањето на линиите Alta Moda и Alta Sartoria, кои обединуваат врвни вештини за кроење и безвременски уметнички ремек дела.

Издадена од престижната издавачка куќа Rizzoli, книгата, преку богати илустрации ги истражува сите уметнички извори што го инспирирале италијанското модно дуо од самите почетоци на модната куќа.

Во текот на своите четири децении постоење, Dolce&Gabbana со извонреден успех ги реинтерпретирала иконите на историјата на уметноста на своите најпознати модели, претворајќи ги „Сончогледите“ на Ван Гог или „Кошницата со овошје“ на Караваџо во носливи ремек дела.

Од прецизноста на византиските мозаици и елеганцијата на ренесансните мајстори како Леонардо и Ботичели, до модерниот надреализам на Дали и сировата енергија на уличната уметност на Баскијат и Харинг, Dolce&Gabbana: ArteModa на 328 страници ја слави креативноста што ги брише границите помеѓу модната писта и музејска галерија.

Испрати коментар

Scroll To Top