Насловна / Вести / Големи обврски, мали чекори кон спас од климатските промени

Големи обврски, мали чекори кон спас од климатските промени

Прашањето што сè повеќе се актуализира е уште колку месеци имаме за да ја спасиме планетата од климатските промени. Токму така, времето за спас веќе треба да се мери во месеци, а не во години. 2020 година треба да биде крајниот рок кога ќе мора да се обезбеди намалување на јаглеродните емисии. Фактот дека крајот на следната година е последната шанса за климатските промени станува сè појасен. Сите треба да се трудиме да ги задржиме климатските промени на ниво на кое може да се преживее и да се обидеме да ја вратиме природата до рамнотежа која ни е потребна за да се опстане.

earth12-copy
Ова е заеднички став на меѓународните и на домашните експерти, како и на политичките фактори во земјава што се занимаваат со ова прашање. Сепак, меѓу нив постојат дилеми колку ќе бидеме успешни во акцијата за справување со промените на климата.
Ханс Јоахим Шелнхубер, основач и сегашен почесен директор на Институтот за клима во Постдам вели дека климатската математика е јасна: Иако светот не можеме да го излечиме во следните неколку години, сепак, до 2020 година, може да му се предизвикаат фатални рани поради невнимание. Затоа следните месеци се особено важни за да опстане светот. Уште откако беше потпишан светскиот Договор за климата во Париз, во декември 2015 година, постојано се водат преговори за правилникот кој треба да се подготви врз основа на Договорот.
Но, сепак, согласно условите од Договорот, државите исто така ветија дека ќе ги подобрат своите планови за намалување на јаглеродните емисии до крајот на следната година.
За да се постигне главната цел од Договорот од Париз за одржување на глобалниот просечен пораст на температура што е можно поблиску до 1.5 степени Целзиусови, емисиите на стакленички гасови мора да се намалат за 45 проценти до 2030 година, а до 2050 година да се постигне климатска неутралност.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА САКА ДА ГО ФАТИ ЧЕКОРОТ
Само неколку држави, меѓу кои и Република Северна Македонија што го потпишале Парискиот договор имаат изработено доволно амбициозен акциски план за борба против климатските промени за да го исполнат тоа што го ветиле.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој беше дел од македонската делегација која присуствуваше на Самитот на ОН во Њујорк вели дека првите три климатски активности што ќе ги преземе во Република Северна Македонија се зајакнување на соработката со приватниот сектор и општините за создавање услови за поамбициозно климатско дејствување и почиста животна средина, разгледување и дополнување на постојните закони (доколку е применливо) и спроведување на нивно ефикасно спроведување, поддршка на активности за подигнување на свеста за да се потенцира дека ние како индивидуи сме дел од причините за климатските промени и дека можеме да бидеме решението.

111
Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека Република Северна Македонија со верификувањето на Парискиот договор има преземено обврски за да се справи со климатските промени. „Ние како точка од интерес на рамковната конвенција на ОН имаме обврска да известуваме за состојбите, да правиме анализи на емисиите на СО2 гасови и да препорачуваме мерки што главно требаше да ги спроведуваат други институции: економија, земјоделство, транспорт. Од усвојувањето на планот, од ратификацијата на Парискиот договор ние сериозно работиме на спроведувањето на националните придонеси за климатскиот договор од Париз и тие национални придонеси треба да обезбедат дека до 2030 година ние ќе имаме 30 отсто намалување на СО2 емисиите во однос на основното сценарио. Што тоа практично значи. Тоа значи поголема примена на обновливите извори на енергија, што е овозможено и со Законот за енергетика, но и иницијативата на Владата да се урбанизираат стотина локации на коишто приватни инвеститори ќе може да градат големи сончеви централи. Истовремено и Министерството за економија работи на подзаконските акти со коишто ќе се овозможи граѓаните исто така да бидат производители на електрична енергија од сонцето. Во моментов се носи Законот за енергетска ефикасност со кој ќе се обезбеди дека зградите особено во јавниот сектор ќе инвестираат, значи државата ќе инвестира во реновирање на зградите во јавна сопственост. Значи на годишно ниво ние ќе треба да обезбедиме еден отсто намалување на потрошувачката на енергија од јавните објекти“, вели Петровска. Таа додава дека во овој период има многу процеси коишто тековно се реализираат. „Во борбата со климатските промени вклучени се сите министерства. Транспортната стратегија на Министерството за транспорт ги усвои климатските аспекти значи воспоставивме индикатор за СО2 за намалување на идната транспортна стратегија. Тоа ние што како координатори го правиме, Министерството со другите институции сега е навистина интензивирано и ние ќе воспоставиме еден систем за мониторинг, верификација и известување за тоа колку всушност овие мерки што ние сме се обврзале да ги спроведеме, во стварност се реализираат до крајот на годината и наредната година“, нагласува Петровска.

CARS DRIVE PAST A CHEMICAL PLANT NEAR THE EASTERN GERMAN VILLAGE OF LIPPENDORF
Во борбата против климатските промени активно се вклучува и Зелениот институт. Според Наташа Амдију сите активни чинители во државата треба да преземат заедничка акција, сè со цел да видиме што можеме ние, без разлика што сме мала земја да придонесеме за да го спречиме влијанието на климатските промени. „Кај нас не се прават доволно сеопфатни истражувања за да се направи проценка колкаво е влијанието на климатските промени. За ние прво да знаеме нели колкаво е влијанието треба да почнеме да истражуваме. Треба академскиот сектор прво да направи проценки за да го видиме влијанието врз нашата држава, конкретно врз деградацијата на земјиштето, на земјоделието коешто е една од клучните гранки во нашата држава. Така што мислам дека треба малку повеќе да обрнеме внимание на тоа да дојдеме до релевантни податоци, па понатаму да направиме една државна стратегија за борба против климатските промени“, потенцира Амдију. Сепак Амдију вели дека можеби нашата држава доцни со борбата, но никогаш не е доцна, а страшно е да не се почне никогаш, вели таа.

struja
Најголеми застапници на справувањето со климатските промени, секаде во светот, се зелените партии. Во Северна Македонија тоа е Демократската обнова на Македонија (ДОМ) која ги застапува идеите за здрава животна средина. Маја Морачанин, претседател на ДОМ вели дека прашањето за климатски промени е едно од најголемите опасности со кои планетата се соочува и го загрозува животот практично на земјата во облик каков што денес го познаваме. „Она што е важно и на што ние инсистираме како зелена партија се политики со цел преземање на итна климатска акција против климатските промени и тука е суштинска транзицијата од употребата на фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Во фосилните горива спаѓаат нафтата, јагленот и гасот и треба што побрзо и поефикасно да се спроведе таа транзиција од фосилните горива кон обновливи извори. За Македонија тоа особено значи употребата на сонцето и ветерот. Ние сме земја на сонцето, но за жал според статистиките само околу 0,5 отсто е искористена сончевата енергија за производставо на електрична енергија. Енергетскиот сектор е клучен, како еден од главните емитери на стакленички гасови кои се предизвикувачи на климатските промени. Така што освен во енергетскиот сектор се разбира треба да се направи транзиција и во индустријата, транспортот и во затоплувањето“, нагласува Морачанин. Според неа она што се случи во нашата држава и што е за поздравување во овој дел е носењето на новиот Закон за енергетика минатата година, којшто практично ги отвори можностите за поголемо вклучување на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија. Но ние сè уште зависиме од производство на електрична енергија од јаглен, затоа бараме побрза транзиција и овој цел процес да се интензивира. Дополнително што е важно, а со подзаконските акти сè уште не е обезбедено од овој закон за енергетика, тоа е овозможување на граѓанските заедниците сами да поставуваат фотоволтаици во своите домови, тоа е можно во законот, но не е доволно стимулативно за граѓаните да можат да го практикуваат. Треба да се промени оваа подзаконска регулатива, тоа е во контекст и на целиот енергетски сектор, вели Морачанин.

veternici

ВЛАДИТЕ ДА ПРОДОЛЖАТ СО НАПРЕДОКОТ
Оваа година светските лидери се состанаа на конференцијата за климатските промени во Бон која заврши со повик на ООН за целосно исполнување на обврските од Договорот од Париз. Голем број на одлуки ќе треба да се усвојат на Конференцијата на ООН за климатските промени во Сантијаго, Чиле на крајот на годината (COP25, 2-13 декември). Освен тоа, земјите и другите засегнати страни прикажаа и споделија бројни најдобри практики за ефикасни климатски политики и технологии.
Извршниот секретар на UNFCCC Патриција Еспиноза ги охрабри владите да го искористат остатокот од годинава за да изнајдат решенија, дозволувајќи цврсти правила за „пазарите на јаглерод“ конечно да се консолидираат. Приватниот сектор го очекува тоа и тие бараат позитивни сигнали од владите дека ќе се овозможат вакви пазари. Тие знаат дека тоа е добар начин да се намалат емисиите на глобално ниво. Конференцијата на ООН за климатските промени во Бон е дел од серија состаноци оваа година за да се поттикнат климатските активности на сите нивоа и да се работи на постигнување на целите од Агендата за одржлив развој за 2030 година.
Извршниот секретар Еспиноза ги повика лидерите на партиите да ги искористат сите можности во 2019 година за да продолжат со напредокот.

United Nations 2019 Climate Action Summit
СВЕСТА СЕ ЗГОЛЕМУВА, НО ЗАГУБИТЕ СЕ ЕВИДЕНТНИ
Дали поради топлотните бранови или поради протестите на шведската ученичка Грета Тунберг, или пак поради појавата на Бунтот против исчезнување (Extinction Rebellion), има забележливи промени во интересот на јавноста за климатските промени и граѓаните бараат решенија кои можат да ги спроведат сами.
Граѓаните бараат сѐ поголеми активности и политичарите во многу држави согледуваат дека мора да реагираат на овие промени.
Некои држави, како што е Обединетото Кралство отидоа дури и понатаму и донесоа закони за нето-нула емисии до 2050 година, долгорочна цел со која температурите ќе останат ниски.
Иако одлуките кои ќе бидат направени за климатските промени во текот на следната година ќе бидат од огромна важност, постојат и многу други важни собири за животната средина кои ќе ја обликуваат природата во следните децении со цел заштита на разни видови и заштита на океаните.

Bon
На почетокот на оваа година беше објавена голема студија за загубите кои се евидентни во природниот свет, а кои се резултат на поширокото влијание на човекот, чии наоди предизвикаа вознемиреност во повеќе држави.
Извештајот на IPBES (Меѓувладина научно-политичка платформа за биолошка разновидност и екосистемски услуги) покажа дека во следните неколку децении може да исчезнат еден милион видови.
За да се решава ова прашање, следната година во Кина ќе се одржи собир за да се постигне договор за заштита на сите видови суштества.
Конвенцијата за биолошка разновидност е орган на ОН кој доби задолжение да подготви план за заштита на природата до 2030 година.
Оваа средба следната година може да биде моментот кога ќе се потпише еден вид Париски договор за природата. Доколку се постигне договор веројатно фокусот ќе биде врз одржливото земјоделство и рибарството. Ќе се бара поголема заштита за видовите и ограничување на обесшумувањето.
Следната година, исто така ќе има средба на Конвенцијата на ОН за поморските закони со цел да преговара за нова светска спогодба за океаните.

* Со овој текст, Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

неиг (1)

Испрати коментар

Scroll To Top