Министерството за финансии на САД во ноќта меѓу 12 и 13 март соопшти дека е дозволено купување на руска нафта и нафтени деривати што се натоварени на бродови заклучно од 12 март. Оваа мерка важи до 11 април во 08:01 часот.
Укинувањето на американските санкции се однесува на околу сто милиони барели руска нафта, изјави Кирил Дмитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, пренесува РИА Новости.
„Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, објави не само олеснување на ограничувањата за купување руска нафта од страна на Индија, туку и укинување на сите ограничувања за околу сто милиони барели руска нафта во транзит“, напиша тој на својот Телеграм.

Дмитриев нагласи дека, поради сè поизразената енергетска криза, понатамошното олеснување на санкциите се чини сè понеизбежно, и покрај отпорот на дел од бирократијата во Европската Унија.
„САД во суштина го признаваат очигледното: без руска нафта, глобалниот енергетски пазар не може да остане стабилен“, нагласи Дмитриев.

И портпаролот на Кремљ ја коментираше одлуката на САД: „Постапката на САД ја гледаме како обид за стабилизирање на енергетскиот пазар. Во овој поглед, нашите интереси се совпаѓаат. Слушнавме изјави од претставници на САД дека е направен исклучок за нафтата што веќе е натоварена до (12 март), но исто така е дадена и изјава дека не планираат да прават понатамошни исклучоци“, изјави Песков за новинарите.
Затоа во моментов интересите на САД и Русија „навистина се совпаѓаат“, нагласи тој.
Москва верува дека ситуацијата „носи ризици од растечка криза во глобалниот енергетски сектор“, но ваквите акции до одреден степен ќе придонесат за стабилизација на пазарот.
„Бидејќи без значителни количини руска нафта, стабилизацијата на пазарот не е можна“, објасни тој.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија