Насловна / Интервју / Крсто Тодоровски,добитник на наградата „Андреја Дамјанов“

Крсто Тодоровски,добитник на наградата „Андреја Дамјанов“

se-sto-sum-zamislil-1.jpg"Работев две и пол години со два саати спиење", вели Крсто Тодоровски,
годинешниот добитник на наградата "Андреја Дамјанов", која ја доделува
ААМ. Голем е неговиот придонес од областа на просторното и
урбанистичкото проектирање во Македонија. Меѓу позначајните активности
се проектирањето на Хидрометеоролошкиот завод во Скопје, хотелот
"Макпетрол" во Маврово, реконструкција на Ристиќева палата,
ревитализација на манастирите "Св. Јоаким Осоговски" и "Св. Јован
Бигорски" и многу други.

 

 Асоцијацијата на архитекти на Македонија оваа година одлучи токму Вас да ви ја додели наградата "Андреја Дамјанов" за животно дело и за придонес во развојот на македонската архитектура. Имате богат творечки опус, во Македонија и надвор, дали го очекувавте ова признание? 

 Воопшто не ја очекував наградава. Пресреќен сум и чест ми е, избран сум од мои колеги. Јас како архитект бев популарен уште во Југославија, не само во Македонија. Имам многу прокети зад себе. Сум работел на урбанистички планови и сум прокетирал во многу градови низ Македонија, како Кичево, Гостивар, Дебар, Скопје, Берово и други. Во Маврово го имам прокетирано хотелот "Макпетрол", во Дебар бањите и хотелот во Бањиште, потоа Градските порти во Гостивар и Неготино, Стопанска банка во Маврови Анови, пензионерските домови во Кичево, Берово, Крива Паланка и Велес, повеќе бензиски пумпи и многу други објекти. Во Скопје не се наоѓаат маркантните градби кои сум ги проектирал, освен зградата на Хидрометеоролошкиот завод.

 

Многу бев ангажиран и надвор од земјава, во Црна Гора, Словенија, Кина, Мароко и на други места. Вака, заокружено, можам да кажам дека имам проектирано повеќе од илјада станбени згради, околу двеста административни, па и верски објекти. Бев многу баран бидејќи бев повеќестран, работите ги работев буквално од нула, од нива до клуч на рака.

 

se-sto-sum-zamislil-1.jpg

 

По дипломирањето работевте во Дирекцијата за обнова на Скопје, а потоа во Заводот за урбанизам на Р. Македонија. Како се одвиваа работите во тоа време? Ако треба да издвоите архитект кој извршил најголемо влијание во вашето формирање како архитект, кој би бил тој?

Дипломирав на Архитетектонскиот факултет во Скопје во 1962 година кај професор Драгољуб Јовановиќ. Ми беше предложено и асистентско место на факултет, арно ама даваа малку пари, а мене тогаш навистина ми требаа. Затоа се вработив во Дирекцијата за обнова на Скопје. Таму бевме добар тим и заедно одлично функциониравме. Проектирав 12 населби и 52 објекти во Скопје. Тоа е цело Скопје! Имавме високи плати, имаше пари. Добив и орден на трудот. Но, тоа не ме задоволи, моја желба беше да работам во Заводот за урбанизам на Македонија, затоа што сакав да бидам во близина на Чехот Лудек Кубеш, да учам од него. Во тоа време тој беше најдобар. Сè што знам сум го научил од Кубеш, милам дека потоа станав негова достојна замена.

До 2000 година бев директор на државниот Завод за урбанизам. уште од почетокот на вашата професионална кариера се определивте за просторното и урбанистичкото проектирање.

 

 

Еден од вашите големи зафати е учество во изработка на урбанистичкиот план на градот Бар во Црна Гора. Раскажете ни како се случи оваа соработка?

Мене и моите колеги нè повикаа во Црна Гора да работиме на генералниот урбанистички план на Бар. Прво не однесоа во центарот на Бар да видиме со кои проблеми се соочува градот и ни ги покажаа темелите од 30 бараки, кои требаше да се обноват. Јас не бев за градење бараки. Претходно работев на обнова на Скопје и никако не смееше да се направи истата грешка во Бар, како што се направи во Скопје. Се сеќавам, Скопје стана долго 24 километри поради тие бараки. Бараките зафаќаат многу простор, јас сакав да се направат згради во кои ќе може да се соберат повеќе од четири илјади живеалишта. Од мене беше побарано да направам план на населба, која подоцна почнаа да ја викаат "македонска населба", бидејќи јас работев на неа.

Кога ќе се сетам само колку многу бев преокупиран. Работев две и пол години со два саати спиење. Кога ќе дојдеше некој кај мене на гости, ќе ме најдеше со главата на биро. Додека проектирав бев под постојан надзор и тоа на многу познати и битни луѓе од оваа сфера. Среќа сè се заврши како што треба. Планот беше донесен, а јас презадоволен.

За овој проект добив и две награди, кои се доделуваа во Црна Гора. Бев прв Македонец кој добива награди од овој вид.

 Потоа на ред дојдоа многу објекти, како спортски центри, па Биотехничкиот факултет, Центарот за биолошки истражувања и друго.

 

se-sto-sum-zamislil-3.jpg

 

Освен со проектирање се занимавате и со реконструкција и ревитализација на историски објекти и споменични целини, меѓу кои и ревитализацијата на манастирите "Св. Јован Бигорски" и "Св. Јоаким Осоговски" и на старите чаршии. Кажете ни нешто повеќе за овој сегмент од вашата работа? 

Јас ја правев реконструкцијата на Ристиќева палата и на уште три згради на улица "Маршал Тито", во строгиот центар на градот. Имам напишано и книга "Скопје во 20 век". Едно од позначајните работи е и првата ревитализација на манастирите Св. Јован Бигорски и Св. Јоаким Осоговски. Сакавме да ги оспособиме манастирите, основна цел беше да се создадат услови за посета на туристи. Работев и на конаците и на црквите, а мој соработник тогаш беше Цветан Грозданов. Не само објекти, мој интерес беа и чаршиите. Во Скопската чаршија сум работел само на неколку објекти, на влезот од чаршијата, а целосна ревитализација правев на Старата чаршија во Кичево, потоа на таканаречената Ајдучка чаршија во Кратово. Во Берово го "преместивме" главниот пат за да не се наруши чаршијата.

 

se-sto-sum-zamislil-4.jpg

Сте учествувале со свои проекти и надвор од границите на Македонија и Балканот, во Кина и Мароко? Во што се состоеше вашата работа? 

 

Учествував на многу меѓународни проекти. Јас го правев прокетот за населба во Каиро, на самиот влез. Ме повикаа да правам школо. Ги проектирав сите административни згради, па и една џамија. Меѓу поголемите прокети беше учество на конкурс за реконструкција на градски кварт во еден град во Кина. Влегов во потесниот избор. Концептот беше многу интересен. Во една зграда, од први до десетти кат се наоѓаа бизнис центри, гаражи, продавници и административни простории, а од десетти кат па нагоре имаше фудбалски игралишта, базен, спортски терени. До детаљ сум правел пресметки и анализи. Во кој период од денот колку луѓе влегуваат и излегуваат, колку луѓе на минута поминуваат на конкретен кат и друго. Мора сè да се пресмета ако сакаме градбата да биде функционална. Не е само да се изградат зградите. Треба и да живеат.

 

Можете ли вашите објекти да ги ставите во некаква стилска рамка? Раскажете ни нешто повеќе за едно од најпознатите дела -Хидрометеоролошкиот завод во Скопје.

Не можам да кажам стилски во кој правец се движам. Секој објект се разликува еден од друг. Пред да почнам со проектирање морам прво да ја знам локацијата, содржината и намената на објектот, инаку не почнувам со работа. Немам ниту омилен објект, сите ми се омилени. И да, во Скопје најмаркантен е Хидрометеоролошкиот завод. Има цела историја за тоа како е направен. Пред да почнам да го работам објектот, неколку месеци патував за Белград, Словенија и Загреб, за да научам што е тоа метеорологија. Инаку не би можел да направам таков објект. Проблем беше и локацијата. Прво имаше предлог да се направи на местото каде што се наоѓа Казнено-поправниот дом. Јас ја избрав денешната локација, затоа што ми даде поголема можност за работа, плус е на влез во Скопје. Зградата е направена во кубуси, што произлезе од нејзината содржина. Пред да почне да се гради, тимот статичари ја одобрија изградбата, без нивно мислење не би ни почнал да ја правам.

 

se-sto-sum-zamislil-2.jpg

 

Гледајќи го Скопје денес, што би измениле?

Скопје доволно се прошири, и не му треба повеќе ширење. Според мене, треба да се обноват старите маала. Зошто да не се гради во Маџир Маало, Крњево, Ново Маало? Ако таму се направат згради ќе се сместат голем број жители. Наместо таму, се гради во Аеродром и Кисела Вода. Моето маало од детството, Дебар Маало, не би требало да се шири на начин како што се прави сега. Треба да се урнат старите куќи, а на нивно место да се изградат нови згради и да се направи нов план и распоред.

 

Велите дека сè што сте постигнале во животот било со упорност, истрајност и многу работа. Гледано од временска дистанца, ја остваривте ли вашата животна цел? 

Во животот треба да се биде тврдоглав, ама не во негативна смисла туку во позитивна. Да се биде упорен. Тоа е карактерна особина. Сè што сум замислил, сум го остварил. Ако си истраен по природа, ќе бидеш истраен во сè, па и во работата. Уште од мал бев таков. Се сеќавам дека имав десет години кога заедно со другарите од тимот во кој вежбав отидовме на градскиот стадион. Се играше важен фудбалски натпревар, вриеше од луѓе. Се протнавме на теренот и нè наредија во ред. Ни ставија вреќи на нозете до половина и ни рекоа да трчаме, а кој прв ќе стигне на другата страна на теренот ќе биде победник и ќе добие награда. Гледајќи ги моите другари, шансите за победа беа мали. Тие беа високи, а јас бев низок. Затоа морав да смислам нешто друго. Така ми текна место со трчање теренот да го поминам со колут напред. Другарите трчаа, а јас пред нив минував брзо и се тркалав по тревата. Публиката се смееше и ми аплаудираше. Така стигнав прв! Оттогаш си реков, штом вака победив, сега ќе можам да остварам сè што ќе сакам.

 

Кате АНТЕВСКА

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top