Насловна / Вести / Стан во стара зграда од панели може да стане луксузна урбана оаза со карактер

Стан во стара зграда од панели може да стане луксузна урбана оаза со карактер

На прв поглед, овој стан во прашката населба Жижков делувал како уште еден типичен простор во стара зграда од панели – функционален, но без многу шарм.

Сопствениците дури сериозно размислувале да го продадат и да најдат нешто „подобро“, помодерно и полуксузно. Сепак, одличната локација, сместена помеѓу стариот и новиот дел од Прага, отворила можност за целосна трансформација.

Архитектонското биро Кubicek studio кое го изработило проектот одлучило да го претвори класичниот градски стан во софистицирана урбана оаза инспирирана од природа, карпи и водопади. Така е создаден ентериерот, кој балансира помеѓу сировиот брутализам и смирувачката спа естетика – модерен, уметнички и неверојатно пријатен за живеење.

Централниот дел од станот е трансформиран во пространа зона со отворен простор наменета за семеен живот, дружење и релаксација. Ѕидовите меѓу собите се делумно отстранети за да му се даде на просторот повеќе светлина и флуидност, но без целосно губење на приватноста. Наместо класични прегради, архитектите користеле елегантни U-стаклени блокови кои ја пропуштаат светлината и создаваат ефект на лесна транспарентност, а во исто време обезбедуваат чувство на интимност.

Овие стаклени елементи, во комбинација со изложени бетонски панели, станале клучен детаљ на ентериерот. Ладната текстура на бетонот е комбинирана со зеленикавите рефлексии на стаклото, создавајќи атмосфера што потсетува на вода што тече по камени површини. Резултатот изгледа речиси медитативно – како луксузен бутик хотел скриен сред урбан хаос.

Природните материјали играат главна улога во секој агол од станот. Топлото дрво, камен, терацо подовите и меките текстури од ткаенина ја омекнуваат сировоста на бетонот и му даваат на просторот софистицирана топлина. Особено импресивен детаљ е терацо подот во нијанси на зелена, розова, беж и сива боја, кој дополнително го поврзува целиот ентериер во хармонична целина.

Големата количина зеленило дополнително го подобрува впечатокот за природна оаза. Растенијата не се само декорација, туку рамноправен дел од дизајнот – тие создаваат чувство на свежина, релаксација и природна рамнотежа што ретко се гледа во градските станови.

Паметно смислената приватност е еден од најинтересните аспекти на проектот. Работбата соба и просторијата за вежбање се одделени со елегантни стаклени панели и меки завеси што овозможуваат просторот целосно да се отвори или затвори по потреба. Истиот принцип се применува и во спалната соба, каде што завесата го крие гардероберот и придонесува за хотелската атмосфера во ентериерот.

Бањите се дизајнирани како луксузни велнес зони. Едната е опремена со када и скриена машина за перење, додека другата има модерна туш-кабина и минималистички дизајн инспириран од спа-центрите. Дури и вратите од бањата се дискретно интегрирани во големите вградени плакари, така што речиси исчезнуваат во просторот.

Целиот стан функционира како внимателно режирана сценографија во која бетонот, стаклото, дрвото и текстилот се вклопуваат во неочекувано топол и софистициран амбиент. Наместо ладен минимализам, овде доминира чувството на живот, движење и природна енергија – доказ дека дури и стан во стара зграда од панели може да стане луксузна урбана оаза со карактер.

Испрати коментар

Scroll To Top