Глобалната температура на површината на морињата достигнала рекордни вредности за овој период од годината, покажуваат податоците од европската служба за следење на климата и океаните Copernicus. Научниците предупредуваат дека доколку продолжи загревањето на океаните, во комбинација со развојот на климатскиот феномен „Ел Нињо“, ќе се достигнат нови температурни рекорди и почести екстремни временски настани ширум светот.
Просечната глобална температура на површината на морињата на 21-ви јуни изнесувала 20,86 °C, што е незначително повеќе од претходните рекорди од 2023 и 2024 година. Податоците на европската служба Copernicus за следење на океаните (Copernicus Marine Service) покажуваат уште повисока вредност од 21,0 °C, со што е потврден новиот рекорд за овој период од годината.

Стручњаците истакнуваат дека ваквиот развој на настаните се вклопува во прогнозите поврзани со почетокот на „Ел Нињо“ во екваторијалниот Пацифик, што на почетокот на јуни го потврди Светската метеоролошка организација (WMO). „Ел Нињо“ претставува природен климатски феномен кој влијае на згревањето на површината на Тихиот океан, но и на промени на временските обрасци на глобално ниво. Податоците покажуваат дека во текот на последните три години температурите на океаните надвор од поларните подрачја биле помеѓу 0,35 и 0,73°C над долгорочниот просек. Во јуни оваа година тие отстапувања достигнале највисоки вредности за овој период од годината.
Во службите на Copernicus наведуваат дека моменталниот тренд може да укажува на почеток на нова фаза на климатскиот систем, во која покрај „Ел Нињо“ може да се бележат нови температурни ркорди во океаните и во атмосферата. Потоплите океани имаат значителни последици на глобалниот климатски систем, Повисоките температури на морињата го зголемуваат испарувањето и количината на влага во атмосферата, што може да доведе до поинтензивни бури, врнежи и зголемен ризик од поплави. Истовремено, придонесуваат за пораст на нивоата на морињата, односно дополнителен стрес за екосистемите.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија