Насловна / Архитектура / Банкок, бејби!

Банкок, бејби!

„Тоа што сме, е производ на нашето сопствено размислување. Со нашите мисли го креираме светот“ – БУДА

Банкок. Далечна, но одамна посакувана дестинација. Во денешно време далечината е само бројка која лесно и брзо се совладува со авион, а патот до Банкок го скратувам со неопходни информации и мапи за градот преземени од Интернет, трудејќи се да запомнам неколку најосновни зборчиња на тајландски јазик, како: Добар ден, Благодарам, Довидување – за соодветно да одговорам на надалеку познатата љубезност  на Тајланѓаните.Ulica i elektricni kabli

Тајланд е единствена азиска земја која никогаш не била колонија. Државата ја води воена хунта која е на власт од 2014 година, а Тајланд е монархија со кралска династија. До пред неколку месеци на власт беше повеќе од половина век Рама IX, кој го наследи неговиот ексцентричен син, принцот Маха Ваџиралонгкорн, за чие владеење Тајланѓаните не се многу оптимистички настроени, иако монархот нема никава политичка моќ, но населението во кралот гледа фактор на обединување на државата. Сфаќајќи дека некогашните големи светски сили Британија и Холандија сакаат да стигнат до тајландското богатство, Тајланѓаните изиграле многу паметно со спогодба за слободна трговија и така го избегнале губењето на суверенитетот. Нивната вештина за политика и одлично одбирање на сојузници, ја покажале и после Втората светска војна кога станале партнери со Соединетите Американски Држави, а благодарение на тоа пријателство, во Тајланд пристигнале инвестиции кои добро ги искористиле и станале една од најразвиените земји во Азија и рекордери во извоз на техничка роба, ориз и облека.

Авионот лета и ги менува временските зони, за конечно да го допре тлото на Банкок. И, азиската авантура може да започне.

Првиот впечаток за Банкок е при возењето од аеродромот до хотелот, каде не може да се избегне сообраќајниот метеж и во очи паѓаат стотина кабли за електрична енергија кои се развлечени на бандери паралелно со улиците. Тоа е така изведено бидејќи каблите за струја не смеат да се стават под земја, зашто во период на монсунски дождови се случува некои делови од Банкок да бидат поплавени. Банкок е познат и како Азиска Венеција или Венеција на Истокот. Градот е подигнат на брегот на реката Чао Прај, недалеку од нејзиното слевање во Тајландскиот Залив. Банкок е на само два метри надморска височина и има мочуриштен терен, а неговите жители со векови го претворале во место погодно за живеење, во што несомнено и успеале, за денес да брои околу седум милиони жители. Автомобилот во движење одминува многу тезги со евтина храна. На тротоарите на улиците има тезги на кои се продава пржено и печено месо, зеленчук и овошје. Погледот ми го привлекуваат и безброј светлечки реклами од ресторани, продавници за сè и сешто и големи трговски центри. „Тук-тук“ такси возила  распоредени по краевите на улиците, чекаат туристи за да ги повозат до некоја туристичка атракција во градот. Пред мене се отвора урбана џунгла.

Hramot Wat Arun - Hramot na Zorata2_1

ГРАДОТ НА ХРАМОВИТЕ ВО БАНКОК

Банкок е дом на 400 храмови, а делот каде што се сместени е познат и како „Градот на храмовите“. Тој зазема една петтина од вкупната површина на Банкок. Градот на храмовите со кралската палата го изградил кралот Рам I околу 1785 година.  95% од Тајланѓаните се будисти, 4,6% се муслимани, а 0,75 % се христијани. Влезот во некои од храмовите е бесплатен, а таму каде што се наплаќа, парите од влезниците се наменети за хуманитарни цели. При посета на храмовите, посетителите мора да ги остават чевлите на влезот и низ храмот се шета бос. Исто така, облеката треба да го покрива целото тело – долги панталони или долго здолниште и покриени рамена. Пред влезот на секој храм може да се изнајми наметка и непречено да се влезе во храмот.

Wat Arun - kompleks od mali i golemi hramovi

Храмот Ват Арун (Wat Arun)

Најпознати и најубави храмови кои се издвојуваат за посета се:

Храмот Ват Арун (Wat Arun)

Храмот Ват Арун или Храм на Зората, името го добил по Хинду Богот Арун – Заштитник на зората, а изграден е во XVIII век. Претставува цел комплекс од храмови, составен од мали и поголеми храмови, кули, капели, испреплетени во лавиринт низ кој се шета покрај 49 статуи на Буда и галерија со 394 слики од Буда. Главната пагода е висока 79 метри и има уште четири помали. Впечатливи се и 33 статуи на слонови, како и главна статуа на Буда, а комплексот го чуваат статуи на кинески стражари.

Statui na Buda vo Hramot Wat Arun

Статуи на Буда во Храмот Ват Арун

Храмот Ват По (Wat Po)

Храмот Ват По или попознат како Храмот на лежечкиот Буда, е спектакуларен храм во кој е сместена најголемата статуа на лежечки Буда, долга 46 метри и висока 15 метри! Овој храм е најголем и најстар, изграден во XII век. Статуата е импозантна, огромна и ми го опфаќа целиот видокруг, а златото ми ги заслепува очите. Не постои добар агол од кој може да се фати со поглед  целата статуа.

Hramot Wat Po - Hramot na lezeckiot Buda

Храмот Ват По (Wat Po) – Храмот на лежечкиот Буда

Лежечкиот Буда е прекриен со златни ленти во комбинација со бисери и седеф. Огромните стапала на Буда се покриени со цртежи од 550 реинкарнации на Буда додека стигнал до нирвана состојба. Околу статуата има 101 метален сад, за кои постои верување дека ако барем во еден од садовите фрлите паричка, некоја желба ќе ви се оствари или ако ништо друго – барем ќе ви се подобри кармата.

Храмот на Златниот Буда (Wat Trai Mit)

Храмот Ват Траи Мит или многу попознат како Храмот на Златниот Буда, не е изграден многу одамна, но е познат по статуата што е изработена од чисто злато и е тешка 5,5 тони, а висока околу три метри.

Hramot na Zlatniot Buda - Wat Trai Mit1

Храмот на Златниот Буда (Wat Trai Mit)

Интересна е приказната за оваа статуа: Во 50-тите години на минатиот век било одлучено една од гипсаните статуи на Буда кои се наоѓале во Храмот Ват Траи Мит да биде пренесена во друг храм во северниот дел на земјата, но при товарење на статуата за нејзин транспорт, била оштетена и под слојот на гипсот се појавило чисто злато. Потоа е откриено дека златната статуа била покриена со гипс пред два века за да ја заштитат од заплеменување од страна на Бурманците. Во храмот сè уште се чуваат остатоци од гипсениот слој. И во овој храм, исто како и во претходните, влегов боса и со наметка, а на влезот на храмот може да се купи венец исплетен од свежи цветови кој се положува пред статуата на Златниот Буда.

Храмот од мермер (Wat Benchamabophit)

Изграден во 1899 година од бел мермер, овој храм е еден од најубавите во Тајланд, а во неговиот изглед се помешани тајландскиот етницитет и напредната Европа. Блесокот од белата мермерна фасада го заслепува видот, а храмот го чуваат два мермерни лава кои се сместени во влезната партија.

Hramot od mermer - Wat Benchamabophit 2

Храмот од мермер (Wat Benchamabophit)

Во центарот на внатрешниот простор се наоѓа златна статуа на Буда, а по должина на ѕидовите се наредени 52 статуи кои ги прикажуваат фазите на формирањето на будизмот.

Храмот на Смарагдниот Буда (Wat Phra Kaew)

Изграден е во 1782 година со цел да се зачува многу важна света реликвија – скулптура на Смарагден Буда, долга 66 см, која има најважна улога во верскиот живот на Тајланд.

Smaragdniot Buda vo Hramot Wat Phra Kaew

Храмот на Смарагдниот Буда (Wat Phra Kaew)

Скулптурата го претставува Буда седнат на престол во лотос положба, целата изработена од едно единствено парче жад. Во текот на годината, за различни верски пригоди, Смарагдниот Буда три пати годишно го облекуваат во златна облека.

Правила за почитување на Буда

При влезот на секој храм, наидовме на брошура со совети за почитување на Буда, каде љубезно се замолува Буда да не се третира лошо:

- Ликот и телото на Буда не треба да се поставува (принта/наслика) на под и да се гази врз него.

- Апликација од Буда не треба да се печати на облека и обувки.

- Слика од Буда не треба да се тетовира по тело.

- Буда не е мебел или декорација и не треба да се користи за таква намена.

- Името Буда не треба да се користи како име за домашен миленик или име на кафе- бар, ресторан, хотел и сл.

- Скулптура на Буда не треба да се оштетува, да се гази или да се седнува врз неа.

Пловечки маркет – Damnernsaduak

Уште едно несекојдневно искуство во Банкок – пловечки маркет, најверојатно е најнеобичниот маркет кој сум го посетила досега. Има повеќе пловечки маркети во близина на Банкок, но вработените во хотелот каде престојувавме нè советуваа да го посетиме најголемиот од сите нив – Damnernsaduak, лоциран на околу час и половина возење од Банкок, а за превозот не моравме многу да мислиме, бидејќи од хотелот се понудија да нè однесат до таму и назад. Нетрпеливо се возевме низ сообраќајниот метеж, спремни да видиме дали маркетот со причина е една од работите што не смеат да се пропуштат кога сте во Банкок.Plovecki market 7

Пловечкиот маркет е составен од многу водни канали од чии страни се наоѓаат бетонски платформи изградени на колци, на кои има наредено тезги кои нудат свежо овошје и зеленчук, како и сувенири и традиционални конусовидни шапки од трска. Низ каналите се возиме во дрвен чун со мотор, а возачот забавува до секоја тезга и остава простор да разгледаме што се нуди. Ценкањето е неизбежно овде, впрочем како и низ цел Банкок и Тајланд, а освен статични тезги има и чамци-тезги кои нè пресретнуваат преполни со свежа и вкусна храна. Нè пресретнува чамец со најразновидни капи, шешири, шапки. Пробувам традиционална конусовидна шапка, која воопшто не е скапа, а е драгоцен спомен. Се отпоздравуваме со чамци со туристи кои нè одминуваат во спротивен правец, уживајќи во моментот. Како и на секое останато интересни место во светов, и тука во себе водам борба дали комплетно да се препуштам на уживање во моментот или да се фатам за фотоапаратот и бесконечно да шкрапам, обидувајќи се да го зачувам секое делче во фото меморијата. Впрочем, фотографиите многу подобро го доловуваат маркетот, отколку сите овде напишани зборови. Уживање е возењето низ каналите, пејзажот што се отвора од двете страни на чамецот го одзема здивот. Прекрасна зелена природа, палми со банани и кокосови ореви, а во таа џунгла има и дрвени куќички на луѓето што работат и живеат во пловечкиот маркет. Повеќето од куќите се мали и изгледаат прилично бедно и навистина е чудно како некој воопшто може да живее во такви услови, а сепак да е среќен.

Поглед на Банкок од Бајоке облакодер 3

Поглед на Банкок

Тајланѓаните се најверојатно најгостопримливите луѓе на светов, сериозно – заборавете на нашата македонска гостопримливост, Тајланѓаните дефинитивно нè надминуваат! Попозитивен народ од нив сè уште не сум сретнала. И не мислам на богатите Тајланѓани, туку на средната и ниската класа – сопственици на ресторани, келнери, персонал во хотел, таксисти, улични продавачи и продавачи во маркет. Не сретнав ниту еден Тајланѓанец кој зрачеше со негативна енергија.

Панорамата на Банкок е полна со облакодери со убава архитектура, а погледот од височина на градот може да се доживее во видиковците што се наоѓаат на највисоките катови од облакодерите. Најчесто, на највисоките катови од облакодерите има барови (sky bars) од каде може да се ужива во панорамата на градот и сите барови изгледаат одлично и супермодерно, и тешко е да се одлучиме кој облакодер да го посетиме. Сепак, преовладува архитектонската професионална деформација и изборот паѓа на највисокиот хотел во Банкок, воедно и највисока зграда во Тајланд – Бајоке хотел (Baiyoke Tower II).

Бајоке - највисокиот хотел во Тајланд

Бајоке – највисокиот хотел во Тајланд

Највисоката зграда во Тајланд (сè до отворањето на облакодерот Maha Nakhon во октомври 2016) е висока 328 метри, распоредени на 84 ката, а зафаќа вкупна површина од 179.400 м² или вкупно 673 соби. Изградбата на облакодерот Бајоке започнала во 1990 година, а била завршена во 1997 година, како замислен проект од страна на Khun Panlert Baiyoke во доцните 80-ти години од минатиот век. Во објектот се вградени 60.000 м³ бетон, а темелите се вкопани 50 метри под нивото на теренот, и во тоа време била највисоката армирано-бетонска кула во светот. Бетонот се пумпал на висина од 300 метри со користење на Putzmeister пумпа -  пумпа со која претходно бил поставен светски рекорд во високо пумпање на бетон, на висина од 532 метри за време на изградба на брана на Riva dil Garda во Италија. Проценета вредност на Бајоке е 3,4 милијарди бахти (тајландска валута).

Поглед на Банкок од 84-ти кат на Бајоке облакодер

Од 84-тиот кат на Бајоке целиот Банкок ми е на дланка. Не е највисок кат на кој сум се искачила досега, бидејќи не го надминува 124-от кат на Бурџ Калифа во Дубаи (која моментално го држи рекордот на највисока зграда во светот), но секако е спектакуларен поглед кој не треба да се пропушти. Се гледаат кровови на пониски облакодери, чија височина исто така не е за занемарување. Нивната архитектура е убава и ненаметлива. Од горе, погледот на Банкок покажува убаво урбанистичко решение, каде не е занемарено и зеленилото, градот е голем и функционален. А, сето ова го впивам со свеж пијалак, послужен во ресторанот на 320 метри височина. Градот оправдано е светска метропола. Банкок – шарен свет на контрадикторности: премногу богати и премногу сиромашни квартови, луксузни шопинг центри и улица на проститутки, модерни ресторани и улични тезги со храна. Банкок, бејби!

ФОТО: Александра Петровска, дипл.инж.арх.

Еден коментар

  1. Даниела

    Одлична репортажа и прекрасни фотографии!

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top