Насловна / Архитектура / Архитектите за „Холидеј Ин“: Без добар урбанизам нема добра архитектура

Архитектите за „Холидеј Ин“: Без добар урбанизам нема добра архитектура

По повод случувањата со урбаното (не)планирање кое децении го држи во залог градот и неговите жители, а особено случувањата околу последното „срце на Скопје“, кое сè уште има шанса да пулсира – локацијата спроти „Холидеј Ин“, прашавме повеќе архитекти од разни генерации за нивните размислувања за случувањата со ова значајно парче на градот. Овие архитекти од земјата и странство, и едиснтвеното струково здружение кај нас ААМ, се дел од архитектонската наука, настава и пракса.  Нашата цел е да нагласиме и да опоменеме, да не пропуштиме по кој знае кој пат, можеби и последна шанса, бидејќи никако да се научиме на грешките, кои мора да признаеме се премногу. Исто така сметаме дека е важно да ги слушнеме исклучиво најкомпетентните и најповиканите, а тоа се секако архитектите. Мораме да разговараме за старото, добропознато правило – без добар урбанизам нема добра архитектура. Односно, како новиот контекст на градот, новите услови се хармонизираат и поврзуваат со околината.

„Она што кај архитектурата е грдо и навредливо, еден ден, кога ќе дојдат подобри луѓе, ќе биде отстрането без никакви проблеми, преобликувано или изградено ново и убаво. Кај урбанизмот такви поправки не се можни“ – Михајло Митровиќ.

Parking Holidej In 1

Лоша копија на тековната неолиберална архитектонска продукција

проф. д-р Слободан Велевски, архитект (Архитектонски факултет УКИМ)

Интересите се дел од процесите на градење еден град. Едните ја следат логиката на профитот, а другите онаа на менталниот и на социјалниот комфор на урбано живеење како основно право на секој еден граѓанин. Првите бараат смисла во бесмислата на количините кои единствено се грижат за заработката, а вторите пред сè во хуманата организација на споделениот/јавен животен простор. И двете се битни, но квалитетен и современ градски простор се создава исклучиво во соодветен баланс помеѓу нив и никако поинаку! Од она што го видовме минативе денови во проектот за просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ недостасуваат токму оние вторите. Во него нема баланс помеѓу профитот и „здравјето“ на градот бидејќи истиот е директен дериват на просторно крајно погрешен и вулгарно шпекулативен детален урбанистички план. И тука работите се јасни, имаме еден проект за кој се тврди дека го сфатил и фатил духот на времето и прогресот и друго мислење кое верува дека таквата иднина, овој вреден градски фрагмент ќе го направи лоша копија на тековната неолиберална архитектонска продукција.

Она што особено ме прави тажен е фактот што новиот проект за паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ иако скоро идентичен по големина и намена е всушност просторна антитеза на ГТЦ, на неговиот сосед кој е вонвременска лекција за просторни и социјални квалитети што треба да ги содржи еден објект-град. За жал во новиот проект ги нема јавните простори кои како променади се јавуваат во телото на ГТЦ и го создаваат не само просторот внатре туку и оној надвор од објектот, тие се заменети со затворени ходници на нов шопинг мол, или честички на празен простор кои не се ништо друго освен случаен просторен остаток. Отворените фасади на ГТЦ се деградираат во генерално слепи ѕидни површини на кои веројатно ќе добиеме низа бесмислена градска сигналитика претставена преку серија на рекламни билборди. Зеленилото на паркот „Жена борец“ кој е дел од просторниот наратив на ГТЦ сега повторно се појавува, но истото го имаме значително помалку, при што тоа е главно поставено на кровна тераса крената 15 м во висина. На тој начин зеленилото е само бројка без никаква јавна функција, бидејќи е оддалечено од „животот“ на тлото. Конечно, темата на кула која во комплексот на ГТЦ се користи да се означат и потенцираат местата кои го поврзуваат кејот на Вардар со мегаструктурата на градот сега се трансформирани во бариери, сочинети од хибридни формални гестови, елементарни стилски вежби, со кои реката се отстранува од наративот на овој простор кој е свртен исклучиво кон себе.

Градот мора да се гради, и никој, а особено архитектите не смеат да бидат против тој процес! Всушност одговорноста за процесите на градење на градот е пред сè на архитектите и тие мора да се трудат да воспостават баланс помеѓу квалитетот и квантитетот на изградениот градски простор, имајќи на ум дека растот не секојпат е квантитативна категорија, односно дека и пејзажот и слободниот простор се инхерентен дел од растот на еден град. И покрај желбата и амбицијата, која верувам дека постоела од страна на проектантите, овој нов проект нема услови да биде квалитетен градски простор, бидејќи истиот не го проектира просторот, туку само ги пополнува оние површини кои веќе се предвидени со еден исклучително лош урбанистички план!

Доколку ваквиот проект се реализира во форма и големина онака како што е претставен во јавноста, само ќе се потврди правилото дека јавниот интерес и јавното добро не се на агендата на нашето општество, и не се дел од политиките кои го создаваат градскиот простор и тоа треба да биде јасно кажано!

2

Да се ИМА или да се БИДЕ! Прашање е СЕГА!

д-р Дивна Пенчиќ, архитект (Архитектонски факултет УКИМ и поранешен член на Комисијата за урбанизам на Општина Центар)

„Ново Маало 2“ или „Републички центар“ или „Голем ринг јужен дел – исток“ или под какво име и да ни е позната градската четврт за која деновиве многу јавно, а неколку години по ред, во рамки на работата на Комисијата за урбанизам во Општина Центар и по службен должност, се кршат копја, заслужува навистина посветување големо внимание и професионализам за да добие изглед каков што заслужува.

ДА тоа е „последното важно парче од градот“, како што некои љубат да кажат, и ДА неговото уредување е важно за сите од државава и не само за скопјани, и ДА тоа не е градски простор на кој има право само еден инвеститор и неговите „дворски“ архитекти!

Не случајно овој градски простор, во срцето на градот останал неизграден! И поголеми, и помоќни, и постручни, не се дрзнувале така лесно да се впуштат во градба, знаејќи и чувствувајќи колку е важен и колку неговото неумесно градење, ќе ги изиритира сите, и архитекти, и граѓани.

И што имаме сега? Проблем! Инвеститор кој не бира средства да направи профит, архитект кој на сила сака да избилда кариера и да направи пари, сопственици на трошни куќи кои се замрзнати во време и простор пред еден век, градоначалник кој како што самиот изјави „не знае кого да слуша“, бесни колеги архитекти кои бараат конкурс, ужаснати граѓани кои се борат за последниот градски простор кој може да им пружи нешто повеќе од шопинг мол и илјадници нови дојденци и активни новинари кои ја бијат битката за сите, затоа што институциите затаиле на сите нивоа! (За премиерот, Владата, министерот и сл., немаме информации, тие не се од овде, тие се тргнати на пат кон Европа! Или на Јупитер, затоа што на Марс нема веќе место.)

И кој е во право?! Веројатно сите, но без каква било злоупотреба на позиција, моќ и пари!

Инвеститорот секако има право да инвестира и гради, но кога има толку многу полемика, не треба да биде насилнички упорен и да удира со глава во ѕид, зашто еднаш ќе го пробие ѕидот, но ќе остане со трајни последици. Но, него не го интересира тоа, може и со скршена глава, ама со полн џеб! Архитектот има право да „ќари“ проект и да заработи, но треба и да го задржи своето достоинство, интегритет и достоинството на својата струка. Но, нему тоа не му е важно, заработувачката ги оправдува средствата! Сопствениците кои со година поминуваат низ голгота за да се спасат од лошите услови за живот и „резервираниот“ простор за „повисоки цели“, со години се заглавени помеѓу сопствените очекувања и напади од инвеститори со секакви ветувања. Градоначалникот е во право, па „кого да слуша?“, па ако не изградил став по толку време во политика и како градоначалник, и не разликува корисно од штетно, професионализам од дилетантство, добро за граѓаните од профит на мала група инвеститори, тогаш има сериозен проблем да биде на таа функција. Не е можно да се седи на повеќе столчиња, со сите да се биде добар, а никој да не слуша и ефикасно да постапува! Архитектите имаат право да бидат мнооогу бесни! Па за што се боревме сите овие години?! „Конкурс, конкурс, конкурс…“ ми одѕвонува во ушите уште од дете! Херојското време на Скопје и на архитектурата е закитено со конкурси за секој градски простор, за секој објект! А што имаме ние денес, и што ќе им оставиме на идните генерации архитекти – зделки во четири очи, ценкање, конфекција, локални дуќанчиња…! Сите имаме право на неколку нивоа на конкурси. И тоа од конкурс за урбанистички концепт или решение, преку конкурс за идејно урбанистичко-архитектонско решение, па сè до конкурс за архитектонски проект! Ако држиме до својата струка, добар проект може да биде само оној кој поминал низ конкурс, бил оценуван од жири-комисија од еминентни стручњаци од областа на архитектурата, но и пошироко, и ако е јавно прифатен и од фелата и од граѓанството! Сами себеси не можеме да се фалиме дека сме најдобри, никако. Признанието треба да го заслужиме! И граѓаните имаат право, и тоа многу! Секој има „право на град“. Градот не е на оние што сме ги избрале да раководат во наше име, не е на инвеститорите, не е на архитектите! Градот е единствено на граѓаните! Тие го чинат градот и ние останатите за нив работиме како професионалци! Никој нема право да им го одземе правото да одлучуваат, да прифаќаат или одбиваат, како ќе се развива и гради градот! Ако како професионалци имаме аргументи, треба да им ги објасниме и да го бараме нивното одобрение! Недозволиво е да се потценува нивното разбирање и поимање на градот! За новинарите, барем оние кои сум ги запознала, имам посебен респект. Некако годиниве, кога сите институции затаија и не ги застапуваат правата на своите граѓани, новинарите ни останаа единствени на кои можеме да им ја презентираме нашата сага, а тие колку можат да ја рашират во етерот, за да биде јавно презентирана. Нивната борба за подобар квалитет на живот е непроценлива!

Каков план побаравме!

Побаравме план за 21 век! План кој ги почитува постулатите на ОДРЖЛИВ УРБАН РАЗВОЈ! План кој ќе им пружи на сите чинители: сегашни и идни корисници на просторот, локални жители, околни соседи, локални деловни субјекти, одговорни институции за креирање политики, планирање и раководење со градот, избалансирани услови за нивно делување и егзистирање. Балансиран развој кој почитува и создава поволни услови за економски, еколошки и социјален развој. Услови за живот кои ќе обезбедат здрава животна средина, квалитетни јавни простори, почитување на архитектонските вредности, на специфичната скопска култура и меморија, genius loci… пристап на река, „зелена“ врска со квалитетните околни простори… Побаравме ГРАД ЗА ЛУЃЕ! Планерот ги доби упатствата за еден поинаков пристап во планирањето на СРЦЕТО НА ГРАДОТ, но тој ниту беше дораснат за задачата, ниту пак сакаше да се откаже од ПРОФИТОТ ПРЕД ЗДРАВЈЕТО! Ќе се обидеме со некој друг ГРАД! Со некои други ПЛАНЕРИ! Со некои други АРХИТЕКТИ! Со некои други ГРАДОНАЧАЛНИЦИ и со некои други ПОЛИТИЧАРИ!

1

Нелегален ДУП не е основа за легална дозвола

Душанка Шуловиќ, архитект (Македонијапроект)

Локацијата „Холидеј Ин“ која ја бранува јавноста, се чини влегува во својата завршна фаза со погубни резултати. Овој простор како социјален градски простор во централното јадро со излез на река и шеталиште има речиси исто значење за градот како главниот градски плоштад. Скандалозниот предлог-проект за изградба на висококатници за домување ќе го претвори центарот на градот во најгусто населено подрачје  со целосно нехумани услови за живеење. Покрај многуте неодговорени прашања, планот не предвидува зелен простор од 20 % од парцелата, согласно Законот за урбано зеленило. Не е познато ниту како ќе се обезбеди заштита на кејот, ниту отвореност на просторот кон реката. Отворено е прашањето како ќе се сочува јавниот простор и постојното зеленило. Целиот процес од оформување градежна парцела, правење ДУП-ови, варијанти на планерски куќи, смалување на катноста и густината, па сѐ до „зелената кула“ на Мартин Пановски со 3Д презентација во која наводно ги решава сите проблеми, е нејасен и крајно нетранспарентен. После сѐ, единствено ми е јасно дека: нелегален ДУП не е основа за легална дозвола, не се знае точно кој е ДУП-от за целиот простор вклучително со Ново Маало, нема јасна програма за содржината на трите кули, таа е во процес на менување. А најјасно е дека ДУП-от не е добар, а е на сила по одлуката на Уставниот суд. Архитектурата и урбанизмот прават чуда во секој простор, но преку темелни анализи, современи проекти и идеи, преку конкурси  и транспаренти постапки, што овде не е случај.

Привилегирано исполнување желби

Невена Георгиевска, архитект

Добрите намери на демократизацијата на процесот на планирање е учеството на граѓаните во процесот на креирање и усвојување на урбанистичката документација. Граѓаните кои го следат усвојувањето на планските документи може да се поделат на две групи. Во првата се оние кои учествуваат во процесот од сосема легитимни приватни интереси. Тие сакаат да го капитализираат својот имот, па во текот на изработката на плановите обично бараат да обезбедат за својата локација изградба на што повеќе квадрати, кои понатаму би ги материјализирале со некој инвеститор. Другата група ја сочинуваат граѓани, кои се борат за општ интерес. Ваквиот начин на ангажирање и делување на граѓаните, како своја крајна цел, несомнено треба да доведе до поквалитетна планска документација. Но, недоволното запознавање на граѓаните со законската рамка и роковите во постапката на донесување урбанистички планови од една страна, и неодговорното, популистичко и политичко дејствување на властите од друга страна ги доведува овие групи во конфликтна релација.

Како со добрите намери?

Неминовно е одговорно однесување, и на државните органи, и на граѓаните, и на инвеститорите.

• Државните и градските органи мора да ги тргнат рацете од „интерес-но“ планирање.

• А одлуките на државните органи мора да се почитуваат, без оглед дали и колку некому му се допаѓаат или не, без оглед на тоа колку гласови донеле или зеле.

• Инвеститорите не смеат да ги кројат плановите според замислениот профит. А Скопје, пак, мора да покаже дека е безбедно место за инвестирање, и инвеститорите не смеат да бидат изложени на ризик од непазарен карактер.

• Откако ќе бидат усвоени, плановите и дозволите може да се сменат само на законски и процедурално здрав начин.

Учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки од областа на планирањето во сегашните услови, е само декларативно и формално, а за одредени, пак, е привилегирано исполнување желби. Учеството на јавноста е сведено на можност од јавен увид во просторни и урбанистички планови, во фаза кога овие планови се скоро целосно дефинирани.

Државата мора да обезбеди активно учество на јавноста во процесот на донесување одлуки во фазата на подготвување на планот, изработувачот на планот мора да ги земе предвид анкетите и истражувањата во кои би биле консултирани претставници на граѓаните. Заинтересираните страни во почетните фази на планирање ќе придонесат за демократизација на процесот на планирање, што би резултирало во иднина да се избегнат овие непријатни настани кои се обвиени околу локацијата на просторот спроти „Холидеј Ин“. И сѐ почесто се случуваат.

Добрите намери би требало да водат само до здравје и благосостојба на граѓаните. Oд тоа што ќе се гради, a што ќе се чува, зависи и тоа кои ќе бидеме ние.

*П. С. – Во погорниот контекст сметам дека, додека не се расчистат правните и урбанистичките недоразбирања околу локацијата спроти „Холидеј Ин“, воопшто не смее да се случува каква и да е презентација, на каков и да е проект, за каков и да е објект.

Parking Holidej In 9

Очекувам суспензија на парцијалниот проект

Лилјана Дубровска, архитект (Мавровопроект)

Во цивилизираните општества се води планерска стратегија за нова урбана реалност поттикната од високоразвиената екосвест на едуцираните кадри и градските „татковци“ одговорни за јавниот интерес и за социјалната кохезија во општеството.

Апелирам до нашите градски „татковци“ да му стават крај на урбаното дивеење, очекувам суспензија на парцијалниот проект за градската четврт Ц08, предлагам јавен конкурс за идеен архитектонско-урбанистички проект за целата градска четврт во кој ќе бидат инкорпорирани сите физичко-правни и историски зададености на просторот со цел да се произведе нова слика на „срцевината на градот“, која ќе биде реално можна и остварлива, согласно целокупната урбана регулатива за проектирање одржливи градови.

Конкурс како алатка за избор на најдобро решение

Огнен Арсов, архитект (Коси и партнери, Љубљана)

Со проектот „Гранд“ се запознав преку македонските електронски медиуми, кои редовно ги следам.  Најпрво би сакал да ја поздравам иницијативата урбано да се уреди еден навистина запоставен и деградиран простор во центарот на Скопје, кој простор одамна „плаче“ за развој.  Но, сега се поставува и прашањето како…

Треба да се најде совршен баланс помеѓу изграденото и неизграденото, што ќе ги содржи квалитетите на функционалноста, просторноста, осонченоста, безбедноста и зеленилото.

Не располагам со некои поточни податоци од проектот, за да можам да ја коментирам неговата правилна или не заѕиданост и искористеност. Изграденоста се изразува преку фактори и нормативи коишто ги задаваат урбанистичките планови. Наидов на некои податоци од Деталниот урбанистички план со коишто се предвидува заѕиданост на ова подрачје и коишто искрено ме фрапираа. Габаритите на објектите покрај низа различни фактори и прописи, директно зависат и од исполнетиот норматив за паркирање моторни возила. Во пракса многу пати сум се сретнал со проблемот кога урбанистичкиот план дозволувал висина и квадратура којашто не можела да се исполни поради необезбедениот минимален потребен број на паркинг-места. Нормативите различно го дефинираат изградениот простор за домување, различно деловниот и различно угостителскиот простор. Покрај моторниот сообраќај во мирување, во Љубљана на пример, сè повеќе се дава значење и на просторот за паркирање велосипеди, и тој воопшто не е мал.

Кај пообемните објекти со влијание на околината, коишто сами по себе се и објекти од јавно значење, секогаш го поддржувам јавниот и анонимен архитектонски конкурс како алатка за избор на најдобро решение. Тој ја вклучува стручната јавност која пак со своите одлуки директно ја презема одговорноста за квалитативен развој на просторот.

Единствениот чекор кој е исправен

Филип Конески, архитект (МАРХ Македонска архитектура)

Паркингот спроти „Холидеј Ин“ е последниот простор во строгиот центар на Скопје кој може да направи вистински пресврт на настаните во македонскиот урбанистички дисконтинуитет.

Тоа значи конечно разумен развој на настаните – конкурс за архитектонско-урбанистичка визија за целиот простор (третирање како една парцела). Избор на потесен круг од 5 решенија (еднаква награда за сите + обештетувања за следните 5), презентација на сите пристигнати решенија на голема изложба. Потоа следи вториот стадиум,   нивна разработка (на 5те најдобри) до ниво на идеен концепт, јавна презентација пред комисија и пренос на youtube  канал за пошироката јавност. По неколку дневни дискусии на комисијата, рангирање на 5те труда, доделување на награди (во висина по редослед ). Потоа распишување на тендер, планерска куќа да изработи урбанистички план на база на избраното решение. Меѓувремено, општината се поставува како менаџер помеѓу сопствениците, државата и потенцијалниот инвеститор, прави повик за заинтересираните кои би го реализирале проектот и стопанисувале просторот. Договор за изработка на основен проект со победничкиот тим, адаптација на решението во корелација со општината, градот и инвеститорот и понатамошна реализација. Ова е единствениот чекор кој е исправен, транспарентен и кој ќе донесе добивка на сите, а најбитно ќе презентира пример како треба да постапуваме со скапоцениот простор во Скопје и како квалитетно да го менаџираме.

Доколку сме достоинствени на борбата која повеќе од  10 години во континуитет ја води засегнатиот дел од фелата, би требало да се воздржиме од коментирање на проект кој го третира парцијално овој простор. Тој е работен  за еден дел од целата приказна со уште три непознати – симпатична визуелна замка и подметнување во екот на оваа долга борба, како тивко искористена привилигирана позиција.

t

Дејството се случува наопаку

Росица Минчева, архитект

Сте го гледале ли филмот „Чудниот случај на Бенџамин Батон“?

Иако наизглед нема допирна точка со темата на која зборуваме, мене, ете, ми се наметна како споредба.

Во филмот дел од дејството се случува наопаку: главниот лик се раѓа како старец, а умира како бебе, а неговиот живот тече од зрелост кон наивност. Стрелките на часовникот на железничката станица во неговиот град вртат наназад…

Моето чувство за „приказната“ околу изградбата на дел од центарот на Скопје, е такво – дека таа тече наопаку.

Наместо да го поминува вообичаениот редослед за изградба на објект во кој било град – од највисокиот уредбен акт за планирање на градот до дозвола за градење објект, а попатно во проектот да се испочитувани сите правила и законски прописи за проектирање, се зборува единствено за објект за којшто се знае само како ќе изгледа. А единствено и најважно, спорна е и локацијата за која тој објект е наменет (наместо да биде обратно, нели?), во архитектонска, урбанистичка, еколошка  и правна смисла.

Што е решението? Запирање на постапката додека сè уште е можно и нејзино повторување по вистинскиот ред на нештата. Зашто поинаку, можеби ќе бидеме сведоци на уништување на срцето на градот – неговото централно подрачје.

Нашиот професор Живко Поповски имаше интересна компарација,

градовите ги споредуваше со корупки од исушени рани на површината на Земјата…  И Скопје е една од нив, но да не му отвораме нова, жива рана!

Зелените балкони се само знак на еколошка плиткост

Никола Ѓорѓиевски, архитект (истражувач на Архитектонската школа во Орхус, Данска)

„Градот убав пак ќе никне“ – изгледа буквално го сфативме стихот и во трката да никнеме, ја изгубивме главната порака на заедништвото, а каде што Вардар го среќава ГТЦ долж појасот на Градски ѕид е многу повеќе од технички простор или административна пита за делење.

П. С. Зелените балкони се само знак на еколошка плиткост, непознавање на котлината, и лажна надеж за „Скопје зелена метропола.“

Parking Holidej In 17

Повторно пораз за архитектите

Косто Граоркоски, архитект

После проектот „Скопје 2014“ со овој ДУП повторно се прави огромна грешка и штета за центарот на градот од аспект на урбанизмот и архитектуратата и хуманото живеење. Немаше навремена транспарентност, дебати и стручни анализи за исправноста на решението. Локалната и државната власт со нејзините институции потфрлија и го заборавија јавниот интерес. Повторно пораз за архитектите, урбанистите, екологистите…

Решение?

-Општина Центар под итно да го суспендира постојниот ДУП и да ги врати средствата за уплатените комуналии.

-Државата со нејзините институции да покаже државнички интерес и храброст за заштита на јавниот интерес и да каже СТОП.

-Државата да си го врати сопственото земјиште и да го откупи земјиштето од приватните сопственици од овој локалитет и да овозможи создавање единствено интегрално решение на овој урбанистичкиот опфат, централна локација во срцето на градот.

-Државата, Градот Скопје и Општината Центар да организираат јавен меѓународен конкурс за архитектонско и урбанистичко обликување на целиот тој урбанистички опфат (4-те локации) со што овој локалитет ќе има препознатлив белег за градот  Скопје во светски рамки.

Повторно фрагментирање на градот

Мартин Ефремовски, архитект (Office for architecture & historic research.

61 Defacqz, Brussels)

На централното подрачје на Скопје му е потребна длабока анализа и визија за неговиот развој и иднина. Никаде повеќе горенаведеното не е толку важно и потребно како за територијата на Ново Маало и на Маџир Маало. Овој останат „микроурбанизам“ од еден претходен град, носи со себе уникатни и веќе постоечки квалитети. Еден урбанистички план како таков, треба да ги земе истите предвид, како и поширокиот контекст и околина при негово осмислување. Без постоењето визија, сведоци сме на повторно фрагментирање на градот, каде индивидуалните парцели, предвидени од постоечките урбани планови се третираат како самостоен микросвет. Визија за градот може да се добие само преку архитектонско-урбанистички конкурс од кој наодите се користат како алатка за идното градско „моделирање“ и истите стануваат основа за вистински мастерпланови, кои ќе бидат имплементирани подоцна на ниво на градот. Скопје заслужува ваква шанса и можност!

Parking Holidej In 4

Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит

ААМ и Академијата на архитекти

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата, внимателно ги следат дискусиите во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје. Во таа насока сакаме да укажеме на следното:

- Организацијата на просторот во кој живееме се спроведува преку генералните и  преку деталните урбанистички планови. Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит.

- ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012 – 2022 година и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабрикатаТреска, Дебар Маало, Мал ринг, езеро Треска, Расадник итн.

Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мора да бидат коригирани.

Во изминатиот период, ААМ го поддржа „мораториумот“ за градење на 33 детални урбанистички планови во Општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање, додека не се донесат нови, а со цел да се загарантира и почитува едно од највисоките уставни права, а тоа е јавниот интерес. Но, напоменуваме дека „мораториумот“ има смисла ако е временски и и содржински строго и наменски ограничен.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Академијата на архитекти, константно ги следеше актуелните случувања околу мораториумот. Кон средината на 2019 година, на покана на Општина Центар беа одржани консултативни состаноци на кои беше посочено дека одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понуди активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува. И понатаму ААМ стои на располагање на надлежните институции за инклузивност во делување за  оптимизирање на процесите и процедурите во насока на навремено и правилно донесување одлуки кои ќе им овозможат на архитектите легитимни услови за работа.

Ние како архитекти не сме против градење, ниту против личните и бизнис-интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро.

Во оваа прилика, би им се обратиле на:

Колегите архитекти:

- Им изразуваме поддршка на колегите архитекти за кои квалитетниот и хуман простор е иманентна цел на нивните планови и проекти, постигнувајќи го тоа со стручност и професионализам и со личен интегритет и достоинство. Притоа ја повикуваме и Комората на овластени архитекти и инженери активно да се вклучи во процесите на креирање на просторот, како и да се грижи за правата и дигнитетот на професијата.

Граѓаните:

- Бидете вклучени и партиципирајте во донесувањето одлуки при креирање на просторот, со почитување на експертизата од професионалците.

Локалната самоуправа:

- Да се почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја преку создавање услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање со  разни методи на транспарентен натпревар на идеи за значајни локации, содржини и програми.

Министерство за транспорт и врски:

- Одговорно да се менаџира со државното земјиште како јавно добро при што визијата за градот во  иднината, иако е сложен процес, треба да биде суштинска градска политика креирана во соработка со стручњаци од сите инволвирани области.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top