Насловна / Урбанизам / Град во бескрај

Град во бескрај

sao-paolo-thumb.jpgСао Паоло претставува американски модел на град, со сопствени трговски центри, населби за домување и со сопствени мали џебови полни со сиромаштија. Од друга страна, за разлика од поранешниот главен град на Бразил, хедонистичкиот Рио, градот се чини дека претставува интересна енергетска спротивност на него.

Едно од главните прашања што се поставува при анализирањето и перцепцијата на современиот град е како да се создаде симболички простор? Соочени со урбанизацијата наспроти градот сам по себе веројатно прашањето за симболички простор е едно од најактуелните. Во традиционалниот град фокусот е на одреден центар, црква, плоштад. Во денешниот град кој претставува колаж од разновидни програми, места, урбани елементи, она што го перцепираме како плоштад, центар, репер почнува да станува повеќе индивидуализирано, нешто помеѓу перцептивниот, симболичкиот и продуктивниот простор. Кога градот нема центар, кога самиот по себе станува урбана ткаенина, тогаш почнуваме да добиваме нови асоцијации за него, почнуваме да развиваме нови фокуси кои ги поврзуваме со нашата меморија, нови сопствени поинакви симболи со кои го поврзуваме градот. Како да се создаде симболички простор? Сосема специфично на оваа тема е доживувањето на светските мегалополиси. Добредојдовте во Сао Паоло. Првото искуство за мене со Сао Паоло беше над градот наместо во градот, првата глетка беше од врвот на објектот Копан на Оскар Нимаер. Кога ќе го погледнете бескрајниот тепих на облакодери, првата асоцијација е Архизум, проектот за No-stop city. sao-paolo-1.jpgСликата на Сао Паоло како да зборува за самата суштина на урбанизацијата, деструкцијата на границите на формите коишто се бескрајни, постојано повторување на својата репродукција и консеквентните тоталитаристички механизми на контрола кои како да го гарантираат процесот на бескрајност. Слично на ова и проектот на Архизум го покажува имено тоа, градот конзумиран од бескрајноста на урбанизацијата. No-stop city ( 1967-1972 ) мегапроектот на Архизум е денеска повеќе од актуелен. Тој може да биде објаснет со термините на Хегел за "лошата бескрајност – кошмар на дијалектички процес". Односно, терминот на лоша бескрајност претставува кога се е сведено на слепа верба, дека бескрајната креација на нови, конечни елементи се создава само заради бескрајната потреба од нови нешта. sao-paolo-2.jpgСлично како градот што во неможност да се справи со порастот на популацијата постојано "раѓа" нови облакодери за домување, нови композиции на населби, нови неформални иднини. Се разбира, проектот на Архизум претставува архитектонска халуцинација, идеја во која архитектонскиот модел, продукцијата, акумулацијата и конзумирањето се сретнати со постојано проширувачката урбанизација. Но-стоп сити е замислен како емпириски претеран коментар на биополитичкиот механизам на градот каде што инфраструктурата и социјалната контрола е насекаде. "Како Но-стоп сити, модерниот град прераснува во трговски центар, каде што плурализмот на вредноста и разновидноста – тоталитаристичките карактеристики на просторот – ја прават урбанизацијата совршениот простор за масовни волонтерски сервиси на аполитичната демократија наметната од пазарот ". (Пиер Виторио Аурели). Во текот на пет века, Сао Паоло ја има изградено својата гигантска сила и чудност. Како точка на вкрстување за сите оние што сакаат да го искомбинираат живеењето во бизнис градот и културната активност, Сао Паоло е антитуристички град: џунгла, оргомни рингови од автопат, центар посветен на локални продавници ( дуќаните во центарот се преполни со најевтини кинески продукти и наликуваат на неформален пазар). До зајдисонце градот е празен од сопствените вработени. Сао Паоло претставува американски модел на град, со сопствени трговски центри, населби за домување и со сопствени мали џебови полни со сиромаштија. Од друга страна, за разлика од поранешниот главен град на Бразил, хедонистичкиот Рио, градот се чини дека претставува интересна енергетска спротивност на него. Наследството од модернизмот наликува на скапоцени камења расфрлени во архипелаг од секакви форми и типови на облакодери. Повеќето од модернистичкото наследство е поврзано со "Escola Paulista", високовлијателна генерација на архитекти кои пораснале паралелно со военото диктаторство и бунтовничките комунистички влијанија. Започнувајќи од 60-тите години, се оствариле себеси во текот на 70-тите и 80-тите години и во пресрет на почетокот на новиот век инспирирале нов дизајнерски бран. Со архитектонско културно наследство од Оскар Нимаер, Пауло Мендез де Ла Роча и Лина Бо Барди, градот во сопствената содржина има објекти кои можат да претставуваат и денес манифест за современата архитектура. sao-paolo-3.jpgДоколу се согласиме дека современиот град и иднината на развојот на градот преставува конгломерат од нееднаквите социјални и културни сили кои ги поседува архитектурата, наспроти сè поголемата популарност на архитектурата, големите мегалополиси стануваат интересен терен за истражување заради тоа што кај нив последиците од урбанизацијата и структурите што треба да се обезбедат за квалитет на урбаниот живот на луѓето на формалниот и неформалниот град се повеќе од очигледни. Во книгата "Можност за апсолутна архитектура" на Пиер Витори Аурели, тој го поставува прашањето каква форма може архитектурата да дефинира во современиот град без да падне во своите само-сопствени перформанси на иконични објекти, параметарски дизајн, на постојано мапирање на секоја посебна комплексност и контрадикција на урбаниот свет? Каков критички и значаен однос треба архитектурата да создаде во свет којшто не е повеќе конструиран од идејата и мотивациите на градот, туку е доминиран од процесот на урбанизација? Не е случајно што главните клучни концепти на современиот урбанизам како мрежа за транспорт, пејсаж, глобализација – ги соединува истата концептуална и идеолошка заднина: бескрајниот континуитет на движењето вкрстен со продукцијата, систематично ги метаболизира се што е во процес на постојана промена. Популацијата на Сао Паоло пораснала од околу 240.000 жители во 1990 година на 19,7 милиони во 2006 (во метрополитскиот дел на градот), со урбана површина од преку 7.900 км2 и постојан пораст. Главните инфраструктурни проекти се создадени во текот на последниот век за да се носат со постојаниот развој, во некои делови на градот, неформалните населби ја обликуваат иднината на урбаната средина. Сао Паоло и Рио Де Жанеиро се развиваат како сопствен, единствен урбан ентитет којшто е поврзан во себе со макро инфрастурктура. Бидејќи неформалните населби се поврзани со инфрастуктура, таа може да стане алатка преку која се чита градот и иднината на градот. Мрежата за транспорт во иднина може да овозможи реанимација на овие места, создавање на основни услови за домување, микро инфраструктура како и нивно инкорпорирање во формалниот град. Симболичкиот простор на Сао Паоло е разновиден, метрополитска населба со контрасна морфологија преку урбано ткиво кое е создавано со години, преку објектите од модернизмот и современата архитектура, до оние места кои сосема спонтано се чини настанале покрај големите размери на останатите елементи на градот и каде што се прелеваат секакви групи на луѓе. Да се адресира улогата на секојдневниот живот и искуството на урбаниот простор, прашањата за можностите на граѓаните во неформалните и формалните населби, обезбедувањето на основните структури за подобрување на квалитетот на нивниот урбан живот, претставуваат главните цели на урбаните пионери кои сакаат да бидат дел од историјата на иднината на урбанизацијата во 21 век. Предизвик е во бескрајниот град, освен личниот симболички простор, којшто секој човек може да го создаде сам по себе во однос на контекстот во кој се наоѓа, самиот архитект и урбанист да создаде одговор на урбанизацијата, којшто ќе биде сам по себе симболички простор на едно ново време и истовремено ќе го раѓа истиот.

 

Александра Шекутковска,

дипл.инж.арх.

(Специјално за Порта3 од Бразил) 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top