Насловна / Вести / Земјотресот од 2011 година испратил сеизмички бран, поместувајќи ја цела Јапонија кон исток

Земјотресот од 2011 година испратил сеизмички бран, поместувајќи ја цела Јапонија кон исток

Сеизмичкиот бран кој настанал во тек на разорниот земјотрес со јачина од 9,0 степени по Рихтер кај брегот на Тохоку, Јапонија во 2011 година, патувал речиси 2.900 километри до границата на јадрото на Земјата, се одбил и се вратил околу 13 минути подоцна, поместувајќи ја цела Јапонија кон исток за околу шест милиметри, покажува студија објавена во списанието „Сајенс“.

Поместувањето било премногу мало за луѓето да го забележат, но високочувствителната GPS мрежа на Јапонија го детектирала речиси истовремено ширум земјата.

Научниците 15 години не можеле да го објаснат овој необичниот сигнал бидејќи не се совпаѓал со главниот земјотрес, ниту со последователните потреси или кој било друг познат геолошки настан.

Ново истражување покажало дека причината била повратен сеизмички бран, што претставува прво документирано набљудување на вакви појави.

Како бранот патувал речиси 2.900 километри под површината на Земјата

Студијата ја водела Сунјанг Парк, доцент по геофизички науки на Универзитетот во Чикаго, во соработка со Хиро Канамори од Калифорнискиот институт за технологија и Луис Ривера од Универзитетот во Стразбур.

Истражувачите утврдиле дека необјаснетиот GPS сигнал е предизвикан од ScS бран – вид на попречен сеизмички бран што се јавува за време на многу големи земјотреси. За разлика од површинските бранови, кои ги предизвикуваат повеќето потреси што ги чувствуваат луѓето, ScS брановите патуваат длабоко низ цврстата обвивка на Земјата.

„Она што беше необично беше што практично цела Јапонија се поместуваше речиси во истовремено“, вели Парк, која го предводела истражувањето.

Таа додала дека ова поместување влијаело на целото јапонско копно – од Хокаидо до Кјушу, област долга околу 3.000 километри – и дека не се совпаднало временски со земјотрес, туку се случило пред какви било значајни последователни потреси.

По повеќегодишни анализи и сеизмолошки податоци, Парк и нејзините колеги утврдиле дека брановите настанати за време на земјотресот патувале до јадрото на Земјата, а потоа се одбиле назад кон кората, притоа поместувајќи четири големи тектонски плочи.

Иако сеизмолозите знаеле дека брановите од големи земјотреси можат да продрат длабоко низ планетата и да се одбијат од нејзиното надворешно јадро, составено од течен метал, се сметало дека нивната енергија се распрснува пред да се врати во Земјината кора.

„Тоа што овој вид бранови што патуваат длабоко може да предизвикаат некој настан е сосема ново, а овој феномен е исто така необичен бидејќи опфаќа толку големо подрачје“, објасни Сунјанг Парк.

Иако земјотресите можат да предизвикаат драматични поместувања на тлото – пукање на површината и поместување на големи површини за десетици сантиметри – ваквите движења обично се локализирани, за разлика од овој настан, кој ја погоди речиси целата земја.

Горан Екстром, геофизичар од Универзитетот Колумбија, вели дека за време на земјотресот во 2011 година, две тектонски плочи под Јапонија се поместиле една во однос на друга за околу 10 метри.

„Тоа нагло поместување предизвикало силно тресење на тлото и цунами, а исто така го поместило и целиот остров Хоншу кон исток за околу 20 сантиметри“, рече Екстром, кој не бил вклучен во студијата.

Движењето откриено од Парк и нејзините колеги, иако многу помало, е значајно бидејќи се случило на исклучително голема површина, што го прави најобемно досега регистрирано. Според истражувачите, ослободило приближно иста количина на енергија како земјотрес со магнитуда од 7,5 степени.

Испрати коментар

Scroll To Top