Насловна / Вести / Тетово: Бесконечен плоштад – архитектонска приказна за едно заедничко место

Тетово: Бесконечен плоштад – архитектонска приказна за едно заедничко место

Старо-новиот тетовски плоштад „Маршал Тито“ е едно од најистакнатите дела на современата македонска архитектура од 20 век во Тетово. Архитектонско решение е проектирано и реализирано во втората половина на 60-тите години на местото на тогашниот плоштад. Опстојува до 2009 година, кога е срушен. Претставува дел од етапната реализација на непосредното централно градско урбано средиште. Архитектонски споменик што веќе не постои.

Овој градски простор своевремено е главно архитектонско-урбанистичко средиште на градот, градска дневна соба и матично место за средба и престој на тетовчани.

Сепак, впечатокот што се добива е дека неговите архитектонски и урбанистички квалитети се сведени на благодатите од неговото користење што своевремено ги нуди, а кои тетовчани имале привилегија да ги уживаат како нивно секојдневие. Неговата подлабока архитектонско-урбанистичка и културно-историска вредност е сосема непозната.

Истовремено, станува збор за архитектонско дело што е сосема непознато и за македонската архитектонска јавност.

Визура на плоштадот, 70-ти; извор: https://www.delcampe.net

Аксонометриски приказ на стариот тетовски плоштад
авторска визуелизација, Благоја Ристовски, 2026 година

Токму низ овие перспективи кон оваа вредна архитектура, како тетовчанец и како архитект од Тетово, во изданието „Бесконечен плоштад – архитектонска приказна за едно заедничко место“ пишувам за стариот тетовски плоштад. Во делото, низ анализа, осврт и вреднување се обработува урбанистичкиот контекст, архитектонските слоеви, природата на оваа реализација, како и третманот врз овој плоштад со неговото отстранување во 2009 година.

Проектанти на стариот тетовски плоштад се архитектите Кирил Муратовски и Славко Ѓуриќ од „Македонијапроект“, едни од најистакнатите архитекти на македонската современа архитектура во 20 век, автори на бројни значајни општествени и станбени објекти. За проектот на тетовскиот плоштад, во 1967 година авторите го добиле највисокото државно признание – наградата „11 Октомври“.

Главна градска урбанистичка сцена

Тетовскиот плоштад е позициониран во подножјето на Балтепе. Како последна станица од пристигнувањето во Тетово од југоисток, претставува круна на церемонијалната урбанистичка оска што започнува со влезот од автопатот Скопје – Тетово и се развива долж булеварот „Маршал Тито“.

Ситуација на град Тетово
авторска визуелизација, Благоја Ристовски, 2026 година

Плоштадите се градски простори кои се нераздвоиви од урбаните ткива во кои се вткаени и секогаш имаат својство на урбани средишта. Истото можеме да го потврдиме и во случајот на стариот тетовски плоштад. Архитектурата на плоштадот се развива од архитектурата на неговата урбана околина.
На североисток, плоштадот започнува од архитектурата на станбените блокови на улицата „Тодор Циповски-Мерџан“, во чие приземје своевремено е сместена за тетовчани добро познатата самопослуга. Фасадниот ѕид на овие згради кон плоштадот е повлечен кон внатре, со што периметарот на објектите го чини своевидна правоаголна мрежа постигната со позиционирање на плитки тераси со заѕидани огради во ритам на полно и празно. Испразнетата правоаголна матрица на она што го формираат терасите како примарна фасада ја брише острата граница, со што објектите на своевиден начин се подаваат кон плоштадот и се претвораат во негов раб, без да се негов заѕидан бедем.

Визура од плоштадот кон стабените блокови на улица „Т.Ц.Мерџан“, 70-ти
извор: https://www.delcampe.net

На југозапад, плоштадот започнува од современа архитектура, новиот комерцијален објект на поранешната стоковна куќа „Интерпромет“. Развиен на приземје и кат и доминантно застаклен, станува збор за објект со невидлива архитектура што одразува исклучително чувствителен однос кон просторот. Објектот остава впечаток како да лебди, како да е без приземје, а речиси и без кат. Стаклените излози на приземјето го отсликуваат и прошируваат плоштадот на својата површина и притоа истовремено го пропуштаат внатре низ нивната транспарентност. Со две бели ленти во исто така застаклениот кат, објектот како да е само умерено означен дека е тука.

Визура од плоштадот кон комерцијалниот објект на стоковна куќа „Интерпромет“, 70-ти
извор: https://www.delcampe.net

На северозапад плоштадот започнува од архитектурата на објектот на „Комуна Проект“. Објектот во приземјето е со комерцијална намена, а на кат со деловна. Повторно го отчитуваме истиот архитектонски јазик како кај Стоковната: стаклените излози на приземје го отсликуваат и прошируваат плоштадот на својата површина, притоа истовремено пропуштајќи го внатре.

Со објектот на „Комуна Проект“ уште еден објект му се поклонува на плоштадот, а овојпат со двете бели ленти на застаклениот кат умерено е обележана неговата северозападна граница. Истовремено ова е гест што комуницира и со Шар Планина.

Визура од плоштадот кон објектот на „Комуна Проект“ и станбените згради од „Чешел“, 70-ти
извор: https://www.delcampe.net

Пиедестал за планина

На тетовскиот плоштад, средбата град – планина своевремено е овековечена. Подолжно поставените станбени блокови од населбата „Чешел“ се гест на град што ја сака и почитува својата планина, па не си дозволува да ја скрие или да му попречи на свежиот воздух што му го носи реката Пена. Преку објектот на „Комуна Проект“ и неговата нагласена хоризонтала којашто се обединува со станбените згради од комплексот „Чешел“, на Шара ѝ е доделено почесно место – таа е поставена на пиедестал, а односот Тетово – Шар Планина добива споменик. Шара ни доаѓа на плоштад, а ние одиме кај неа.

Симболички, главното градско проектантско претпријатие „Комуна Проект“ има свое место во централната градска урбанистичка сцена во рамките на главниот градски урбанистички гест, што говори како се градогради град што има планина.

Визура од плоштад кон објектот на „Комуна Проект“ и зградите од „Чешел“ во 70-тите
авторска визуелизација, Благоја Ристовски, 2026 година

Архитектонско-урбанистичко множество

Стариот тетовски плоштад не е издвоена обликувана целина, туку составен елемент на архитектонско-урбанистичкото множество на централната градска сцена. Иако станува збор за поединечни архитектонски реализации, и не можеме да потврдиме кохерентна архитектонско-урбанистичка стратегија, сепак, градски простор со ваква архитектонско-урбанистичка урамнотеженост не се гради случајно.

Со сигурност можеме да заклучиме дека ваквите простори се плод на урбанистичка визија што произлегува од општествено-политичките амбиции на градот своевремено и генерација на архитекти кои просторот го „ткаат“ наместо да го „напаѓаат“.

Аксонометриски приказ на плоштадот во 70-тите
авторска визуелизација, Благоја Ристовски, 2026 година

Место по наша мерка

Како елементи кои конечно го дооформуваат, во рамките на плоштадот, покрај околните објекти, сообраќајници и пешачки површини, се јавуваат и архитектонски елементи: фонтана, меморијален ѕид, жардиниери, дрворед, подиум, партерни елементи.

Она што севкупно може да се забележи за архитектонскиот јазик на плоштадот е дека просторот што го чини претставува своевидна архитектонска топографија. Тој е подеднакво целовит и складен и кога е населен, но и кога неговите елементи не се користат, бидејќи не оставаат впечаток дека се празни.

Плоштадот, пред сѐ, е место проектирано по мерка на човекот. Таму би поминале попатно – движејќи се низ град, на враќање од работа, одејќи накај „Два бреста“ и стариот дел на градот, но исто така, на плоштад би сакале да отидеме и за таму да поминеме време.

Архитектонските елементи на плоштадот ја градат неговата просторна композиција и пејзаж, имаат функција на урбана инфраструктура, а во нивната трета, основна улога, тие се средства што овозможуваат услови за престојување.

Средства за престој
авторска визуелизација, Благоја Ристовски, 2026 година

На пример, наизменично поставените жардиниери го дефинираат примарниот периметар, но високи се околу 120 cm, па врз нив би седнале за поубав преглед на плоштадот, би нашле место за седење на елементите поставени во нивната долна зона или би стоеле покрај нив како покрај своевиден отворен, урбан пулт.

Прикази на жардиниерите во рамки на плоштадот во 70-тите
авторски визуелизации, Благоја Ристовски, 2026 година

Фонтаната е елемент од просторниот пејзаж, но има профил на пресечен ромб, па ни дозволува да се потпреме на неа, со што станува место за средба и престој. Истовремено, овој гест овозможува меко допирање на тлото, со што се олеснува отпечатокот на фонтаната во просторот.

Прикази на фонтаната во рамки на плоштадот во 70-тите
авторски визуелизации, Благоја Ристовски, 2026 година

Во составот на целината на плоштадот е вграден и отворен подиум – површина кон платото на плоштадот подигната за околу 150 cm. Кога е празна, има својство на складно поставен елемент во состав на архитектонската топографија. Кога има потреба, се претвора во површина за настап. На предната страна од овој подиум е изработен релјеф со квадратни и правоаголни призматични елементи, поставени во променливи меѓусебни соодноси и мерила. На поединечни позиции, дел од правоаголните призми се исфрлени од површината на ѕидот на сцената, притоа создавајќи место за седење. На сцената може да се настапи, спроти неа може да се следи случување, но под подиумот може и да се седне зашто во релјефот има место за луѓе.

Прикази на подиумот и релјефот во рамки на плоштадот во 70-тите
авторски визуелизации, Благоја Ристовски, 2026 година

На оската североисток-југозапад, кон пристапот од улицата „Тодор Циповски-Мерџан“ е позициониран меморијален ѕид во чии рамки се поставени бисти на народните херои од НОВ Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче.

Специфичен детал се четирите шестаголни призми, одземени, изместени од своето лежиште, па положени – сооднос на полно со празно. Гестот може да се протолкува како симболичка претстава за изместена и одземена младост, за одземен и положен живот, за изместен животен тек.

Прикази на меморијалниот ѕид во рамки на плоштадот во 70-тите
авторски визуелизации, Благоја Ристовски, 2026 година

На меморијалниот ѕид, на народните херои им е дадено место помеѓу луѓето на градот, место во нивното секојдневие. Место помеѓу нас. Сеќавањето на она и оние пред нас и почитта кон нив е всушност вистинско вреднување, свесност и највисоко оддавање почит на реалноста што ни ја овозможиле и што ја живееме. Плоштадот е место на почит кон себе.

Место помеѓу нас
авторска илустрација, Благоја Ристовски, 2026 година

Природата на интервенцијата

Оформувањето на плоштадот и централното градско подрачје претставуваат урбанистичка и архитектонска интервенција што го применува јазикот на модернистичката архитектура и урбанистичко планирање. Архитектонска парадигма што во себе носи радикално спротивставени аспекти. Од една страна, често оди по свое – го отстранува, го брише старото и затекнатото, го заменува; од друга страна, она со што се заменува се простори со висока урбанистичка и архитектонска вредност коишто го подобруваат градот.

Овие аспекти можат да се препознаат и во случајот на старо-новиот тетовски плоштад, којшто при крајот на 60-тите години на 20 век е оформен на место на постоечкиот, стар плоштад. Во рамките на ова оформување се случува поприлично интензивно преструктурирање на постоечката состојба на оваа локација: од постоечкиот плоштад се отстрануваат фонтаната и малата зелена зона; се отстрануваат занаетчиски дуќани кои се наоѓаат во рамките на новопредвидената локација; се менува духот на местото.

Од друга страна, изведени се исклучително квалитетни архитектура и урбанизам кои го облагородуваат просторот. Од плоштад кој дава одраз на нешто мало, скромно, локално, Тетово добива репрезентативна централна градска урбанистичка целина којашто е одраз на храбри архитектонски и урбанистички визии. Тргнува по нов, свој пат. Духот на старото е отстранет, но заменет е со извонредно ново.

Фотографија на тетовскиот плоштад, 60-ти
извор: Дарко Гавровски, https://www.facebook.com/share/p/1BD9G2h4NB/)

Непожелно наследство

Плоштадот изграден на крајот на 60-тите, што е предмет на разгледување во ова издание, веќе не постои. Срушен е во 2009 година со исклучително апсурдни образложенија. Историјата на преобликување се повторува, но овојпат немаме решение кое може критички да се погледне. На неговата локација има празен, избришан простор. Објектите од непосредното опкружување одамна се цел на поединечни интервенции кои немаат чувство за околина и целина. Централното подрачје е само случаен збир на индивидуални потези.

Денешното Тетово не го засега воздухот од реката Пена, а не е заинтересирано ни за на плоштад кој ја пречекува Шара. Белите ленти на некогашниот објект на „Комуна Проект“ се скратени и опшиени со лим до половина. Во стаклените површини на катот неколкупати е интервенирано, па во постоечката состојба делумно се кафеави, делумно зелени. Повторно симболички – односот кон главната градска визура на улица и планина, на архитектура и природа, како и секаде низ сегашното Тетово, е пресликана и на самиот плоштад.

Според тоа како се градогради, сегашното Тетово не знае дека има планина. Главната градска урбанистичка сцена – сега исклучително разорена, повторно говори и е слика за луѓе, принципи, вредности и однос. Говори за агресивност, инвазивност, себичност, индивидуализација, бесчувственост за целина, неодговорност, занемареност, игнорантност. Сведочи за денешните состојби и за денешниот однос на луѓето кон околината, градот, светот и кон себе.

Објектот на „Комуна Проект“ и станбените блокови од спроти, март 2026 година
извор: Андријана Ристовска Мариниќ, фотографија од март 2026 година

Фотографија на плоштадот со поранешниот објект на „Интерпромет“, март 2026 година
извор: Андријана Ристовска Мариниќ, фотографија од март 2026 година

Сепак, вредното архитектонско дело кое го чини плоштадот „Маршал Тито“ во Тетово е во редот на оние примери од непосредното минато кои потсетуваат дека  доброто и редот се категории кои потекнуваат од нас и се помеѓу нас. Примери што ни укажуваат кои сме биле и нѐ потсетуваат кои можеме да бидеме, доколку одлучиме да го поставиме центарот на својот свет таму каде што ни е местото. Во архитектонското дело на стариот тетовски плоштад се препознаваат принципи и вредности на едни поинакви луѓе и општествo кои тие го чинеле, во кое се препознава еден благороден однос кон околината, светот, а конечно и кон себе. Како што може да се препознае од тоа-тогаш и ова-сега, имаме можност за избор помеѓу две крајности.

Автор: Благоја РИСТОВСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top