Компанијата ICON и архитектонското студио Firmah Architecture го претставија проектот за нов станбен комплекс во Тексас кој ги спојува иновативната технологија и специфичниот животен стил фокусиран на културата на сурфање. Планираната заедница, наречена Desperado, ќе се простира на површина од околу 450 хектари и ќе вклучува 88 3Д печатени куќи распоредени околу две вештачки лагуни за сурфање.

Новата населба ќе биде надoградба на постоечкиот центар за сурфање Waco Surf. Тука, жителите ќе можат да уживаат во брановите во секое време.

Проектот предвидува интеграција на постојните содржини на водениот парк, вклучувајќи ја веќе изградената лагуна за сурфање и базенот со константни бранови, додека дополнителната, нова лагуна ќе биде централниот елемент околу кој ќе бидат распоредени станбените објекти.

Архитектонското решение се карактеризира со благо закривени бетонски форми со дрвени тавани и покриви кои сешират кон надвор, создавајќи покриени надворешни простори. Станбениот фонд ќе вклучува 44 куќи и исто толку дуплекс единици, додека планирани се и централни објекти како што се главни ложи покрај водните содржини.

Ентериерите се проектирани како отворени простори со големи прозорци во дрвени рамки и лизгачки врати, дополнително нагласувајќи ја врската со природната средина.

Концептот на проектот се базира на идејата за „проток“, што бил клучен мотив во обликувањето на архитектурата и просторот. Основачот на бирото Firmah Architecture, Ashley Heeren, кој претходно работел на проектот House Zero за ICON во Остин, применил сличен дизајнерски пристап со заоблени ѕидови и меки линии.

Претставници на компанијата Waco Surf нагласуваат дека целта е да се создаде средина што овозможува секојдневно испреплетување на различни искуства – од динамични активности до мирни, релаксирачки моменти во природа.
Планираната заедница комбинира елементи на традиционалниот живот на ранч во Тексас со напредни сурф содржини и концепт на промислено, свесно живеење. Во средиштето на локацијата се наоѓа стара шума, додека остатокот од површината го сочинуваат прериски области.

Посебно внимание е посветено на одржливата мобилност, така што внатрешниот сообраќај ќе биде без автомобили, а движењето ќе биде овозможено пеш, со велосипед или голф возила.
Покрај сурф содржините, комплексот ќе понуди голем број дополнителни погодности, вклучувајќи долга „мрзлива река“, терени за пикбол, голф терен со 13 дупки, езера за риболов, места за кампување и угостителски објекти.

Како што изјавија претставниците на проектот, целта е да се создаде место каде што семејствата можат трајно да живеат во средина што го поттикнува престојот во природа и активниот начин на живот, а не само повременото посетување.

Почетокот на изградбата е планиран за летото 2026 година, додека првите жители се очекува да се вселат во текот на летото 2027 година.
Компанијата ICON веќе има значително искуство во развој на 3Д печатени населби низ целиот Тексас, вклучувајќи ги проектите Wimberly Springs и Wolf Ranch, како и соработка со реномираното архитектонско биро BIG.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија