На прв поглед, овој стан во Валенсија не открива веднаш што го прави посебен. Сепак, по неколку „чекори“ станува јасно дека станува збор за ентериер кој не се чита класично – преку соби и функции – туку токму преку движење.
Според авторите од студиото Piano Piano, наместо да биде премин, ходникoт овде станува главен простор, место каде што се среќаваат светлината, бојата, уметноста и секојдневните активности.

Ходник како централен простор
Постоечкиот распоред се карактеризирал со тесна и издолжена основа без прави агли, организирана околу темен и нефункционален ходник.
Наместо да го елиминираат, архитектите реодлучиле да го трансформираат во простор што станува искуство.

Новиот концепт се базира на прецизно дефинирана геометрија што ги следи постојните линии на просторот. Благодарение на ова, ходникoт станува еден вид „прошетка“ низ станот –по должина се сметени ниши за складирање, уметнички елементи, природна светлина и влезови во различни простории.

Стан што се отвора кон дворот
Друга клучна идеја на проектот е посилна врска со надворешниот простор. За разлика од првобитната состојба, каде што односот со дворот бил занемарен, новиот ентериер целосно се свртува кон него.
Сега секоја просторија има директен пристап до терасата, замаглувајќи ја границата помеѓу внатрешниот и надворешниот простор.

Овој однос е дополнително нагласен со користење на истата керамика на подовите, која од ентериерот продолжува кон дворот и визуелно ги поврзува сите целини.

Керамиката како алатка
Подовите играат клучна улога во читањето на овој ентериер. Наместо неутрална позадина, керамиката се третира како активен елемент, како тепих што ја следи и нагласува геометријата на просторот.

Различни комбинации на плочки воведуваат ритам и јасно ги дефинираат зоните, а во исто време го водат корисникот низ станот.
Овој пристап е особено видлив во ходникот, каде што подот станува средство за ориентација и дополнително ја нагласува идејата за движење.
Бордо нишка
Колоритот на ентериерот се базира на топла и контролирана палета, во која бордо бојата игра централна улога. И инвеститорите ја предложија како важен елемент, а архитектите ја интегрирале преку парчиња мебел и клучни точки во просторот.

Додека се движите низ станот, бордо акцентите се појавуваат како обележја што ја следат патеката од влезот до кујнскиот остров, кој го претставува местото за собирање на семејството. Оваа идеја дополнително го зајакнува концептот на „шетање“ низ ентериерот.
Оваа топлина е избалансирана со детали во дрво и зелена керамика, кои внесуваат свежина и го поврзуваат ентериерот со дворот.

Кога движењето го организира просторот
Овој стан во Валенсија покажува како дури и најнеблагодарните елементи од постоечкиот распоред можат да станат главна вредност на проектот. Наместо да биде скриен или минимизиран, ходникот тука е трансформиран во простор што го дефинира начинот на живеење во станот.
Резултатот е ентериер кој се доживува преку движење, како низа внимателно осмислена сцена која се менуваат од влезот до дворот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија