Насловна / Архитектура / Проекти од Белгија и Словенија ја добија наградата Mies van der Rohe 2026

Проекти од Белгија и Словенија ја добија наградата Mies van der Rohe 2026

Во финскиот град Оулу, во четврток, 16 април, беа објавени овогодинешните добитници на наградата на Европската Унија за современа архитектура – Mies van der Rohe 2026 (EUmies Awards), биенално признание кое заеднички го доделуваат Европската комисија и Фондацијата Mies van der Rohe од Барселона.

Главната награда за архитектура ја освои проектот Изложбена палата (Palais-des-Expositions) во градот Шарлроа во Белгија, додека наградата во категоријата Emerging Architecture ја доби проектот Привремени простори на драмата на Словенечкиот народен театар кој го потпишува Vidic Grohar Architects од Љубљана.

Истражување на потенцијалот на огромниот волумен

Победничкиот проект во категоријата Архитектура заеднички го потпишуваат бриселското студио AgwA и архитектонското биро од Гент AJDVIV (Architecten Jan de Vylder Inge Vinck), а во официјалното соопштение за доделување на наградата на нивното решение се вели следново:

„Проектот го истражува потенцијалот на овој огромен волумен, сместен на кос терен, додека ги зачувува неговите исклучителни квалитети како што се размер, рационалност и монументалност. Целта беше да се преиспита историската вредност и наследството на секој дел од постојната структура, со цел да се донесат прецизни одлуки за рушење, зачувување и реставрација.

Архитектонските интервенции тежнеат да бидат што е можно помалку наметливи и проектантски невпечатливи. Движењето низ објектот е преосмислено. Проектот буквално ги поканува јавниот простор, паркингот и пејзажот да продрат во зградата, истовремено повторно поврзувајќи го центарот на градот со околината.“

Активирање на „сивата зона“ на Љубљана

Архитектите Ања Видиќ и Јуре Грохар се автори на проектот Привремени простори на драмата на Словенечкиот народен театар во Љубљана, а новите простории, изградени на парцела од 10.000 квадратни метри, зафаќаат вкупна бруто површина од 4.000 квадратни метри.

„Привремените простории на Словенечкиот народен театар сместени се во комплекс од поранешни индустриски хали од 1960-тите, во зоната Литострој во Љубљана. Важна јавна културна програма ја активира сивата зона на градот и со тоа, како и во слични ситуации во други европски метрополи, го ‘проширува’ центарот на градот“, се вели во одлуката за доделување на наградата.

Организаторите истакнуваат дека со воспоставувањето на нов програмски центар на периферијата на градот, проектот е и социјално инклузивен. „Серија нискобуџетни интервенции, спроведени во краток временски период, иницираа трансформација на напуштена индустриска зграда во нова јавна зграда“, се наведува.

Привремените интервенции во историската структура се направени од рециклирани или повторно употребени материјали, со цел да се создаде што е можно помалку отпад. Големи CLT панели, користени за изградбата на Големата сцена, овозможиле брза и прецизна реализација, а по промената на намената на просторот, можат лесно да се демонтираат и повторно да се користат за изградба на нова зграда.

Доделување на наградата во Барселона во мај

Церемонијата на доделување награди ќе се одржи во мај 2026 година како дел од програмата „Светска престолнина на архитектурата, Барселона 2026“.

Двете категории ги признаваат достигнувањата на европските архитекти и инвеститори во развојот на нови концепти и технологии, и им даваат можност на граѓаните и јавните институции подобро да ја разберат важноста на архитектурата во градењето одржливи и инклузивни градови и заедници, каде што клучен приоритет е нераскинливата врска помеѓу квалитетот на живот и квалитетото на околината.

Што добиваат победниците, а што инвеститорите

Победникот во категоријата Архитектура добива 60.000 евра и скулптура од Ксавиер Корбер, инспирирана од Павилјонот Барселона на Лудвиг Мис ван дер Рое како германски павилјон за Светската изложба во 1929 година. Инвеститорите и четворицата финалисти добиваат скулптура од Томоко Сакамото и Давид Лоренте.

Победникот во категоријата Emerging се наградува за реализирано архитектонско дело создадено во рамките на поширок критички пристап кон архитектурата на младо архитектонско биро, при што се вреднуваат истите достигнувања како во категоријата Архитектура. Победникот добива 30.000 евра и скулптура од Ксавиер Корбер, додека инвеститорот добива скулптура од Томоко Сакамото и Давид Лоренте.

Испрати коментар

Scroll To Top