Во тишината на местото Montrás, на сончевата Costa Bravа, изградена е семејна куќа која го не го третира медитеранскиот начин на живот како стил, туку како секојдневие.

Проектот на архитектонското биро Dom Arquitectura осмислен е како совршена рамнотежа помеѓу модерната архитектура, природните материјали и опуштениот престој на отворено – без форсирање, без вишок, без бучава.

Веќе на прв поглед, куќата јасно ја комуницира својата филозофија. Масивните ѕидови од локален камен му даваат на приземјето стабилност и чувство на вкоренетост, додека над нив се издигаат чисти, бели форми кои внесуваат современа леснотија. Дрвото и стаклото се внимателно вметнати како мек контрапункт, создавајќи архитектура која истовремено делува силно и ненаметливо.

Екстериерот е обоен со палета од природни нијанси – песок, камен, топли неутрални тонови – што ја прават куќата да изгледа како отсекогаш да била дел од пејзажот. Кога сонцето ќе зајде, дискретното амбиентално осветлување ја превзема главната улога, нагласувајќи ги текстурите на каменот и малтерот и претворајќи ја куќата во вечерна скулптура под отворено небо.

Вистинскиот фокус се открива во задниот дел од парцелата, каде што животот се сели надвор. Базенот со бесконечен раб визуелно се вклопува со хоризонтот, додека пространата, делумно наткриена тераса функционира како продолжение на дневната соба. Тука, деновите полека се развлекуваат помеѓу лежалки, разговори, лежерни ручеци и вечери кои спонтано се претвораат во дружења. Надворешната кујна и трпезаријата го прават овој простор идеален за дружење без формалности, но со стил.

Влезот во куќата го обележува масивна дрвена врата која веднаш внесуваат топлина во ентериерот. Ходникот е осветлен со голем прозорец, додека камените ѕидови од фасадата природно продолжуваат во ентериерот, бришејќи ја границата помеѓу надворешноста и внатрешноста.

Централниот дел од куќата се состои од отворен дневен и трпезариски простор, проектирани истовремено да одговараат на семејниот живот и друштвените собири. Долж една дрвена облога дискретно е вклопено домашно работно катче – функционално, но ненаметливо. Кујната, поврзана со трпезаријата преку отвор, комбинира минималистички бели површини со топло дрво и отворени полици, додека централниот остров станува природно место за собирање.

Секундарната дневна соба, обложена со дрво, со голем стаклен ѕид што го врамува погледот на каменот и зеленилото надвор, има посебен шарм. Овој простор нуди поинтимна атмосфера – совршена за повлекување, читање или тишина.

Спалните соби ја продолжуваат истата филозофија на смирен луксуз. Минималистички мебел, многу природна светлина и погледите што остануваат во преден план создаваат релаксирачки амбиент, без непотребни одвлекувања на вниманието. Бањите зрачат со спа атмосфера, со дрвени елементи, прилагодени мерки и када поставена покрај прозорецот – детаљ што ја претвора дневната рутина во мал ритуал.

Иако животот е организиран главно на приземје, куќата има и подрум каде што дискретно се сместени гаражата, техничките простории, магацините и просторот за забава. Дрвени скали со скриено осветлување дополнително го нагласуваат вниманието посветено на деталите.

Во овој дом, каменот, дрвото, светлината и пејзажот не се декорација – тие се темел на секојдневниот живот. Dom Arquitectura тука потпишува проект што го дефинира модерниот луксуз преку чувство на мир, поврзаност со природата и простор што се користи без напор.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија