Вовед
Темата на спортот и урбанизмот претставува важен аспект на современото просторно планирање и одржливиот развој на градовите. Во услови на забрзана урбанизација, градежна експанзија, климатски предизвици и сè поизразени здравствени проблеми кај урбаното население, прашањето за улогата на спортот и физичката активност во градовите станува важна тема на современата архитектонска и урбанистичка теорија и практика, а интегрирањето на спортските и рекреативните содржини станува суштински предуслов за создавање здрави, динамични и социјално инклузивни градови.
Публикацијата „Спортот и градот: Архитектонско урбанистички решенија за здрави и активни градови“ претставува стручно-научен обид да се систематизираат, анализираат и промовираат современи пристапи кон интеграцијата на спортот во урбаното ткиво. Книгата е резултат на интердисциплинарна соработка меѓу професори, истражувачи, практичари и студенти, при што се воспоставува дијалог помеѓу теоријата и практиката, академското знаење и урбаниот дизајн.
Овој текст, објавен како стручен прилог во нашето списание, има за цел да ја доближи содржината на книгата до пошироката стручна јавност, да ги истакне нејзините клучни теми и да го нагласи значењето на спортот како интегрален дел од архитектонско-урбанистичкото планирање на современите градови.

Публикациски елементи на изданието
Пред да се навлезе во тематската анализа, неопходно е да се истакнат основните публикациски и уреднички обележја на книгата, кои ја позиционираат оваа книга како релевантно стручно и академско издание.
Ова книга претставува стручна монографија чиј главен уредник е доц. д-р Дамјан Балкоски, во издание на МИТ Универзитет, Факултет за архитектура.
Таа е поделена во два основни дела: Првиот дел опфаќа стручни и научни трудови на наставниот кадар, и практичари – експерти од релевантните области, организирани во три целини кои ги разгледуваат архитектонските, урбанистичките и психолошко-социолошките аспекти на спортот и урбаното планирање. Свој придонес преку овие трудови имаа авторите: проф. д-р Ванѓел Дуновски, доц. д-р Дамјан Балкоски, доц. д-р Стефанија Иванов Гата, асс. м-р Наталија Стојановска, м-р Даме Димески, м-р Стефан Мијовски, м-р Атанас Ивановски и м-р Надица Ивановски.
Вториот дел опфаќа и прикажува семестрални студентски проекти, изработени во рамките на наставата на МИТ Факултетот за архитектура по урбанистичките предмети од првиот циклус студии, дополнети со една магистерска и една дипломска работа, со заедничка тема: проектирање на спортско-рекреативен центар. Свој придонес преку овие проекти имаа студентите: Дејан Едровски, Миле Јанкуловски, Стефан Мијовски, Анастазија Ачкоска, Дарко Смилевски, Мартина Николовска, Елфан Селими, Елеонора Кржеска, Надица Ивановски, Слободанка Туџарова и Ангелина Ганевска.
Рецензентскиот процес е спроведен од еминентни стручни лица од земјата и регионот, со што е обезбедена научна и професионална релевантност на содржините. Рецензенти на оваа книга се Вон. проф. д-р Мирјана Деветаковиќ Радојевиќ од Универзитетот во Белград, Архитектонски факултет, м-р Љупчо Балкоски, архитект – урбанист и м-р Владимир Апостолов, спортист и директор на ВСШ Колеџ за медицинска козметологија и физиотерапија при МИТ Универзитет Скопје.
Од аспект на техничко-издавачките карактеристики, книгата е конципирана како стручно монографско издание со јасна уредничка структура, визуелна поддршка преку графички прилози, анализи и проектна документација. Со ваквата уредничка и публикациска поставеност, книгата се позиционира како релевантен референтен материјал за архитекти, урбанисти, истражувачи и студенти, но и како корисна алатка за институциите и локалните самоуправи вклучени во планирањето и развојот на спортската инфраструктура.

Урбанистички пристапи кон спортот и рекреацијата
Првиот тематски блок во монографијата е посветен на урбанистичките аспекти на спортот и рекреацијата. Претставени се три стручно-научни трудови кои од различни перспективи го разгледуваат односот меѓу спортот и урбанизмот.
Првиот труд „Спортот и урбанизмот: Анализа на спортски центри и јавни паркови во Скопје“, од авторите м-р Стефан Мијовски и д-р Дамјан Балкоски, ја обработува темата низ конкретни примери од главниот град, анализирајќи ја улогата на спортско-рекреативните центри и јавните паркови во создавање на поквалитетна и подинамична урбана средина.
Вториот труд „Имплементација на спортско рекреативни содржини и нивно влијание врз градското планирање на град Струмица“, од авторите м-р Надица Ивановски и д-р Дамјан Балкоски, ја истакнува важноста на интегрирањето на спортот во градовите надвор од главниот урбан центар, прикажувајќи како локалниот контекст и урбанистичкото планирање можат да придонесат за унапредување на квалитетот на живеењето.
Третиот труд „Одржлив урбан модел преку примена на велосипедски патеки во градот Прилеп“, на авторот м-р Даме Димески ја разработува улогата на велосипедизмот како интегрален елемент во создавањето на одржливи урбани системи. Трудот го разгледува потенцијалот на велосипедските патеки за подобрување на мобилноста, намалување на сообраќајните проблеми и загадувањето, како и за зголемување на физичката активност и здравјето на жителите.
Со овој збир од студии, трудови и анализи, поглавјето нуди увид во потенцијалот на урбанизмот како дисциплина која го интегрира спортот и рекреацијата во современото градско живеење. Трудовите заеднички покажуваат дека спортот не треба да се третира како изолиран аспект, туку како составен дел од урбаната структура и култура, кој носи вредности за здравјето, општествената динамика и економскиот развој.
Архитектонски концепти и технолошки решенија
Вториот тематски блок е насочен кон архитектонските аспекти на спортските објекти. Ова поглавје ја истражува современата практика во проектирањето и изградбата на спортските центри, прикажувајќи ги како комплексни простори кои го интегрираат архитектонскиот дизајн, технолошките иновации и принципите на одржливост.
Првиот труд, „Современи пристапи во проектирање и изведба на спортски центри: материјали, технологии и одржливост“, на авторот проф. д-р Ванѓел Дуновски, се фокусира на постоечките и новите материјали и технологии што го трансформираат начинoт на кој се создаваат функционални и одржливи спортски објекти.
Вториот труд, „Архитектонското обликување на стадионите низ времето“, на авторите д-р Стефанија Иванов Гата и д-р Ванѓел Дуновски, ја прикажува историската еволуција на фудбалските стадиони, истакнувајќи како архитектонските концепти и инфраструктурните елементи влијаат на нивниот облик и функционалност.
Третиот труд, „Проектантски аспекти и предизвици при изградба на базени“, на авторката м-р Наталија Стојановска, ја презентира практичната страна на проектирањето на базени, односно специфичните технички и просторни предизвици кои бараат внимателна интеграција на функционалност, безбедност и естетика.
Заедно, овие три истражувања ја нагласуваат мултидимензионалната природа на спортските центри како архитектонски и технолошки предизвик, но и како простори кои се пример за синтеза на функционалност, технологија и естетика, која ја истакнува важноста на архитектонската и градежната мисла во урбаната средина.
Психолошки и социјални димензии во спортот и урбаниот контекст
Книгата не се задржува само на просторните и техничките аспекти, туку ги вклучува и психолошките и социјалните димензии на спортот. Преку трудовите посветени на спортската психологија и концептот на активни и здрави градови, се нагласува значењето на спортот за менталното здравје, социјалната интеграција и квалитетот на живот. Во ова поглавје се обработуваат две значајни теми од подрачјата на психологијата и урбанизмот:
Првиот труд “РЕБТ, спорт и спортска психологија”, на авторот м-р Атанас Ивановски, се фокусира на рационално-емотивната бихевиорална терапија (РЕБТ) и нејзината поврзаност со спортот и спортската психологија, истражувајќи ги начините на кои психолошката поддршка и когнитивно-бихевиоралните пристапи го унапредуваат спортското постигнување и личниот развој.
Вториот труд “Кон активни и здрави градови”, на авторот д-р Дамјан Балкоски, ја разгледува концепцијата на активен и здрав град, каде спортот и рекреацијата се интегрирани во урбаното планирање и дизајнот на јавните простори.
Со ваквиот пристап, се отвора можност за поширока дискусија околу улогата на спортот во градењето не само на физички активни, туку и психолошки и социјално одржливи градови. Поглавјето претставува обид да се нагласи интеграцијата помеѓу психолошките науки, урбанизмот и спортот, создавајќи поширока визија за иднината на здравите и инклузивни урбани заедници.
Студентските проекти како лабораторија на идеи
Една од највредните карактеристики на книгата е вклучувањето на студентските проекти. Тие претставуваат свежи, креативни и често визионерски интерпретации на темата “спортот и градот”.


Проектите имаат за цел да ги поврзат теоретските знаења со практичната примена, односно да ги вежбаат студентите во донесување стручни и аргументирани одлуки при обликување на просторот. Овие проекти истовремено служат и како подготовка за нивната идна професионална работа во областа на урбанизмот и архитектурата, бидејќи преку нив се симулираат услови блиски до оние со кои ќе се соочат во реалната пракса.
Проектите што се презентирани опфаќаат различни градови низ Македонија – Скопје, Куманово, Тетово, Кочани, Прилеп, Струмица и други.


Студентите развија концепти за разновидни спортско-рекреативни центри, при што, покрај класичните спортови, за првпат беа обработени и содржини како терени за рагби, бејзбол и специјализирани атлетски терени, кои претставуваат новитет во локалниот контекст и го прошируваат спектарот на спортски активности достапни во градовите.

Заклучок
„Спортот и градот: Архитектонско урбанистички решенија за здрави и активни градови“ е дело кое аргументирано ја отвора темата за интеграцијата на спортот во урбаното планирање и архитектонското проектирање и нуди сеопфатен преглед на теоретските основи, практичните примери и идните можности за развој на здрави, активни и одржливи градови.
Книгата претставува поттик за понатамошни истражувања, професионални дискусии и практични иницијативи во доменот на урбанизмот, архитектурата и спортот. Исто така, таа претставува и значаен ресурс за архитекти, урбанисти, планери, студенти и носители на одлуки, но и пошироко – за сите кои веруваат дека квалитетот на градот се мери преку квалитетот на животот на неговите жители.
Автор: Доц. д-р Дамјан БАЛКОСКИ, МИТ Универзитет, Факултет за архитектура
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија