Во понеделникот Велес блесна како вистински „град на порцеланот“ со две извонредни изложби
„Порцеланови луѓе“

Прво во 19 часот во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, на 10 ноември се отвори изложбата „Порцеланови луѓе – Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан ‘Борис Кидрич’ – Титов Велес, 1954-2003“, во организација на ЛУ Народен музеј Велес.

Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасмина Намичева, Јасмина Дамјановска, Филип Фидановски и Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски, промотор на изложбата Кирил Пенушлиски.

Изложбата претставува современ уметнички дијалог со минатото и со приказната за поранешната Фабрика за порцелан „Борис Кидрич“, која остави длабока трага во индустриската, културната и секојдневната историја на Велес. Преку уметност, спомените од порцеланот оживеаа повторно — како симбол на традиција, идентитет и колективна меморија.

„На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметници дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, бидејќи таа претставува не само индустриски, туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите-уметници што дејствувале во рамки на овој производствен капацитет.

Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други, кои во периодот од 1955 година до крајот на 90-тите години на минатиот век биле дел од декорното, односно подоцна од 1971 година дизајнерското одделение на фабриката. Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на ‘невидливоста’ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години, кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција.

Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво што ја оправдува уште повеќе идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на ‘Југопорцелан’“ – истакнуваат авторите на проектот.
„Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски

Истата вечер во 20 часот во фоајето на „Театар Џинот“ во Велес се отвори изложбата „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски, керамички уметник. На изложбата се претставени скулптури и инсталации во простор.


„Во контекст на современата македонска уметничка сцена, ‘Куќа на порцеланот’ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија, каде што фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво.

Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде што документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла. ‘Куќа на порцеланот’ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија“, истакнува кураторот Јасминка Намичева за изложбата.



Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија