Амбициозен урбанистички проект на данската архитектонска фирма BIG доби официјално одобрение од Градскиот совет на Лос Анџелес, отворајќи го патот за изградба на мултифункционалниот комплекс 670 Mesquit, сместен во уметничкиот кварт на градот.
Овој урбан развоен проект, познат и како Los Angeles Arts District (LAAD), се наоѓа југоисточно од реката Лос Анџелес. Идејното решение датира уште од 2016 година, кога за прв пат беа презентирани концептуалните планови.

Планирано е комплексот да вклучува четири меѓусебно поврзани згради поставени во каскадна формација. Зградите ќе бидат распоредени покрај реката, формирајќи динамичен архитектонски пејзаж.
Комплексот ќе има приближно 895 станбени единици, канцелариски простор, хотел, основно училиште, како и комерцијални и рекреативни содржини. Посебен акцент е ставен на пејзажното уредување и зелените површини, за што е ангажирано Studio MLA.

Визуелизациите покажуваат дека највисоката зграда, со 34 ката, ќе биде позиционирана во аголот на парцелата и ќе се користи за канцелариски простор, додека најмалата зграда ќе служи како хотел. Останатите две згради ќе бидат станбени.

Интересен архитектонски детаљ е постепеното спуштање на сите згради од едната страна, како и балконите што ги врамуваат нивните фасади, создавајќи ритмичка динамика и човечка мерка во рамките на индустрискиот контекст.

BIG вели дека инспирацијата за обликувањето ја пронашол во индустриското наследство на складишта од 20 век, како и во познатата „Case Study House“ програма на списанието Arts & Architecture, кое во повоениот период ја промовирала изградбата на прифатливи, модерни домови.

Покрај главните објекти, планирано е да се формира и пространа тераса над блиската железничка пруга, која ќе служи како јавен парк и дополнителна рекреативна зона за локалната заедница.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија