Во најновото издание на својот Извештај за состојбата со отпадот, мрежата Zero Waste Europe ги претставила клучните достигнувања и напредокот кој градовите ширум Европа и светот ги оствариле во управувањето со отпадот. Извештајот опфаќа 89 општини во 18 земји, со вкупно над 18 милиони жители. Во југоисточна Европа има мноштво светли примери меѓу кои се Крк, Блед, Тилос и Скијатос.
Со цел да ги поддржи општините во намалувањето на количината на отпад теоретски на нула, Zero Waste Europe (ZWE) во 2021 година ја формирала Mission Zero Academy (MiZA) – платформа која нуди техничка помош, едукација и спроведува процес на сертификација. Досега 19 општини се сертифицирани како Zero Waste Cities, додека 29 се наоѓаат во статус на кандидати. Новиот Извештај за сосотојбата на општините без отпад за 2024 година, покажува бројни позитивни резултати.

Талин, главниот град на Естонија, остварил дури 92% поврат на прибор за јадење за повеќекратна употреба на градските настани и воспоставил повеќе од десет центри за поправка и повторна употреба. Во шпанското место Владеканс, формиран е Граѓански климатски форум преку кој се стартувани бројни иницијативи за намалување на отпадот, а Брисел вовел пелени кои се перат во јавните градинки со што годишно се зашедуваат 80.000 евра и се врши намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 1.400 тони.

Посебен фокус во извештајот е ставен на текстилниот отпад, кој станува се поголем предизвик. На ниво на ЕУ, воведено е задолжително издвоено собирање на текстилот, иако шемите на проширена одговорност на производителот (ERP) стапуваат на сила дури во 2028 година. ZWE на крајот на 2024 година го стартува проектот STICT, кој се спроведува во Брисел, Саку во Естонија и словенечки Блед, со цел развој на локални решенија за циркуларно управување со текстилот. Во Амстердам се планира речиси двојно зголемување на количината на собран текстил по лице, додека Каталонија и италијанската компанија Contarina, предничат во стапките на повторна употреба и рециклирање.

Надвор од Европа, градовите во Азија и Африка покажуваат како концептот на нулта отпад може да функционира и во услови на бројни предизвици. Во индискиот град Пуне, околу 4.000 собирачи на отпад од социјалното претпријатие SWaCH секојдневно покриваат 70% од домаќинствата, во партнерство со локалната самоуправа. Имаат право да ги продаваат рециклажните материјали, а и обучени се за компостирање и управување со биогасни постројки. Благодарение на нивната работа, дневно се обработуваат 1.400 тони отпад, со стапка на селектирање од 98%. Во Акра, главниот град на Гана, локалната организација GAYO управува со центар за селекција на отпад кој го води заедницата. Успева да пренамени 50% од отпадот кој инаку би завршил на депониите. Овој проект во 2024 година ја добил наградата Earthshot.

Што се однесува до практиите на општините во нашето опкружување, Извештајот го посочува островот Крк, кој во 2024 година станал првото серифицирано место без отпад во Хрватска и вториот остров во Европа со ваква ознака. Имено, седум населени места на Крк имаат постигнато стапка на рециклирање на отпадот од 60%. Уште 14 градови во Хрватска се кандидати за добивање на ваков сертификат. Во Загреб, минатата година исто така е направен сериозен напредок во управувањето со отпадот. Воведен е систем за поправедна наплата на мешовитиот отпад, по принцип – плати онолку колку што ќе фрлиш (pay-as-you-throw). Во комбинација и со други мерки, овозможено е намалување на отпадот кој се депонира за 20%, а селекцијатан на отпадот е зголемена за 50% во споредба со 2022 година. Загреб има развиено и План за превенција од пластика, кој вклучува мерки за забрана на пластиката за еднократна употреба во градските установи, поправка на јавните фонтани за вода и поддршка за воведување на амбалажа за повеќекратна употреба во угостителството.
Во текот на 2024 година, акцентот на Црна Гора бил унапредување на одвоеното собирање на биоотпадот и промоција на повторната употреба, со акцент на компостирањето. Според бројот на општини без отпад, предничи Словенија, која има 5 (меѓу кои и Блед) и уште 7 со кандидадски статус.
Во Бугарија исто така 2024 година има значајни акции кон намалување на отпадот и воведување на циркуларни решенија на локално ниво. Градот Свиленград станал пионер во примена на системот „плати колку што ќе фрлиш“, користејќи систем за следење на количините на отпад по домаќинство. Овој модел е успешно проширен и на руралните заедници.
Грчкиот остров Тилос, засега е единственото место во Грција со zero waste сертификат, а има и две општини со статус на кандидати. На островот Скијатос кој е еден од кандидатите за овој сертификат, воведени се правила и едукација за туристите, со што е зголемена стапката на рециклажа и подобрена е заштитата на оддалечените плажи. Минатата година во Грција е донесен закон со кој значајно е унапредено управувањето со отпадот. Воведени се подобри системи за собирање на биоотпадот и рециклажа, поголема транспарентност и построга контрола.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија