Регионалниот вебинар под името „Родово чувствителна енергетска транзиција и зајакнување на работната сила“ на Западен Балкан ќе биде одржан на 22-ри мај 2025. Целта на овој вебинар кој го организира GIZ, е да започне дијалог за општествените и родови аспекти на преминот од фосилни горива на обновливи извори на енергија.
Енергетската транзиција во регионот на Западен Балкан носи значајни промени. Преминот на обновливи извори на енергија подразбира реструктуирање на пазарот на труд. Повеќе од 138.000 работни места моментално се поврзани со индустријата на јаглен, што отвора прашања за социјалните последици и потребата од преквалификација на работната сила. Вложувањето во развој на вештини и прилагодувањето на работната сила е клучно за ублажување на социјалните предизвици, посебно на родовите нееднаквости, во текот на процесот на енергетска транзиција.

GIZ неодамна ја има спроведено првата сеопфатна анализа за влијанието на енергетската транзиција врз пазарот на труд во регионот на Западен Балкан. Студијата укажува на очекуваните гасења и креирање на нови работни места, ги идентификува неопходните вештини за идни работни места во секторот за обновлива енергија и ја истакнува клучната улога на техничкото и стручно образование во овој процес. Вебинарот ќе се одржува онлајн преку платформата Microsoft Teams, а сите заинтересирани може да се регистрираат преку овој линк. Посебен акцент ќе биде ставен на потребата од поголема синергија помеѓу секторите образование и енергетика, со цел работната сила ефикасно да се адаптира на новите услови. Дискусијата ќе опфати и прашања од областа на родовата рамноправност, вклучување на жените во секторот зелена енергија и начини за намалување на постоечките родови разлики во вработувањето и напредувањето во оваа област.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија