Насловна / Дневни Вести / 107 милиони евра за изградба на делницата Демир-Капија – Смоквица

107 милиони евра за изградба на делницата Демир-Капија – Смоквица

obikolnica-tender-thumb.jpgМакедонија доби 107 милиони евра заем од ЕБОР за изградба на делницата Демир-Капија – Смоквица. Средствата во износ од 107 милиони евра се обезбедени со денеска потпишаниот договор со Европската банка за обнова и развој. Договорот за заем го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот за транспорт на ЕБОР Сју Барет.

Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 271 милиони евра од кои 130 милиони се обезбедени од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант на Европската унија и 6 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

- Со изградбата на делницата во должина од 28 километри ќе се обезбеди автопатско решение на оваа најзначајна транспортна рута во Македонија. Се работи за коридор кој ја поврзува Македонија на север со Европа, а на југ со Солунското пристаниште важно за нашето стопанство, и извонредна можност да се забрза протокот на стоки и луѓе и да се зголеми конкурентската способност на македонските компании, истакна министерот Ставрески по потпишувањето на Договорот.

Заемот е обезбеден под исклучително поволни услови, со 15 години рок на отплата, грејс период од 3 години и каматна стапка која во моментов е околу 2,7 отсто. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија, а проектот ќе се имплементира од Агенцијата за државни патишта и Министерството за транспорт и врски и оперативната структура од Министерството за финансии.
ЕБОР со поддршка на овој проект, рече министерот, уште еднаш покажа дека Банката станува можеби најсериозен партнер на Република Македонија во реализацијата на крупни значајни инфрастурктурни проекти. Додаде дека динамиката на поддршка на Банката и одобрувањето нови кредити во последните една-две години е значајно засилена и оти се очекува поддршка и за нови проекти како што се гасификацијата и изградбата на железничката пруга.

Од вкупно 107 милиони евра од заемот од ЕБОР, 90 милиони евра се наменети за изградба на делницата Демир Капија – Смоквица, а 17 милиони за модернизација на постоечките патарини на Коридорот 10 и изградба на четири нови. За овој проект ЕБОР даде дополнителни 650 илјади евра за техничка помош.
Изградбата на автопатот, како што најави директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска, која го потпиша Договорот за имплементација на проектот, ќе почне во средината на наредната година и треба да заврши за пет години, а модернизацијата на патарините да почне на средина на наредната година и да заврши за три години.

На тендерот за изградба на оваа делница може да учествуваат домашни компании, но поради објавените правила тоа може да го направат само здружени во конзорциум, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски кој посочи дека ќе се направи обид да се променат критериумите, но доколку тоа не влијае на одложување на роковите.
(МИА)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top