Насловна / Арт и дизајн / Зошто Гленстоун е поинаков вид музеј?

Зошто Гленстоун е поинаков вид музеј?

Гленстоун e основан во 2006-та година од Емили и Мичел Рејлс и нивната непрофитна фондација, со визија да биде спој на уметност, архитектура и природа. Гленстоун  е верзија на 21-виот век на музеите како Фрик (Frick), Колекцијата Филипс (Phillips Collection) или Изабела Стјуард Гарднер (Isabella Stewart Gardner Museum). Со она што нуди, еквивалентен е и со зданијата како Наошима (Naoshima) во Јапонија и Луизијана (Louisiana) во Данска. Емили и Мичел Рејлс велат дека нивната визија е од Гленстоун да се создаде не само место, туку состојба на умот, создадена со енергијата на архитектурата, моќта на уметноста и закрепнувачките квалитети на природата.

Glenstoun2

Гленстоун е музеј на современа уметност и е сместен сред буен парк на површина од околу 120 хектари, во сојузната држава Мериленд, близу Вашингтон. Неодамна имав прилика да го посетам. Ме фасцинираа пространството, природната светлина – како фундаментален елемент на дизајнот, и креативноста на изложените уметнички дела.

Првиот објект на музејот е Галерија, проектиран од архитектот Чарлс Гватми (1938 -2009). Галеријата сместува изложби во извонреден простор и со тераса се отвора кон рибник. Замислена е да создаде дијалог меѓу уметноста и архитектурата, притоа беспрекорно интегрирајќи се во околината – потоците, тревниците, ливадите, шумите и езерцата.

Glenstoun3

Дванаесет години подоцна и за двесте милиони долари повеќе, Гленстоун е проширен со нов галериски простор наречена Павилјони. Ова проширување, отворено за јавноста во 2018-та година  е дело на архитектот Томас Фајфер, добитник на овогодишната Награда за архитектура на Американскиот архитектонски институт. Рафинираноста на просторот и, како што велат оттаму, промисленоста за секој елемент – од најмалиот детал, до начинот на кој како да се издига зградата од земјата, придонесува за едно уникатно искуство. Павилјони се збир на едноставни форми, кои се разликуваат по големина и пропорција. Содржат единаесет простории, а во девет е планирано да се сместуваат инсталации на по еден уметник. Во една од просториите вградени се инсталации на 52 уметника како дел од сталната поставка на музејот. Просториите се искличиво осветлени со природна светлина преку серија големи прозорци. Меѓусебно се поврзани со стаклени ходници кои гледаат на водата која ги опкружува во која има сезонски растенија.

Glenstoun4

Палетата употребени материјали, како цинк, гранит, не’рѓосувачки челик, овозможува архитектурата да егзистира во склад со опкружувањето и уметничките креации коишто датираат од периодот по Втората светска војна, наваму. Колекциите вклучуваат околу 1.300 слики, скулптури, фотографии и инсталации. Меѓу некои од славните имиња се Рут Асава, Линда Бенглис, Џексон Полок, Алберто Бури, Марк Ротко, Енди Ворхол и многу други.

Glenstoun5

Истоврeмено, вреди да се споменат и искуствата на некои од посетителите, кои реагираат со доза на резервираност кога станува збор за Гленстоун, како за уметноста, така и за просторот. За нив, амбиентот е апстрактен, а изолираноста, помалку непријатна. Секој, секако, има право на свое мислење.

Концептот на овој музеј е сосема поинаков од оној на Националната галерија за уметност во Вашингтон на пример, или други музеи сред урбан метеж и секојдневна динамика. Овде, целта е секој различно да го доживее она што ќе го види и чуе. Според мене, уметноста е неопходна во нашиот живот и лично, знам дека таа можеби не е доволна за да се решат сите светски проблеми, но сепак не можам светот да го замислам без неа. Во оваа оаза, барем за момент, ослободени сте од секакви грижи, се чувствувате добредојдено и релаксирано.

Glenstoun6

Гленстоун е отворен од четврток до недела, влезот е бесплатен, интересот е огромен, но посетите се ограничени на 400 лица дневно.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Фото: извор Гленстоун (Glenstone)

Glenstoun7

Glenstoun1

Glenstoun

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top