Додека во претходните броеви на Порта 3, урбанистичкиот концепт на „создавање места“ (анг. Placemaking) во Охрид беше разгледуван низ динамиката на летната туристичка сезона, овој текст го пренасочува фокусот кон зимскиот период, отворајќи го прашањето за активниот јавен простор надвор од вообичаените сезонски рамки.
- Вовед
Охрид е еден од најпрепознатливите туристички градови во Република Македонија, чиј идентитет и економија во голема мера се врзани за летната сезона. Во јавниот дискурс, но и во стручните анализи, градот често се перципира како дестинација со изразена летна динамика, а релативно „тивок“ зимски период. Ваквата перцепција, сепак, не ја отсликува целосно реалноста на градот, особено во периоди кога културните и верските настани и традиции стануваат двигатели на социјалниот живот и активирањето на јавниот простор.
Зимските празници Богојавление – Водици (19.1.2026) и Денот на рибарите (20.1.2026) претставуваат редок, но исклучително значаен пример на зимско „создавање места“ во Охрид. Во овие денови, градот покажува дека јавниот простор може да биде жив, динамичен и социјално одржлив и надвор од доминантната летна туристичка сезона. Преку спој на вера, традиција, гастрономија, музика и туризам, Охрид во зима нуди модел на „создавање места“ кој произлегува од локалната култура и од колективната енергија на жителите на градот.

Слика 1 – плажа Сараиште
- „Создавање места“ во зимски услови
„Создавање места“ во својата суштина претставува процес на зајакнување на врската помеѓу луѓето и местата. Станува збор за практика која се реализира тогаш кога локалните заедници имаат капацитет и ресурси активно да ги обликуваат јавните простори на начин што одговара на нивните потреби и го унапредува секојдневниот квалитет на живот (PPS, 2007). Во тој контекст, јавниот простор се третира како социјален и културен конструкт, создаван преку употреба, интеракција и колективно искуство.
Во туристичките градови со изразена сезоналност, како што е Охрид, „создавањето места“ најчесто се поврзува со летниот период, кога јавните простори се интензивно користени, програмски исполнети и економски активни. Зимата, напротив, често се перципира како период на намалена активност и „повлекување“ на јавниот живот во затворени простори. Ваквиот пристап, сепак, го занемарува потенцијалот на јавниот простор како платформа за социјална кохезија и надвор од главната туристичка сезона.
Зимското „создавање места“ претставува средство за реосмислување на начините на кои јавните простори се користат и доживуваат во зимски услови, со цел да се поттикне социјалната поврзаност и интеракција, физичката активност и бројните придобивки од живиот јавен простор во текот на целата година (8 80 Cities, 2021). Во таков контекст, климатските услови не треба да се третираат како ограничување, туку како фактор што бара поинаков, поосетлив и поинклузивен пристап кон просторната активација.
Во зима, особено значајна улога имаат традицијата, празниците, храната, музиката и колективните собири, кои делуваат како катализатори за активирање на јавниот простор (Ersoz, 2025; Egridere, 2025). Тие создаваат чувство на блискост, припадност и заедништво, што е особено важно во услови на намалена дневна светлина и ниски температури. Во такви ситуации, „создавањето места“ произлегува главно од нематеријалните практики и локални културни обрасци, отколку од просторни интервенции.
Охрид, преку зимските верски и традиционални настани, нуди јасен пример за ваков тип на „создавање места“, каде јавниот простор останува активен, атрактивен, динамичен и социјално релевантен, и покрај сезонските ограничувања.
- Богојавление – Водици: градот како жива сцена
Богојавление – Водици претставува еден од најзначајните верски празници во нашата држава, а особено во Охрид, со централна манифестација – положување на светиот крст во водите на Охридското Езеро и осветување на водата. Настанот традиционално привлекува голем број посетители, верници и туристи, но неговото значење не се ограничува само на самиот верски чин.

Слика 2 – церемонијата за Водици 2026
Во текот на целиот ден, градот функционира како отворена сцена. Кафулињата и рестораните се активни, градскиот плоштад е исполнет со настапи на локални музички групи и македонски изведувачи, а кејот на езерото, чаршијата, стариот град и плажите стануваат места на спонтани собири. Јавниот простор се користи флексибилно и инклузивно – луѓето се групираат на тревните површини, покрај езерото, пуштаат музика, играат оро и се задржуваат со часови на отворено.

Слика 3 и 4 – поставени тезги за делење пијалаци и храна низ градскиот кеј
Особено значаен е елементот на гостопримство: бесплатно се дели топла ракија и туршија, што во зимски услови претставува повеќе од гест – тоа е механизам за социјално поврзување. Гастрономијата овде функционира како спојник, кој ги зближува луѓето и го продолжува времето на престој во јавниот простор.

- Денот на рибарите: култура и традиција
Следниот ден, 20 јануари, во Охрид се одбележува „Денот на рибарите“, и претставува уште еден силен пример на зимско создавање места, со фокус на плажата Сараиште. Настанот започнува точно на пладне, со верски обреди, при што младите рибари скокаат со осветениот крст во ладните води на езерото, придружени со црковни песни. Овој чин има длабока симболика, поврзана со локалниот идентитет, традицијата и релацијата меѓу градот и езерото.

Истовремено со чинот на пеењето на црковните песни, плажата станува место на социјално собирање. Се приготвува и понудува бесплатна храна и пијалаци за посетителите, а музичкиот настан со староградски песни дополнително ја нагласува атмосферата на колективност. Јавниот простор овде функционира како место за активно учество, разговор, задржување и споделување.
Овој тип на користење на просторот ја надминува туристичката функција и создава чувство на припадност, како кај локалното население, така и кај посетителите (Lynch, 1960; Derett, 2004; Gursoy et al., 2004).

- Заклучок – заедничко создавање на просторот
Еден од најзначајните аспекти на овие зимски манифестации е начинот на нивна организација. Настаните се резултат на комбиниран ангажман на локалната самоуправа, невладини иницијативи и самите граѓани. Секој придонесува според можностите – со логистика, храна, музика, простор или волонтерска работа.

Овој модел на одлучување „одоздола-нагоре“ (анг. bottom-up) создава чувство на колективна одговорност и колективна сопственост над јавниот простор. Создавањето места во овој контекст не е институционално наметнат процес, туку практика која се повторува и се надградува од година во година.

Зимското „создавање места“ во Охрид укажува на неколку клучни поенти:
- Јавниот простор може да биде активен и без големи инфраструктурни интервенции;
- Културните и верските традиции се моќни алатки за просторна активација;
- Автентичните локални настани придонесуваат кон порамномерна туристичка и просторна динамика во текот на годината;
- Зимското „создавање места“ се темели на општествената одржливост.
Идниот развој на зимските манифестации во Охрид треба да се насочува кон внимателно збогатување на постојните просторни и содржински аспекти. Ова може да се постигне преку суптилни просторно-програмски интервенции кои ја зајакнуваат функционалноста на местото, без притоа да се наруши неговата симболичка и културна вредност. Примената на привремени микроинтервенции во јавниот простор може да го продолжи времето на престој и да го направи просторот попријатен за користење во зимски услови (Walljasper, 2009). Дополнително, јасното просторно поврзување на фокусните точки на градот во кои се одвиваат манифестациите (кеј, плоштад, чаршија, плажи) придонесува за подобра циркулација и читање на градот како целина, при што секоја локација го задржува сопствениот карактер и улога, а истовремено се валоризира постојното материјално наследство како значаен ресурс за „создавање места“.
Примерот на Охрид укажува дека зимското „создавање места“ се темели на општествената одржливост и способноста на жителите на градот да го активираат јавниот простор преку култура, самоорганизација и споделени вредности. Преку верските традиции, традиционалните собири и локалните практики, градот успева да одржи активен и значаен јавен живот и во период кога туристичката динамика е намалена. Во ваков контекст, „создавањето места“ се појавува како процес кој произлегува од локалната култура и од колективната меморија.
Автор: доц. д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.
- Библиографија
PPS (2007), “What is Placemaking?”, www.pps.org
8 80 Cities (2021), “Winter placemaking guide”, AARP, Washington D.C. USA.
Erzoz Denis N. (2025), “Designing for winter: strategies and practices in public spaces”, in: Demirel & Duzgunes (eds), (2025), “Landscape research V”, Livre de Lyon, France.
Egridere S. (2025), “Winter placemaking: turning cold cities into vibrant hubs”, www.tomorrow.city
Derrett, R. (2004), “Festival, events and the destination”, Routledge
Gursoy, D., Kim, K., & Uysal, M. (2004). “Perceived Impacts of Festivals and Special Events by Organizers: An Extension and Validation”, Tourism Management, 25, pp. 171-181.
Lynch, K. (1960), “The image of the city”, MIT Press.
Walljasper J. (2009), “Winter Cities Show Cold Weather Can Be Cool”, www.pps.org
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија