Насловна / Вести / Зградите, плоштадите и булеварите го загреаја Скопје

Зградите, плоштадите и булеварите го загреаја Скопје

Се повеќе говориме за тоа дека во Скопје секоја година е се потопло и потопло и дека ни недостасуваат зелени површини. Скопје стана еден голем урбан топлински остров. Причините за овој проблем се климатските промени кои се еден од најсериозните проблеми со кои се соочува нашата планета.

DSC08495

Скопје има природни услови (котлинска поставеност) со кои и онака е подложен на загревање, а луѓето во него дополнително ја зголемуваат температурата со градењето, зголемувањето на бројот на возила и несоодветното урбанистичко планирање.

Урбаната средина поседува карактеристики кои, во споредба со околните рурални подрачја, се разликуваат. Површините под вегетација, кои природно обезбедуваат сенка, ладење, задржување на атмосферската вода, со процесот на урбанизација се заменети со непорозни изградени површини. Тоа резултира со создавање урбани топлотни острови и промена на хидрологијата на урбаното подрачје, што води кон зголемено површинско истекување на дождовните води. Ако се земат предвид и климатските промени и екстремните временски појави, кои ваквите неповолни ефекти ќе ги засилат, постои итна потреба за развој и заштита на урбаната зелена инфраструктура. Заедничка цел треба да биде зелените урбани површини да бидат прифатени и ценети од граѓаните.

DSC08417

Се повеќе во градовите се забележува на некој напуштен зелен простор да никне зграда наместо тоа зеленило да се обнови и да се добијат повеќе бенефити за околните жители. Со изградбата на згради градовите се повеќе стануваат топлински острови.

Овие површини многу повеќе ја задржуваат топлината во споредба со природните екосистеми и руралните средини, кои се покриени од дрвја и вегетација и со тоа дополнително се оладуваат преку процесот на испарување на водата. Градовите, исто така, создаваат сопствена топлина, која се ослободува од извори како што се печки, климатизери и возила. Ефектот на климатските промени исто така, доведува до повисоки температури и подолги и почести топлотни бранови. Урбаните области кои веќе страдаат од ефектот на топлински остров ќе бидат во уште полоша ситуација поради овие климатски промени.

DSC08362

Отстранувањето на природно-зелената површина и нејзина замена со објекти кои повеќе ја впиваат сончевата светлина и создаваат дополнително затоплување се гледа секојдневно. Впивањето на сончевата топлина особено може да се забележи во текот на денот кога зградите ја апсорбираат таа топлина. Природниот ефект на ладење, кој пак го овозможува зелената површина, слабее поради нејзиниот недостиг.

СОСТОЈБАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје одамна е голем топлински остров, тоа го покажува и студијата „Урбани топлински острови во Скопје-Анализа и Акциски План“

Состојбата се должи на фактори како глобалното затоплување и глобалните климатските промени, на кои можеме незначително да влијаеме, но мораме да сме дел од заедничката борба на ниво на Обединетите Нации.

Професорката Дивна Пенчиќ вели дека локално факторите се најчесто поврзани со изградбата и пополнувањето на секој слободен простор во градот. “Во Скопје продолжува тенденцијата на поддршка на изградбата, потенцирајќи ја како важен економски двигател на државата, но секако на штета на јавното здравје, заложбите за подобра животна средина и справување со ризиците од затоплување и промена на микроклимата“, нагласува Пенчиќ.

Постојаното форсирање на пополнување на градот и желбата да се гради во најатрактивните делови од градот, сосема ја менуваат сликата на градот имајќи го предвид односот градба-отворен простор или градба-зелени простори (зеленило).

Но, Скопје генерално гледано, е прилично зелен град, вели таа.

Пенчиќ ја објаснува историјата на Скопје со идеите за зелен град. “Неговата изградба после Втората светска војна и катастрофалниот земјотрес 1963 е изведена по принципите на Модерна и се темели на идеите за сончан, зелен и со големи слободни простори град. Населбите како Карпош 1, 2, 3, 4, Автокоманда, 11 Октомври, Аеродром, Ново Лисиче се изградени со многу јавен отворен слободен простор, кој изобилува со многу зеленило. Градењето на големи и широки булевари, е исто така еден богат зелен елемент во градот. Дополнително концептот на систем на зеленило, долго време е клучен во креирањето на идниот развој и Генералните урбанистички планови за градот. До скоро се препознаваше концептот на зеленило кој го обединуваше градското со приградското и вонградското зеленило, кои заедно чинеа систем на зеленило кој тежнеел кон остварување на целните 100 метри квадратни по жител“, вели Пенчиќ.

IMG_20190528_082041

Но, во последните 20-тина години, додава таа, давајќи приоритет на изградбата, одредувањето на локациите се водеше главно на принцип на окупирање на јавните отворени зелени простори, кои се доживуваа како неизградени површини. Дополнително, имајќи предвид дека главно беа земјиште на Република Македонија, се покажаа како лесени за продажба. Од ова имаат повеќе чинители корист. Државата и општините видоа извор на средства за своите каси, а инвеститорите поевтино и полесно за трансформација и изградба. Со ова се изгубија многу отоврени јавни површини и зеленило.

Според професорката уште еден феномен придонесе кон т.н. „бетонизирање“ на градот, а тоа е една желба на транзициските градоначалници за себе промовирање преку изградба на плоштади. “Секој сакаше да направи плоштад по кој ќе биде запаметен, па секоја општина, секоја населба доби нова поплочена површина. Тие нови „плоштади“ најчесто беа изведувани на јавни отворени зелени прстори. Се чинеше дека се прави нешто благородно, уредувајќи ги тие големи зелени површини, а за ваквата идеја придонесуваше долгогодишната негрижа и запуштеност на тие зелени површини“, вели таа.

Трета состојба е и постојаната тенденција на проширување на улиците и булеварите и се разбира на сметка на дрворедите и уличното централно или странично зеленило. Сево ова придонесе градот се повеќе да го губи зеленилото, да се „бетонизира“, а со тоа и да стане потопол. Со апсорцијата на топлината големите површини на објектите, плоштадите и улиците, придонесоа за менување на микроклимата и кон дополнително затоплување на градот, нагласува професорката.

DSC08467

ЗЕЛЕНИ ОТВОРЕНИ ПРОСТОРИ

Колкава треба да биде зелената површина во Скопје е прашање за кое во последните години се повеќе се зборува. Професорката Пенчиќ вели дека прашањето на количеството на зелени површини е прашање кое во минатото се чинеше излишно и се почитуваа усвоените стандарди без притоа да се полемизира. “Денес станува многу актуелно и нема единствен став за тоа. Но, и понатаму останува потребата од обезбедување на зелени простори од микро кон макро ниво, односно од станбена заедница, градска четврт, градски реон, во рамки на границите на град, заедно со блиската и подалечната околина. Во светот, исто така, се лицитира која е таа потребна површина по глава на жител, но сега веќе се врзува со научни истражувања од областа на медицината и биологијата, социологијата и психологијата. Зелените простори се гледаат како фактор на обезбедување квалитетен живот на граѓаните, но и на сиот жив свет со поттикнување на биодиверзитетот и еколошката рамнотежа. Зелените отворени простори се гледаат и како места за социјализација и растење на здрава популација“, објаснува таа. Според неа докажано е дека одморот во отворените зелени простори влијае и на психата и желбата за соживот. Имајќи ги предвид сите овие потреби, зелените отворени простори, се повеќе стануваат главниот двигател во планирањето на идниот развој на градот и го одземаат приматот на изградбата. Оттука, визиите за градовите носат наслови: Зелен град, Еко-град, Одржлив град.

Природната геоположба на градот има улога во состојбите со затоплување на градот и колку градот има можност за обезбедување соодветни зелени простори. Скопје е во котлина и позната е состојбата на „топлотна инверзија“ и се бараат начини да се ублажат нејзините последици. Се истакнува дека загадувањето на воздухот само ја влошува состојбата и за тоа се преземаат мерки. Но, Скопје има добра позиција во однос на зелените простори, односно голема предност е близината на планините Водно и Скопска Црна Гора, но и другите околу Скопската котлина. Тука е и реката Вардар со своите притоки кои ако ги искористиме за зелено-сини коридори, значително може да се подобри состојбата.

IMG_20190527_130917

ПОМЕЃУ ЈАВНИОТ И ЛИЧНИОТ ИНТЕРЕС

Што и дали прават граѓаните за да придонесат да се намалат топлинските острови. Свесноста кај граѓаните е зголемена, но има ситуации и кога личниот интерес е поважен од оној на градот. Соња Дамчевска, член на мк-тимот на проектот ЕНВ-НЕТ и активист за одржлив развој со сите негови елементи, еколошки, социјален, економски и култура на живеење, вели дека свесноста кај граѓаните е зголемена, но сепак не е доволно само да се залагаат, туку и да го практикуваат истото. “Проблемите со топлотните острови во урбаните средини ги чувствуваме сите. Не е доволно само тоа да посадиме дрвја, потребни се поголема одговорност кон постојните јавни простори и негување на култура на одговорно однесување од најмал до најголем“, нагласува Дамчевска. Но, сепак, додава таа, кога ќе дојде до личен интерес, односно сопствениот плац да се даде за да се гради нова зграда, а од тоа да се има личен интерес, тогаш интегритетот за ставовите се губи некаде по патот, вели Дамчевска.

ГРАДОТ ВО ГОДИНИТЕ ШТО СЛЕДАТ

Скопје и натаму продолжува да станува полош за живеење и со полоши еколошки перформанси. “Секој детален урбанистички план, преку кој се насочува идниот развој на градот, е полн со услови за узурпирање на зелените отворени простори, проширување на улици, преизграденост. Ако овој тренд продолжи и сериозно не се ревидираат плановите, состојбата само ќе се влошува. Но, охрабрувачки се преземените обврски на Градот Скопје со стратегиите и акциските планови за зелен град и отпорен град во кои има сериозни насоки за подобрување на состојбата на градот“, нагласува Пенчиќ.

env-net-logo

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top