Насловна / Архитектура / Кажувања на отворениот час „Во чест на професорот Георги Константиновски“

Кажувања на отворениот час „Во чест на професорот Георги Константиновски“

По повод големата загуба што се случи за архитектурата на нашата земја, смртта на професорот Георги Константиновски, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 16.12.2020 организраше отворен час „Во чест на професорот Георги Константиновски“. На часот говореа повеќе професори и асистенти од АФС, негови студенти, колеги, соработници, вљубеници и почитувачи на делото на професорот. Ви ги пренесуваме кажувањата на професорите на АФС во чест на професорот и на други негови почитувачи и колеги.

4_resize

Георги Константиновски и неговата Лествица

Минас Бакалчев и Виолета Бакалчева

Посакувам да ја немав ова можност. Отиде големиот учител, големиот „столпник“ на македонската архитектура. Ми беше учител: учев од неговите зборови, учев од неговото дело, но највеќе учев од него, од него самиот, од неговата посветеност, неговото тихување, неговиот хумор, неговите гестови, начинот на кој седеше втурнат во цртежите, како стоеше, како раскажуваше, како предизвикуваше, од неговиот занес, неговата аскеза.

Тој секогаш го предизвикуваше воспоставеното, го предизвикуваше на  еден субверзивно креативен начин и со тоа даваше потпора на творечкото, на неговата слобода, на  волјата кон творењето. Неговото дело го направи пресвртот на архитектурата во 1960-тите, новата идеја,  новите форми, новите материјали, но  секогаш ги сведуваше на едноставни функционални/економски/психолошки описи, генеративни дијаграми, а кои всушност ги поместуваа границите.

4H5A7365_resize

Архивот, како да беше од друг свет, „за на Месечината“. „Не знам дали сум ви ја кажувал приказната за Архивот“ ќе отпочнеше професорот: „Брат ми беше директор на Архивот, работеше во бараките, кај Кино ’Карпош‘. Еден ден ми вели, ми дадоа  пари за нова зграда 100 милиони динари. Му велам ќе направиме нов проект, и го правам новиот проект и макета правам. И сабајлето му го носам. Ова е проектот, вели, одиме одма кај градоначалникот. А градоначалникот, Љупчо Ставрев, го гледа проектот, рече, ова е Архивот,  леле, одиме одма кај Пота, а Пота главниот во урбанизмот, го гледа и вели ова не е за на Земја, ова е за на Месечина.“ Така настана проектот, претставуваше на некој начин „бомба“, новина во проект, во идеја, во архитектура.

„Човек не треба да се помири со тоа што го гледа, она што постои, туку да го поттикне напред. Тоа што го гледа треба да го унапреди, усоврши, да го поттикне напред – тоа што го гледа. Значи не е доволно само да го репродуцираш тоа што постои, туку да го надградиш тоа. Да видиш што е тоа,  што може да го дигне нивото на тоа што постои? Тоа ми се чини на некој начин е шифрата на архитектурата, за сè што било и за сè што треба да се проектира“ ќе каже Константиновски.

4H5A7409_resize

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и денес предизвикува интерес за формата, расчленувањето на масите и потоа нивно поврзување, допирот, но уште повеќе за тајната на геометриската матрица. Но во основа тоа е приказна за собата, за една мала скица со која почна проектот: „Mожев да наредам кревети и масиче и две столици онака како што се прави, но тоа не е тоа, тоа го прават сите. Како ти се чувствуваш тамо, ако карши  твојот  кревет има друг кревет, колега што спие, а го гледаш ноќно време, прави гримаси со лицето, лиги му течат (покажува со гест)… не е тоа решење,  бараш друго решение.“ И понатаму Константиновски ќе додаде: „Никогаш не сум се помирил со класичното, со тоа што постои, туку како ти се чувствуваш тамо, тоа е број еден во проектирањето…“

Секој објект/проект отвораше нови хоризонти, „секој проект е како нова книга“,  потоа Разловци, одеднаш повторно куќа но една архи куќа, една пресечена куќа, каде што може да се собере цело село. Стоејќи на широкото плато пред Спомен-домот на Разловечкото востание ќе зборува за просторниот тек на објектот. И потоа искачувајќи се низ тесните, благо изместени скали, нè водеше кон широкиот покров на горната репрезентативна просторија на катот, конкретно искусувајќи ги неговите зборови за  внатрешното просторно доживување, за потребата од контрапункти, контрасти, од стеснување и ширење на просторите низ кои минуваме, од тесниот простор коj води до внатрешната просторна експлозија на катот. Така во секој објект како да го повторуваше патот низ Пропилеите на Акропол и контрастниот ефект на тесната патека која драматично се отвора во еден голем простор, внатрешен или надворешен.

Се спротивставуваше на догмите, поточна на стереотипите кои се маскираа во догми. Прозор над када, зошто не, за оние што се како мене да можат да пријдат до него, скоро пластично го демаскираше митот. Слушајќи го него, и гледајќи ги сликите низ кои се движеше во неговите пустоловини, во темнината на  амфитеатарот, за прв пат ми се чини се разведри и се отвори  архитектурата, од маглата на архитектонската схоластиката, која нè опкружува. Архитектурата стана нешто лично, една лична авантура, лично искуство на гледање, доживување, мислење и правење, речиси како детска игра. Предизвикот на партија шах на сопственикот на куќата на Рајт, за да се отвори патот кон неа. Да тоа е таа личност кој кажуваше дека може и поинаку. Кој можеше да ја замисли пирамидата, и серијата научнофантастични мегаструктури како приказни и тоа да му стане опсесија, секојдневие за многу години и децении.

Неговиот живот поврза многу личности, многу места и настани,  многу епизоди, како филмска приказна: Eлитата на светската архитектура, Пол Рудолф, Сергеј Чермајев, Винсент Скули, Филип Џонсон, Јо Минг Пеи; личностите на сивото социјалистичко секојдневие; неговото школување како дете во Бугарија; потоа неговото самоусовршување на литературниот јазик преку читање на весникот „Нова Македонија“; улиците во Битола; неговиот дедо Павле и баба Велика; браќата Душан и Милош; неговите најрани сеќавања на прерано починатите родители Христина и Христо, и уште порано, заветот на побратимите, војводите Георгија Павлов-Чуранов и Павел од Смилевската комуна; и повторно, Роберт Кенеди, приемот во Сенатот во Вашингтон; просветените партијци и функционери од шеесеттите; првите средби со неговата сопруга Злата, студите на архитектура во Скопје во тогаш сè уште незавршената зграда; праксата во Израел; студиите на Јејл; копнежот кон неговите синови Самомир и Валентин; и трката по влажната калдрма на битолските улици, трчав по цел ден, бев лесен како „перце“.

Но во сето тоа и низ сето тоа неговата волја за творба, за архитектура создаде и создаваше еден свој педагошки модел, на парадигма, на архетипска слика на една школа, со еден човек кој сè уште не знае дека е учител, зборувајќи на луѓето околу себе и пред да знаат дека се негови ученици. Прво неформалниот андерграунд со Зорица, долгогодишна придружничка во архитектурата, Тихо и другите од тој круг, па потоа, неговиот втор дом, Кабинетот на станбени згради на  Архитектонскиот факултет со прозорецот кој свети долго во ноќта, долж „Партизанска“, а тој самиот го осветлуваше патот на многуте студенти и тоа го правеше со исклучива предаденост до „последниот здив“. Но она што навистина го твореше е личноста на архитектот, секојдневно, пред сите нас, со  неговото секојдневно искачување, кон совршеното, неговата Лествица.

рр_resize

Просторни секвенци на искачувањето: 1979/1981, Спомен дом на Разловечкото востание, Разловци, од посетата во 2018.

Трајно место во трезорите на македонското наследство

Зорица Блажевска

Како студент имав привилегија да учам како се работи архитектонски проект во архитектонското ателје АНДЕРГРАУНД директно и изворно од професорот Константиновски. Како дипломиран архитект имав привилегија да станам негов близок соработник, како во образовната дејност така и во професионалната пракса.

Денес чувствувам тага, но и одговорност и потреба да зборувам во чест и спомен на личноста и делото на Константиновски. Денес говорејќи за Константиновски говориме без сомнение за еден од најголемите и најзначајните архитекти, великани на просторите на Република Македонија, југословенските простори и многу пошироко, за периодот од втората половина на XX век и првите децении на новиот милениум.

Константиновски како студент на првата генерација студенти по архитектура на Техничкиот факултет во Скопје дипломира во 1956 година, со највисок просек во генерацијата. Неговиот богат професионален пат започнува во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје.

_DSC0511_resize

Својата академска кариера ја гради на отсекот за архитектура при Техничкиот факултет во Скопје, 1958, како асистент на предметот Проектирање на станбени и угостителски објекти, кај познатиот архитект и професор Јован Ранковиќ од Белград. Кариерата ќе ја круниса со стекнување мастер диплома во Школата за уметности и архитектура при Јејлскиот универзитет, во Њу Хејвн (1965). Стекнатото искуство и образование за време на престојот во САД, праксата во ателјето на познатите светски имиња Пол Рудолф, Сергеј Чермаев, Јо Минг Пеј, ќе имаат значајно влијание врз поставувањето на неговата филозофска линија во творештвото и феноменологијата на градбите.

Архитект Георги Константиновски како исклучителен педагог беше сакан и почитуван од студентите. Ги пленеше со својата харизма и жарот со кој зборуваше за архитектурата. Ги освојуваше уште на првото воведно предавање на предметот Проектирање на станбени згради, проследено со проекции од референтни семејни куќи од американска почва, кои беа посетени лично од Константиновски. Говорејќи за сложеноста  и таинственоста на процесот на проектирање, за целите, задачите и одговорноста на архитектот, за цивилизациското и културолошкото значење на архитектурата за еден народ и една земја, предизвикуваше вистинско воодушевување кај студентите. Тоа беше нивната прва средба одблизу со архитектурата и обид да се разбере значењето на професијата и одговорноста што ќе им биде доверена во иднина, како творци на архитектурата.

Архитектонското творештво на Константиновски следено во 60-тите години на минатиот век, па сè до денес, несомнено одбележа значаен период од создавањето на современата македонска архитектуа и мисла. Неговиот творечки пат започнува величествено со Историскиот архив на град Скопје, 1966, антологиска градба, со силно избалансирани композициски карактеристики.

Потоа следуваат низа референтни градби: Домот за рекреација и одмор на пензионерите и трудовите инвалиди, Катлановска бања, 1967; Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Скопе, 1969/1970; Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Скопје, 1978; Струмичко-повардарската епархија, Велес, 1983 и уште многу други. За овие реализирани градби, добро познати на архитектонската и пошироката културна јавност, и надвор од границите на југословенските простори Константиновски има освојувано највисоки републички и државни награди.

Архитектурата на Константиновски е критичко редефинирање на модерната, а со својот феноменолошки интензитет и преокупација со техничко-технолошките новитети, отвори нов дискурс во современата македонска архитектура. Во неговото творештво препознаваме филозофски теми и аспирации, различни композициски стратегии и постапки на обликување. Додека објектите изградени во периодот по доаѓањето од САД се карактеризираат со остро фокусирана поетска инвенција, и структурна и просторна, во подоцнежните градби се надѕира стремежот на Константиновски во исто време да се биде и современ и на изворите на архитектурата. Видлива промена во творештвото се забележува и во мерката и во изборот на материјалот. Чувството на Константиновски за материјалот постигнува високото ниво кај објектите изведени од природен бетон во фина линиска структура, особено во екстериерите. Неговите дела претставуваат значаен придонес за материјалната култура на земјата, а со своето архитектонско значење и уметнички вредности, си обезбедија трајно место во трезорите на македонското наследство.

Screenshot 2020-12-24 131545_resize

„Сју Рајдер“ – Скопје

Творештвото на Константиновски е перманентно проследено со архитектонските студии и истражувања, чија основна тема е домувањето. Значајни се неговите студии за високите станбени структури, како градби на иднината, од 80-тите години на XX век (Пиранса, Пирастела и Пирадонија). Овие структури претставуваат акт на длабоко авторско промислување и копнеж за создавање похуман и подобар свет во густо населените градови.

Архитект Георги Константиновски помина огромен и значаен пат со брзина и успех со којшто само светски реномирани архитекти може да се споредуваат. Беше личност со посебна харизма, немирен дух, педагог, визионер, неуморен истражувач, публицист, акварелист со непогрешлив осет за пропорција и композиција, неимар на современата архитектура. Просторот е медиум што го окупира неговиот креативен потенцијал и неговата посветеност блиска до фанатизам.

Творештвото на Константиновски денес запре, но неговите историски референци, културолошко значење и уметнички вредности, подложни се на меморирање, субјективно доживување и вечно траење… Георги Константиновски живееше за архитектурата. Архитектурата беше неговиот живот!

Од професорот Константиновски научив како се сака професијата, што значи добра архитектура, научив колку е голема одговорноста на архитектот како креатор на архитектурата и светот. Научив како да се биде чесен и добар човек!

Вистински педагог во секој свој гест

Влатко П. Коробар

За професор Константиновски и досега, а и денес со право беа искажани многу зборови за исклучителното место што тој го зазема во модерната архитектура во Македонија, но и во модерната архитектура на Југославија, зашто своите најплодни творечки години тој ги проживеа на една сцена многу поширока и многу покомпетитивна од денешната архитектонска сцена кај нас.

Со појавата на проф. Константиновски, македонската архитектонска сцена не беше повеќе иста, а таа нема да остане иста и со неговото заминување. Зашто тој на повеќе начини се вгради себеси во македонската архитектура. И како градител и како педагог и како истражувач.

Ќе си ја дозволам слободата да споделам неколку лични сеќавања поврзани со професорот. Важноста на неговите авторски дострели многу рано беше препознаена и вон границите на земјата. Бев студент кога рускиот архитект Владимир Николаевич-Белоусов побара да му испратам фотографии од делата на проф. Константиновски за неговата книга за современата архитектура во Југославија издадена во Москва, прва книга која воопшто се занимаваше со современата југословенска архитектура. Проф. Константиновски беше еден од двајцата македонски архитекти вклучени во книгата.

Прескокнувајќи децении, кога како соработник на списанието за новата европска архитектура „А10“ испратив поширок избор на објекти од шеесеттите и седумдесеттите години што можеа да бидат дел од рубриката „Out of obscurity“ или „Вон заборавот“, уредниците се одлучија за објектот на Архивот на град Скопје. Неговата денешна состојба беше причина тој избор да биде заменет со Студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој подоцна беше објавен во списанието. Студентскиот дом е и на корицата на книгата Modernism in-between издадена во Берлин, која е посветена на југословенската архитектура. Делата на проф. Константиновски се доказ дека вистинските вредности лесно го наоѓаат патот вон тесните локални меѓи. Проф. Константиновски ја наслови својата пристапна беседа во МАНУ, „Трите мои бисери“, мислејќи на Архивот, Студентскиот дом и Спомен-домот во Разловци. Но, тие се несомнени бисери и на македонската модерна и недвосмислено препознаени и во светот.

Ништо помалку од архитектонското творештво, не е значаен ниту истражувачкиот труд на проф. Константиновски кој редовно и по своето пензионирање, секојдневно беше присутен на Факултетот од што произлегоа неговите книги за градителите во Македонија. Тој не само што оттргна од заборав некои објекти кои денес веќе ги нема или се непрепознатливи, туку зад секој објект постави име и лик на автор кој стои зад него. Со овие книги проф. Константиновски го исполни долгот на својата генерација која твореше во еден пресвртен период, и која стоејќи на преодот помеѓу генерациите од кои тие учеа и генерациите на кои им беа учители беше најповикана да ја исполни големата празнина во документирањето на македонската архитектура. Подеднакво акрибично, како што ја создаваше сопствената архива, тој ги создаде и овие книги од исклучително значење. Тие имаат непроценлива вредност како граѓа врз која ќе се темели секое идно промислување на дострелите на македонската архитектура.

На крајот, дозволете ми неколку цртички од моето лично доживување на проф. Константиновски како педагог. Ја имав среќата да студирам во период кога голем дел од младите доценти на Факултетот се беа вратиле од Европа и Америка, па, на пример, проф. Најденов нѐ соочуваше со Кристофер Александер, а проф Константиновски со делата на Филип Џонсон, Пол Рудолф, И.М. Пеи и други, и тоа низ призмата на непосредното сопствено доживување на таа архитектура што им даваше посебен белег на предавањата, откривајќи ни детали и решенија кои само непосредниот контакт со едно дело ги овозможува. Сè уште ги паметам и посетите на тогаш актуелните објекти на Архивот и на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во придружба на професорот и неговите коментари. Тој не се воздржуваше да ни ги открие сопствените дилеми во текот на проектирањето, отворајќи ни го тој процес и дилемите што стојат на патот до реализираното архитектонско дело. Така тој нѐ ослободуваше од стравот од нашите сопствени дилеми, или ни ги правеше барем поприфатливи. Беше член на Комисијата за одбрана на мојата дипломска работа. По одбраната ми понуди да се придружам на конкурсниот тим кој тој го раководеше за проект за станбена населба во Изола во Словенија. Така, за него ме врзува мојот прв вистински ангажман во струката, сведоштво за неговата подготвеност да им даде шанса на младите и вон школските клупи. Кога добив награда за еден мој објект, проф. Константиновски се појави кај мене во кабинет и ми подари технички молив како симболичен знак на поддршка за мојата работа. Тој беше вистински педагог во секој свој гест. Вистинскиот педагог не ја завршува својата работа со последниот час. Тој е педагог цел свој живот. Токму таков беше проф. Константиновски. Таков живее и ќе живее во нашите сеќавања.

Човекот кој се качува по скали

Митко Хаџи-Пуља

Сеќавањето е основниот услов на постоењето. Сеќавајќи се ние постоиме, присуствуваме. Сеќавањето на драгите личности, личностите врз чијашто заложба и доверба сме се изградиле има особено значење заради вредностите кои од нив сме ги научиле. Вредности, кои тие директно ни ги пренеле и оставиле понатаму да ги негуваме. Во состојба кога присуството станува релативна категорија, сеќавањето на вредностите е апсолутна потреба.

unnamed_resize

Се сеќаваме за нашиот драг професор, архитектот Георги Константиновски.

Ќе го паметам како секој ден со Прометејска посветеност, тивко се качуваше по истите скали на Архитектонскиот факултет. Тивко и сигурно. Се качуваше кон своите студенти, кон својата работна келија, својата работна маса, работниот цртеж, дело. И во нив, како да исчезнуваше. Така, секој ден одново, мистично, повторно само се качуваше. Никогаш не го видов да слегува.

Ќе го паметам по тој негов копнеж кон вертикалата. Онаа битијна вертикала, која беше очигледна и во неговата телесност, и во телесноста на неговите архитектонски простори. Како да беше илустрација на мислата на св. Григориј од Ниса, кој вели дека: „Обликот на човекот е исправен, и тежнее кон небото, и тој гледа нагоре“.

Ќе го паметам по поуките од неговото дело, од неговите архитектонски објекти. Иако, навидум првиот впечаток го создава нивната фигура со нејзиниот недвосмислен копнеж по вертикала, од друга страна нивната планиметриска предлошка претставува длабоко рефлексивна комплексна текстура од симетрии и средишта, „орнаментален“, извезен простор. Таа специфична тектоника, тој ја генерира од традициите на македонското културно траење, низ повеќе хоризонти. Најдиректно тоа се рефлексии од традиционалните македонски везови, средновековните, византиски иконографски теми, и на нив претходните антички мозаици, па сè до предисториските супстанци. Неговите структурални теми во симболичка смисла имаат јасна цивилизациска, но и локална, митопоетска порака. Тоа е особено видливо во неговата изобразба на архетипската тема „Куќа“, македонска куќа, куќата на македонската борба во Разловци.

Професорот Георги Константиновски напиша книга за „Градителите на Македонија“ и со тоа најдобро се опиша себеси.

Благодарност и вечен спомен.

Професорот Констатиновски, како и неговата архитектура беше иконичен лик

Огнен Марина, декан на АФС

декан на Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Денес, ја имаме тажната прилика, но и огромна чест да се присетиме на проф. Константиновски и неговата улога како архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Профeсор Константиновски ја имаше улогата на авангарда во архитектурата и образованието на архитектите во Македонија. Оваа улога на првенец во многу работи му прилегаше, а тој тоа го демонстрираше тивко и ненаметливо низ целиот свој живот.

Тој беше член на првата генерација студенти на Архитектонскиот факултет во Скопје и е меѓу првите стипендисти на американската влада во постземјотресното Скопје.

Тој е прв студент од Македонија на архитектура на Јејл универзитетот во САД, како студент на Пол Рудолф и Сергеј Чермаеф и меѓу првите кои го донесе брутализмот во архитектурата во Скопје и во Македонија.

Тој е меѓу првите архитекти кои, водени од искуството во САД, отворија свое проектантско студио, луцидно и провокативно насловено „Андерграунд“ студио.

Во периодот од 1987 до 1989 година тој беше декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ.

Тој е меѓу ретките архитекти кои се чувствуваа доволно самоуверени да ги соберат и публикуваат делата на другите архитекти во историјата и современоста на Македонија.

Проф. Констатиновски, како и неговата архитектура беше иконичен лик.

Тој, како и сите луѓе од негов формат, поседуваше огромна широчина на неговата личност, самоуверен во сопственото знаење и креација. Токму поради тоа, тој секогаш беше отворен за сите свои студенти, млади колеги и соработници. Секогаш заинтересиран за архитектурата, тој ги охрабруваше да бидат уште посмели, уште поавангардни, уште повеќе посветени на својата работа. Безброј колеги се среќаваа со проф. Константиновски, претставувајќи му ги нивните идеи, согледувања, желби и проекти, сè со цел низ разговорот со професорот да откраднат макар дел од неговата големина, од неговото знаење и неговото значење.

Токму поради тоа, и денес ќе слушнете безброј сведоштва на многу колеги кои професор Константиновски ги сослушал, ги посоветувал и ги охрабрил и сите тие ќе ви кажат за тоа незаменливо чувство, како, низ таа позајмена големина, низ тоа позајмено значење, само поради можноста да разговараат со професорот, и тие се почувствувале големи и самоуверени во својата важност и значење.

Тоа може да го чинат само вистинските автори и вистинските професори. Да им овозможат на своите студенти и соработници да се чувствуваат подобро, поголеми, покреативни, инспирирани од големината на неговиот авторски и интелектуален капацитет.

Тоа е суштината на секоја академска средина.

Затоа денес се поздравуваме со професор Константиновски и јавно кажуваме дека овој дух, оваа широчина на личноста, оваа интелектуална отвореност и креативна големина сè уште живеат на Архитектонски факултет и дека и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме.

Почитуван професоре, Вашиот час и понатаму трае!

Слава му!

17629789_1210081682402625_8421915162954663449_n_resize

За мојот почитуван учител

Саша Тасиќ

Професорот Георги Константиновски е исклучително важна личност во светот на архитектурата, така да нема архитект или студент по архитектура на овие простори кој не се сретнал со неговите дела, неговите изведени објекти, објавени книги или напишани зборови.

Професорот Георги Константиновски секогаш имаше смисол за она што е актуелно и современо, и притоа беше љубопитен творец кој реагира на предизвиците на времето.  Поради тоа тој спаѓа во најмодерните наши македонски архитекти. Изворите на својата модерност со креативе занес ги изнаоѓаше во примерите на големите светски градители, и спремно ги прифаќаше сите предизвици на времето во кое живееше и ја создаваше архитектурата.

Професорот Георги Константиновски е личност која на младите генерации ќе биде узор, неговиот збор и понатаму ќе има големо значење, важност и тежина меѓу колегите архитекти а за пошироката јавност ќе претставува синоноим за архитектурата која вечно ќе трае низ неговите дела.

Неговото дело како клучна референца на нашиот современ архитектонски идентитет

Александар Петановски

Четврток, 16.12.2020, 11:00 часот, од кабинетот на професорот Георги Константиновски. Отворен час во рамки на тековниот термин на предавање по предметот Архитектонско проектирање на станбени згради и колективно домување. Отворен час во негова чест, за сите оние кои што го познавале неговото дело и личност.

Моментите, искуствата и разговорите поминати заедно со професорот Константиновски, во неговиот кабинет, во неговиот дом, како и на заедничките студентски патувања за мене се непроценливо значајни. Гледајќи го неговиот став и следејќи го неговиот сталожен говор, кај мене предизвикуваше восхит, уживање и спокој. Имав шанса да учам директно од него, но исто така и низ него, во едно трансцендентално патување низ неговите кажувања за искуствата и работата со низа големи светски архитекти.

Верувам дека често ќе се навраќаме на неговото дело како клучна референца на нашиот современ архитектонски идентитет. Делото на Георги Константиновски е безвремено; преку неговата прагматичност и истрајност на проектот, до суптилната возвишеност на една херојска архитектура.

Ви благодарам професоре!

Koha-kur-ekzistonin-tri-gazeta-Rilindja-Jedinstvo-dhe-Tan_Prishtina-e-Vjeter-FB-1_resize

Дом на печат, Приштина

Го посеа семето за стотици нови големи архитекти

Марија Петрова

Професорот Константинвоски живееше скромнo, не напушти тивко, а неговотo заминување одекна гласно. Кога велам дека беше скромен, мислам на неговата несебичност да другарува со секого од секоја генерација. Јас се дружев со професорот навидум кратко кога ќе се земе предвид неговото долгогодишно творештво.

Константиновски ја прероди македонска архитектура носејќи ја визијата за новиот свет на својот грб преку Атлантскиот океан. Jа спушти тука на оваа парче земја, ја обработи во своите неповторливи дела и им ја пренесуваше на овдешните архитекти. Ние никогаш повторно не можеме да го преминеме океанот кој тој го помина, затоа што ваквите големи патувања повеќе и не постојат во современиот свет без граници. Меѓутоа во секој миг од нашето секојдневие можеме повторно го посведочиме неговото патување, присетувајќи се на тоа како Константиновски го премости зародишот на современата македонската архитектура со нејзината сегашност.

Денес архитектонската фела е помала за еден голем архитект. Но тоа отсуство нема да прерасне и во заборав, затоа што Константиновски на оваа плодна почва го посеа семето за стотици нови големи архитекти, најпосле тој  е професот на сите мои професори, а со тоа и на нивните идни генерации. Неговата неуморност, борбеност, жилавост и погледот секогаш впрене во идината, треба да бидат водилка на патот на секој еден архитект. За да на крај увидиме дека она што нам ни преостанува е да го штитиме ликот и делото на нашиот великан, бидејќи неговата единственост и единственоста на неговите објекти од сега па понтаму е само во наши раце и на наша совест.

За вљубеникот во архитектурата, уметоста над уметностите.

Вечна слава професоре!

images_resize

ИЗИИС, Скопје

Сила, јадро и ѕвезда – на архитектурата

Проф. Д-р Мирјана Лозановска, Универзитет „Дикен”, Мелбурн, Австралија

Ќе се сеќаваме на професорот Георги Константиновски како сила, јадро и ѕвезда – на архитектурата, на Македонија, но уште поважно, на човештвото – да бидат мерило само неговите професионални дострели би ја превиделе димензијата на личноста која е неизмерна. Неговата енергија е бесконечна и неговиот дар и понатаму ќе резонира.

Пред неколку години професорот Константиновски ми ја покажа неговата лична архива во неговиот дом, која се надевам сега е зачувана во Академијата на Науки и Уметности (МАНУ). Имаше редови и редови на беспрекорно асемблирани, ревидирани, индексирани и референцирани документи. Неговата архивата ја илустрираше силата и големината на неговото творештво, резонирајќи со неговата енергија и иако тие дела се комплетирани, незавршена  останува нарацијата во нивниот придонес. Тоа е неговото наследство. Во тоа време му направив интервју. Оваа обемна импресивна архива чека научник или двајца, кој би имал пола од трпеливоста на Константиновски за да ги согледа, толкува, контекстуализира и пишува за неговите дела.

Бидејќи не сум дел од Архитектонскиот факултет од Скопје, мојата перспектива е онаа на странец, или попрецизно, странец од македонската дијаспора. Имаме чуено дека Константиновски бил роден во Битола, делумно школувал во Бугарија, делумно во Скопје, како и на Универзитетот Јејл во САД. Со самото тоа, неговиот пристап кон луѓето, кон архитектурата, како и неговата улога во архитектурата во Македонија е онаа на странец, во смисла на капацитетот да  се биде љубопитен, отколку да биде обземен од парохиските хиерархии и статусно ориентираното мерење на светот и луѓето. Токму со овој став ме пречека и поздрави професорот Константиновски во 1988 година, на стручно патување за потребите на мојата докторска теза, кога пристигнав на Архитектонскиот факултет во Скопје. Во тоа време тој ја вршеше функцијата на декан и беше веднаш љубопитен. Веќе за кратко време бев на автобус и започнав обиколка на македонската архитектура во Велес, Струмица и Штип. Константиновски ја отвори вратата на еден странец, како и на младите архитекти во кои гледаше искра. Неговиот “отворен” пристап беше можност за многу непланирани разговори. За мене ова беше истовремено почеток на едно од  најважните пријателства со Зорица Блажевска, Минас Бакалчев и Гоце Аџи-Митревски, подеднакво важни во мојата работа и интерес за македонската архитектура.

Работната етика на Константиновски беше неверојатна. Повеќе од љубов кон неговата професија, љубовна врска, страст за архитектура. Да, одеше во неговиот кабинет секојдневно, многу години по неговото официјално пензионирање. Секој пат качувајќи се по трокраките скали до неговиот кабинет. Тука, како и дома, тој работеше на тековните задачи, во последните години тоа беше компилација на неговите дела, на крајот објавено како книга “Патот на еден архитект”. Во 2018, сомневајќи се дека ќе биде во неговиот кабинет, го посетив, за последен пат. Тој секако ме поздрави со покана за кафе и како и секогаш, проследено со комична опсервација за себе и светот.   Неговиот хумор беше ексцентричен, откривајќи едно друго, поинакво гледиште на светот. Тој имаше своја машина за кафе и никогаш не се заморуваше да ги послужува своите гости. Ние разговаравме.

Трите тома на “Градителите во Македонија” се дополнително важно дело – човек ќе се запраша “како и кога успеа тоа да го направи”? Но Константиновски методолошки собираше материјал од голем број архитекти и во една структура од по две реченици за архитект, вклучително и архитекти од дијаспората, произведе извонредна слика за македонската архитектура. Ова дело открива дека тој не само што не ги заборавил своите корени, туку бил подготвен да ги презапише, да изгради темели на историјата на македонската архитектура. Токму оваа витална тензија помеѓу идејата за “корените” и “патот” е тоа што го илустрира патувањето на архитектот. Исто како што патешествието на една личност никогаш не е само хронолошко, за Константиновски претставува враќање на почетоците на македонската архитектура, длабоко идентификувана кај градителите-мајстори, како и кај неговите најбрилијантни архитектонски концепти. Како и да е, целеше кон иднината, непозната, но ја постави патеката по која треба да се оди.

Неговото дело ја сочинува силата на неговата уметничка и архитектонска визија и самата манифестација – останува на нас да ја зачуваме,  конзервираме и одржуваме. Овие три тома го артикулираат творештвото на Константиновски. Тоа е нашето наследство. На нас останува да го достигнеме ова наследство.

Благодарам, вечен спомен, Професор Георги Константиновски

стип_resize

Архив на Штип

Тивкиот, но моќен бренд на македонската култура

Мишко Ралев, декан на УАКС и Претседател на ААМ

Со тага ја примивме веста дека нашиот почитуван професор и драг колега архитект ГЕОРГИ КОНСТАНТИНОВСКИ, великанот на македонската архитектура засекогаш не напушти. Но, велат архитектите никогаш не умираат, тие продолжуваат да живеат по рабовите и влабнатините на своите згради споменувајќи за времето, луѓето и настаните што го одбележале градењето. Велат професорите не заминуваат, одекот на неговиот секогаш смирен и одмерен говор засекогаш ќе остане заробен помеѓу студентските клупи и табли, а неговата Да Винчиевска силуета повремено ќе се наѕира на прозорецот на неговиот кабинет за оние промислени набљудувачи. Велат и дека вистинските луѓе не умираат, тие живеат во вистините кои ги оставаат зад себе.

Со објектите: Архивот на Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, палатите „Унија“ и „Кузман“, Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци, Меморијалниот музеј „АСНОМ“ во Пелинце, Домот на печатот во Приштина, Константиновски завзема посебно место во аналите на југословенската и македонската архитектура. За своето творештво беше наградуван со највисоките професионални награди во Југославија и во Македонија, меѓу кои се Борбината награда, Гран при на БИМАС, и наградата за животно дело „Андреј Дамјанов“ со што се приклучува на Архитектонската академија на ААМ. Од 2007 година тој беше дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите (САЗУ), а во 2015 година е прогласен и за почесен на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Сепак, сите овие квалитети не беа доволни тој да стане и редовен член на МАНУ, како и низа негови претходници.

Професор Константиновски беше драг и искрен пријател на факултетот за архитектура и дизајн, и чест гостин на нашите изложби и настани кои со внимание ги следеше и често разговаравме за наставната програма, за студентите за колегите. А студентите беа почестени и задоволни од присуството на една таква творечка величина.

Почитувано семејство на професор Константиновски, почитувани колеги и соработници, пријатели, поддржувачи и почитувачи на неговото дело, од името на колегите од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, како и од името на сите членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и од свое лично име ви изразувам искрено сочуство по повод заминувањето на вашиот и наш драг професор и колега Георги Константиновски тивкиот, но моќен бренд на македонската култура.

4H5A7398_resize

Пилотот Георги Константиновски

Викторија Богданова, докторант на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Љубљана

Кога ќе ги гледам ѕвездите ќе ја слушам твојата насмевка.

Со телото и со погледот, се нурнуваше во она коешто го создаваше без граница.

Наместо споредување со другите, ме учеше да се споредувам со себеси, со секое ново јас, и да го согледувам будно растот, од цртеж во цртеж, од ден во ноќ, од помислен збор до изговорено поврзување со другоста.

Георги Константиновски: неуморен истражувач со срцето, кој непрекинато го напушташе познатото, се искачуваше по лествиците на самоспознавање, но нe праволиниски. Ме учеше дека ‘оној кој оди само напред нема да стигне далеку’, дека токму ритамот на падовите прави движењето да биде почувствувано. Истражувач, низ лавиринтските процеси на проектирањето, поучувањето, пишувањето како патишта на самоспознавање, на прочистување од пониските слоеви на бивање. Константиновски не беше религиозен човек, не веруваше во задгробен живот. Меѓутоа, целото негово творештво го гледам како една молитва, архкитектурата како молитва. Слично на Тарковскивиот филм како молитва, Шејковото сликање како молитва, архитектурата на Константиновски е неопходност, личен нужен избран и создаден пат каде истражувачот не е надворешен посматрач на создаденото, туку се раствора во него до степен на самозаборав.

Професор Бакалчев често знаеше да го нарече аскет. Аскетската интимност со проектирањето, пишувањето и поучувањето и таа длабочина на фокусот, не го спречуваа да биде надреално свесен и одговорен за сите случувања околу него – во и позади архитектурата. Во неговата необјавена збирка на списи “Во чекор со времето”, Константиновски ги документира сите негови објавени трудови за теми кои ја манифестираат неговата будност како мислител, критичар и учесник во архитектонската реалност. Често знаеше да се пошегува со титули како ‘професор, магистер, доктор’ и со неколку зборови да ја соголи и разоткрие површноста на академски, институционални хиерархии. Не учеше дека почитта е нешто кое не произлегува од називи и титули, туку дека е нешто кое што треба да се заслужи низ живиот и автентичен однос со другата личност.

Викиекспедиција_Козјачија_037_resize

Меморијален комплекс АСНОМ, Пелинце

Преку неговата способност да размислува позади било каков авторитет, блескаше со острината, лагодноста и снагата да рече ‘не’ на било какви притисоци кои го нарушуваат неговото достоинство. Ме научи, дека љубовта кон една личност или институција не значи слепа и лажна послушност кон неа. Ме ослободи од симбиотички тенденции на групно размислување, и ме обврза да стојам исправена и сама дури и кога душата е уморна. Коренот на зборот ‘аскет’ значи слушател, оној кој го има дарот да сослуша. Константиновски, ме научи да слушам чувствително, да ги слушам и замислувам корисниците на просторот, колегите, соработниците, душата на местото, можниот наратив во предвидената проектна програма… Но пред се ме научи да се слушам себеси. Да дадам време и исклучително внимание на актот на дијалог со себеси низ тивките ‘места на отпорот’ – архитектонските цртежи и архитектонските пишани зборови (Van Den Berghe).

Токму во ова генијално балансирање помеѓу она што треба да се сподели и она што треба да се зачува само за себеси, Константиновски зрачеше со една строгост и дисциплина во градење на непоколеблива но секогаш свежа и критична волја за вредности, нагласена волја за смисла (Франкл) која го издвојуваше од останатите академици. Волјата за смисла, спротивно на волјата за моќ (Ниче, Адлер) и волјата за задоволство (Фројд) ги опфаќа следниве ноетични процеси: независна и интенционална волева одлука, создавање, етичка чувствителност, разбирање на вредности и – конечно – љубов. Волјата за смисла во еден човек е начинот на кој тој стои исправен пред страдањето. Кај Георги Константиновски, волјата за смисла зрачеше како сонце кое ги храни душите на оние жедни за смисла, херојство, восхит, пример, инспирација, протип, храброст, издржливост – и во сето тоа – кревкост, како предуслов за здрав внатрешен раст, до последниот здив на земјата.

Големината на Константиновски е токму во неговото паралелна способност за 1) летање над земјата и согледување од горе, од кулите, облаците, меѓу крилјата и 2) нурнување во бескрајниот лавиринт на создавањето, секогаш надвор од контролата, познатото, предвиливото, безбедното. Заради неговата моќ да ја балансира висината, избирам да го памтам како мојот пилот кој ме научи да летам и да гледам со срцето. Константиновски не беше. Константиновски е, и ќе биде низ сите искри на светлина кои ги создаде во нас.

Кога ќе ги гледам ѕвездите ќе ја слушам твојата насмевка.

‘All men have the stars,’ he answered, “but they are not the same things for different people. For some, who are travelers, the stars are guides. For others they are no more than little lights in the sky. For others, who are scholars, they are problems. For my businessman they were wealth. But all these stars are silent. You–you alone–will have the stars as no one else has them.

In one of the stars I shall be living. In one of them I shall be laughing. And so it will be as if all the stars were laughing, when you look at the sky at night . . . You–only you–will have stars that can laugh!

And when your sorrow is comforted (time soothes all sorrows) you will be content that you have known me. You will always be my friend. You will want to laugh with me. And you will sometimes open your window, so, for that pleasure . . . And your friends will be properly astonished to see you laughing as you look up at the sky! Then you will say to them, ‘Yes, the stars always make me laugh!’ And they will think you are crazy. It will be a very shabby trick that I shall have played on you . . .

It will be as if, in place of the stars, I had given you a great number of little bells that knew how to laugh . . .”

(Little Prince, Antoine Saint-Exupery).

Кога ќе ги гледам ѕвездите ќе ја слушам твојата насмевка.

Испрати коментар

Scroll To Top