Насловна / Архитектура / Васе Аманито: Да се соживееш со објектот, да го почувствуваш амбиентот, да ја следиш светлината

Васе Аманито: Да се соживееш со објектот, да го почувствуваш амбиентот, да ја следиш светлината

Васе Аманито Петровски, архитектонски  фотограф (1981 г.) повеќе од 20 години работи во полето на визуелни уметности, а во последните 15 години главен домен му е фотографијата. Црпи инспирација од работите околу себе и постојано е во потрага по нови искуства и предизвици. Голем вљубеник во форми и структури, па оттаму архитектонската фотографија му е во главен фокус. Покрај фотографирање разни комерцијални авторски проекти на архитектонски бироа, се јавува како фотограф на неколку истражувачки архитектонски проекти и изложби како „Скопските вертикали“ во Музејот на Град Скопје, „Модернистичка мапа на град Скопје“, „Загрозени видови“ во Природнонаучниот музеј во Скопје, „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ во музејот Бенаки во Атина, фотографија во каталогот на „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia” МоМА, и како и дел од книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ и др.

IMG_20191001_083139_resize

Велите дека го користите секој момент да фотографирате и наоѓате инспирација во сè околу Вас. Во Вашето творештво преовладува архитектонска фотографија. Како се случи токму ова?

Никогаш не сум помислил дека еден ден ќе работам како архитектонски фотограф, уште како мал јас бев детето кое нешто прави со компјутери, а експериментирајќи со камера се заразив со медиумот дигитална фотографија.

По скоро 20 години работа во студио и константно надоградувајќи се, чувствував потреба дека мора да се посветам на едно, постпродукција и визуелни ефекти, нешто коешто го работев веќе професионално толку многу години или да започнам како самостоен архитектонски фотограф. За среќа веќе претходно имав воспоставени односи со неколку клиенти за кои работев, така што не требаше да почнам буквално од нула. Се чувствував дека ако не продолжам со фотографија, дека ќе ја загубам засекогаш и дека е вистинско време да си дадам шанса од една година како тест период. Како помина првата година работејќи со целото претходно искуство и знаење што го имав, повеќе од јасно ми беше дека ја донесов правата одлука за работењето самостојно и дека одлуката како, кога, колку и за кого ќе работам да ја донесувам сам и тоа како ми функционира.

Military Medical Center Skopje, Macedonia by Josip Osojnik - 196

АрхиСкопје, Воена Болница, Архитект Јосип Осојник – 1965-71

Како ги стекнувавте знаењето и вештините од областа на фотографијата?

Бидејќи цел живот работам со визуелна уметност тоа беше и причината поради која и почнав да студирам визуелна уметност, за жал никогаш не ги завршив студиите од премногу работа. Како дете на дигиталната технологија самоук, моите први почетоци започнаа со ZX Spectrum, па Commodore 64, за потоа да го добијам мојот прв персонален компијутер Pentium со Win95 на кој првиот софтвер кој го научив беше Photoshop 3.0v не CS3, туку 10-тина години порано Photoshop 3.0v. Никогаш нема да го заборавам денот кога пишував текстуален документ за еден мој пријател во Photoshop, нормално пријателот не заврши работа бидејќи не можел никој да му го отвори 32-битниот TIF-фајл што беше како припрема за печатење. Се сеќавам единствена модерна литература во тоа време беше магазинот BUG. Познавајќи го концептот на манипулација со слики за мене беше дополнителен предизвик да се впуштам во медиумот дигитална фотографија. Подоцна имав прилика да бидам дел од шестнеделна обука под водство на Стив Рајт, експерт за визуелни филмски ефекти од Холивуд, од кого научив техники кои ги користам како подлога за мојата работа, а учењето никогаш не престана. Филмската и телевизиската индустрија е тимска работа, за да може да направите едно дело зависите од многу луѓе, за споредба фотографијата може да ја работите самостојно, сами одлучувате за секој елемент од почеток до крајниот резултат.

DEO_03198_resize

Деловен објект, Архитектонско студио Delight Office Загреб

Имате ли можеби некој идол?

Константно сум опседнат со гледање многу фотографии и следење архитектонски фотографи, но ако треба да одберам, тоа е [Ема Петер]([Ema Peter Photography](https://www.emapeter.com/)), фотографка по потекло од соседна Бугарија која буквално се има изборено да започне како водителка на националната телевизија, па да стигне до една од топ 5-те архитектонски фотографи според [Architizer]([Architizer: Inspiration and Tools for Architects](https://architizer.com/)) во 2021. Во моментов признание за нејзината работа е фактот дека работи на проекти од калибарот на Кенго Кума, а нејзини фотографии се објавуваат во Architectural Digest, Objekt International, Dwell, Wired, New York Times и др.

KLS_02374 2_resize

Деловен објект, Архитектонско студио КЛ Студио

Ваши фотографии се дел од изложбите кои ги организира архитектонското трио Ивановска, Десков, Ивановски. Дали сте и самиот почитувач на модернизмот во домашната архитектура?

Точно, покрај секојдневната архитектонска фотографија која ја работам за моите клиенти, проектите како „Скопските вертикали“ во Музејот на Град Скопје, „Загрозени видови“ во Природнонаучниот музеј, „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“ во музејот Бенаки во Атина, „Архитектурата на Југославија“ во музејот МоМА во Њујорк, „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ во Музеј на Македонија како и Модернистичката мапа на Скопје, ги работам со задоволство и предизвик поради многу причини кои се случуваат во архитектурата во Македонија, а воедно  дали е возможно да не го почитувате модернизмот после толку време документирање на истиот?

Exibition Doxiadis in Skopje, Benaki Museum Athens

Изложба „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“ музеј Бенаки, Атина

Кои модернистички објекти во Скопје Ви се најинспиративни за фотографирање, а кои најкомпликувани?

АрхиСкопје е мој личен проект кој го работам веќе некое време, покрај препознатливите бруталистички архитектонски објекти тука се и многуте скриени и не толку познати, а кои ни се во секојдневието. Најинспиративни објекти ми се оние кои се тешко достапни, обично заборавени и предизвик е да се извади материјал преку кој ќе се претстават. Најкомплицирани за документирање се објектите кои веќе за жал ги нема.

MANU

АрхиСкопје, МАНУ, Архитект Борис Чипан – 1976

kubes_resize

АрхиСкопје, „Средно Водно“, Архитект Лудјек Кубеш, 1958

За жал секој објект од модерната во Скопје носи бреме на невнимание и негрижа, но сите тие имаат вредности кои и понатаму се читаат, а Вашето остро око ги „лови“. Колку и зошто е важно да ѝ се претстават на јавноста со сиот свој квалитет?

Искрено на почетокот не ни бев свесен во што се впуштам, идејата беше да направам само неколку фотографии од објекти во Скопје, но се роди АрхиСкопје како проект кој го продолжив само со една цел, а тоа е документирање на архитектонското наследство. Дополнителен мотив за работа беа сите позитивни реакции на сеќвања и спомени кои ги будев кај скопјани. За мене целта се постигна дополнително со сите проекти и изложби кои и тоа како се важни за афирмација и презентација.

Архитектурата сама по себе секогаш е вредна за зачувување и презентација, без разлика на тоа за кој стил станува збор, бидејќи за среќа фотографијата не разпознава политика, вера, нација и сл. Преку фотографија можеме да научиме како некои работи треба или не треба во иднина да се проектираат, што таа архитектура значела во одредено време во историјата и зошто се појавила. Треба да имаме предвид дека архитектонски објекти како што се градат, исто така може и да се менуваат, трансформираат или да ги снема засекогаш од различни причини и цели, а пак на нивно место да се појават нови. И тоа не е ништо ново, но за среќа фотографијата е таа која може да ги зачува засекогаш.

Тhe Central Post Office

АрхиСкопје, Телекомуникациски центар, Архитект Јанко Константинов, 1974

Дали објектите/ентериерите неретко изгледаат подобро на фотографија отколку во живо?

Кога гледате една фотографија секогаш постојат два фактора, фотографијата сама по себе како израз на авторот од една страна и објектот како модел од друга, фотографот е тој кој одлучува како ќе биде прикажан еден објект. Секој проект започнува со анализа на објектот и околината во која се наоѓа, условите во кои треба или може да се фотографира, кои биле целите и предизвиците на проектантот, па потоа би застанал за момент во целиот процес и би се запрашал, што е важно, а што необично за проектот кое би сакал да го пренесам преку фотографијата. За мене две неверојатни фотографии од еден објект ја кажуваат приказната многу подобро од 20 просечни. Комплетен резултат е постигнат само кога и фотографот и нарачателот се задоволни од резултатот, а од друга страна невозможно е, а и нема потреба една фотографија да им се допаѓа на сите.

BMA Portofino Osteria & Bar

Угостителски објект, Архитектонско студио БМА

Како ја оценувате состојбата со авторските права на фотографите и имате ли Вие лично проблеми?

Едноставно секој автор без разлика на медиумот во кој тој твори загарантирано му е правото врз неговото дело во истиот момент кога е создадено, од авторот зависи понатаму дали и како ќе се справува со авторските права. Справувањето со авторските права за мене е нормален процес и тоа не е ништо страшно или тешко. Иако сме сведоци на многубројни злоупотреби на материјални права кои во најголем број се од незнаење на законите отколку на тоа дека не се почитуваат, за среќа тој тренд пополека се намалува и со оглед на правните дејствија кои може да произлезат во заштита на авторите.

Денес не можете да знаете дали некој ќе преземе фотографија која е јавно достапна, но дали некој ќе ја злоупотреби и причини материјална штета е причината поради која авторските права треба секој автор да си ги знае. На крајот на денот ако една фотографија е преземена, односно украдена, тоа само го докажува фактот дека таа фотографија има вредност, а авторот може да биде дополнително горд на тоа.

1_resize

Објект за домување, Архитектонско студио БМА

Вашите клиенти не се само од Македонија. Каде сè Ве однесе Вашата работа?

Денес е сосема нормално да работите за клиент кој можеби и никогаш во животот нема да го запознаете лично. Кога почнав да работам како архитектонски фотограф идејата беше дека мојот производ ќе биде конкурентен и надвор од Македонија, без разлика во какви услови работиме и живееме, и не сакав мојата работа да ме ограничува со географска локација. Клиентите квалитетот го препознаваат и го бараат за изработка на архитектонска фотографија или за материјални права за користење готови фотографии.

Уште една причина заради која ја сакам фотографијата е тоа дека апсолутно не знаете утре со кого ќе соработувате и каде ќе ве однесе, сум имал многу непредвидливи и незгодни ситуации до широко отворени врати од ексклузивен ресорт на море до јама во рудник и сè помеѓу.

Photo by Vase Amanito  copyright © 2019 Vase AMANITO, All rights reserved

АрхиБерлин, Potsdamer Platz Masterplan, Heinz Hilmer & Christoph Sattler – 1993-2002

Колку е важна опремата, техниката, а колку чувството за фотографија?

Денес секој во џеб има квалитетна камера со која може да се изработи доволно технички репрезентативна фотографија, но не се работи само за техничките карактеристики, за кои и фотографи многу често веќе не можат да направат разлика. За мене постои едно правило, а тоа е дека најдобрата фотографска опрема е онаа која можам да си ја дозволам имајќи предвид дека што повеќе опрема, толку процесот станува покомплексен од аспект на финансии, одржување, транспорт и ракување со истата, а од друга страна со мојот метод на работа многу често се случува да видам исплашени лица кога ќе се истоварам пред објект. Покрај самата камера и статив, имам опрема прецизно организирана во куфери и торби полни со стативи, светла и помошни додатоци кои се неопходни кога се работи за архитектонска фотографија за да се обезбеди најдобар резултат и во најсложени услови за работа.

Архитектонскиот фотограф треба да ги разбира физичките закони, и со помош на светлина и сенка добива фотографија, а без исклучок на секое фотографирање се наоѓам во ситуација кога покрај мојата опрема, користам разни секојдневни предмети за контролирање на светлината на кои воопшто не им е намена изработка на фотографија, па оттаму е и предизвикот и забавата сè со цел да се добие точно замислената фотографија.

Покрај одредени технички параметри кои треба секогаш да бидат запазени во една фотографија, во архитектонската фотографија треба да се запазат и архитектонските правила, а потоа надвор од тие правила е оставено на фотографот да го решава визуелниот дел.

Ако едно нешто треба да изберам како најважно покрај сè останато, тоа би било времето како фактор, треба време за да се соживееш со објектот, да го почувствуваш амбиентот, да ја следиш светлината, и за сето тоа едноставно е потребно време за да се изработи квалитетна архитектонска фотографија.

3_resize

Abeille Maison Glamping Resort Zlatni Rat, Хрватска

Што Ви е поголем предизвик, да фотографирате екстериери или ентериери?

Мојот пристапот кон фотографирање екстериер наспроти ентериер е сосема различен, па со самото тоа и во двете ситуации предизвикот е огромен.

Кога работам ентериер најчесто ја имам комплетната контрола врз светлината и тоа максимално ме исполнува, бидејќи можам од еден ист простор да направам разни амбиенти играјќи си само со светлината.

Кај екстериерот сте оставени на милоста на временските услови и на околината како фактор кои мора внимателно да ги следите и искористите, во спротивно ќе се свртат против вас.

Photography for Platforma Bardovci 2

Објект за домување, Архитектонско студио Платформа

Колку време поминувате во обработка на Вашите фотографии?

Обработката или постпродукцијата на фотографија е процес кој е составен дел од изработка на една фотографија, и како таков не треба да е ограничен со време туку со цел која треба да се постигне за да се добие крајниот посакуван резултат. Искусен фотограф однапред ја гледа фотографијата и одлучува што ќе сè направи за време на фотографирањето, а што во постпродукција. Точно е тоа дека многу работи може да се направат во постпродукција наместо за време на фотографирање, но само затоа што може не значи дека и треба да се направат. Секогаш кога разговараме за архитектонска фотографија мора да имаме предвид дека таа фотографија најчесто се користи во наредните 5, 10, 50, а можеби и многу повеќе години. Па така за споредба времето кое треба да се посвети за да се изработи фотографијата е незначително, а на крајот на краиштата откога ќе се изработи една фотографија апсолутно скоро никој не знае, а и не прашува низ каков сè процес и ситуации поминал фотографот за да ја изработи, единствено фотографот ги знае тајните за фотографиите.

Може ли за крај да им дадете совет на почетниците кои имаат желба да се занимаваат со фотографија?

Најбрзиот и наједноставен начин да се научи фотографија е многу да набљудуваат и да фотографираат што може повеќе и тоа баш она што ги интересира и исполнува, воедно да не се плашат, напротив, многу да експериментираат, така точно ќе знаат многу брзо и лесно да се снајдат во различни ситуации за да го добијат баш она што го сакаат.

https://amanito.mk/

2_resize

АрхиСкопје, Станбен блок, 1977, Архитект Љубица Никољски  

Screenshot 2022-03-16 092054_resize

АрхиСкопје, Кула тип M, урбанистички план на Танге 1965, Архитекти Димитар Димитров, Славко Ѓуриќ, Василка Ладинска, Роса Минчева, Александар Серафимовски, 1966

Screenshot 2022-03-16 092402_resize

АрхиСкопје, „Градски Ѕид”, Архитекти Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Славко Ѓуриќ, Александар Серафимовски, Симеон Симоски, Никола Богачев, 1968

аер_resize

АрхиСкопје, Домување B13 / B14 Skopje, Архитект Трифун Јанев,1989-91

кл_resize

Урбан дизајн, населба Аеродром, Скопје, 1980

ск_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top