Насловна / Вести / УСЈЕ ќе ги замени класичните фосилни горива со алтернативни

УСЈЕ ќе ги замени класичните фосилни горива со алтернативни

Загадувањето како најгорлив проблем во Скопје е нешто на што сите институции и индустриски капацитети треба да работат за негово намалување. Иако, подолг период Цементарница УСЈЕ е мета на екологистите дека од нејзините оџаци испушта најголемо загадување, од менаџментот на компанијата тоа го негираат, а како доказ за тоа ја наведуваат новината која веќе подолг период се подготвува кај нив. Имено, Цементарница УСЈЕ, почитувајќи ги законските процедури и обврските кои произлегуваат од A – Дозволата за усогласување со оперативен план, што ја поседуваат, се подготвува за воведување нова современа технологија која ќе овозможи одреден процент од класичните фосилни горива што ги користат за загревање на печките за производство на цемент да биде заменет со алтернативни горива.

Наташа Бакреска, менаџер за животна средина во УСЈЕ, вели дека како компанија која ги почитува законските процедури и обврски кои произлегуваат од А – Дозволата за усогласување со оперативен план која ја поседува, веќе подолг временски период се подготвува да воведе нова, современа технологија во работниот процес. „Имплементацијата на оваа технологија ќе овозможува замена на одреден процент од класичните фосилни горива кои се користат за загревање на печките за производство на цемент со алтернативни горива. Во изминатите месеци монтирана е опрема во која досега се инвестирани 2,5 милиони евра, и започнато е со пробна работа, за што компанијата ги има обезбедено соодветните дозволи. Во почетниот период, ќе бидеме во можност да замениме до пет отсто од вкупното класично фосилно гориво со алтернативно, а во перспектива планираме овој процент да дојде до 15 отсто. Најважен ни е квалитетот и сигурноста дека сѐ што е поврзано со користењето на алтернативните горива е по највисоки светски стандарди, а тоа изискува темелна проверки, па затоа не брзаме. Во овој процес ги користиме најдобрите светски искуства, експертиза и докажано ефикасни технологии“, објаснува Бакреска.

70

Со оглед на тоа што УСЈЕ како компанија не генерира отпад, Бакреска објаснува дека во процесот не може секој отпад да се користи како алтернативно гориво. „Кога станува збор за видот на алтернативно гориво кое може да се користи за овој процес, мора да се нагласи дека не секој отпад може да се употребува како алтернативно гориво. Задоволувањето на специфичните барања за квалитет кај овие горива е многу слично како и при користење на конвенционалните горива. За да се користи за оваа намена, отпадот најпрвин се селектира, а потоа се проверува и преработува, со цел да се задоволи точно дефинираната спецификација за квалитет. Постојат специјализирани постојки кои вршат соодветна подготовка на алтернативното гориво за тоа да може безбедно да се користи, а со оглед на значително помалиот број емисии од оној кај класичните енергенси, и позитивно да се влијае врз животната средина. Како што веќе истакнав, во почетниот период оваа нова технологија ќе ни овозможи замена до пет отсто од вкупното класично фосилно гориво со алтернативно гориво кое се добива со преработка и соодветен третман на биомаса, како што се дрвени струготини и оризова арпа, како и отпадоци од текстил“, додава Бакреска.

Употребата на алтернативни горива на почетокот ќе се одвива во една печка. Но, како што вели Бакреска капацитетот на инсталацијата за контрола и дозирање на алтернативни горива овозможува во иднина со дополнителна инвестиција да се адаптира и втората печка за користење на алтернативни горива. Ограничувањата во овој поглед се во можноста да се обезбедат доволни количини на квалитетно алтернативно гориво.

46736166_967283943463825_3991094026185998336_n

Цементарница Усје во кругот на фабриката прима веќе припремено алтернативно гориво. Постојат многу строги критериуми кои се однесуваат на квалитетот на алтернативното гориво кое се прима во фабриката затоа што како конвенционалните горива, така и алтернативните горива имаат директно влијание врз технолошкиот процес и инсталираната опрема. Критериумите за квалитет се однесуваат на повеќе параметри како калориска вредност, влажност и димензии на горивото, но и содржина на хлор, тешки метали и други параметри. Зависно од типот на алтернативно гориво и од местото од каде се добавува, истото во фабриката пристигнува пакувано во бали или во растресита состојба со специјални камиони во приколки со подвижно дно. Доколку горивото е спакувано во бали времено се складира во затворен и покриен простор наменет за чување на ваков тип на гориво, а доколку доаѓа во растресита состојба како на пример лушпи од ориз, приколките со подвижно дно директно се прикачуваат на опремата за дозирање. Внесувањето на горивото во печката е со помош на пневматски транспорт (ниско компримиран воздух). Алтернативното гориво паралелно со конвенционалното гориво влегува во делот на печката каде има највисоки температури на материјалот од 1.500 степени Целзиусови, а на гасовите и до 2.000 степени Целзиусови. На овие температури горивото веднаш согорува. Целиот систем е затворен и од надвор не може да се види алтернативното гориво.  Иако, употребата на алтернативни горива не подразбира директен контакт на вработените со горивото, запазени се сите мерки за безбедност и здравје при работа со цел да се избегнат и ризици со мала веројатност.

Слика ко-согорување на АГ

Заштитата на животната средина и решавањето на проблемот со отпадот и депониите е причината, како што вели Бакреска за компанијата да се реши да инсталира ваква опрема. „УСЈЕ како компанија е одговорен член на заедницата, која го разбира влијанието на индустријата врз опкружувањето и важноста на животната средина. Со воведувањето на ваква еколошка технологија активно помагаме во заштитата на животната средина и решавањето на проблемот со отпадот и депониите, кои освен еколошки се и организациски проблем. Рециклирањето и алтернативната употреба на горива се нешто коешто е практика во светот веќе подолго низ годините, а инвестирањето во технологија која отпадот го користи како енергенс е директно инвестирање во заедницата и животната средина. Употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е класичен школски пример за т.н. win-win решение за постапување со отпад и обезбедување на алтернативна енергија“, додава Бакреска.

Придобивките од замената на необновливите фосилни горива со алтернативни се навистина значајни и повеќекратни. Прво во делот на заштита на животната средина преку заштеда на необновливи ресурси (нафта, јаглен) и во намалувањето на емисиите на т.н. „стакленички“ гасови во атмосферата и ефектот на стаклена градина кои тие го предизвикуваат. Имено, доколку отпадот без никаков третман се депонира се генерираат значително повеќе стакленички гасови во споредба со стакленичките гасови при искористување во цементната индустрија. Ефектот на намалување на емисии на стакленички гасови е најголем при користење на биомаса (деланки од дрво, слама, лушпи од ориз и слично) како алтернативно гориво. Имајќи предвид дека УСЈЕ не планира самостојно да ги приготвува алтернативните горива, оваа иницијатива отвора можности за нови бизниси и нови работни места на локално ниво. На крај употребата на алтернативните горива придонесува и во редуцирање на оперативните трошоци кои ги имаме како компанија. Ова намалување на трошоците понатаму ќе создаде услови за остварување заштеди кои ќе ја зголемат нашата конкурентност и ќе овозможат нови инвестиции за одржлив развој, стабилност на работните места и нови вложувања во заедницата.

Светските искуства велат дека едно од најефикасните решенија за проблемот со ширењето на депониите за отпад е всушност употребата на алтернативни горива, која спаѓа во групата на еколошки технологии (најдобри достапни техники) и која се користи во развиените индустриски земји и во Европската Унија веќе подолго од 40 години. Во моментов 42 отсто од вкупниот отпад во земјите на ЕУ се рециклира со цел да се искористи како алтернативно гориво, со тенденција овој процент до 2030 година да достигне 65 отсто. Бакреска раскажува дека цементарниците од Германија веќе минатата година го надминале овој процент, кои како најнапредни во користењето на алтернативните горива, оваа практика ја имплементирале уште во 1987 година. Науката и досегашната практика докажале дека токму цементарниците се најпогодни за употреба на алтернативни горива заради специфичниот целосно затворен, стабилен и континуиран технолошки процес со кој се произведува цемент. Температурите до 2.000 степени Целзиусови во печките, овозможуваат целосно согорување на горивото, а пепелта по согорувањето се вградува во финалниот производ, исто како и при согорување на конвенционалните горива. На тој начин не се создава никаков дополнителен отпад или пак се загадува животната средина.

Бакреска и УСЈЕ воведувањето на овој процес го осмислувале подолго време. „Следејќи ги светските искуства, за употреба на алтернативни горива размислувавме подолго време. Дозвола за користење на алтернативни горива имаме од 2013 година. Самиот процес на избор и инсталирање на опремата, како и избор и набавка на соодветни алтернативни горива траеше околу една година. Во овој процес од голема помош и поддршка е искуството и знаењето од Титан која е лидер во имплементација на нови технологии и имаме можност да ги користиме искуствата и од другите фабрики во рамки на Групацијата кои веќе одамна користат алтернативни горива“, вели Бакреска. Според неа употребата на алтернативни горива е новина во Македонија и затоа смета дека сите вработени во Усје го доживуваат како личен предизвик. Секој професионалец кој е посветен на професијата која ја работи ги следи најновите трендови, се едуцира и информира. Дополнително на тоа УСЈЕ е компанија која во континуитет вложува во едукација на вработените. Секако сите компании мора да работат согласно законите и да вложуваат во заштита на животната средина. Овој процес не е прашање на добра волја туку и законска обврска и одговорно работење на секоја компанија како дел од заедницата. Компаниите мора да се грижат за заедницата и да придонесуваат кон нејзиниот развој и да го подобруваат квалитетот на живот во различни сегменти.  Ние во Усје цврсто веруваме дека имаме позитивен придонес во севкупниот одржлив развој во Република Македонија и сакаме да бидеме транспарентни и да ги споделиме нашите добри практики. Во таа насока имаме и „Отворени денови“ каде сите што сакаат да се запознаат со нашето работење, можат да нè посетат, нагласува Бакреска.

Испрати коментар

Scroll To Top