Насловна / Архитектура / На Архитектонски факултет отворен Центар за напредни и постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ

На Архитектонски факултет отворен Центар за напредни и постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ

На 22-ри март, 2024 година, се одржа свеченото отворање на новоформираниот Центар за напредни и постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Отворањето на Центарот се одржа во присуство на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова, проректорите на Универзитетот, декани и директори на единиците на Универзитетот, како и гости претставници на Универзитетот во Ријека, Универзитетот во Белград и Универзитетот во Приштина. За причините, целите и очекуваните резултати од работата на Центарот разговараме со проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонски факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Се наоѓаме во просторот на новоотвороениот Центар за напредни и постдокторски истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје лоциран во кампусот на Архитектонскиот факултет. Кажете ни нешто повеќе за Центарот.

Центарот за напредни и постдокторски истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е прв ваков центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, прв во Република Северна Македонија, а според специфичниот научен фокус на областа на одржливиот урбан развој веројатно и прв во регионите на Југоисточна Европа и на Западен Балкан. Создавањето на ваков центар означува клучен момент во градењето на научната одличност и промоција на постдокторските истражувања на нашиот универзитет и во нашата држава со цел поттикнување на иновациите и промовирање на мултидисциплинарен пристап во научната работа во регионот на Југоисточна Европа и на Западен Балкан.

Кои се причините за отворање на ваков центар?

Во изминатите 30 години регионот на Југоисточна Европа и особено Западен Балкан доживеа општествена трансформација, но за жал и академска и научна изолација. Таа ситуација предизвика општествени и политички процеси поради кои целокупното општество, но особено научната и академската заедница, имаше исклучително тешка задача да ги создава новите вредности во заедницата, но со лимитиран пристап до процесите кои го обликуваа европскиот општествен, економски и научен простор.

Архитектонскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Ректоратот на УКИМ и со Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа (CAS SEE) при Универзитетот во Ријека, Хрватска, во 2022 година ја започна иницијативата за создавање на Центар за напредни и постдокторски истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ЦАПРИС УКИМ), како дел од поширока мрежа на слични центри за напредни студии на универзитетите во регионот на Југоисточна Европа. Врз основа на оваа иницијатива, веќе во март, 2023 година, со огромна поддршка од ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, Ректоратот на УКИМ и целиот Универзитет, Сенатот на УКИМ донесе одлука за формирање на Центарот.

Кои се целите на Центарот?

Центарот има за цел да создаде нови форми на научноистражувачка работа низ воведување на постдокторски истражувања и нов простор за размена на знаења и искуства помеѓу научниците и општеството, реализиран низ интегриран и мултидисциплинарен пристап кон предизвиците на изградената средина, современото општество и локалните заедници.

Важноста на формирањето на ЦАПРИС УКИМ се огледува во создавањето на можности за поврзување на научниот кадар и научната инфраструктура во земјата од различни области со промоција на трансдисциплинарни истражувања кои во себе ќе интегрираат неколку научни области со цел создавање на иновативни решенија. ЦАПРИС УКИМ ќе има задача да ги препознава младите научници од државата, како и научници и истражувачи во регионот и светот со цел да им овозможи напредни постдокторски истражувања,  промоција на научната работа и создавање на иновации на теми од областа на одржливиот развој кои се релевантни за нашето општество и за регионот и во пошироки, меѓународни рамки.

Дали создавањето на ваков центар на УКИМ и особено на Архитектонскиот факултет има свои претходници, односно дали го поврзувате со некакви претходни искуства?

Важно е да се напомене дека основањето на ЦАПРИС УКИМ во Скопје се заснова на наследството на проектот за постземјотресната реконструкција на Скопје во периодот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Со тој проект, меѓународната заедница, предводена од ООН, демонстрираше извонредна поддршка и солидарност со граѓаните на Скопје при што, со извонредна меѓународна поддршка и учество на стотици меѓународно признати научници, ескперти, архитекти и урбанисти, овозможи создавање на нов урбанистички план за развој на градот и особено на центарот на градот. Истовремено, ООН  овозможи трансфер на знаења во областите на урбанизмот, архитектурата, сеизмичкото инженерство, уметноста, но и водењето на политики за одржлив урбан развој.  Во тој период, со помош на ООН и со меѓународната заедница создадени се низа научнообразовни институции и уметнички институции од национално и светско значење (како Институтот за земјотресно инженерство и сеизмика – ИЗИИС при УКИМ, Музејот на современата уметност и други), а низа млади архитекти и урбанисти, идни професори на Архитектонскиот факултет при УКИМ беа образовани во светски академски и научни центри како Универзитетот во Јелј, САД, Ротердам, Холандија, Манчестер, Велика Британија и други. Проектот за постземјотресна обнова на Скопје ја покажа важноста на архитектурата и урбанизмот како можност за заедничко делување и градење на нови градови и заедници во поделениот свет, промовирајќи го сознанието дека изградбата на човечките живеалишта е одржлив начин за решавање на социополитичките и економските проблеми на современиот свет. Оваа синергија на науката, политиките на развој и светското искуство како да се градат подобри и поправедни градови и општества се уникатна вредност на проектот за Скопје, што ја покажува важноста на капацитетот на научниците, експертите, архитектите, планерите и инженерите да ги решаваат проблемите на градовите и на општествата.

Со тоа се нагласува и важноста на меѓународната и на регионалната соработка во научната работа и постигнување на нов квалитет и стандарди на високото образование во државата.

Токму така, меѓународната и регионалната соработка е фундаментална за развојот и реализацијата на заедничката визија и главните целите на Центарот за поттикнување и промоција на врвна научна работа и иновации. Додадената вредност на основата на ЦАПРИС УКИМ е градењето на капацитетите на научната заедница во регионот на Југоисточна Европа, која од раните години на општествената транзиција во 1990-тите во континуитет се соочува со низок степен на инвестиции и несоодветно финасирање, слаба кадровска состојба, во услови на непостоење на основна истражувачка инфраструктура и политичка поддршка и со многу ограничена можност за вмрежување меѓу регионалните академски и истражувачки центри и центри надвор од регионот.

Меѓународната и регионалната соработка во науката и истражувањето во регионот на ЈИЕ е еден од главните приоритети на ЦАПРИС УКИМ, како дел од пошироката мрежа на центри за напредни студии во академските и истражувачките центри во сите поголеми градови во регионот. Во соработка и партнерство со Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа (CAS SEE) на Универзитетот во Риека, Хрватска и слични центри на универзитетите во Љубљана, Белград, Подгорица, Тирана, Сараево, Солун и други, ЦАПРИС УКИМ ќе поттикне креативна соработка со партнери од пошироката научна заедница во Европа. Првиот чекор во тој правец веќе е направен со иницијативата за формирање на Регионалната мрежа на центри за напредни студии – RECAS која и формално ќе биде промовирана на следниот Ректорски форум кој ќе се одржи на Универзитетот во Сараево на крајот на месец мај, 2024 година.

Во што се состои програмата за работа на ЦАПРИС УКИМ?

Програмата на Центарот ќе се фокусира на транскултурни и трансдисциплинарни истражувања и иновации, истражување на иновативни социјални и урбани модели за општествено и културно одржлива глобална иднина. Центарот ќе создаде интензивен образовен амбиент во кој целта е да се подобрат истражувачките вештини, како и способностите за критичко размислување на младите истражувачи. Во работата на Центарот ќе учествуваат и меѓународно познати и признати гости истражувачи и научници, како и дел од наставниот кадар од УКИМ и партнерските универзитети од регионот и од Европа.

Истражувачките програми на ЦАПРИС УКИМ ќе овозможат креативна соработка, интердисциплинарност и синергија помеѓу истражувачите од техничко-технолошките, хуманистичките и општествените науки, природните науки и науката за животната средина, урбанизмот, планирањето, архитектурата и уметноста. Истражувањата ќе покриваат и пошироки области на општествено и културно релевантни теми поврзани со одржлив развој.

Како планирате да се реализира оваа програма на Центарот? Кои се активностите на ЦАПРИС УКИМ во наредниот период?

Со цел остварување на мисијата и визијата на ЦАПРИС УКИМ, ќе се објавуваат годишни повици за стипендии во најмалку две од научните програми со цел да се промовира и поттикне интеракцијата и иновативната соработка помеѓу истражувачите од различни области на истражување.

Работата на ЦАПРИС УКИМ ќе се организира околу следните активности:

– Повици за стипендии – јавни повици за доделување на стипендии ќе се објавуваат двапати годишно (во април и во октомври) за два стипендисти за шестмесечен истражувачки престој во ЦАПРИС УКИМ и партнерските центри за напредни студии во регионот и пошироко, како и за двајца резидентни стипендисти чии истражувања и публикации ќе бидат финансирани од страна на Центарот. Грантовите за стипендии ќе обезбедуваат плата за истражувачите, здравствено осигурување, трошоци за патување на конференции или други научни настани и трошоци за објавување на научни трудови во научни списанија. Соработниците на ЦАПРИС УКИМ ќе ги користат истражувачките капацитети на УКИМ и ќе можат да учествуваат во тековните истражувачки проекти на УКИМ и партнерските универзитети.

– Меѓународен семинар – Центарот ќе организира меѓународен семинар со учество на поканети познати научници и истражувачи како предавачи и ментори за стипендистите на ЦАПРИС УКИМ, останати млади истражувачи постдокторанди и докторанди, почесни гости и учесници од партнерските центри за напредни студии, партнерски универзитети, фондации и организации од регионот на ЈИЕ, Европа и светот. Меѓународниот семинар на ЦАПРИС УКИМ ќе се организира во соработка со Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа при Универзитетот во Ријека (CAS SEE), Хрватска.

Врз основа на кои критериуми ќе се врши селекцијата и изборот на идните постдокторски истражувачи на Центарот?

Изборот на стипендистите на ЦАПРИС УКИМ ќе се врши без никакви ограничувања во однос на земјата на потекло, научната основа или академската позиција на кандидатите. Изборот на млади истражувачи кои се квалификуваат за стипендија и истражувачки престој ќе бидат направени од Научниот одбор преку процес на рецензија врз основа на критериумите кои ќе промовираат научна извонредност, конкуренција и индивидуалност, врз основа на научните достигнувања и заслуги на кандидатите и препораки од рецензентите и постарите истражувачи и академици.

Првиот повик за стипендии ќе биде објавен на почеток на мај, 2024 година, а првата генерација млади постдокторски истражувачи и стипендисти на ЦАПРИС УКИМ ќе го започнат својот истражувачки престој во септември 2024 година и ќе ја завршат работата во текот на 2025 година.

На што ќе се фокусираат истражувањата на постдокторандите на ЦАПРИС УКИМ?

Научноистражувачката работа на Центарот ќе биде фокусирана на нови форми на просторен развој, алтернативни начини на развивање на проекти базирани на податоци и социјални, технички и економски иновации. ЦАПРИС УКИМ ќе покани постари и помлади истражувачи со силна научна и истражувачка заднина да соработуваат во јасно дефинирани интердисциплинарни домени. Истражувањето во ЦАПРИС УКИМ ќе се врши со фокус на истражување и иновации во домени кои ќе опфатат пошироки социјални, просторни, економски, културни и еколошки студии организирани околу следните програми: интегрирано урбанистичко планирање, урбана информатика, животна средина, урбана мобилност, одржлива урбана економија, одржливи урбани политики, но и урбано општество, вклучувајќи паметни градови и граѓани, инклузивност и партиципација, праведни градови и филозофија на градот, културно и изградено урбано наследство, урбана отпорност и урбана култура.

Кои се очекуваните придобивки од работата на ЦАПРИС УКИМ?

Основната цел на Центарот е да го намали трендот на „одлив на мозоци“ (Brain drain) и наместо тоа, да ја промовира стратегијата на „прилив на мозоци“ (Brain gain). Крајната цел на Центарот е низ воведувањето на постдокторски истражувања и промоција на висококвалитетна научна работа да создаде подобра научноистражувачка инфраструктура и да го зголеми рејтингот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во меѓународните академски кругови. Визијата на ЦАПРИС УКИМ е да биде центар на научна извонредност и висококвалитетно истражување што ќе промовира информирана, мултидисциплинарна и инклузивна научна и јавна дебата за темите и предизвиците кои се релевантни за идниот одржлив развој на општеството. Очекуваниот резултат од работата на истражувачите во ЦАПРИС УКИМ е да произведат иновативни и општествено релевантни научни резултати кои ќе обезбедат научно знаење и податоци за да ја обликуваат и да ја насочат дебатата во општеството за одржливиот урбан развој, зелената трансформација и дигиталната транзиција што го подобрува капацитетот на институциите и на граѓаните за трансформација на општеството, реформи на институциите и создавање подобро и поправедно општество преку иновативни решенија.

Дали имате финансиска или некава друга поддршка за работата на Центарот?

Формирањето на ЦАПРИС УКИМ е резултат на иницијативата, визијата и капацитетот на научниот и академски кадар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Визијата на Центарот се заснова на принципите на слободата на научното истражување и мобилноста на младите истражувачи за создавање одржлив, иновативен и инклузивен развој на нашите градови и нашите заедници. Со формирањето на ЦАПРИС УКИМ за првпат имаме инструмент со кој можеме да ги привлечеме нашите најдобри млади научници, и тука мислам пред сè на младите научници од Северна Македонија кои докторирале на реномирани универзитети во светот и Европа, но и на најдобрите млади научници од цел свет.  Сметам дека ова е вистинската цел која ја споделуваме сите во општеството и оттука, очекувам дека вистинската и најголемата поддршка за Центарот треба да дојде од институциите на државата каде ќе биде препознаен потенцијалот на овој центар. За првпат ги имаме сите можности за да ги вратиме нашите врвни научни, академски и професионални човечки ресурси и кадар назад во државата кои ќе бидат во можност да ги стават своите знаења и искуства во служба на нашето општество за заедно да создадеме подобра иднина за сите. Сигурен сум дека ова вреди да биде поддржано од сите, а најмногу од институциите и од академската заедница во државата.

Испрати коментар

Scroll To Top