Насловна / Вести / Урбаното планирање и дизајн ги ублажуваат здравствените ризици

Урбаното планирање и дизајн ги ублажуваат здравствените ризици

Градот и процесот на урбанизација се критични модератори на интеракцијата меѓу здравјето на луѓето и одржливоста на самиот град. Економскиот, социјалниот и културниот развој на секој град е директно зависен од здравјето на неговите жители. И обратно, само здраво население може да придонесе за економски, социјален и културен развој. Во оваа релација, планерите и урбанистите, просторното планирање и урбанистичкото планирање имаат бескрајно важна улога.
Да се потсетиме: урбанизмот е мултидисциплинарна наука, која се занимава со просторно уредување на нови и постоечки градови и населби, со проучување на нивниот развој, структурата и животот во минатото, сегашноста и иднината. Како мултидисциплинарна наука вклучува географија, економија, социологија, екологија, филозофија, трговија, право, медицина и многу други науки.

1
Во средината на 19-тиот век, начинот на живот имаше директна врска со можноста за заразување со одредена болест. Тогаш, за првпат ја откривме врската помеѓу пренаселеноста, нехигиенското домување и ширењето на колерата, туберкулозата и жолтата треска, здравствени проблеми создадени од валкани сиромашни квартови и индустрии. Тогаш, јавното здравје и урбанистичкото планирање беа практично едно исто. Тогаш, потребата за спречување на честите епидемии и индустријализираните урбани подрачја, доведе до блиско поврзување на јавното здравство со урбанистичкото планирање, преку проценка и обезбедување на сегашните и идните потреби на заедницата.
Но и покрај нивната суштинска поврзаност, двете дисциплини, јавното здравство и урбанизмот низ времето се оддалечија, што доведе до слаба интеграција во професионалните кругови. Двата сектори одамна се движат во различни насоки. Јавното здравје главно има биомедицински фокус на индивидуалната генетика, биологијата и однесувањето, на тоа како лекарите би можеле да влијаат на нив, и на тесен биолошки пристап кон епидемиологијата и доказите. Во меѓувреме, пак, планирањето на изградените средини беше киднапирано од автомобилите и профитот.
Сепак, јавното здравство и урбанизмот во основа имаат иста цел – подигнување на квалитетот на животот: здравјето на човекот е под директно влијание на наследните особини, но и на социо-економските околности и средината во која се наоѓа; урбанизмот и просторното планирање имаат иста детерминанта како и јавното здравство – унапредување на средината, можностите за вработување, живеење и транспорт.

2

Од Законот за просторно и урбанистичко планирање

Член 2 – Просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план, урбанистички планови, урбанистичко-планска документација, регулациски план на генерален урбанистички план и урбанистичко-проектна документација, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.
Член 4 – Со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се:
– рамномерен просторен развој,
– рационално уредување и користење на просторот,
– услови за хумано живеење и работа на граѓаните,
– надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет,
– одржлив развој,
– заштита и унапредување на животната средина и природата,
– заштита на недвижното културно наследство,
– заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии и
– јавност во постапка за донесување и спроведување на планската документација.

4

УРБАНИЗМОТ ВЛИЈАЕ НА 12 ЗДРАВСТВЕНИ ЦЕЛИ

Но ние, кога мислиме на здравје, инстинктивно гледаме во медицинската професија, болниците и клиниките, во кои се третираат болести. Главно го гледаме здравјето како медицински проблем, а сепак, корените на многу здравствени проблеми се социјални или еколошки, и не можат да се проценат во лекарските ординации. Немедицинските фактори сочинуваат 60 отсто од здравствените резултати на еден човек, повеќе и од генетиката и од здравствената заштита. За многу од нас овие фактори се тесно поврзани со урбаната средина. Многу одамна, пред да имаат какви било докази, лекарите се сомневале дека удобниот живот кој го овозможуваат градовите, распоредот на објектите кои ја обезбедуваат таа удобност, бројот на населението и мерките за јавна хигиена, влијаат на целокупното здравје и благосостојба на поединецот и, од друга страна, на ширење на болестите и сериозноста на епидемиите. Денес е докажано дека урбанизмот влијае на 12 здравствени цели: начин на живот, социјална кохезија, квалитет на домување, вработување, пристапност, локално производство на храна, безбедност во објектите и сообраќајот, еднаквост во локалната заедница, квалитет на воздухот и естетика на просторот, квалитет на санитарните води и одводнувањето, квалитет на земјата и минералните суровини и стабилна клима.
Здравјето е најголемото богатство на градот. Сепак, повеќе од 3,5 милијарди луѓе кои живеат во градовите, или половина човештво, страдаат од несоодветно домување и транспорт, лоши комунални услови, управување со отпад и лош квалитет на воздухот, кои не ги исполнуваат упатствата на СЗО (Светска здравствена организација). Комбинацијата на загадување и сообраќаен метеж, преоѓањето од свежа во преработена исхрана, недостигот од простор за пешачење, возење велосипед и вежбање, недостатокот на зеленило, ги прави градовите епицентри на епидемија на незаразните болести и двигатели на климатските промени.

Повеќето од првите десет причини за смрт се директно или индиректно под влијание на погрешни урбанистички проекти и политики за планирање:
• Срцев удар (1), мозочен удар (2), хронична респираторна болест (4), рак на белите дробови (5) – повеќе од една четвртина до една третина од смртните случаи се предизвикани од загадување на воздухот: од градскиот сообраќај, отпадот, индустријата, готвењето, греењето и производството на енергија, како водечки извори;
• Пневмонија (3) – загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од една половина од
смртни случаи;
• Дијабетес (6) – поврзан со дебелината и физичката неактивност, што е честа појава во градовите зависни од автомобили, без солидна транзитна и пешачко-велосипедска мрежа;
• Дијареалните заболувања (8) и туберкулозата (9) се тесно поврзани со лошата санитарна мрежа и управување со отпадот и нездравото домување;
• Сообраќајните повреди (бр. 10) – пешаците и велосипедистите, вклучувајќи ги и децата, постарите и сиромашните, се изложени на сообраќајни повреди, поради недостаток на безбеден, брз транспорт, патеки за пешачење и возење велосипед.

Лошата урбанизација е исто така поврзана и со зголемените стапки на депресија, анксиозност и други ментални нарушувања, влошени од бучава, недостаток на зелени површини и пренаселеност, како и сиромаштија, лоши работни услови и други стресни состојби.

6

Не се потребни научни истражувања за да се утврдат непристојните аспекти на растењето на градот. Голем комерцијален и „некултурно-забавен“ метеж, парцелизација во безживотни слепи улици, неконтролиран сообраќај, уништување на зеленилото – сѐ е јасно видливо. Сè поголема маса на научни докази укажува дека начинот на кој местата се проектирани и изградени, може да предизвика и комплицира сериозни здравствени проблеми за поединците и целото население. Депресијата, оној клиничкиот вид, а не естетската и културната слабост што ги испраќа луѓето на одмор, на пример во Барселона, е еден таков вид проблем. Истражувањата покажуваат дека депресијата е во корелација со недостатокот на пристап до зелен простор, мака на многу жители од внатрешноста на градот; физичката изолација на приградските средини; неподвижноста, кај оние кои не можат да возат, а немаат алтернатива за превоз.
Што се однесува до автомобилите, тие не само што загадуваат, туку и ги заглавуваат луѓето, често сами, во долги колони и изгубено време. Тие предизвикуваат несреќи и смртни случаи. Покрај тоа, долгите релации и културата на автомобилност ги поттикнуваат седенталните навики, придонесувајќи за дебелина, дијабетес и други болести. Копањето на обработливо земјиште за нови парцели за градба на границите на градот, не само што ги намалува локалните резерви на храна и го зајакнува индустриското земјоделство, со негативни импликации за исхраната и чувањето на ресурсите, туку, исто така, ги принудува и оние, кои мора да ја поминат таа релација, да имаат потреба за автомобил скоро за секој член на домаќинството. Тие автомобилски трошоци, кои обично се занемаруваат, ги влошија зголемените стапки на задолжување и приградска сиромаштија, со нездраво влијание на ефектите како стрес, раселување и бездомништво.

5

ОДНОСОТ МЕЃУ УРБАНИТЕ СРЕДИНИ И ЗДРАВЈЕТО

Во време на брза урбанизација, здравјето и благосостојбата на граѓаните е сè поголем предизвик. Спроведени се енормен број на истражувања за односот помеѓу урбаните средини и здравјето или благосостојбата. Од нив, повеќето студии се фокусираат на поврзаност помеѓу урбаното зеленило, здравјето и благосостојбата, што покажува голема важност на користење на зелениот простор во урбаните средини за промовирање на подобро здравје и благосостојба. Многу помалку студии ја испитуваат големата сложеност на урбаното здравје и благосостојба. Но, сите студии покажуваат дека просторното планирање или урбанистичкото планирање во нашите градови има големо влијание врз ризиците и предизвиците по здравјето на населението.
Според стуиите на СЗО, редовна соработка помеѓу здравството и урбаното планирање се случува во најмногу 25 отсто од институциите. Речиси една третина од раководителите за урбанизам сметаат дека политиките за планирање се неспоиви со здравството. А сепак во истите студии се истакнуваат неколку антиздравствени прашања во делот на планираното урбано опкружување: прекумерно ниво на моторизиран сообраќај, фокусирање на приватниот профит, социјална сегрегација и недостаток на внимание на секојдневните потреби на граѓаните.
Многу од урбаните развојни трендови промовирани од пазарот и поддржувани од страна на органите за планирање, го ограничија изборот за здрав живот, ги засилија разликите меѓу луѓето и имаат импликации кон одржливиот развој. Неодржливоста и патогеноста буквално се вградија во нашите градови. Затоа, обезбедувањето на одржлив град, здрав град, со обезбедување на здравје и благосостојба на граѓаните, е голем предизвик и сите резултати од интердисциплинарните пристапи кон сложените урбани структури, нивната динамика и нивното влијание врз урбаното здравје и благосостојба, се од голем интерес за планерите на градот, архитектите, инженерите, здравствените научници и работници и многу други дисциплини, со цел развивање на понатамошни стратегии и намалување на здравствените нееднаквости и подобра промоција на урбаното здравје и благосостојба. Здравото планирање е постигнување, зачувување и подобрување на здравјето на сите корисници на просторот преку урбанизам или урбанистичко планирање на целокупниот простор во населените места.

ИНИЦИЈАТИВА НА СЗО ЗА ЗДРАВ ГРАД

Новата Иницијатива за урбано здравство на СЗО креира замена на парадигмата во приодите на здравствените системи, фокусирајќи се на здрава урбана средина како предуслов за здрав начин на живот и превенција на болестите. Иницијативата гради нов раководен кадар во здравствените политики, позициониран да оцени и да се залага за развој, кој води до поздрави, позелени и почисти градови. Ова придонесува за постигнување на низа цели на одржлив развој на новата Урбана агенда на Хабитат III (Конференција на ОН за домување и одржлив урбан развој).
Здрав град е термин кој се користи во јавното здравство и урбаниот дизајн, за да се нагласи влијанието на политиката врз човековото здравје. Неговата современа форма ја шири Иницијативата на СЗО за здрави градови од 1986 година. Терминот е развиен во соработка со Европската Унија, но брзо стана меѓународен, како начин за воспоставување здрава јавна политика на локално ниво преку унапредување на здравјето. Проектите за здрав град, во најширока смисла, ја менуваат свеста на граѓаните, клучните луѓе на заедницата (првенствено политичарите) и специјалистите од различни профили, во однос на одговорноста за здравјето на граѓаните. Целта на проектите за здрав град е да станеме свесни колку, всушност, можеме да влијаеме на здравјето, лично и во заедницата. Градовите, кои развија сопствен проект Здрав град, се менуваат и стануваат подобри и поуредени места за живеење. Тоа се градови, во кои клучните луѓе (политичарите), експертите и граѓаните го разбираат сознанието дека постојат докази за општествена одговорност за здравјето. А тоа значи, дека во заедниците во кои постои грижа за здравјето, во кои се развиваат програми и услуги за поддршка на здрав живот, се создаваат услови за здрави животни избори, се води сметка за уредување на просторот во функција на здравјето – конечно, тие стануваат добри и посакувани места за живот на своите жители.
Здравствената мапа за населено место, која е меѓународно признаена на полето на јавното здравство, се состои од осум сфери, вклучувајќи го животниот стил, локалната економија и изградената и природната средина, и ги поставува луѓето во центарот на оваа рамка. Оваа мапа ги покажува принципите за стратегија во релација со климатските промени, локалната средина, здравите животни навики, еднаквост во заедницата, и развој, генерирање на работни места, пристап до установите и објектите воопшто, и безбеден и атрактивен градски амбиент.

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дип.инж.арх.

*Со овој текст Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина ,,Не игнорирај! Реагирај!” (www.reagiraj.mk)

MK-LOGO-COLOR-3

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top