Насловна / Вести / Тесна трка меѓу водните планови и климатските промени

Тесна трка меѓу водните планови и климатските промени

Тешко им е на луѓето од градовите да го сфатат животот на селаните од Страцин, Кратовско. Дури и во оние градови каде што има повремени рестрикции во водоснабдувањето од неколку часа во текот на денот или ноќта. Луѓето од Страцин добиваат вода од локалниот водовод по еден час на секои два дена. Тогаш треба да наполнат доволно за да ги покријат потребите за следните два дена.

„Повеќето луѓе имаат бунари, па го надоместуваат недостигот, барем за потребите во дворовите и за други технички потреби“, вели Павлина Величковска од Страцин.

05 1

Секната чешма во село Страцин 

Можеби во моментов на луѓето во урбаните центри во земјава им се чинат многу далечни овие проблеми, карактеристични пред сè за руралните средини. Но климатските промени се закануваат да им го доближат овој свет веќе за неколку децении. А за разлика од селаните, тие не ќе можат да си ископаат бунари за да си го покријат недостигот.

Животот во урбани средини подразбира зависност од политиките за вода што ги водат локалните самоуправи и државните институции. Тие се должни, меѓу другото, да подготвуваат планови и за алтернативни извори на водоснабдување, бидејќи урбаните центри се соочени со притисок од две страни: нивното население постојано се зголемува, а изворите за вода се во опасност да се намалуваат или веќе имаат помала издашност. Сè на сè – има повеќе луѓе, а помалку вода.

Според информациите што ги добивме за Скопје како најбрзорастечки урбан центар во земјата и за Прилеп како еден од поголемите градови со загрозена иднина во водоснабдувањето, локалните самоуправи работат на изнаоѓање решенија за дополнително водоснабдување. Ова е случај и со други места низ државата.  Но иако промените на климата чукаат на врата, активностите се главно на ниво на истражувања или на идеи, далеку од конкретизирани планови за да се обезбеди дополнително водоснабдување за да се заштити населението и подготвено да се пречекаат предизвиците. Надлежните власти се убедени дека сегашните извори им се стабилни и дека мала е веројатноста да им требаат нови.

05 2

Пресушен дел на езерото Калиманци 

ЗАГРИЖУВАЧКИ ПРЕДВИДУВАЊА

Со појавата на климатските промени, станува сè потешко да се гарантира достапноста на водните ресурси во иднина и тој предизвик мора најитно да се разгледа и да се реши. Ова е еден од главните заклучоци во врска со водоснабдувањето наведен во третиот Национален извештај за климатски промени во земјава.

Како што се наведува во официјалните државни документи, се очекува дека високите температури ќе предизвикаат промени во количините на вода што се добиваат од топењето на снегот и истекувањето од планините, кои се многу важен извор на вода, и ова ќе предизвика сериозен недостиг на вода.

Се предвидува намалување на врнежите од 15 отсто до 2050 година, и драстично намалување на истекувањето во сите речни сливови, особено во Брегалничкиот и Струмичкиот Слив во Југоисточниот плански регион.

„Генералната достапност на водата во Република Македонија се очекува да се намали за 18 % до 2100 година. До крајот на векот, просечното истекување во Вардар ќе се намали за 20 % во споредба до 2000 година. Нивото на подземните води во сливот на Вардар постојано ќе се намалува“, пишува во планот.

Официјалните податоци покажуваат дека во целата земја има 4.414 извори на вода, од кои извираат 9.919 кубни метри вода годишно. Но од сите нив, само 58 извори имаат капацитет поголем од 100 литри во секунда, што обезбедува економска исплатливост за нивно вклучување во јавни водоснабдителни системи што ќе им служат на поголемите или помалите населени места. Инаку, околу 280 извори се користат како главни или како споредни за водоснабдување на поголеми населени места, а на околу 1.600 се направени селски чешми, кои исто така му служат на населението. Вкупно од изворите се добиваат околу 195 милиони кубни метри вода годишно.

Прогнозите покажуваат дека ова количество ќе се намалува. Затоа се предлагаат низа мерки за да се осигура снабдувањето со вода на домаќинствата, како рециклирање на водата во општините, поправка на пукнатините, собирање на дождовницата за техничка употреба, користење уреди што трошат помалку вода, системи за двојна употреба (за пиење и техничка) и друго. Засега овие активности се далеку од плановите на локалните власти.

05 3

Густа изграденост во Маџир Маало, Скопје 

ВОДАТА Е ИСТА, КОРИСНИЦИ ИМА СÈ ПОВЕЌЕ

Во отсуство на официјален попис, бројот на нови станбени единици во едно населено место се зема како една од приближните мерки за да се процени дали таму бројноста на населението расте, стагнира или се намалува.

Па така, во Скопје за 15 години се изградиле вкупно 31.000 нови станови. Тоа го покажуваат податоците од Мак-стат базата на Државниот завод за статистика за скопските општини. Ако се претпостави дека во барем половина од нив се доселиле луѓе од други места, тоа значи дека за деценија и пол главниот град добил околу 60.000 нови жители и се зголемил за 10-15 проценти. Растот не бил воопшто линеарен, од 2005 до 2012 се граделе по 1.500 – 1.600 станови годишно, за од 2013 таа бројка да се зголеми на 2.700 – 2.800, а минатата година е постигнат рекорд од над 3.500 новоизградени станбени единици.

На сите нив им треба вода. Освен просторот, главниот ограничувачки фактор за тоа колку жители може да има едно населено место е за колку од нив може да се обезбеди вода за пиење. Уште повеќе што градот забрзано расте. Од една страна тој е соочен со зголемен број корисници на водоснабдителниот систем, а од друга на очекувана намалена издашност на главните извори за вода, Рашче 1 и Рашче 2, како и бунарското подрачје на Лепенец. Имало денови во последниве летни сезони кога сите овие извори биле вклучени истовремено, за да се обезбеди непречено водоснабдување на Скопје.

Случајно или не, Град Скопје почнал со истражување нови извори за водоснабдување токму во 2013 година, кога се интензивирала и изградбата на нови станови. Три потенцијални извори се опфатени – Кадина Река, Патишка Река и изворот Врело на Матка. Веќе трае четвртата фаза на испитување каде што се мерат протоците на водата и се спроведуваат различни анализи – физичко-хемиска, бактериолошка, паразитолошка, радиолошка, потоа анализи на тешки метали, металоиди, пестициди и токсини. Согласно регулативата, комплетните истражувања се прават четири пати во хидролошка година, а мониторингот се спроведува на месечно ниво.

Три институции се вклучени во испитувањето – Институтот за јавно здравје, Управата за хидрометеоролошки работи, и секако претпријатието Водовод и канализација.

Станува збор за стари идеи, некои потекнуваат уште од 1950-тите години, но дури сега почнале да се разгледуваат, и тоа сè уште се во фаза на истражување.

„Неопходно е спроведување на повеќегодишни истражувања, за да се добијат веродостојни податоци што би биле основа за донесување одлука за користење на овие води и изработка на техничка документација“, ни изјавија од Град Скопје.

Мерењата покажале дека издашноста на изворот Врело е колку две третини од издашноста на Рашче, што значи дека тој има огромен потенцијал да биде алтернатива за зголемените потреби за водоснабдување.

Но градските власти засега немаат план да преземат ништо поконкретно околу реализирањето на потенцијалите за алтернативно водоснабдување и сметаат дека Рашче дава доволно вода. Како што велат оттаму, изворот се користи за водоснабдување безмалку 100 години и е под постојана стручна опсервација, а за сето тоа време неговата издашност била константна.

„Проектот за испитување на алтернативни извори за водоснабдување не е поттикнат од некакви постојни проблеми во водоснабдувањето или сознанија за губење на изворите, туку од  пошироки согледувања на идните потреби за водоснабдување на сите населени места во регионот, за други потреби од вода, а најмногу од бројните активности на Град Скопје во сферата на климатските промени и ненадејните последици што истите ги создаваат“, додаваат од Градот.

05 4

Чешмата на Итар Пејо во Прилеп 

НОВИ ИДЕИ СО СЕКОИ НОВИ ЛУЃЕ

За истиот период додека во Скопје се изградиле речиси 31.000 станови, во Прилеп биле изградени безмалку 1.100. Тоа не е показател за никаков раст на населението или за дополнителен притисок врз системот за водоснабдување.  Сепак, Прилеп е приклучен на еден од најнестабилните извори во земјава – Студенчица, од кој се снабдуваат и четири други помали општини.  Рестрикциите за вода во летните периоди, а во поново време и во сушните зимски периоди, воопшто не се непознати за овој град.

Затоа Прилеп десетина години бара алтернативни решенија за водоснабдувањето. Но на таа потрага ѝ недостасува конзистентност, бидејќи она што една управа на водоводното претпријатие го проценила како потенцијал, друга управа го отфрла. Пред десетина години е направена студија со која се разгледувани повеќе опции за да се обезбедат дополнителни количества вода – довод од акумулацијата Стрежево (од која се снабдува Битола), надградба на браната на вештачкото езеро кај Прилеп за двојно да се зголеми неговиот капацитет, користење на акумулациите Белица и Градешница во мариовскиот дел итн.

Денешната управа, пак, смета дека тие планови не се изводливи. Директорот Емил Јанески вели дека подигнувањето на браната на Прилепско Езеро засега не може да се реализира бидејќи со него стопанисува државното акционерско друштво Водостопанство, па веќе не добивале дел од водата во водоснабдителниот систем ако има потреба. Според него, не е добро решение ниту да се повлече крак од битолско Стрежево.

„Прилеп во моментов нема проблем со водоснабдувањето. Студенчица има издашност од 1.000 литри во секунда и задоволува за секое домаќинство.  Сепак, дефинитивно ќе треба да се бара ново решение, затоа што Студенчица е помината, веќе 30 години е во употреба“, вели Јанески.

Едно од решенијата што сегашната управа ги разгледува е Чепигово, каде има резервоари со вода. За Чепигово има направено анализа, но нема конкретен проект. Пократкорочно решение се изворите со коишто Прилеп се снабдувал со вода до 1980-тите години. За два од четирите резервоари имаме поднесено апликација, завршено е, и се чека да почне реализацијата. Едниот е Леково, а другиот Пашовски Ливади.

„Овие четири бунари се користеа сè додека не почна употребата на хидросистемот Студенчица. Оттогаш се оставени. Тоа е среднорочно решение. Водата бесплатно ни доаѓа и би ја собирале и би ја третирале како сирова во вода за пиење“, додава Јанески.

05 5

Изворот на Вардар во Вруток 

КАКО ДА СЕ ЧУЕ ГЛАСОТ НА ГРАЃАНИТЕ

Додека надлежните ги кројат плановите и политиките за вода, се чини дека граѓаните се целосно предадени во нивни раце и чекаат на нивните одлуки. Преку проектот „Граѓаните активен партнер во реформите на политиките за вода“, ЦЕД „Флорозон“ ги идентификуваше причините зошто е потребна поголема вклученост на граѓаните и на граѓанскиот сектор во барањето решенија за сите предизвици поврзани со управувањето со водите, вклучувајќи го и водоснабдувањето на домаќинствата и на стопанството.

„Само преку континуиран притисок од јавноста, односно од граѓанскиот сектор, може да се влијае за реформите во секторот да се третираат како приоритетни прашања за решавање од страна на претставниците на власта и да се третираат на соодветен начин“, се вели во завршниот документ на проектот.

Граѓанскиот сектор, како што се вели во белата книга, претставува контролор на следењето и на примената на политиките за водите. Затоа тој, како претставник на јавноста, е задолжен за нејзино редовно информирање и застапување на нејзините интереси.

Како причини поради кои може да се нотира недоволната активност на делување на граѓанскиот сектор во областа на водите се недоволната препознаеност на значењето на овој ресурс и на неговата важност, а тука се и комплексноста на областа поради вклученоста на голем број актери во реализирањето на обврските во областа на водите, како и недоволната информираност на граѓаните.

За да се надмине оваа состојба се предлага зајакнување на улогата на претставниците на граѓанскиот сектор во советите за управување со речни сливови, регионално организирање по статистички региони, или комбинација од двете.

Испрати коментар

Scroll To Top