Насловна / Архитектура / Студентска визија за нов урбан наратив спроти хотелот Холидеј ин

Студентска визија за нов урбан наратив спроти хотелот Холидеј ин

Проектот „Наративи“ е создаден како дел од редовната студиска програма на Архитектонскиот факултет во Скопје и проектите кои се изработуваат во деветтиот семестар од наставата на студиите по архитектура во рамките на студиото РАСТ 2.0. Истиот е резултат на интензивна неколку месечна работа во зимскиот семестар во учебната 2019/2020 година од страна на 14 студенти.

1 (1)

Изборот на локацијата и задачата (просторот спроти хотелот Холидеј ин) проблемски беше поставена од три причини: Прво, бидејќи станува збор за исклучително важен и голем урбан фрагмент на Скопје, кој за жал со децении претставува полу-запуштена празнина; второ, бидејќи тековната урбанистичка пракса за оваа локација со години наназад дава комплетно погрешна стратегиска основа за нејзин развој претставена единствено во бирократски формат на детален урбанистички план што не ги почитува ниту контекстуалните, ниту капацитативните особености на локацијата; и трето, бидејќи локацијата е опкружена со значајни фрагменти од културното и природното наследство на градот Скопје во кои спаѓаат дел од Градски ѕид, Работничкиот дом, ГТЦ и конечно кејот и реката Вардар, сите без исклучок просторни ресурси кои овој град го прават вистинска метропола.

top view

Презентацијата на проектот „Наративи“ во склоп на овој број на списанието „Порта 3“ се поклопува со актуелните случувања и иницијативи за започнување на градба на дел од оваа вредна локација и има за цел да покаже сценарио кое отскокнува од тековните сфаќања за развој на централните делови на главниот град сведени на бесмислено и неосновано полнење на градот со нови површини (m2) изграден простор.

Веруваме дека оваа студентска визија може да подучи, предупреди, инспирира и секако да отвори дискусија на прашањето: Што со сите оние неизградените простори во поширокото централно градско подрачје? Проектот „Наративи“ нема амбиција да биде ниту идејно решение, ниту идеен проект, напротив тоа претставува идејна концепција и можна водилка за развој на локалитети од ваков ранг, при што конкретната локација, колоквијално именувана како „паркингот спроти Холидеј ин“, претставува исклучително податлив пример за креативно експериментирање!

resenie_otvoreno prizemje white

Основни архитектонски идеали

Иако нашата стручна, обучена и „овластена“ пракса честопати, од незнаење или пак од авторска суета, на студентските проекти гледа како на наивни идеи, сепак токму неискуството, наивноста, но и храброста и свежината на младоста ги прави ваквите   проекти визии-водилки кон иднината. Растеретени од реалните легислативни лавиринти, во „наивноста“ на студентските проекти честопати се кријат искреноста во изразот и хуманоста во разбирањето на нештата како основни архитектонски идеали.

slika 3

Во суштината на самиот проект е концептот на раст разбран како инхерентна особина на секој (жив) град, при што истиот се користи со цел да се испитаат можностите колку и како градскиот простор на одредена локација треба да се промени. Растот се тестира преку потенцијалот на колективниот домен кој претставува дијалектички амалгам што ги премостува јавниот и приватниот интерес, препознавајќи постојни и воспоставувајќи нови релации во социолошките и просторните аспекти на современото урбано живеење. Затоа, работата на студиото опфаќа повеќе и различни програмски определби: од домувањето и митот за домашен простор, до јавниот простор и архитектурата на колективниот хедонизам.

Токму во оваа смисла проектот ги испитува урбаните наративи како методи на аналитичкото истражување и на проектирање. Во стручната литература наративите се разбираат како приказни на поединци и групи преку кои тие го перципираат, разбираат и преку кои комуницираат со градот, и како такви преставуваат фундаментален извор на знаења за еден архитект. Преку наративите се поврзуваат личните искуства со оние на споделениот заеднички простор, при што архитектурата на градот се поврзува со вредности како: идентитет на местото, меморија на местото, слика на местото, притоа создавајќи различни искуства на урбан простор.

Screenshot 2021-04-29 133629

Две фази на градење на архитектонско-урбанистичката целина

Самиот проект се развиваше во две генерални фази. Првата фаза, која се однесува на запознавање со локацијата и нејзиниот контекст, опфаќа анализа и синтеза на добиените наоди во концептуално решение, додека втората фаза значи разработка на концептот во архитектонско-урбанистичко решение со кое просторно се вообличува локацијата од интерес.

Во првата фаза, студентите длабински ја анализираа локацијата и околниот контекст. Притоа, за воспоставување на нивна меѓусебна релација, дополнително ги истражуваа темите на бруталистичката архитектура, архитектурата на привременост и структуралистичката архитектура на „отворен крај“ како кодови кои се вткаени во културното миље на градот. Покрај испитувањето на постојната фактичка состојба на локацијата, студентите направија анализа и на замислите за потесната локација, испитувајќи ги плановите на арх. Лудјек Кубеш од 1949 и на арх. Кензо Танге од 1965 година.

Screenshot 2021-04-29 125321

     урбанистички план Лудјек Кубеш од 1949                        урбанистички план Кензо Танге од 1965 

Од оваа фаза произлегоа неколку клучни концептуални одлуки: Прво, дека фрагментите од Ново Маало, претставени преку маалската морфо-синтакса треба да бидат инкорпорирани во било кое следно решение за да се одржи идентитетски континуитет на местото, но и на пред-земјотресниот град воопшто; второ, дека проектот на Танге за овој простор, особено третманот на јавниот простор веќе не кореспондира со тековните потреби на градот поради ексесивната употреба на артифициелни (поплочени) површини; трето, дека зеленилото (препознато како клучен елемент во планот на Кубеш) и јавниот простор (како носечка идеја на проектот за Републички центар на Танге) треба да бидат главни програмско-просторни елементи на било кое ново решение; и четврто, дека со проектот за овој простор треба да се заокружи недовршениот проект на модернизација на овој градски фрагмент преку негово поврзување со референтните градски структури, како што се: Градскиот ѕид, Градскиот трговски центар,  Комплексот на банките, Транспортниот центар и секако кејот на реката Вардар. Всушност, со овој сегмент од работата на студио проектот се генерираше програмската и архитектонската рамка за развој на локацијата.

SLika2 (1 of 1)-6

Во втората фаза, студентите се фокусираа на одделни сегменти што ги развија на ниво на архитектонски предлози, добиени преку постојана меѓусебна комуникација (преговарања, договарања и прилагодувања) со цел нивно интегрирање во единствено архитектонско-урбанистичко решение за целата територија на локацијата. Притоа, треба да се нагласи дека сите формални постапки во обликувањето на локацијата се во тесна врска со програмските одлуки за истата. Оттаму, се пласира идејата за перформативноста на просторот, односно неговото поимање не само преку тоа како тој изгледа (мислејќи на познатите архитектонски типологии) и што тој содржи (нивните програмски дефиниции-намени), туку и каква градскост овозможува (во рамките на самата локација, но и во пошироката околина).

3 (1)

Своевиден урбан остров

Генерално, предложеното решение го подржува концептот на просторен фрагмент во пошироката слика на градот, создавајќи своевиден урбан остров преку техниката на меко полу-затворање. Тој гест на затворање се постигнува со појас од високо зеленило со потковичеста конфигурација. Впрочем, самиот облик на потковица со променлива широчина од 25 до 55м на оваа нова градска шума во која се инкорпорираат повеќе редови на високо стеблести дрвја по периметарот на зафатот е директна аналогија на масите што го дефинираат Републичкиот центар во планот на Танге од 1965 година, заменувајќи го полното/изграденото со поинаква супстанца- зеленило, што пак се референцира на обилното зеленило предвидено со претходниот план на Кубеш од 1949 година. Во преклопувањето на историските и плански референци, всушност настанува ново современо читање и користење на сите форми, вклучително и на неизградениот простор, како еднакво вредни архитектонски елементи во обликувањето на градот. Од друга страна, меката и порозна потковица, колку што демаркира (просторно определува и поделува), дотолку и обединува и интегрира, односно апсорбира делови од различните и разнородни сегменти што го сочинуваат целокупниот проект за локацијата, но и архитектурата и градските програми кои се во нејзиното непосредно соседство.

slika 2

Еден од тие сегменти е секако реконструкцијата на ситната урбана структура што се надоврзува на остатоците од Ново маало долж источниот раб на локацијата. Покрај задржувањето на дел од постојните објекти, предвидени се нови градби кои ја следат истата просторната логика. Со оглед дека локацијата е во самиот центар на градот и во непосредна близина на транспортниот центар сите овие објекти се наменети за различни форми на привремено сместување (хостели и апартмани за изнајмување) придружено со отворени простори за работа, одмор и  релаксација.

SLika2 (1 of 1)-5

Концептот на привремено домување се надополнува и со сместувачки капацитети за млади брачни парови, студенти, привремени жители на градот и други корисници кои престојот на оваа локација би го ограничиле на определено време (не повеќе од пет години) бидејќи на тој начин идентитетот на ова место ќе се гради и одржува преку неговата генеричност со што тоа станува место на сите граѓани на Скопје, а не само ексклузивитет на оние кои живеат таму. Ваквото сместување е особено застапено во низата од кули што просторно доминираат во локацијата и околниот контекст. Нивната пропорција инсистира на изразена вертикалност со што емблематски ја бележи централноста на оваа локација, но истите формално се надоврзуваат (и со тоа го заокружуваат) потегот на градската мегаструктура – Градски ѕид без притоа да пречат на неговата просторна и корисничка целовитост.

SLika2 (1 of 1)-7

Максимално отворен кон реката Вардар

Додека затворањето се користи како техника на дефинирање во однос на околните блокови, целиот просторен концепт останува максимално отворен кон реката Вардар и кејот преку кој се поврзува со останатите делови на градот. Дополнително, преку спроведување на врски што ги премостуваат неговите граници, овој „остров“ се поврзува со значајни пунктови на градска активност од околината и на тој начин станува витален дел („просторен зглоб“) на поширокиот урбан „архипелаг“ на ист начин како што е предвиден и во проектот на Танге. Овие поврзувања се повеќезначни, а нивната главна улога е во спроведувањето на постојните и очекуваните текови на луѓе и добра како двигатели на јавниот перформанс. Покрај програмската разновидност, тие се одликуваат и со богата просторно-формална типологија: пешачки улици-лебдечки пасарели, потонат коридор, низа од кули обединети со платформи во делот на мезанинот, разни патеки и павиљони со различни намени.

SLika2 (1 of 1)-8

Конечно, во програмско обликовна смисла, главниот фокус на проектниот предлог лежи во артикулацијата на јавните содржини и површини.  Тие се појавуваат во два вида: површини под природно зеленило што опфаќаат повеќе од 40% од вкупната површина на зафатот, и јавни површини за различни намени (плоштади, плочници, спорт и рекреација, тераси) што заедно со зеленилото опфаќаат повеќе од 70% од територијата на локацијата. Иако на опфатот доминира слободната површина, внимателната артикулација на изградениот простор и на зеленилото како „жив“ урбан простор создава кохерентна градска целина. На тој начин оваа просторна диспозиција базирана на максимизирање на неизградениот простор, проектот го прави колективна мегаструктура со што се поддржуваат и стимулираат живи социјални интеракции на различни категории на корисници.

Y IMG_1446

Во серија на ситно-структурни затворени, полу-затворени и отворени единици застапени се разнородни програми од областа на трговијата, угостителството и гастрономијата (занаетчиски работилници и продавници, стакленици за урбано градинарство, кафетерии, пунктови за храна и цвеќе, едукаториуми, детски игралишта, улична уметност итн.) кои генерираат јазли и коридори на интензивна активност. Културата е вдомена во експресивната и единствена атмосфера во рамките на монументална кружна форма на автономен објект (хибриден галериско-перформативен простор), кој програмски е силно поврзан со платото на кое се наоѓа. Работните простори се инкорпорирани во некои од споменатите структури, но и како поединечни објекти во кои се вдомени разни форми на деловен простор- од IT стартапи кои работат во духот на споделени работни простории (co-working) до канцеларии и експозитури на веќе етаблирани претприемачи и корпорации. Иако различни форми на јавни и колективни простори се стимулираат во рамките на секоја од специфичните програми, по своите димензии и појавност се истакнува „лебдечкиот“ плоштад и отворениот повеќенаменски простор под него кој е позициониран во западниот сегмент на локацијата и кој е погоден за разни  масовни собири како музички настани, спортски натпревари, дневна рекреација и други перформативни активности.

veduta 3

Конечно, јавниот простор се заокружува и преку бројните зелени површини: Покрај споменатиот појас каде е сконцентрирано високото зеленило (шума), присутни се пространи тревници за игра и уживање, леи за урбано градинарство или ботанички градини, култивирани цветни насади, но и зони на диво зеленило што обезбедуваа соодветно ниво на приватност и потребна физичка дистанца од околните фреквентни сообраќајници без притоа да го загрозат визуелниот и просторниот континуитет.

SLika2 (1 of 1)-2

Инклузивен град за сите

Целта на оваа студентска задача беше да ги испита програмските и просторните капацитети на локацијата. Предложените близу 40.000м2  новоизграден затворен простор кој ги предлага овој проект ја формираат рамката со која со сигурност се овозможува и логичен економски раст, но и инклузивен град за сите. Со тоа радикално се поместуваат границите на планирањето на просторот спротивно на моментално воспоставената практика кај нас, која градењето на градот вулгарно го инструментализира преку изработка на крајно шпекулативни и просторно штетни детални урбанистички планови за масовната продукција на објекти. Оваа студентска идеја ги надминува формалните ограничувања на нашата тековна регулатива и архитектонска продукција и создава урбан проект кој ги хибридизира архитектурата, урбанизмот, јавниот интерес и колективните потреби на граѓаните во една целина. Предложеното архитектонско-урбанистичко решение е просторен асемблаж кој ги интегрира разнородните наративни компоненти на градското живеење во една комплексна, перформативна слика, која пред се ја следи етичката категорија на градоградење. На тој начин проектот се обидува да биде рефлексија на една архитектура во која современото општество ги надминува вообичаените концепти на бесмислена побарувачка и потрошувачка и во својот фундус ги интегрира социјалните, културните и идентитетските линии на Скопје како град кој свесно избира да ја апсорбира мноштевноста на јавниот простор како категорија на современост.

Слободан ВЕЛЕВСКИ, Марија МАНО-ВЕЛЕВСКА, Архитектонски факултет УКИМ

***

Користените слики прикажуваат дел од работата на Интегративното студио Раст 2.0: Наративи (2019/2020), при Архитектонскиот факултет, Универзитет Св.Кирил и Методиј – Скопје.

Во студиото учествуваа студентите: Моника Аспровска, Љубица Бојаџиева, Јован Божиновски, Мартина Велковска, Мариана Гилева, Мартина Даскалова, Андреј Иваноски, Ивана Коцевска, Ангела Кузмановска, Јордан Лазороски, Ангел Младеноски, Тијана Станковска, Тамара Стефаноска и Димитар Стефановски, под раководрство на Вонр.проф д-р Слободан Велевски и Вонр.проф д-р Марија Мано-Велевска, во соработка со м-р Благоја Бајковски.

Покрај јавното прикажување на студио-проектите во рамки на изложбата ИАС 15 во просториите на Архитектонскиот факултет во Скопје, по покана на Архитектонскиот факултет при Техничкиот Универзитет во Делфт (Bouwkunde, TU Delft), Холандија студентите го претставија проектот пред оваа престижна академска заедница. Изложбата и презентацијата беше направена во првата половина на февруари 2020 година.

Резултатите од проектот, како и целиот педагошки и методолошки процес, е забележан во публикацијата „Раст 2.0: Наративи“, издадена од страна на Архитектонскиот факултет во Скопје, 2020 година.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top