Насловна / Архитектура / Стадионот во Токио спремен да ги отвори вратите за Олимпијадата

Стадионот во Токио спремен да ги отвори вратите за Олимпијадата

Летните олимписки игри во модерната ера која датира од 1896 година кога се одржале во Атина, откажани се само три пати. Игрите во 1916 година во Берлин станале жртва на Првата светска војна, а истото се случило и со игрите планирани за 1940 и 1944 година, кои требало да се одржат во Хелсинки и во Лондон, односно откажани се поради Втората светска војна. Но и минатата година се откажаа Олимписките игри кои требаше да се одржат во Токио, овој пат не поради војна, туку поради невидливиот непријател Ковид-19.

New_national_stadium_tokyo_1_resize

Во услови кога пандемијата која сè уште не е победена, Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио планира да го одржи овој спортски меганастан од 23.7. до 8.8. во еден вид „олимписки балон“. Околу 11.000 спортисти треба, како што е планирано, да прават коронатест секој ден, да се придржуваат на физичка дистанца и што е можно помалку да се движат надвор од спортските терени. Странските гледачи практично веќе се исклучени од игрите, а допрва ќе се одлучува дали некој воопшто ќе смее да биде на трибините.

9_resize

Пандемијата го заглави светот, Олимпискиот комитет на Јапонија непрекинато повторува дека безбедноста на игрите е загарантирана, а Јапонците се одговорен народ на кој може да му се верува. „Само благодарение на способностите на јапонскиот народ да ги надмине пречките, можно е да се одржат Олимписки игри во вакви тешки околности. Духот на истрајност е олимписки дух“, велат од Меѓународниот олимписки комитет. Но, дали е тоа доволно да разуверат многу скептици и во самата Јапонија?

За Јапонците се подразбира дека се подготвени на време, а спремни се и сега во овие неблагодарни околности и тоа како и секогаш, пред време.

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo_191221g_resize

Со приближувањето на презакажаните Олимписки игри, до кои остана помалку од еден месец, сè повеќе доаѓа и наплив на возбуда и исчекување. На 23 јули во центарот на вниманието ќе биде Олимпискиот стадион во Токио, каде што ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање, а две недели подоцна и затворање на игрите. Една недела по отворањето најдобрите светски атлетичари и атлетичарки ќе пристигнат на реновираното место на Олимписките игри од 1964 година и спектаклот на кралицата на спортовите ќе може да почне на обновениот стадион.

10_resize

Пред повеќе од половина век, кога Токио последен пат беше домаќин на Олимписките игри, стадионот беше местото каде Peter Snell од Нов Зеланд ја искина патеката за да го постигне својот најголем резултат на 800 и 1.500 метри, Тамара Прес од Советскиот Сојуз освои две златни медали во фрлање ѓуле и диск, Британката Ann Packer направи изненадување и освои злато на 800 метри со светски рекорд, а Bob Hayes од САД го изедначи светскиот рекорд и победи на 100 метри. Па така ова лето ќе продолжи историјата на овој стадион.

„Со нетрпение очекуваме и се радуваме да ги видиме спортистите од целиот свет како маршираат на новиот стадион на свеченото отворање, кога погледите на светот ќе бидат свртени кон овој иконичен симбол на игрите во Токио 2021 година“, изјави извршниот директор на Токио 2021, Toshiro Muto по завршувањето на изградбата на стадионот, која траеше 36 месеци, а стадионот чинеше 1,4 милијарди американски долари.

2_resize

Kokuritsu kyōgijō

Националниот стадион, или „Kokuritsu kyōgijō“, кој ќе се користи за атлетика и фудбал, официјално беше завршен во ноември 2019 година. Уривањето на стадионот на Олимписките игри од 1964 година започна во 2015 година за да се направи место за стадион со 68.000 седишта, а притоа се има на ум одржливоста на објектот.

3_resize

Новиот олимписки стадион во Токио е проект на јапонскиот архитект, големиот Кенго Кума. Изгледот на стадионот – „живо дрво“ – потсетува на традиционалната јапонска архитектура на храмови со дрвена фасада и зеленило, кој се претопува со блиската област Meiji Jingu Gaien. Повеќеслојната настрешница на стадионот е направена од дрво собрано од 47 јапонски  префектури, додека повеќе од 47.000 дрвја се засадени во кругот на стадионот.

OLY-2020-2021-TOKYO

Внатре, 185 вентилатори кои создаваат проток на воздух и системи за ладење ќе создадат попријатни услови за натпреварување, а трибините на гледалиштето, во земјени и зелени тонови, имитираат филтрирање сончева светлина низ дрвјата или во овој случај покрив.

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo_191221d_resize

Проектот на Заха Хадид по остри критики се откажа

Кога Токио беше одбран за град домаќин на Олимпијадата, се одржа во 2012 година меѓународен архитектонски конкурс за националниот стадион на кој победи Заха Хадид. Стадионот на Заха требаше да слета во токискиот парк Meiji  како меѓугалактичка велосипедска кацига, издигната над ниското опкружување во футуристички бели лакови. Проектот наиде на остри критики во јавноста, пред сè од јапонските архитекти, предводени од лауреатите на Прицкер, Тојо Ито и Фумихико Маки.

Со трошоци кои ескалираа речиси двојно повеќе од предвидениот буџет и правејќи го најскап стадион на модерното време, овој проект Јапонската влада го укина.

За многумина, откажувањето на проектот е задоцнето речиси две години. Уште од неговото претставување во 2013 година, проектот се соочуваше со жестоки критики од сите страни, што укажува дека беше осуден на пропаст уште од самиот почеток.

6_resize

Стадионот на Заха Хадид

Најистакнатите јапонски архитекти организираа симпозиуми против проектот, што резултираше со петиција со која се повикува на запирање на проектот, опишувајќи го како „монструозност целосно надвор од димензиите на опкружувањето“. Архитектите го истакнуваа фактот дека стадионот се наоѓа во историски дел со ограничување на висината на објектите од 20 метри, а проектот на Хадид оди до висина 70 метри, надвиснувајќи се над градините на паркот.

Се организираше петиција против изградба на овој стадион, предводена од добитниците на Прицкер, како и од архитектите Кенго Кума и Соу Фуџимото, која собра преку 80.000 потписи – соодветно на капацитетот на планираниот стадион.

Zaha Hadid Architects како одговор на одлуката да не се гради стадионот, изјавија дека зголемувањето на трошоците не се должи на дизајнот сам по себе, туку дека вистинската тешкотија е договорот за прифатлива цена за изградба. Во изјавата изразија уверување, засновано врз нивното големо искуство во проектирање стадиони (како на пример за Олимписките игри во Лондон 2012), дека ZHA со сигурност може да го изгради нивниот дизајн на рентабилен начин. Но и јавното мислење во Јапонија не беше воодушевено од дизајнот на стадионот на Заха, се изнедрија многу сатирични коментари, кои одеа дури и дотаму дека стадионот личи на женски полов орган.

За нов проект „од нула“ се одлучи на меѓународен конкурс кој покрај проект, вклучуваше и трошоци на изградбата, откако Јапонската влада за новиот проект кој требаше да биде завршен до есента 2015 година го вклучи и ограничувањето на трошоците.

Јапонскиот архитект, лауреат на Прицкер, Тадао Андо, кој беше дел од жирито кое го одбра проектот на  ZHA, исто така се соочуваше со вина за преголемите трошоци за изградба, за што тој тврдеше дека не е виновен.

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo_190922c_resize

Кенго Кума тесно го победи Тојо Ито

На 28 август 2015 година, Јапонската влада објави нови стандарди за Националниот стадион. Фиксниот капацитет да биде 68.000 места и да може да се прошири на 80.000 со користење привремено седење на атлетската патека. Владата исто така ја напушти идејата за подвижен покрив и наместо тоа се одлучи за фиксно покривање само над трибините. Исто така, елиминирани се спортскиот музеј и небеската патека кои беа дел од претходниот проект, а намалени се и ВИП-салоните и подземниот паркинг. Ова намалување резултирало со површина од 198.500 квадратни метри, 13 отсто помалку од првобитно планираното.

8_resize

Проектот на Кенго Кума тесно го победи проектот на Тојо Ито, при што Јапонскиот спортски совет ги оценувал проектите според следните критериуми: намалување на трошоците и на времето потребно за изградба, концепт на холистички пристап, заштита на околината, конструкцијата и функцијата.

А Заха тогаш изјави дека им било голема чест што бил избран нивниот проект, но дека за жал јапонските власти со поддршка од некои колеги од професијата се договориле да го затворат проектот.

Во изработка на проектот, архитектите се здружиле со изведувачите за да го предадат проектот заедно со трошоците за изградба и временските рокови. Тоа биле компнијата Taisei Corporation која често работи со Кума и конзорциум од неколку водечки јапонски изведувачи.

Заха Хадид не успеа да пронајде изведувач спремен да работи со нејзиниот проект, па поради тоа била принудена да се откаже од напорите, повторно да предложи свој ревидиран проект на новиот конкурс.

Националниот стадион е според концептот – стадион во шума, дрвото се користи во комбинација со челични рамки за покривот, може да се пофали со универзален дизајн на највисоко светско ниво. Објектот пет нивоа над земја и две под земја, претставува најнова инкарнација на духовниот дом на јапонскиот спорт.

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo_191221b_resize

„Фасадата се состои од преклопување, повеќеслојни стреи“, објаснуваат од канцеларијата на Кенго Кума. „Долната страна на секоја стреа е покриена со дрвени решетки во обид на соодветен современ начин да се изрази традицијата на убави стреи во јапонската архитектура“, додаваат од Бирото на Кума.

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo-27g_resize

Kokuritsu_Kasumigaoka_Rikujo_Kyogijo_191221c_resize

Стадионот има околу 500 седишта и 100 тоалети достапни за инвалиди кои се сместени на приземниот дел, поставени така, што дури и гледачите кои стојат нема да им сметаат на погледот.

Инсталирани се голем број Wi-Fi-места, што овозможува околу 30.000 корисници да се поврзат истовремено. На петтото ниво поставен е простор, еден вид тераса која го обиколува стадионот, која ќе биде отворена за јавноста по натпреварите, а посетителите ќе можат да уживаат во сезонските погледи, како што се пролетните цветови на црешите или променливите бои на есенските лисја.

Стадионот ќе се користи за спортски и културни настани и со нетрпение се очекува на 23 јули да ја отвори вратата за најголемиот спортски настан на светот.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top