Порта 3 Ви ја честита наградата и прво не интересира кога сфативте дека сакате да станете архитект? Kој во времето на студиите највеќе влијаеше на Вас?
Моите почетоци во градителството се од средношколските денови, кога во четвртата година во ГУЦ „Здравко Цветковски“, ги работевме првите скромни програми по станбени, општествени, индустриски и стопански згради.
Студиите на Архитектонскиот оддел при Архитектонско-градежниот факултет, покрај широкото академско образование во првите квалификациони години, нè воведоа во вториот тригодишен дел, кога за архитектурата учевме од професори, кои покрај теоретското, имаа богато практично искуство со реализации, кои и денес се дел од современата македонска архитектура. Тоа беше период кога професијата архитект стана моја животна определба.
Студирањето архитектура опфаќа широк дијапазон на научни дисциплини. Сепак проектантскиот дел за мене беше пресуден, особено архитектите, творци на современата архитектура. Од повеќето афирмирани професори во теоријата и праксата, проф. Борис Чипан имаше најголемо влијание врз мојата идна работа.
Со студиозно проучување на проектната програма и локацијата на која треба да се гради идниот објект, започнува раѓањето на идејата која континуирано се надградува, развива и моделира до конечно изработување на идеен проект.
Што е она најважното што го научивте во Вашата повеќедецениска кариера?
Одговорно пристапување кон извршување на преземената обврска, независно од големината на проектот и од сложеноста на неговата реализација.
Почитувањето на инвеститорот преку професионално исполнување на договорените обврски, во рамките на пропишаните норми и правилници е клучно за успешна и долгорочна кариера.
Кои објекти ги сметате за свои најзначајни? Кој проект беше најголем предизвик во Вашата кариера?
Во првата деценија од моето работење, покрај разноликост на изработени проекти, преовладуваа проекти од станбената област. Во овој период интензивно соработувам со архитект Донка Петкова-Костиќ. Станбените згради проектирани во овој период изобилуваат со беспрекорни функционални решенија, без да се запостави архитектонското обликување на објектот во целина.
Станбено-деловниот комплекс „Карпош 4“ е репрезент на проектите од овој период.
Станбено-деловен комплекс „Карпош 4“, Скопје
Со општествената транзиција и зголемениот интерес за градба на деловно- трговски објекти, мојот ангажиран се пренасочи во таа област. Најзначајни дела од овој период се ДТЦ „Мавровка“ во Скопје и ДТЦ „Шехерзада“ во Битола.
ДТЦ „Мавровка“ е проект на кој посветив неколку години работа.
Овој проект го започнав во општественото уредување на СФРЈ, а го завршив во осамостоена Македонија и во променети пазарни услови. Овие промени бараа од проектантот функционални измени во тек на градење, задржувајќи ја архитектурата на објектот. ДТЦ „Мавровка“ е проект на кој многу научив збогатувајќи ги моите погледи во архитектурата и градителството.
Моето мото како архитект е да креирам творби кои ќе сведочат за времето кога се издигнале, отсликувајќи го културниот, економскиот и технолошкиот развој на општеството, преку лична архитектонска презентација.
ДТЦ „Мавровка“, Скопје
Дали можете да ги споредите можностите кои им се пружаа на младите архитекти во Ваше време и денес? Сметате ли дека во класичното образование на архитектите недостасува знаење за современа економија и политика?
Секое време и секоја генерација има свои специфичности. Младите архитекти од мојата генерација, работеа во големи проектантски куќи, во тимови со искусни проектанти од кои се учеа тајните и процесот на проектирањето.
Денес младите колеги почнуваат со работа самостојно или во мали студија. Немаат можност за соработка со искусни проектанти од кои би ги осознале основните (тајни) чекори во изработката на проектот. Нивна предност, се неограничените можности за користење на современата технологија, во работењето и следењето на светските трендови во архитектурата, секако ако тие информации умеат професионално да ги искористат во креација на своите творби. Познавањето на тековните економски параметри е неопходно, преку нив се формира буџетот кој му е на располагање на архитектот за изработка на секој проект. Тековната политика не помага во креирање на архитектонските творби, напротив може негативно да влијае во нивната реализација.
ДТЦ „Шехерзада“ во Битола
Како Ви изгледа денешнава архитектонска сцена, особено во Скопје? Колку развитокот на професијата сепак зависи од јавните инвестиции?
Денешната архитектура на станбените и на деловно-резиденцијалните објекти го отсликува неограниченото влијание на инвеститорите во изработка на деталните урбанистички планови, архитектурата на новите објекти и конечно нивната изградба. Покрај можноста за користење современи и квалитетни материјали, ретко можат да се издвојат функционални објекти со автентична архитектура. Во голем обем се занемарени урбанистичките норми и нормативите за архитектонско проектирање.
Со осамостојувањето на Република Македонија, имаше голем број на јавни инвестиции, кои за жал не придонесоа во развојот на професијата.
Населбата Ново Лисиче, Скопје во изградба
Ретко гледаме дека архитектите јавно реагираат, зборуваат за просторот, за сите промени што се случуваат во градот. Струката како да ја изгубила општествената улога? Кои би биле Вашите совети за младите архитекти?
Индолентноста на архитектите има свој придонес во општата состојба. Честата и селективна промена на законската регулатива, придонесува кон појава на нови аномалии.
Архитектите треба конечно да сфатат дека со личен ангажман, организирани во Асоцијацијата на архитекти на Македонија и во Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, да придонесат за севкупна примена на нормативите во проектирањето, почитувајќи ја законската регулатива.
За секое непочитување и отстапување да се применат пропишаните рестриктивни мерки, кои ретко или воопшто не се применуваат.
Сериозен и професионален пристап кон секој проект, почитување на проектантските нормативи во проектната програма, изработката на проектот, ревизијата и надзор во градбите, тоа е порака до младите архитекти.
Ново Лисиче, Скопје
Како го толкувате денешното сеприсутно уништување на архитектурата во нашите градови, за „Скопје 2014“ да не зборуваме, пред сè мислам на вградување на ПВЦ–столарија, застаклување и преградување на тераси. Кој е одговорен и што би требало да преземеме?
Архитектурата во нашите градови независно од времето кога е создадена и вредностите кои ги поседува, нема општествена и законска заштита. Наспроти заштита на авторството на архитектонските творби и потребното одржување на истите, опкружени сме со самоволие на станари со градежни активности од секаков вид, наспроти индолентоста на општинските органи задолжени за спречување на бесправната градба.
Наградени архитектонски зданија, репрезенти на современата македонска архитектура се преслекоа и добија фасади со архитектонски елементи кои на овие простори не биле применети.
Ваквиот однос кон архитектонското творештво треба да се промени, да се пристапи кон преземање на искуства од земји каде авторите се неприкосновени и за најмала интервенција на изградениот објект.
Со нашето почитување и зачувување на архитектурата од минатото, може да очекуваме нашите творби да бидат вреднувани и сочувани од идните генерации, оставајќи автентичен белег и сведочење за културниот, економскиот и технолошкиот развој за времето кога биле создадени.
Дали Ви се чини дека во архитектурата денес има многу повеќе чиста консумација, отколку вистинска креација. Дали архитектите им се потчинуваат на инвеститорите и на нивните желби? Мислите ли дека ќе дојде до промена во свеста на инвеститорите?
Вашата констатација ја отсликува општата состојба во културното, па во тој контекст и во архитектонското творештво. Продукцијата на проекти е сè поголема, наспроти квалитетни архитектонски реализации.
Оваа состојба беше присутна и на последните изложбени манифестации, организирани од ААМ.
Нашите инвеститори имаат единствена цел, профит и само профит. Така катастарските парцели станаа градежни локации, разиграните катни објекти ги заменија со унифицирани десеткатници, дваесет и повеќекатници, се појавија мегаструктури и трговски молови. Сето ова се проектира од анонимни проектанти и увезени идеи, на кои урбанистичките норми и архитектурата не им се приоритет. Затоа ваквите капитални проекти од високоградбата не се претставија на изложбите на БИМАС или на Годишната награда за реализиран објект. Не очекувам во блиска иднина трансформација на свеста кај инвеститорите, во мецени кои својот капитал ќе го вложат во креирање на архитектонски творби кои ќе станат репрезенти на нивното време.
Ново Лисиче, Скопје
Колку денес во архитектурата се размислува за естетика, одржливост и склад со околните објекти и просторот во кој се гради, а колку се мисли само на брза заработка?
Секој архитект посакува своето идно архитектонско дело да му биде остварување со кое би се гордеел. Колку ќе успее во тоа зависи од неговиот талент, умеењето да ги разбере и реши барањата од проектната програма и нивно компонирање во хармонично функционално решение. Следниот чекор е естетското обликување во корелација со просторот кој го опкружува. За жал сè помалку се почитува претходно изградениот и формиран простор, па имаме објекти кои се наметнуваат со комплицирани, недефинирани волумени без елементи за припаѓање во истиот. Се преземаат архитектонски форми од светски метрополи и се вградуваат како пломби на ударни локации, без никаква елаборација и архитектонска порака, сведувајќи го направеното на плагијат.
ДТЦ „Мавровка“ во Скопје
Зарем не би било мудро, сега кога сте член на Архитектонската академијата на ААМ, заедно со останатите членови, врз основа на естетски квалитети и функционалност на предложеното решение да дадете или не, согласност за проекти кои се градат без конкурс?
Законската регулатива последователно го дефинира процесот и надлежностите за изработка и ревизија на проектната документација, како и надзорот во процесот на градбата. Тоа е поткрепено и со надлежностите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и овластувањата што таа ги издава.
Архитектонската академија на ААМ нема и не би требало да презема ингеренции од тековното функционирање на проектантската дејност.
Сепак Архитектонската академија на ААМ, треба да биде вклучена преку членови консултанти, кога се планираат капитални градби од интерес на градот и републиката, од изработка на проектната програма, реализација на проектите и нивно прифаќање за реализација.
Ангажираните консултанти од Академијата, со своето богато искуство ќе дадат придонес во насока на сеопфатно реализирање на проектите, истакнувајќи ги функционалните и естетските вредности на идното архитектонско дело.
Ново Лисиче, Скопје
Колку медиумите и списанијата како што е „Порта 3“ се важни за архитектите и за креирањето на реалната слика во општеството и формирање на јавната свест што е квалитетна архитектура и урбанизам?
Медиумите, електронските, а особено списанијата како „Порта 3“, имаат големо влијание во формирањето на реалната перцепција за архитектурата во општеството. Архитектите и почитувачите на архитектурата, преку медиумската пристапност до широката јавност, со своите критички осврти, можат да дадат значаен придонес за подобрување, прифаќање па и отфрлување на предложени урбанистички решенија и архитектонски проекти. Со самото опстојување на пазарот, тие се неприкосновени во информирањето и презентирањето на многу девијантни појави во областа на урбанизмот и воопшто градителството, придонесувајќи за намалување на истите.
Медиумите се интересни за младитете архитекти, промовирајќи го учеството на архитектонски конкурси и своите смели иновативни идеи.
Македонските архитекти своето творештво јавно го промовираат преку манифестацијата БИМАС, организирана од ААМ секои две години.
Во сегментот на промоцијата на архитектонското творештво медиумите даваат широки можности, што треба да се искористи со постојано презентирање на квалитетни и иновативни творби.
Градежните материјали имаат неограничени можности за промоција во однос на квалитетот, примената и технологијата на вградување.
од изложбата во МАНУ по повод наградата „Андреја Дамјанов“
Дали архитектите во Македонија денес го имаат своето место и позиција во склад со значењето во општеството?
Архитектите преку своите творби учествуваат во формирањето на општествениот амбиент и даваат слика на културниот, економскиот и технолошкиот развој.
Архитектите во Македонија не се на место и позиција согласно со потребите на современото општество.
Од повеќето причини за ваквата состојба би ги издвоил:
– Недоволната и несоодветна застапеност на архитектите во јавните институции каде со својот професионален ангажман би се избориле за својот статус.
– Политичкиот амбиент на локално и на централно ниво, кое им овозможува на инвеститорите во голема мера да влијаат во носењето на деталните урбанистички планови, не почитувајќи ги ни основните урбанистички нормативи.
– Индолентноста на архитектите во однос на севкупното опкружување, не покажувајќи критичен став за состојбата во која се наоѓаат.
црква во Струмица, конкурс
Како се градело некогаш, а како денес? Денес многу слушаме за борба со комплицирана документација, со одобрувањето на дозволите за градење, постапките за јавни набавки.
Технологијата во градителството е многу напредната во однос на втората половина од минатиот век, почнувајќи од изработката на проектната документација до изградбата на објектите. КАД-технологијата за изработка на проектната документација, придонесе енормно да се скратат роковите за изработка и можностите за презентација, наспроти мануелното исцртување во минатиот век. Но, да не заборавиме дека зад добра идеја и квалитетен проект секогаш стои архитектот, а не технологијата.
Во градењето, технологијата е осовремена и во голема мера асортиманот на применетите материјали е збогатен и осовремен. Ако во минатото големите претпријатија работеле со искусен инженерски и техничарски кадар, и квалификувани занаетчиски работници, денес техничарите и квалификуваните занаетчиски работници сè повеќе ги нема. Во однос на квалитетот на градењето, директно влијание има стручноста на работниците и надзорот над нивната работа, што може да доведе до недостатоци во градбите.
од изложбата во МАНУ по повод наградата „Андреја Дамјанов“
Какво е чувството да се биде градител на некои од антологиските простори и објекти во Македонија, па и надвор од неа. Што чувствувате денес кога поминувате покрај Вашите објекти?
Пријатно и достоинсвено е чувството да си градител на објект изникнат во простор, станувајќи дел од пошироката околина и симбол за идентификација.
Поминувањето покрај објект изграден по мој проект, побудува спомени за времето кога е создаден, сеќавања на колегите со кои работев и случки во текот на неговата реализација.
УЗ Механизација „Маврово“, Скопје
И за крај како ги исполнувате пензионерските денови? Мирува ли архитектот во Вас или сè уште будно ја следите судбината на својот град?
Пензионерските денови даваат можност да се направи ретроспективно потсетување и анализирање на минатото. Дали направеното можело да биде поинакво? На крај се потврдува констатацијата дека секоја генерација има свое време, има свои идеи и добива можност за нивна реализација.
Собраните материјали од моето творештво, со помош на моите наследници архитекти, синот Бојан и ќерката Ана, ги обработивме во дигитална форма.
Како плод на оваа работа издадена е и монографијата за моите архитектонски дела, која беше промовира на БИМАС 20/21.
Дел од секојдневието го поминувам со мојата внука Марта, дел во кафе- средби со колеги и пријатели.
Архитектот во мене не може да се исклучи и да не живее со архитектонските случувањето во градот.
Автор: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.