Насловна / Вести / SLOWLY, SLOWLY…

SLOWLY, SLOWLY…

На старите фотографии и во филмските магазини со воз и во застрашувачката и неизвесна бродска утроба. Денес на крилата на стравот од летање… Некогаш со картонски куфери и јутени вреќи. Денес со невкусни парчиња багаж со одлики на просечен саркофаг и полууспешна имитација.

Ем-И-Грант… Емиг-Рант… Ем-Иг-рант… Еми-Грант… Емигрант….!

Притисната меѓу забите и непцата, вековната именка како ореол околу секогаш истиот, блуткав, терминалски куп од збунетост и замаглени погледи. Несмасни бакнежи префрлени преку рамо, придушено staccato од отргната воздишка во нечиј познат прамен и неконтролирано чувство на беспомошност кое ги мрзне мислите. Баш така, мрзне. Без наводници, астериск, без скриени и преносни значења…

02 Емигранти, Извор Google Images

Емигранти, Извор: Google images

************************************************

Некаде во реемисиите на обидите за култивирање на дивината и настојувањата да се втемели нов етатистички систем зачната е наклоноста на оваа нација кон отворениот простор. Ширината на видливиот свод, непопречената светлина и правото на постојана изложеност на ветерот преминуваат така во генетски запис со моќ на темелна аргументација. Обичниот Австралиец не се грижи премногу за европските конвенции. Токму поради тоа погорната негова наклоност е брутално искрена, како кај доенче чија когнитивна неразвиеност не му дозволува да лаже. И затоа е преубава во својата базична форма. Чудна истовремено и некако смешна. Особено гледана низ нашето балканско-транзициско-претприемачко, каде-најдеш-место-ти-зграда-насади искуство. Децилитарот од тој екстракт по оваа црвена почва опеана во химната наместо да спласне во кал се возобнови во солидна порција гнев. Ќе се вратам на ова…

03 Австралиска дивина, Извор Pixabey

Австралиска дивина, Извор: Pixabey

Градежното адорирање на овој континент цвета во поинаква крајност. Културолошкиот традиционализам со неговата „стравопочит“ кон наведените неприкосновености поседува, во резиденцијална смисла, транслација во доминантно индивидуално домување. Градежната прагматичност (прилагодена, да сме сосема искрени, на емигрантското рентиерство) носталгичната површина на некогашните ранчерски имоти ја вивисецира во поскромни парцели (500-600 м2) погодни за изградба на town-house мини-кластери. Со исклучок на димензиите базичните концептуални директориуми на таа архитектоника не се притоа воопшто нарушени: front-yard кон пристапната улица, објект и back-yard за лична односно семејна интимност. Наклоноста кон отворениот простор најдостапен кон дното на секоја парцела и отсуството на соседска љубопитност веќе со првиот самрак на резиденцијалните предградија им „лепи“ атрибути на неискористени филмски кулиси. Првичниот впечаток дека жителите се на колективен одмор или пак поради некоја причина масовно евакуирани извлекува благи морници од нашата свест калибрирана низ маалска непосредност и присност.

04 Town-house, Melbourne, Извор Google Images

Town-house, Melbourne, Извор: Google images 

************************************************

Вадењето на авионскиот билет во една насока на вашето чело не става автоматски натпис „емигрант“, исто како што јаболкото кое по некоја случајност може да падне на вашата глава нема автоматски да ве направи Њутн!

Осаменоста на овој антрополошки подвид започнува да метастазира во моментот на донесување на пресудната одлука. Засекот во инфицираното животно ткиво кој таа го наговестува ќе донесе подвоеност на личноста и неуморна внатрешна клацкалка која ќе функционира автономно, според неразбирливи емотивни узуси. Ваш личен Mobilis in mobilis.

************************************************

Миграцискиот притисок и просторната дисперзија се двете дланки на вратот на поедините мелбурншки крстосници. Потквасен со неприкосновеното трамвајско т.е. метро предимство патниот сообраќај бабри до ниво на мигрена на локалната администрација. Во кетоналското олеснување воннивојската разделба на асфалтот и шините е основната аналгетска состојка. И тука добрата намера започнува да куца, губејќи го ритамот на вообичаената австралиска инфраструктурна ефикасност. При покерашкото разигрување на аргументите помеѓу граѓаните и локалната администрација неприкосновеноста на визурата, инсолацијата и провевот стануваат тешко победлив демократски адут.

01 Извор Pixabey

Извор: Pixabey

Секоја населба на светот има своја сообраќајна „црна дупка“, која немилосрдно го впива времето (на патување), која никогаш не е мирна и во која сè врие. И во цилиндрите и во вените на оние кои ги држат под контрола.

Мелбурншкиот Reservoir го има својот High Street. High Street ја има својата метро-станица Reservoir од чие „гнездо“ виреат вратовите на уште една автомобилска Хидра. 36.000 возила на ден и речиси 25 % од двата утрински врвни часа исполнети со акустичниот пунктуализам на железничките (метро!) сигнали над спуштените рампи. И еден „покривен“ концепт кој во збунетоста бара мир, а во принципите слобода. Во него небо, под небото шини, под шините асфалт, гранит и зеленило. Но, луѓето не се клавирски дирки подложни на инспирацијата и екстремитетите на пијанистот, туку неизвесни ентитети чиј субјективитет од чистата логика знае да направи утопија. Опчинети со пријатностите на традиционализмот поседуваат наклоност да ја игнорираат сегашноста и презираат иднината, несвесно наметнувајќи ги своите желби како исходиште на реалноста.

11 St. Kilda трамвајска линија, Мелбурн

St. Kilda трамвајска линија, Мелбурн

Хаос внатре во хаосот! Или пак, можеби не …

Постои логика која додава смисла во искривената рефлексија на урбаниот сообраќај. Логика која треба да врши дистрибуција на токовите патници низ просторот на градот. Хоризонтално и вертикално, особено таму каде просторно-временските варијабли не успеваат повеќе да го задоволат крстосничкиот „апетит“ на патниот и железничкиот транспорт. Граѓанскиот отпор кон таа логика може да расте, некогаш и до крешендо на бура, но квалитетниот концепт останува да трепка како сонар во заднината. Сè до оној момент кога неговата упорна резонанца ќе отвори пукнатини во забетонираната негација на јавноста. Тоа е оној момент кога првите честички од кислород навлегуваат слободно во белите дробови на тој концепт. Тоа е печатот на родниот лист на добрата идеа!

************************************************

Пречеста заоблена именка која ги омекнува усните. Тивко, сталожено ехо на нешто однатре. Тука му е почетокот и крајот. Како чувство, како изговор, како насушна навика. Она ситно ® на задната корица на еден посебен менталитет. Да се „прелаже“ проблемот, да му се парира на секојдневието, да се докаже дека идеална сфера сепак постои иако вселената не ја познава. Ниту пак човечкото око.

10 Кеј на р. Јара (Yarra River)

10 Кеј на река Japa (Yarra River)

Slowly, slowly…

Два идентични меѓници на австралискиот дијалект склопени како дланки за молитва, како почеток и исходиште. Ментална мимикрија која брише рокови, но не ја забавува работата. Која ги обезбедува оние две-три секунди нирвана доволни да се испегла амплитудата на загриженоста и нервозата. Доволни чистата инерција да ги размести играчите по теренот во посакуваната конфигурација пред бројот 10 (во баналната коментаторска реторика оној „Моцарт во копачки“) со наредниот пас да ги расони трибинските октави.

Повеќе функција форма, највеќе пријатна супкултура, бледа, неодолива, како Месечината…

Автор: м-р Ненад ТОНИЌ

(Специјално за Порта 3 од Мелбурн, Австралија)

Испрати коментар

Scroll To Top