Насловна / Архитектура / Што се случува со поимот „дом“ кога неговата примарна вредност станува неговата пазарна цена?

Што се случува со поимот „дом“ кога неговата примарна вредност станува неговата пазарна цена?

Во архитектонските кулоари – без разлика дали станува збор за професионални, академски, студентски или критички средини – темата за „домот“ е постојано присутна. Таа циклично се реактуализира и во поширокото јавно мнение преку текстови, есеи, истражувања и колумни, а во поново време и преку форматот што особено го преферираат помладите генерации: поткастите. Очигледно, домувањето никогаш не престанува да биде тема. Напротив, секоја нова историска, технолошка или општествена криза го враќа во центарот на вниманието, како да станува збор за отворено прашање кое упорно одбива да се затвори. Впрочем, такво затворање не е ни можно, зашто човечките потреби не се константа, туку историски условена категорија, исто како и општествените рамки во кои тие се артикулираат.

ОД ЗАСОЛНИШТЕ ДО ФЛУИДЕН ПРОСТОРЕН ПРОТОКОЛ

Историски гледано, „домот“ – термин кој современата архитектонска теорија свесно го разликува од „куќата“ како физичка структура, произлегува од најфундаменталната човечка потреба: заштита. Првичниот импулс бил елементарен – засолнување од климатските влијанија и од потенцијалните предаторски ризици. Пештерите и импровизираните засолништа не биле архитектура во денешната смисла на зборот, но биле првиот чекор кон организирано живеење во простор. Во нив започнува процесот на присвојување на просторот – трансформација на природното во човечко. Со појавата на првите организирани населби во неолитот, домувањето добива колективна димензија. Просторот повеќе не е само прибежиште, туку и социјална структура. Урбаните матрици на антиката го институционализираат домот во рамките на градот; средниот век ја нагласува неговата заштитна функција; ренесансата и барокот го претвораат во репрезентативен инструмент на статус и моќ. Во тие фази, домот постепено станува медиум преку кој поединецот или семејството се позиционираат во општеството. Индустриската револуција носи суштински пресврт. Урбанизацијата, масовната миграција и новите производствени односи ја менуваат просторната организација на живеењето. Токму во овој период приватноста почнува да се артикулира како културна и просторна категорија. Просториите се диференцираат по функции, семејниот живот се повлекува зад ѕидови, а домот станува засебна сфера, одвоена од јавната продуктивност. Модернизмот ја радикализира оваа трансформација. Домот се рационализира, се стандардизира и се сведува на функционален склоп од зони и квадратури. Просторот станува подложен на анализа, оптимизација и репродукција. Станбената единица се третира како типолошки модел кој може бесконечно да се повторува во станбени блокови и колективни комплекси. Во таа логика, домувањето се приближува до индустриски производ – ефикасно, економично, рационално.

Денес, во услови на забрзана дигитализација и по соочувањето на човештвото со пандемијата на КОВИД-19, поимот „дом“ повторно се преиспитува. Новите околности го прошируваат програмскиот опсег на домот. Тој повеќе не е само место на живеење, тој треба да биде и работно место, училница, простор за физичка активност и социјална интеракција. Дневната соба се претвора во канцеларија, трпезариската маса место за онлајн состаноци, спалната соба простор за изолација од другите членови на семејството, а ходникот – ако го има – се претвора во простор за физичка активност. Во оваа нова реалност, домот често се третира како флуиден просторен протокол – архитектонска рамка која треба да апсорбира што е можно повеќе функции без да ја изгуби својата компактност. Флексибилноста, одржливоста и технолошката интеграција стануваат нормативни барања. Меѓутоа, токму тука се отвора суштинската дилема: дали ова проширување ја збогатува суштината на домувањето или го редуцира на инструментална инфраструктура?

Постои реален ризик домот постепено да се трансформира во простор што првенствено одговара на логиката на пазарот и на диктатот на постојаната продуктивност. Ако секој квадратен метар мора да биде „искористен“, ако секоја просторија мора да исполнува повеќе задачи, тогаш каде останува просторот за неутралност, за пауза или за непредвидливост? Наместо прибежиште и место на тивка самоидентификација, домот може лесно да стане сцена на континуирана перформативност.

Оваа тенденција, колку и да изгледа прогресивна и неизбежна, бара внимателна теоретска артикулација. Доколку домот се сведе на технички флексибилна обвивка што беспрекорно ги сервисира современите животни сценарија, се поставува прашањето што се случува со неговата подлабока, егзистенцијална димензија. Дали живеењето останува примарен чин, или станува споредна активност во просторот што претендира да биде сѐ друго освен дом? Сметам дека од оваа точка започнува потребата повторно да се навратиме кон фундаменталните теоретски размислувања за домувањето – не како носталгично враќање кон минатото, туку како обид за појаснување на тоа што всушност подразбираме кога зборуваме за „дом“ во 21 век.

ДОМОТ КАКО СИСТЕМ ОД ОДНОСИ

Токму на оваа тема е објавен еден roundtable текст, своевиден транскрипт од разговор на тркалезна маса – во последниот број на Harvard Design Magazine од декември 2025 година, списание на Graduate School of Design при Универзитетот Харвард, кое излегува двапати годишно, под наслов What’s in a Home: Reconsidering the Fundamentals of Housing. Во слободен превод: „Што е дом: преобмислување на основите на домувањето“. Во разговорот учествуваат тројца архитекти, еминентни професори од Харвард – Фаршид Мусави, Стен Ален и Тони Л. Грифин – кои паралелно водат и сопствени архитектонски студија, во дијалог со професорката по книжевност Рејчел Меј, која воедно е и уредник на списанието. Дијалогот ја отвора темата на домувањето не како затворена типолошка категорија, туку како динамичен и повеќеслоен феномен. Во суштина, текстот ја дестандардизира и деконструира архитектонската дефиниција на домувањето како објект со фиксен програмски распоред. Наместо тоа, се предлага читање на домот како жив систем од релации – еколошки, социјални, економски и временски. Клучно е разграничувањето меѓу три поими: 1. „дом“ – како субјективна и егзистенцијална категорија, како искуство што не мора нужно да се совпадне со конкретна архитектонска форма; 2. „куќа“ – како материјализирана архитектонска типологија, конкретен објект во простор; 3. „домување“ – како поширок систем составен од политики, регулативи, технологии на градење, економски механизми и модели на производство. Токму ова трослојно разграничување ја отвора суштинската дилема: што треба архитектурата да прави денес? Дали да продолжи со репродукција на стандардни типологии што одговараат на пазарната логика, или да ја преиспита самата логика на домување како урбан, социјален и политички феномен? Мусави го предлага концептот на „ecology of care“ (екологија на грижа) – во кој домот се чита како систем на односи меѓу луѓе, материјали, временски циклуси и еколошки контекст. Грифин ја нагласува социогеографската димензија на домувањето, инсистирајќи дека архитектурата не може да биде одвоена од историските наслаги на местото, кои честопати подразбираат и економска, па дури и расна нееднаквост. Ален, пак, ја поставува дискусијата во урбан контекст, задржувајќи ја тезата дека интеграцијата на невообичаени функции во зоните за домување (работилници, продавници, па дури и гробишта) не е нужно девијација, туку може да претставува реафирмација на комплексноста на градот.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ДОМОТ ВО МАКЕДОНСКИОТ ГРАД?

Во нашиот македонски контекст, текстот станува особено релевантен. Прашањето не е дали овие помалку филозофски дебати нè засегаат, туку како тие се пресликуваат во нашата реалност; дали воопшто поентите на ваквите дебати можеме да ги прифатиме и како овдешни отворени прашања на кои општеството, особено неговиот стручен дел – вклучувајќи ја и политиката како носител на промените, треба да одговори.

Во руралните средини во Македонија, домувањето сè уште се доживува како трајна и генерациска инвестиција. Куќата таму не е производ, туку наследство; не е привремена обвивка, туку фиксна рамка на семејната историја. Просторот често се гради постепено, во фази, со јасна намера да трае. Тој модел, иако неретко просторнo и технички несовршен, носи јасна егзистенцијална логика: домот како стабилност. Во периурбаните зони – особено во околината на Скопје – се појавува хибриден модел. Индивидуалната куќа сè уште е идеал, но таа сè почесто се подредува на пазарната логика на максимално искористување на парцелата, минимални отстапки за зеленило или силно тежнеење кон квалитет наспроти „квантитет“ на просторот. Домот тука се гради и како симбол на економски напредок, но за жал сѐ поретко како промислен просторен концепт. Архитектурата станува инструмент на статус, а не медиум на живеење.

Во урбаните центри, особено во Скопје, процесот е уште поексплицитен. Станбената единица се третира како квадратура, како инвестициона категорија, како дел од финансиски циклус. Последните години сведочиме на интензивна станбена експанзија, често без соодветна инфраструктурна и социјална поддршка. Новите станбени блокови не се проектираат како урбани ткива, туку како агрегати од репетитивни единици. Пазарната рационалност го диктира ритамот на градот. Тешко е да не се забележи дека домувањето веќе наголемо се води од логиката на инвеститорскиот урбанизам. Парцелата станува максимално искористлива површина, исполнувањето на максималните зададени нумерички показатели е императив кој мора да се исполни, а архитектонската мисла се сведува на оптимизација на бројот на станбени единици. Во таа динамика, градот постепено се фрагментира во низа автономни волумени кои комуницираат повеќе преку пазарот отколку преку јавниот простор.

Информацијата дека странски инвестициски фондови купуваат станови во Скопје со цел идна финансиска експлоатација е симптом кој само ќе се повторува, а не изолиран случај. Таа покажува дека станбениот фонд веќе е вграден во глобалните финансиски текови. Клучното прашање кое се поставува е дали домувањето во Македонија постепено се оддалечува од својата егзистенцијална димензија. Што се случува со поимот „дом“ кога неговата примарна вредност станува неговата пазарна цена и се приближува само кон финансиски инструмент? Во оваа ситуација, разграничувањето меѓу „дом“, „куќа“ и „домување“ станува повеќе од семантичка игра. Тоа станува метод за критичко читање на реалноста. Куќата може да се купи и продаде. Домувањето може да се регулира, субвенционира, инвестира и оптимизира. Но домот – како субјективна категорија – не може да се сведе на билансна ставка. За жал имам впечаток дека сѐ помалку проектираме домови во урбаните средини.

Кога домот станува финансиски инструмент, тој престанува да биде исклучиво место на живеење. Се појавува апсурдната ситуација во која станбени единици можат да останат празни затоа што нивната вредност расте како инвестиција. Во таков систем, домувањето се оддалечува од својата примарна функција, да обезбеди услови за живот, и се приближува кон апстрактна економска категорија. Инвеститорскиот урбанизам како реалност на современиот град, особено во држави во развој со коруптивни политички елити, станува нужно зло.

Но проблемот настанува кога тој станува единствена логика. Кога на архитектурата ѝ е одземено правото да поставува прашања и кога таа се сведува на сервис на профитната математика, тогаш домот навистина ризикува да се редуцира на производ. Во тој контекст и таквото прифаќање на нужното зло, одговорноста на архитектите, урбанистите и академската заедница не мора да биде негирање на пазарот и таквата реалност, туку поставување на граници. Да инсистираат дека домувањето е социјална инфраструктура, а не само инвестициона класа. Да потсетат дека квадратниот метар има и егзистенцијална, не само пазарна вредност. Ова сѐ, само ако ни дозволи општеството, секако. И токму затоа темата за домот не може да се затвори. Таа е политичка исто колку што е и архитектонска. Во моментот кога станот ќе стане само трговска стока, домувањето престанува да биде човечки чин и станува економска операција. А тоа, на крајот, не е прашање само на простор, туку на вредносен систем.

Историската улога на архитектурата како коректив на третирањето на домот исклучиво како средство за финансиска добивка мора да опстои.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top