Насловна / Вести / Самоодржлива градина на иднината претставена во Јапонија – без отпад, без почва! (ВИДЕО)

Самоодржлива градина на иднината претставена во Јапонија – без отпад, без почва! (ВИДЕО)

На Светската изложба ЕКСПО 2025 Осака-Кансаи во Јапонија, беше претставена необична визија за иднината на земјоделството – самоодржлива купола наречена „Извор на живот“ (Inochi no Izumi) проектирана да функционира како затворен систем за одгледување храна. Оваа импозантна конструкција, висока 6,4 метри и сдијаметар седум метри, ја симболизира планетата Земја и е поставена на основа што содржи четири различни водни средини, клучни за функционирањето на целиот систем.

Надворешноста на куполата е изработена од транспарентни ETFE панели кои овозможуваат максимален влез на сончева светлина, додека челичната конструкција VikingDome T-STAR со 245 шипки и 86 споеви обезбедува стабилност и леснотија на монтирање. И покрај нејзините димензии, целиот материјал на куполата може да се транспортира до локацијата само во три палети, со вкупна тежина изнесува повеќе од два тона.

Она што ја прави оваа купола револуционерна е нејзиниот внатрешен систем, базиран на комбинација од аквапоника и хидропоника. Наместо традиционалното хоризонтално распоредување на катовите, просторот е организиран како вертикален еколошки пресек со четири слоја растенија кои растат над четири резервоари со различен степен на соленост – од морска вода, преку соленкаста, до слатка.

Секој резервоар е населен со соодветни видови риби и други водни организми кои обезбедуваат хранливи материи за раст на растенијата со нивните отпадни материи. Микроорганизмите го разградуваат амонијакот од рибниот отпад во нитрати, кои потоа се користат за исхрана на растенијата.

Растенијата се распоредени во слоеви над секој резервоар за вода, според видот на водата под нив. Халофитските растенија како што се морското грозје и морскиот аспарагус растат над морската вода, додека растенијата што делумно толерираат солена вода, како што се доматите, напредуваат над соленкаста вода.

Системите за слатка вода го поддржуваат растот на зачински билки и салати, кои напредуваат особено добро во контролирани хидропонски услови. На самиот врв од куполата се редови цвеќиња што се јадат, вклучувајќи настрициуми, бугенвилии и невен.

Секој слој растенија се наводнува со вода од соодветниот резервоар, која по филтрацијата низ растителниот слој се враќа назад во водните зони, што го прави овој систем речиси без отпад и целосно затворен.

Овој еколошки избалансиран систем е развиен преку соработка помеѓу Истражувачкиот центар за фабрика за растенија при Универзитетот Метропол Осака и Универзитетот за морски науки и технологија во Токио.

Проектот ја истакнува можноста за одгледување храна во компактни, самоодржливи системи во урбаните средини, покажувајќи како разновидноста на растителните и животинските видови придонесува за отпорноста на целиот систем.

Иако куполата е изложена како изложбен експонат, експертите веруваат дека таков модуларен систем би можел да заживее во реални услови – на покривите на зградите, во густо населените градови, па дури и во региони со ограничен пристап до вода и земјиште.

Покрај тоа што пружа решение за локално производство на храна без употреба на земјиште, оваа иновација открива дека одржливото земјоделство не бара нужно најсовремена технологија, туку подлабоко разбирање на природните циклуси. Во време кога бараме начини за одгледување храна со намалени емисии и поголема еколошка ефикасност, „Изворот на животот“ нуди увид во тоа како природните принципи можат да станат основа на урбаната исхрана на иднината.

Испрати коментар

Scroll To Top