Насловна / Вести / Проект „Наш град“: Можност учениците да го кажат своето мислење за јавниот простор во нивните маала

Проект „Наш град“: Можност учениците да го кажат своето мислење за јавниот простор во нивните маала

Од август 2021 година, Здружението КАЖИ КОГА Скопје, со поддршка од Амбасадата на САД спроведуваше кампања и акција за поубави населби и маала – проект „Наш град“ кој цели да поттикне поголема вклученост на граѓаните, особено и на младите во процесот на планирање и обликување на јавните простори во општините Аеродром, Кисела Вода и градот Делчево. Проектот опфати серија од неколку активности меѓу кои, консултативни средби помеѓу граѓански организации, граѓани и општински власти, истражување на перцепцијата на граѓаните за јавните простори во целните општини, како и работилници за јавни прости и архитектура за ученици.

image(1)_resize

Идејата за „Наш град“ се роди во време кога кафулињата беа затворени поради заклучувањето предизвикано од пандемијата, па единствените места за собирање на младите станаа токму јавните простори. Живеам во Ново Лисиче, но некое време престојував во Делчево каде, многу позабележителна беше таа преселба на младите од терасите на кафулињата, на скалите, на ѕитчињата, клупите, по тревниците. Интересно ми беше што, дури и во овој пeриод кога сите, особено младите, беа излезени надвор во парковите, на игралиштата итн., некои од јавните простори и понатаму беа речиси празни, како и во периодот пред рестрикциите. Оттука и замислата дека нешто треба да се стори за во иднина да се избегне тоа градење паркови, плоштади или какви било места за дружба, спорт и рекреација кои, едноставно не привлекуваат луѓе.

4_resize

ВКЛУЧУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Во граѓанскиот сектор на пример, вообичаена пракса е секое решение да се бара преку процес на вклучување на граѓаните, како и преку дијалог со сите засегнати страни и особено со експертите. И иако не сум архитект, како вљубеник во архитектурата и дизајнот, добропознато ми е дека ова е пракса и во урбаното планирање во некои од развиените градови кои се препознатливи како одржливи, зелени и паметни. Ќе пронајдете бројни примери и искуства на архитекти, чии имиња стојат зад некои од најинтересните плоштади, паркови и други јавни простори за кои, клиентот или локална власт, од самиот почеток им наметнале услов да изнајдат конкретен начин да ги вклучат граѓаните во креативен процес на размена на идеи, потреби, искуства од кои, потоа ќе изработат и конкретно предлог-решение за просторот или едноставно самите тие го иницирале тоа. Оттука и бевме сконцентрирани на активности кои ќе бидат пример за еден таков креативен процес на размена и собирање искуства, идеи за изгледот, објектите, содржините и функциите на просторот во населбите во општините Аеородром и Кисела Вода и во Делчево, надевајќи се дека истите ќе бидат инспирација за самите општини, за самите архитекти во секторите за урбанизам и генерално за архитектите (младите особено), кои ќе го обликуваат и реобликуваат идниот изглед на нашите населби и маала.

image(5)_resize

РАБОТИЛНИЦИ ЗА ЈАВНИ ПРОСТОРИ СО ПОВЕЌЕ ОД 200 УЧЕНИЦИ

Со овие идеи, стапивме во контакт со општините и со нивна помош, како и со помош на десет општински основни училишта во период од два до три месеци, организиравме работилници за јавни простори со повеќе од 200 ученици од осмо и деветто одделение на возраст од 13 и 14 години.

За таа цел ангажиравме двајца архитекти кои, освен што одржаа неколку работилници, ни помогнаа да направиме концепт за кратко едукативно-информативно предавање за децата преку кое со конкретни и инспиративни примери за поп-ап паркови во Сан Франциско, улична плажа среде Париз, парклети среде паркинзи во Штутгарт, градини на покриви, џебни паркови меѓу згради, урбани општествени градини каква што е „Бостание“ во Ново Лисиче итн., на децата им зборувавме за архитектурата и функцијата на јавните простори, за улогата на граѓаните, младите и општините во планирањето, но и за одржувањето потоа, а зборувавме и за можноста токму архитектурата и зеленилото да помогнат во собирање на водата дождовница, намалување на буката, справување со топлотните бранови, избегнување на т.н. топлотни острови во градот.

image(4)_resize

Инаку, вообичаено, перцепцијата за учеството на деца и млади во ваква тема, особено инклузија на возрасната група која ние ја вклучивме, е дека нема да донесе корисни резултати, бидејќи, фантазијата на децата знае да излезе надвор од она што е реално и остварливо, што искрено и очекувавме, па и добивме неколку такви, да речеме, амбициозни предлози од ученици – мини- зоолошка градина во Аеродром и Горно Лисиче, зип-лајн, аквариум и сл., но одевме на тоа дека, дури и ваквите идеи треба да се земат предвид и да се толкуваат од општините и од архитектите како потреба на децата и младите од јавни простори кои се со поразигран дизајн, можеби шарени, впечатливи бои, форми и содржини кои нудат повеќе забава вклучително и адреналинска.

KUZMAN SHAPKAREV 8 - RASADNIK _resize

СО ПОМОШ НА АРХИТЕКТИТЕ ДА ГИ ЕДУЦИРАМЕ И ИНСПИРИРАМЕ УЧЕНИЦИТЕ

Со таа мисла и со надеж дека ќе инспирираме поинакви јавни простори во иднина, но и поголема вклученост на граѓаните во нивното планирање, буквално ги обиколивме повеќето од училиштата низ Драчево, Кисела Вода, Аеродром, Ново Лисиче, Лисиче и Горно Лисиче и во Делчево. Во процесот, се обидовме со мала помош на архитектите да ги едуцираме и инспирираме учениците за потоа да ги оставиме тие, преку меѓусебна дискусија со соучениците да размислат и одлучат за конкретна предлог-идеја на која ќе работат, на пример, нов парк или трансформација на постоечки парк во нивната населба или маало, детско игралиште, скејт парк, терени за спорт и рекреација, училишниот двор, да размислат за конкретната локација на која ја планираат нивната идеја, да размислат за материјалите од кои ќе бидат направени некои од елементите – урбаниот инвентар на пример. Децата ги поттикнавме да користат Google Earth, Google Maps, да пребаруваат примери низ интернет, а им прикажувавме и инспиративни видеа снимени во рамки на проектот со кадри од највпечатливите јавни простори како, Паркот на печурките во Кисела Вода, паркот Пушкин, Расадник, Авионче во Ново Лисиче, кејот на Вардар во Аеродром, Паркот на езерата итн. Во едно од училиштата, „Димитар Македонски“ во Лисиче, една група деца дури побараа од нас да излезат во училишниот двор за да направат скица на просторот пред да размислат за содржините кои тие сакаат да ги има. Во други пак, сведочевме на толку интересни, забавни и инспиративни дискусии и презентации што, би било штета доколку ние пред сè, а потоа општините, не поддржат вакви активности во иднина кои, активно ќе ги вклучуваат децата и младите.

image(2)_resize

Генерално, децата беа неверојатно многу заинтересирани, не само за значаен дел од примерите што им ги покажувавме за плејсмејкинг, туку и за промотивните видеа кои беа направени во рамки на проектот, токму за таа намена бидејќи, повеќето од кадрите на јавните простори се снимени од птичја перспектива, а децата тоа и ги интересираше, најмногу – како да го нацртаат паркот, клупите, игралиштето за фудбал и сл.

image_resize

Во училиштето „Рајко Жинзифов“ во Драчево имавме чест со нас да биде и професор по ликовно кој, самоиницијативно одржа многу кратко и одлично предавање за организирање на просторот – нешто на што и ги учи децата, кое беше толку инспиративно, што во иднина доколку продолжиме со ваков тип на активности, а се надевам дека ќе продолжиме, многу веројатно ќе вклучиме и ваков елемент. Во „Партенија Зографски“, по иницијатива на Општина Кисела Вода, во училиштето вклучивме кратко предавање за урбано планирање, кое го одржа советничка од Секторот за урбанизам на Општината. Од Општината беа активно вклучени на сите наши работилници, дури и по нивна иницијатива, темата за работа која им ја задававме на учениците во училиштата таму беше Расадник. Иако реално и не може да се очекува дека овие, можеби 40 предлози за паркчиња, игралишта, скејт паркови, па дури и зип-лајн и сл. ќе бидат реализирани, се надеваме дека општините ќе бидат инспирирани од некои од предлозите за конкретни промени, како и дека ќе увидат дека ваквите работилници и ваквиот начин на работа со децата и младите, како и соработката со здруженијата може да им помогне во планирање на просторот и обликување на истиот според потребите и чувствата кои просторот им го буди на децата, младите, но и на возрасните.

image(3)_resize

Ива Петрунова, архитект урбан социолог

Мојата соработка со Здружението КАЖИ КОГА, е преку учество во проектот „Наш град“, проект за поубави населби и маала, кој има цел да поттикне поголема вклученост на граѓаните во планирањето, одржувањето и трансформацијата на јавните простори. За мене овој проект претставува голем чекор нанапред во кревање на свеста и актуализирање на проблемите во градот и населбите, проблеми кои ги засегаат сите граѓани. Посебно ме радува, што како едукатор на работилниците и воедно како архитект и урбан социолог имав можност да пренесам дел од моето занење и да помогнам да се отвори прашањето, како ги користиме јавните простори во градот и да се поттикне граѓанска вклученост во проектите за просторот во општините.

Првата работилница беше наменета за жителите на општините Аеродром и Кисела Вода, додека втората серија работилници беа наменети за учениците од основните училишта од истите општини.

Плодната дискусија која се отвори на првата работилница покажува дека граѓаните се заинтересирани за просторот во своите општини и би сакале да бидат консултирани за содржините и намените. Работилницата се однесуваше на акцентирање на важноста на просторот во градот, посебно во негова одржлива, еколошка и социјална смисла, а не само како празен физички простор. Понатаму, се разгледуваа концепти од поразвиените земји за граѓански иницијативи поддржани од општините, кои би го унапредувале животот во градот. Еден таков позитивен пример е градината „Бостание“, која се наоѓа во Општина Аеродром.

Работилниците во основите училишта беа посебно испиративни, бидејќи дадоа можност учениците да го кажат своето мислење во врска со јавниот простор во нивните маала. Учениците имаа можност да разговараат со едукаторите и со претставници од општините за својата визија и што би сакале да има повеќе, а што помалку. Истовремено се едуцираа за важноста на просторот и што сè можат да направат за тој да биде подобар. Беа едуцирани и што значи екологија и зеленило и дека нашите градови треба да се чисти и здрави за да бидат здрави и нивните жители. Посебно ме радува фактот, дека преку вакви работилници во училиштата, децата се запознаваат со нова тема која е дел од нивното секојдневие, но е истовремено недоволно препознаена како важен фактор во нивниот развој. Преку едукативни содржини поврзани со градот и просторот, ние во иднина би имале посвесни граѓани, кои би се грижеле за својата околина и град.

Вакви проекти поттикнуваат љубов и грижа кон местото на живеење и ја зајакнуваат врската помеѓу граѓаните и маалото, го акцентираат заедништвото и го подобруваат соживотот.

1_resize

Дамјан Балкоски, архитект урбанист

Placemaking (мк. правење места/креирање места), претставува концепт во урбанистичкото проектирање кој овозможува граѓаните да имаат директна улога во донесувањето одлуки за јавниот простор, негово уредување, управување и одржување. За да се постигне тоа, треба да се најде модел и алатки за вклучување на граѓаните во планирањето, одржувањето и трансформацијата на јавните простори. Но исто така, за таа цел мора да се подигне и свеста на граѓаните и на општините за потребата од заедничко планирање и одржување на тие простори.

Па така, целта на работилниците што се организираа во рамки на проектот од страна на Здружението КАЖИ КОГА Скопје претставува почетна основа за иден развој на идеи за имплементација на концептот placemaking. Тоа е долгорочен процес кој бара организација на почести активности со граѓаните, со невладиниот сектор и градските власти. Според моите впечатоци, но и според реакциите на учесниците на работилниците, јасно е дека следните дејствувања ќе се случуваат кон подобрување на овие функции.

Автор: Стојне ТОДОРОВСКА,

Здружение КАЖИ КОГА Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top