Насловна / Вести / Подобра иднина преку промени

Подобра иднина преку промени

Основен предуслов за да се извршат промени во една земја, една заедница, едно општество во насока на одржлив развој е осознавањето и прифаќањето на принципите на одржливиот развој, на таа нова филозофија на живеење. Во Република Северна Македонија, постои недоволно развиена свест и разбирање на концептот на одржлив развој кој е есенцијалност на планирањето на сите аспекти на животот. Во првата декада на 21-виот век се нaправени некои пошироки толкувања во име на промоција на одржливиот развој како определба и стремеж на нашето време и изготвен е документот Национална стратегија за одржлив развој на РМ. Ова е едно негово претставување, иако тој не е во функција.

Горан Стефановски би рекол: „Историјата и политиката ги кројат и пакуваат човечките општества во тесни калапи.“

tabela_cigi

ПОСТУЛАТИ НА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ

Одржливост значи користење на нашето богато општествено, културно и природно наследство на урамнотежен начин. Повеќе дефиниции ги поткрепуваат гледиштата за одржлив развој, а постојат навистина голем број на размисли, визии и толкувања во фукција на теоретската поставеност на тој термин.

Светската комисија за животна средина и развој (позната како Brutland комисија) го дефинира одржливиот развој како: „Развој кој ги задоволува потребите на сегашните генерации, без да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби. Дефиницијата понатаму вели: Во суштина, одржлив развој е процес на промени во којшто користењето на ресурси, насочувањето на инвестиции, ориентацијата на техничкиот развој и институционалните промени се во хармонија и ги зголемуваат како сегашните, така и идните потенцијали, со цел да се задоволат човечките потреби и аспирации.

Одржливиот развој вклучува три заемно зависни и испреплетени димензии:

•  Економска димензија (економски ресурси, развој и раст)

• Димензија на животната средина (природни ресурси, заштита и одржливо користење на природата, превенција и борба против загадувањето)

• Социјална димензија (социјални ресурси, солидарност и борба против сиромаштијата)

razvoj3

Одржливиот развој претставува континуиран процес кој вклучува подобрување на интеграцијата на економските, социјалните и аспектите на животната средина односно имплицира дека општеството мора истовремено да се соочи со економските, социјалните и предизвиците на животната средина. Република Северна Македонија треба да биде општество во коешто економскиот напредок може да се одвива паралелно со подобрување на животната средина. За тоа мора да постојат неопходни иницијативи и можности кои им овозможуваат на разни субјекти да дадат придонес преку сопствени иницијативи. Населението треба да остварува придобивки, но истовремено и да дава придонес во подобрување на општата рамка за подобар квалитет на живот, подобри социјални услови, вработувања и др.

Идните генерации би требало да имаат во најмала мерка поволни услови за добар живот, како што има и сегашната генерација, како и солиден социјално урамнотежен економски развој. Овој развој мора да обезбеди голема индивидуална слобода на делување, да ги почитува ограничувањата на природата и на животната средина и да нема негативни последици врз здравјето на луѓето.

Одржливиот развој тешко може да се оствари поединечно, само во една земја бидејќи светот меѓусебно е силно поврзан. Затоа глобалниот одржлив развој

предвидува свет во којшто постои економски напредок, зголемена благосостојба и подобра заштита на животната средина. Ваквиот развој наговестува баланс, вклучувајќи ги помалку развиените и помалку силните делови од светот. Истиот подразбира отвореност, демократија и почитување на човековите права. Одржливиот развој бара глобална соработка и меѓународни решенија.

НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ  – НСОР

„Националната стратегија за одржлив развој на РМ“ се заснова врз принципите за одржлив развој прифатени на глобално ниво, а дефинирани на Конференција за животна средина и развој на ОН (Рио де Жанеиро, 1992) со цел Агенда 21 да биде во функција, а понатаму и врз Декларацијата и планот за имплементација од Јоханезбург 2002 усвоена на Светскиот самит за одржлив развој. Секако е донесена и врз принципите на Милениумската декларација на ОН кои се содржани во Милениумските развојни цели поставени во обновената Стратегија за одржлив развој на ЕУ од 2006 година.

Одржливиот развој имплицира развој кој ги задоволува потребите на сегашните

генерации, без да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби, па според тоа, секоја сериозна држава треба да воспостави верификат на законски рамки и правила во таа смисла.

Нашиот Устав содржи членови кои се однесуваат на фундаменталните принципи врз кои се темели одржливиот развој, а и Законот за животна средина, покрај другите принципи, го содржи принципот за одржлив развој. Следователно на светските трендови, а како неопходност, се изготви соодветен документ за оваа сфера  односно се изготви Националната стратегија за одржлив развој која се однесува на период 2009 – 2030. Таа ја претставува стратешката основа за поддршка на генералните политики и определби, а нејзиното имплементирање треба да е во насока на обезбедување економски развој кој е социјално одговорен и праведен, прифатлив за животната средина и кој се потпира врз основните постулати на граѓанското општество. Стратегијата требаше да обезбеди широка прифатеност и да биде цврсто вкоренета во сите сфери на животот во државата што за жал не се случи (со неколку исклучоци).

razvoj2

Главните области кои ја формираат стратешката структура на која се базира НСОР се:

1. Политика и правна рамка (меѓусекторска)

2. Животна средина (меѓусекторка)

3. Енергија (меѓусекторска)

4. Рурален развој (вклучува земјоделство, шумарство и туризам)

5. Социјални прашања (вклучува вработување, социјална заштита, здравство и

образование)

6. МСПИТИ (е кратенка за мали и средни претпријатија, инфраструктура, транспорт и индустрија)

Направени се единаесет извештаи за проценка и анализа во сите овие области и се соединети во еден документ – Рамковен извештај за одржлив развој, којшто ги содржи следните главни делови:

•Платформа на знаења која во најголем дел ги содржи консолидираните заклучоци и наоди од извештаите за проценка и анализа.

• Поволно опкружување кое се однесува на потребата од верба во иднината,

политичка подготвеност и капацитет, правни и регулаторни инструменти и

инвестициската клима.

• Капацитетот за имплементација се однесува на техничките и професионалните

капацитети, институционалните и организациските капацитети, како и капацитетите за инвестирање и финансирање.

Прашања со извонредно значење за одржливиот развој идентификувани во документот – НСОР, а сè уште актуелни, се поделени на три главни области:  политичка стабилност,  реформи во судството и административен капацитет. Во истиот документ – Стратегијата, се  консолидирани следните заклучоци :

• Животната средина да биде идентификувана како меѓусекторски приоритет од

страна на владата.

• Да зајакне капацитетот на Министерството за животна средина и просторно планирање (да се воспостави Министерство за урбанизам и други субјекти одговорни за просторот како ресурс).

• Подготовка на сет на индикатори за следење на одржливиот развој и воспоставување на сеопфатен просторно базиран мониторинг и информативен систем за животната средина.

• Поддршка, поттикнување и имплементација на алтернативни системи за заштита и подобрување на нарушената животна средина.

• Да се поддржат централните и локалните власти во спроведувањето на донесените закони, и да се зголеми ефикасноста на администрацијата.

• Да се зголеми јавната свест за животната средина во однос на одржливиот развој и да се посочат економските и социјалните придобивки кои ги носи одговорното однесување кон животната средина во секојдневниот живот.

• Да се интензивира фокусот на алтернативни извори на енергија, развојот на екотуризмот и производството на здрава храна.

Според истата изготвена Стратегија за останатите области како што е руралниот развој на земјата потребно е иновативно планирање на земјоделствотo,  зајакнување на административните капацитети, заедничка земјоделска политика, користење на инструментите поврзани со управувањето со претпристапна помош во руралниот развој (IPARD), како и Интегриран аминистративен и контролен систем (IACS) и Регистар на фарми (FR). Во шумарството не е доволна донесената Национална стратегија како и за туризмот, туку се потребни соодветни човечки ресурси, подобрен транспорт, инфраструктура и подобро функционирање на секторот во поглед на поголема вклученост, соработка и координација на сите заинтересирани страни.

Во социјалната сфера што вклучува вработеност, образование, истражувања, јавно здравство, демографија именувани се серија пилот и демонстрациски проекти кои не се спроведени и состојбата е лоша.

Инфраструктура, транспорт и индустрија се извонредно важни области кои низ соодветни и добро осмислени форми можат да создаваат солидна економска основа на државата (мали и средни претпријатија) ако ја следат оваа Стратегија.

razvoj

ДИЈАГНОЗА

Основен предуслов за да се извршат промени во една земја и општеството во насока на одржлив развој е разбирањето и прифаќањето на концептот и принципите на одржливиот развој. Во земјава постои недоволно развиена свест, разбирање и  прифаќање на концептот и принципите на одржлив развој, со одредени исклучоци.

Накратко, сеопфатната дијагноза за одржлив развој може да се  претстави низ следните одредници:

• Недоволно развиена свест, разбирање и посветеност за одржлив развој.

• Потреба од целосна посветеност кон ЕУ-членство на национално ниво.

• Незаштитено богато природно и културно наследство.

• Висока стапка на невработеност.

• Потреба од значително подобрување и стратешко насочување на здравствениот и на образовниот сектор.

• Потреба од стратешко пренасочување во одредени сегменти во областа на

енергетиката, земјоделството и шумарството.

• Потреба од структуирано стратешко работење и планирање во туризмот – сектор со голем потенцијал.

• Потреба од значително подобрување на системот за водоснабдување, третманот на отпадни води и управувањето со цврст отпад.

• Потреба од стратешко фокусирање во областа на планирањето на просторот (патна и  железничката мрежа).

• Потреба од индустриски развој, особено развој на малите и средни претпријатија.

• Потреба од сеопфатен организациски развој и институционално зајакнување во сите сфери на јавниот живот, вклучувајќи креирање на политики, подготовка на правна и регулаторна рамка, стратешко планирање, администрација, мониторинг итн.

ОПШТИ ЦЕЛИ, НАСОКИ И ВОДЕЧКИ ПРИНЦИПИ

Идентификацијата и формулирањето на општите цели, насоките и водечките принципи за постигнување одржлив развој во земјава, се базира на претходната дијагноза дадена во НСОР (делот Стратешка основа и анализа).

Цел, насока и клучен предизвик за постигнување одржлив развој е што поскоро членство во ЕУ на земјата, а како почетна точка би требало да се имаат богатите и релативно неуништени природни и културни ресурси . Оттука, целта ќе биде насочена кон одржлива интеграција на туризмот, шумарството, земјоделството и индустрискиот сектор со одржлива поддршка од енергетскиот сектор, инфраструктурата и секторот за транспорт. Секторот животна средина треба да биде интегративен и меѓусекторски фактор. Важно е да се запомне дека одржливиот развој е континуиран процес, којшто бара постојано прилагодување, следење и подобрување.

Со цел Стратегијата да биде колку што е можно поостварлива, истата е изградена врз неколку  заеднички, водечки принципи на поддршка односно Владата да има иновативна, поддржувачка и водечка улога во однос на општините и приватниот сектор, кои пак имаат оперативна улога во остварувањето на одржлив развој во државата.

Краткорочниот фокус би требало да биде насочен кон високообразованата работна сила, со цел да се спречи понатамошниот „одлив на мозоци“,  а  Е- влада може да се смета за остварена задача и принцип што веќе се практикува со што е обезбедена  поголема транспарентност и ефикасност.

Фокусирањето што се очекува  е важното прашање за членство во ЕУ и во таа насока обезбедување на разбирање и посветеност на целиот процес, но токму заради тоа би требало да се имплементираат тематски  демонстрациски проекти.

Созревањето што се очекува  се однесува на прашањето на созревање на јавниот, економскиот и приватниот сектор во насока на одржливиот развој.

Имплементирањето до 2030 година се однесува на посеопфатна селекција и имплементација на пилот и демонстрациски проекти, базирана врз основа на осознаените искуства со вклучување што повеќе заинтересирани страни и тоа на сите нивоа.

Имајќи ја предвид комплексноста и мултисекторската природа на одржливиот развој во целина, и потребата од примена на нов сеопфатен и стратешки ориентиран начин на размислување и делување,  потребна е нова институционална поставеност за поддршка. Би требало активно да делува Националниот совет за одржлив развој како одговорен раководен административен субјект кој ја презема политичката одговорност за спроведување на Стратегијата, а тој да е воден од заменик-претседателот на Владата. Со цел овозможување на имплементацијата врз основа на искуствата ширум Европа, би требало институционалната поставеност да се дополни со  Национална агенција за одржлив развој, Национална банка за инвестиции за одржлив развој и Универзитетски кампус за одржлив развој.

За жал може да се констатира дека рамката и сите овие поддржувачки елементи не се во функција.

Автор: Даница ПАВЛОВСКА-Циги

Со овој текст Порта3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина ,,Не игнорирај! Реагирај!” (www.reagiraj.mk)

http://reagiraj.mk/

MK-LOGO-COLOR (3)

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top