Насловна / Архитектура / Почнува реновирањето на најомразената кула во Париз: Монпарнас добива нова фасада и зелени тераси

Почнува реновирањето на најомразената кула во Париз: Монпарнас добива нова фасада и зелени тераси

По години дебати и одложувања, најавено е дека конечно ќе започне голема трансформација на кулата Монпарнас, деловна зграда висока 210 метри што со децении предизвикува поделени мислења во Париз.

Изградена помеѓу 1969 и 1973 година од архитектите Eugène Beaudouin, Urbain Cassan, Jean Saubot и Louis de Hoÿm de Marien, кулата своевремено била највисоката зграда во Франција, а и денес останува највисоката зграда во административните граници на Париз. Нејзиното строго, монолитно присуство над класичниот градски хоризонт предизвикало критики речиси од моментот кога е отворена.

Кулата Монпарнас долго време претставувала архитектонски исклучок во град кој го карактеризираат ниски османовски фасади. Нејзината темна правоаголна форма и јасна висина истовремено ја направија и важен деловен центар и честа цел на јавни шеги.

Парижаните со години повторуваат дека најдобриот поглед на градот е од платформата за набљудување на 56-тиот кат – бидејќи тоа е единственото место во Париз од каде што кулата не може да се види.

Влијанието на оваа контроверзна зграда било толку силно што само четири години по нејзиното завршување, во центарален Париз се воведени строги ограничувања на висината, со што епрактично е запрена изградбата на слични облакодери во историскиот центар на градот во наредните децении.

Визија за новата кула Монпарнас

По години менување на плановите и приоритетите, сега е започната сеопфатна реконструкција. Проектот е резултат на меѓународен архитектонски конкурс објавен во 2016 година, а победничкото решение го потпишува конзорциумот на француски архитекти Nouvelle AOM.

Предлогот предвидува радикална трансформација на надворешноста на кулата – разбивање на нејзината масивна форма со нова фасада, воведување зеленило и значително поголема транспарентност.

Голем дел од затемнетото стакло што ја карактеризираше зградата ќе биде заменето со посветли и потранспарентни панели, со цел визуелно да се олесни кулата и подобро да се вклопи во панорамата на Париз, пишува Parametric Architecture.

Покрај новата, потранспарентна фасада, со која ќе се постигне потранспарентен изглед, реконструкцијата предвидува ленти од балкони со зеленило и кровни градини кои ќе ги омекнат строгите вертикални линии на кулата и ќе внесат повеќе зеленило во панорамата на градот.

Посебен акцент е ставен на подобрување на еколошките перформанси на објектот – планирани се системи за природна вентилација, како и можност за производство на енергија на лице место, што значително би ја намалило потрошувачката на енергија.

На највисоките катови предвидени се голем стакленик и простор за урбано земјоделство, како и нови платформи за набљудување кои би требало дополнително да ја оживеат улогата на кулата како јавна дестинација во Париз.

Редизајн на јавниот простор

Во подножјето на зградата денес се наоѓа запуштен трговски центар и бетониран плоштад кој долго време не привлекувал посетители. За редизајнирањето на ова дело ангажиран е познатиот Ренцо Пиано.

Пиано предлага плоштадот да се трансформира во продолжение на околниот кварт – со пешачки шеталишта, плоштади со дрвја, кафулиња и културни содржини кои подобро ќе го поврзат просторот со урбаното ткиво. Целта е да се преобликува масивната база на кулата за повторно да се воспостави врската помеѓу зградата и градот, надминувајќи го чувството на изолацираност што долго време го следеше овој комплекс.

Предизвици и временска рамка

Реконструкцијата веќе со години се соочува со бројни одложувања. Претходните планови предвидуваа завршување на работите до Летните олимписки игри во Париз 2024, но логистичките проблеми – вклучително и отстранувањето на азбестот и обемот на планираните интервенции – значително го одложиле почетокот на проектот.

Се очекува сите корисници на просторот да ја напуштат зградата до крајот на март 2026 година за да може да се започнат работите, а завршувањето на реконструкцијата се очекува на крајот од оваа деценија или на почетокот на 2030-тите.

Трошоците за проектот во меѓувреме значително се зголемиле, а сегашните проценки говорат за инвестиција од неколку стотици милиони евра. И покрај финансиските и техничките предизвици, градските власти и проектантите остануваат посветени на идејата да ѝ дадат одржлив „втор живот“ на една од најконтроверзните згради во Париз.

Дали Париз ќе ја прифати новата кула?

Останува отворено прашање како Парижаните ќе реагираат на обновената кула Монпарнас. По повеќе од половина век поделени мислења за нејзиниот оригинален изглед, целта на реконструкцијата е да се создаде посовремена архитектонска икона што поскладно ќе се вклопи во урбаниот и културниот пејзаж на градот.

Со посветол и потранспарентен изглед, повеќе зеленило и обновени јавни простори, проектот има за цел да ја трансформира зградата што со децении беше предмет на потсмев во објект што Париз конечно може да го прифати како дел од својата панорама.

Испрати коментар

Scroll To Top