Насловна / Архитектура / Новата порта кон Африка Еко Атлантик – Нигерија

Новата порта кон Африка Еко Атлантик – Нигерија

Денес, во времето на глобализација во светот сè почесто имаме нова појава, „градење градови од нула“. Ова особено е честa појава во земјите во развој, каде населението рапидно расте, а брзата урбанизација не е во можност да ги задоволи потребите на населението, да ги обнови градовите и прилагоди на новите потреби и да се справи со постоечката несоодветна инфраструктура. Понекогаш е невозможно постоечките метрополи да се обноват и да го следат новото време бидејќи се потребни многу финансии и време. Сè почесто се градат нови градови од нула. Такви во моментот во светот има околу стотина. Тоа се Еко Атлантик во Нигерија, со идеја да биде финансиски и економски центар на Африка или т.н. „африкански Менхетен“, Forest City во Малезија, луксузен град за 700 илјади луѓе, Vision City во Руанда, слободна WI-FI зона, кинескиот Xiongang, новиот град Каиро и други.

1

Со компјутерска анимација овие градови изгледаат перфектно, а идејата за нивна изградба за земјите во развој е можноста да се привлече свеж капитал и нови инвеститори. Ова се градови на иднината.

Нигерија е земја со најмногу население во Африка. Во 2016 година имала 191 милион жители од кои 60 отсто се помлади од 24 години. Се претпоставува дека до 2050 година ќе има 400 милиони жители. Има многу природни ресурси меѓу кои големи резерви на нафта (10 во светот по своите резерви) и природен гас. Во 2014 година Нигерија станува најголема економија во Африка, а во 2015 станува 20 економија во светот и добива сè поголема глобална економска моќ.

Моментално градот Лагос во Нигерија е најнаселениот град во Африка со 21 милион жители, мегаград кој претставува и најголем економски центар на Нигерија. Положбата покрај Атланскиот Океан и природните ресурси со кои располага се идеални да стане економски и финансиски лидер во Африка. Лагос веќе нема простор каде да се шири, а потребата од нови и современи простори секој ден се зголемува.

EKOATLANTIC_Broch_2012-9

Новиот дел на Лагос Еко Атлантик е нов град и новата порта кон Африка, но тоа е исто така и решение за актуелните проблеми на мегаградот Лагос. Тоа е град визија за иднината.

Тој треба да овозможи идеални услови за бизнисите и да стане луксузно место за живеење.

Еко Атлантик се гради на рекултивирано земјиште со површина од девет милиони квадратни метри покрај океанот до островот Викторија, а дел од тоа земјиште е одземено земјиште од океанот заради ерозија. Изградбата на Еко Атлантик дава и позитивен одговор на светските проблеми како големиот пораст на населението, климатските промени и ерозијата на земјиштето покрај брегот на океаните.

EKOATLANTIC_Broch_2012-8

Почетоците за изградба на Еко Атлантик се во 2008, кога почнува седумгодишно континуирано чистење на дното на океанот и консолидирање на земјиштето покрај островот Викторија за да се заштити островот од натамошна ерозија, но и да се оформи простор за градење на Еко Атлантик. До 2015 година е консолидирано 50 отсто од планираното земјиште за новиот град.

За заштита на новата рекултивирана земја од брановите на океанот и плимата, изграден е Големиот ѕид на Лагос кој треба да е со Л=10,5 километри и висина од 8,5 метри над нивото на океанот. Големиот ѕид на Лагос е голем инженерски потфат кој поминал многу тестови и истражувања од светски познатиот Белгиски институт за истражување и испитување на хидраулички објекти. Големиот ѕид во Лагос ќе може да ги издржи брановите на океанот и плимата и да го заштити Еко Атлантик од овие природни појави и ерозија на брегот во наредните 1.000 години.

Еко Атлантик е стратешки проект и се реализира со партнерство и финансиска поддршка на државни институции како Федералната влада на Нигерија, локалната Влада на Лагос и приватни инвеститори.

За реализација и планирање на новиот град Еко Атлантик поканети се и земаат учество  познати светски тимови од областа на финансии, планери и урбанисти, инженери, планери за недвижности и други.

EKOATLANTIC_Broch_2012-11

ШТО ЌЕ СОДРЖИ ЕКО АТЛАНТИК

Еко Атлантик е планиран град за 350 илјади жители. Тоа е град на иднината, град на 21 век со простори за бизниси, за домување, образование, здравствена заштита, најсовремена инфраструктура и сè што е потребно за пријатен и безбеден живот на жителите во 21 век.

Транспортните можности и сообраќајот се решени со повеќе типови превозни средства, за да биде поврзан со соседните земји и целиот свет. Сите сообраќајници се брзи, со повеќе ленти и во повеќе нивоа и ќе го поврзуваат Еко Атлантик со Лагос и островот Викторија. Покрај сите сообраќајници се предвидени дрвореди. За јавен превоз во градот ќе се користат екоавтобуси. Во Еко Атлантик е проектиран и еден главен воден канал и неколку споредни кои ги поврзуваат три марини и сите делови на градот, а кои ќе се користат за воден сообраќај во самиот град. Главниот воден канал ќе биде поврзан и со водените текови во Лагос и ќе може со систем од ферибродови да пренесува патници до сообраќајните центри за фериброд транспорт во Лагос. За авиопревоз ќе се користи аеродромот во Лагос, а по потреба како брза комуникација до аеродромот ќе се користи хеликоптерски превоз.

Во Еко Атлантик проектирани се и многу пешачки патеки и површини. Покрај Големиот ѕид, проектирано е шеталиште со должина од 10,5 километри.

EKOATLANTIC_Broch_2012-4

Во Еко Атлантик проектирани се шест области. Областа околу големата марина со големи јавни површини, јавни објекти, станбени и многу ресторани и кафе-барови. Областа за бизнис т.н. „Бизнис-булевар“, областа покрај брегот на океанот во која ќе се градат објекти за домување, хотели и други објекти за сместување, областа околу двете помали марини, областа околу брзите сообраќајници и областа со зелени површини.

Најимпресивна ќе биде областа за бизниси со централниот булевар кој е со должина од два километри и ширина од 60 метри. Ќе има шест ленти за непречен брз сообраќај и тоа е т.н. ,,Бизнис-Булевар“ нешто слично како 5-та Авенија во Њујорк. Покрај булеварот се планирани висококатници со висина до 35 ката во кои ќе се сместат сите финансиски институции, бизниси, банки, корпорации и сите други комерцијални активности. На северниот крај на булеварот е проектирана кула со 60 ката која ќе биде највисокиот објект во Еко Атлантик. Дел од паркирањето ќе биде во подземните нивоа, а повеќето на први и втори кат во објектите. Овие катови ќе бидат поврзани со пешачки мостови. Приземјето на објектите кое е на ниво на сообраќајниците и пешачките патеки е резервирано за кафе-барови, ресторани, продавници и слично. Приземјето и партерот на објектите ќе бидат збогатени со многу јавни содржини и зеленило, пријатни и удобни простори кои ќе им овозможат на жителите средби со пријатели или клиенти на пијалак или оброк. Просторот за бизниси и други деловни активности е со П=700 000 квадратни метри.

Сето ова ќе го направи Еко Атлантик да биде престижно место за бизнис, лесно достапно и поврзано со светот по сувоземен пат, воден пат или воздушен, со сите удобности и комфори и секако прекрасни погледи кон океанот.

EKOATLANTIC_Broch_2012-7

Објектите за домување се предвидени главно на периферијата на Еко Атлантик, покрај брегот, но има и станбени објекти во централниот дел. Станбениот дел покрај океанот

ќе има и многу простори за спорт и рекреација, зелени површини, училишта, здравствени установи и големо шеталиште покрај океанот и Големиот ѕид.

Овде е планирана и изградба на повеќе хотели и други сместувачки објекти.

Еко Атлантик ќе има најсовремена и ефикасна инфраструктура, сите инсталации ќе бидат целосно изведени под земја. Има свое независно снабдување со електрична енергија,  достапна чиста вода за сите објекти, пречистителни станици за отпадни води, систем за управување со отпадот, подземен дренажен систем, инсталации за телекомуникации до секој објект, систем за наводнување на зелените површини и друго. Осветлувањето на улиците, булеварите, марините и сите јавни површини ќе биде со штедливи светилки кои трошат дури 85 отсто помалку електрична енергија од класичните. При планирање и изведба на целосната инфраструктура користени се прописите од ЕУ.

Во градот ќе биде организирана служба за одржување на хигиената на јавните површини, а зеленилото ќе придонесе за збогатување на пејзажот и почист воздух.

Планерите на градот имаат обврска градот да има што помала емисија на СО2 и други штетни гасови. Затоа се применети, а и понатаму ќе се применуваат до завршување на Еко Атлантик, еколошки ефикасни градежни материјали, а исто така и локални – изворни материјали кои се достапни и соодветни на барањата.

Зелените површини околу објектите, дрворедите покрај булеварите и улиците ќе придонесат Еко Атлантик да стане и зелен град. Веќе се спремаат 200 000 садници во расадник за озеленување на идниот град.

Новата порта кон Африка градот Еко Атлантик е чудо на модерната технологија и инженерство и голем завет на Нигерија за нејзиниот понатамошен економски раст и пробив на глобалната светска сцена. Новиот град еволуираше од дизајнерски визионерски концепт во технолошка и градителска реалност. До денес изградени се главните сообраќајници, улиците и  булеварите со сите мостови и коритата на сите водени канали, како и целата инфраструктура под нив. Уличното осветлување е поставено на сите сообраќајници. Големиот ѕид е изведен во должина од 6,5 километри со што е заштитен островот Викторија и шест милиони квадратни метри земјиште на Еко Атлантик од ерозија на брегот. Останува да се изведе уште помал дел од големиот ѕид. Голем избор на парцели за градба за идните објекти се достапни за сите заинтересирани инвеститори. Веќе се изведени и неколку кули.

Еко Атлантик е еден од најимпресивните и амбициозни проекти во Африка. Град кој ќе биде портата на Африка, африкански Менхетен силен економски и финансиски центар во Нигерија и Африка. Град на иднината, а каква ќе биде иднината ќе видиме.

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top