Градскиот ѕид е една од најпрепознатливите градски структури и симбол на градот, кој кога е изграден создал еден нов, модерен, идентитет на Скопје. Доминантните и чисти форми го обликуваат оној урбан лик на Скопје што го знаеме.

Токму тука во срцето на Градски ѕид, на една од најфреквентните улици „Даме Груев“, на ретките преостанати широки тротоари во Скопје се наоѓа препознатливото кафуле „CAFÉ DE LAZ“, кое придонесува на впечатокот на еден од најурбаните амбиенти во градот.

„CAFÉ DE LAZ“ е простор во кој бојата станува архитектура, елементите влегуваат во дијалог и се спојуваат во впечатливо искуство и посебно доживување.

Кафулето е целосно црвено. Црвената боја е основна боја од видливиот дел на спектарот на светлината, која секогаш ме импресионирала. Таа е првата боја која ја гледаат бебињата кога почнуваат да го запознаваат шарениот свет. Црвената се смета за најтемпераментна боја и симболизира широк спектар на силни емоции и појави – оган, крв, љубов, страст, сила, моќ и храброст.

Покрај значењето и симболиката на бојата, инспирацијата да проектирам кафуле во црвена боја беше впечатокот кој ми го остави еден бар за азиска храна во Салцбург, каде ме привлече автентичноста на црвенилото на неговиот ентериер, па и оттаму ми дојде идејата за црвен простор и во Скопје.

Основата на просторот е 75 квадратни метри во приземниот дел и уште 145 квадратни метри во подрум до кој се стигнува преку внатрешни скали, а кој моментално е во изработка. Просторот претходно беше салон за мобилни телефони, па јас со мал зафат во задниот дел изведов кујна и тоалет.

Целиот простор го обоив во црвена боја (ферари ред), а во истиот тој рал успеав да најдам и иверица на Егер за од неа да ги изведам мебелот и опремата. Во делот на кујната површините се од инокс поради хигиенски причини, а и одлично се вклопија со црвената боја со што се даде една нота на друг материјал во цела таа „монотонија од црвенило“.

Ѕидот покрај кафематот е обложен со поцинкуван лим факомско ребро, и истиот се провлекува и продолжува и во обложувањето на тоалетот. Тука се појавува уште еден различен материјал и боја, површината за надградниот мијалник е пресвлечена во мермер „леванто россо“. Тоалетот е со скриена врата од под до плафон во рамнина со ѕидот. Барот и кујната се затворени со метален профил и ретро жичано стакло, затоа тоа што подрумскиот дел од локалот, кој е во изработка, предвидено е да работи до доцна навечер, а до него се пристапува преку приземниоот простор.

Излогот е обложен со винилна транспарентна фолија исто така во црвена боја.
Од декорации поставен е детски автомобил која е закачен на ѕидот, лево пред барот, како еден ретро момент и како спомен од детство. Излогот е затворен со црвени велвет завеси, а во просторот преовладуваат вештачките цвеќиња во интензивна зелена боја, како еден вид оаза во сето црвенило.

Столчињата внатре во кафулето се пластични и безбојни, проѕирни, со цел да не се наметнуваат на црвенилото, туку токму спротивното, да бидат лесни и транспарентни за да непречено ја пропуштаат црвената боја. За разлика од нив, столчињата и масите поставени надвор се црвени и делуваат како акценти на бетонски сивиот тротоар.

Однадвор кафулето е маркантно и јасно, веднаш препознатливо и привлекува внимание. Кога ќе се влезе внатре, како да сте во некој друг свет, а црвениот ентериер создава енергична и топла атмосфера, кој пружа пријатен и естетски амбиент.

Еден од клучните квалитети на ентериерот е тоа што бескомпромисно се гледа однадвор и привлекува да се влезе внатре, што е еден значаен квалитет со кој просторот комуницира со минувачите и со корисниците.

Идејата да применам црвена боја во целиот ентериер во пракса се покажа одлична. Токму како што очекував – ентериерот никого не го остава рамнодушен, секој посакува да ѕирне внатре или да влезе – што значи, целта е постигната. A кога ќе се влезе, секој може да ги проба и нашето кафе, мини коктелите како и добриот вкус на нашата кујна, особено кроасанот со крем.
Автор: Мартин ЛАЗАРЕВСКИ, дипл. инж. арх.




Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија