Насловна / Дневни Вести / Моноспитовско блато, последното мочуриште во Македонија

Моноспитовско блато, последното мочуриште во Македонија

  Струмичката котлина се простира помеѓу 22°30’ и 23°00’ источна географска должина и 41°21’ и 41°40’ северна географска широчина. Од јужната страна, котлината е заградена со стрмната планина Беласица, на чиј западен крај се надоврзува планината Еленица, а југозападно планината Плауш (или Плавуш). На северозапад, над радовишкиот басен, се издига планината Плачковица, додека пак над северниот дел е планината Огражден. Конфигурацијата на овие планини е таква, што на струмичката котлина и даваат форма на голем неправилен триаголник, со благ пад кон исток. Дел од дното на котлината е зафатено од Моноспитовското блато, кое е заградено од околните тераси (полиња), кои тргнувајќи од подножјето на планините Беласица и Огражден, благо се спуштаат кон средиштето на котлината.

  Денешното Моноспитовско блато се наоѓа во атарот на с. Моноспитово. Неговата површина е околу 400 ha, а просечната надморска височина е околу 210 метри, при што најниската точка се наоѓа на 202 м, а највисоката на 240 м. Денешните реликтни флорни елементи сè уште егзистираат во самото Моноспитовското блато, а особено во неговиот југоисточен крај на подножјето на планината Беласица. Тоа зборува дека генезата на овој блатен екосистем започнала во поодамнешната геолошка историја на ова подрачје. Според Јован Цвијиќ, кој ја истражувал геостратиграфијата и геоморфологијата на Македонија, Моноспитовското блато го добило денешниот изглед кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

 

На следниот линк може да се прегледа монографијата за Моноспитовско блато:
http://goo.gl/Vcvt7g

Испрати коментар

Scroll To Top