Насловна / Арт и дизајн / „Мајката Татковина повикува!“

„Мајката Татковина повикува!“

Мамаев курган е рид над Волгоград (поранешен Сталинград) во јужна Русија. На локацијата доминира меморијален комплекс во чест на Битката за Сталинград (август 1942 до февруари 1943 година). Мамаев курган е местото на големи борби кога силите на германската 6. армија започнале напад врз центарот на Сталинград на 13 септември 1942 година. На Мамаев курган се воделе жестоки битки меѓу германските агресори и советската 62. армија. Околу 10.000 советски војници учествувале во борбите за одбрана на ридот, која била важна за одбрана на градот.

Кога битката е завршена, со крв натопената кал се измешала со остатоци од метал од битката. Калта содржела помеѓу 500 и 1250 парчиња метала по квадратен метар.  Следната пролет, ридот останал црн, бидејќи на неговата изгорена почва не растела трева. Поранешните стрмни падини на ридот биле срамнети со земја во месеците на интензивно гранатирање и бомбардирање. И денес може да се најдат парчиња коски и метал сè уште длабоко закопани низ ридот.

Битката за Сталинград се смета за најголема во Втората светска војна, а победата на советската армија за почеток на крајот на крвавата војна. Поради херојството на неговите бранители и скапо платената победа, на Сталинград на 8. мај 1965 година му е доделена титулата Град херој.

Веднаш по завршувањето на Битката за Сталинград во чест на херојските борби на Мамаев курган е изграден Меморијален комплекс на 26 хектари, чиј симбол е статуата „Мајката Татковина повикува!“ .

По војната, советските власти го нарачале огромниот Меморијален комплекс Мамаев Курган. Василиј Чујков, кој ги предводел советските сили во Сталинград, е погребан во Мамаев Курган; ова го прави единствениот маршал на СССР кој е погребан надвор од Москва. Тука се погребани и 34.505 војници кои биле бранители на Сталинград, а исто така  и снајперистот Василиј Зајцев е овде повторно погребан во 2006 година.

Во подножјето на Мамев курган се наоѓа и Музеј – панорама „Битка за Сталинград“, проект на архитектот Вадим Масљајев. Објектот е изграден на историското место на истоварувањето на 13-та гардиска стрелачка дивизија на генерал-мајор Родимцев во септември 1942 година. Зградата е на две нивоа, а на платформата на кровот е подигната панорамска ротонда. Во објектот е сместена постојана изложба на воена опрема.

Од поднижјето на брдото започнува патот до врвот, преку 200 гранитни скали што симболизираат исто толку дена крвави борби. Скалите водат до Авенијата на тополи, а од таму долгите скали водат до статуа на руски војник нареченеа „Да се стои по цена на живот“, опкружена со вода, на статуата се наоѓа натпис „Ни чекор назад“. Помеѓу скалите има и плоштади, првиот од нив е Влезниот плоштад каде посетителите ги пречекува висока релјефна композиција „Спомен на генерациите“. Продочжувајќи пнатаму се наидува на постаменти од црвен полиран гранит, посветени на советските градови херои, а секој од нив содржи капсула земја.

Скалите водат помеѓу Симболичните урнатини на ѕидините; тие ги претставуваат урнатините на Сталинград, а воедно ги овековечуваат хероите кои го бранеле градот. Во ѕидините се врежани лица на бројни војници, со затворени очи за да означат смрт во битка.

Покрај ѕидините, се наоѓа Плоштадот на хероите; каде доминира уште една голема водена површина. Од едната страна има ѕид со натпис: „Со железен ветер што дуваше директно во нивните лица, тие сè уште маршираа напред; и стравот го обзеде непријателот. Дали овие беа луѓе што напаѓаа? Дали воопшто беа смртни?“ Од другата страна на водата има шест скулптури, од кои првата носи натпис: „Се истакнавме и ја победивме смртта“. Втората и третата скулптура ги одбележуваат воените медицински сестри и морнарите. Четвртата скулптура е посветена на офицерите кои ја воделе битката за заштита на Сталинград. Петтата скулптура ја раскажува приказната за „Спасувањето на знамето“. Шестата скулптура го одбележува конечниот триумф на руската армија над Германците.

Позади Плоштадот на хероите се наоѓа Салата на воената слава, чија надворешна фасада е украсена со руски уметнички дела на советски војници кои го слават крајот на војната и со натпис „Нашиот народ ќе го чува сеќавањето на најголемата битка во историјата на војувањето, внатре во ѕидините на Сталинград“. Внатре скали водат до кружна главна просторија каде во центарот се наоѓа Вечниот пламен, голема скулптура на рака што држи факел. Вечниот пламен е постојано под стража, која се менува на секој час. Ѕидовите се покриени со мозаици од стаклена фолија; на нив се испишани имињата на 7.200 војници кои загинала во Битката за Сталинград. Околу таванот има натпис: „…Да, бевме обични смртници и малкумина од нас преживеаја (германската опсада). Но, сите ја исполнивме нашата патриотска должност кон нашата света татковина“.

Горниот излез на салата води до подножјето на патеката, која се искачува по ридот до самата статуа „Мајката Татковина повикува!“. Исто така, во подножјето на ридот се наоѓа трет плиток базен, овој пат околу камен споменик наречен „Мајчината тага“.

Грандиозниот споменик со епско име „Мајката Татковина повикува!“ е дело на вајарот Евгениј Вучетиќ, истакнат скулптор и уметник, со техничка помош на архитектот Николај Никитин.

„Се обидовме да го пренесеме, пред сè, непоколебливиот морал и дух на советските борци и нивната целосна посветеност на татковината“, го опишал Вучетиќ своето дело, а токму таа идеја ги поврзува елементите на ансамблот на целиот комплекс.

Вучетиќ, кој и самиот бил учесник во Втората светска војна, за своето дело бил поттикнат од статуата Ника од Самотраки, грчка божица на победата.

Алегорискиот лик на Мајката Татковина ги повикува своите синови во победничка битка. Лелеава наметка се виори зад нејзиниот грб како крилјата на Ника. Нејзината уста е отворена, што е невообичаено за скулптури. Тој детал бил дискутиран долго време. Еднаш, функционерите го прашале Вучетиќ: „Зошто ѝ е отворена устата?“ Тој одговори: „Таа вика: за Татковината…!“ После тоа, никој повеќе не го постави тоа прашање.

Импозантниот споменик е висок 85 метри, во времето кога е изграден бил впишан во Гинисовата книга на рекорди како највисока статуа на светот. Покрај монументалноста, се издвојува и по својата исклучителна сложеност од инженерска и техничка гледна точка, поради карактеристичната положба на жената: со високо кренат меч во десната рака, а левата повикува „во одбрана на татковината“. Скулптурата на жената без меч е висока 52 метри, а самиот меч, тежок 14 тони, „оди“ во висина уште 33 метри, тешка е 8000 тони. Фактот дека била градена осум години, од 1959 до 1967 година, покажува колку било голем потфат да се изгради таков споменик.

Постаментот е висок 16 метри, но е вкопан во земја, при што само мал дел од него, висок 2 метри, е над земјата. За изградба на споменикот биле употребени 5.500 тони бетон и 2.400 тони железо, а за зајакнување на темелите биле истурени 150.000 тони земја. Армирано-бетонскиот скелет се состои од посебни ќелии, односно комори, се држи со затегнати кабли внатре во скулптурата, а секој кабел тежи 60 тони.

Денес споменикот е културното наследство на Руската Федерација од државно значење.

Над три милиони луѓе доаѓаат во Волгоград секоја година за да се искачат на врвот на Мамаев курган, следејќи ги стапките на херојските бранители на татковината. Дури во 2045 година, на стогодишнината од победата во Втората светска војна, ќе можеме да откриеме каква порака им оставиле хероите од Сталинградската битка на своите потомци.

Испрати коментар

Scroll To Top