Насловна / Архитектура / Куќа на Миконос – архитектонска интерпретација на пејзажот

Куќа на Миконос – архитектонска интерпретација на пејзажот

На стрмна падина над прекрасното Егејско Море се наоѓа еден од најдискретните, но и најфасцинантните архитектонски проекти на современиот Медитеран – куќата OIKēMA, дело на бирото A SOUL architecture & construction.

Овој објект, замислен во 2025 година, целосно ја редефинира идејата за луксузно домување на островот Миконос. Наместо да доминира во пејзажот, куќата го следи, почитува и буквално се „вовлекува“ во својата природна структура. Резултатот е архитектура која не изгледа како објект поставен во природата, туку како да е внимателно издлабена од неа.

OIKēMA е организирана на три нивоа, што е директен одговор на стрмниот терен и тесната парцела. Оваа вертикална поделба не е само техничко решение – таа станува основен естетски и просторен идентитет на куќата. Просторот се развива преку серија скалести ентериери и тераси кои ја следат природната линија на ридот, додека вертикалните комуникации ги поврзуваат сите нивоа во една единствена, флуидна целина.

Наместо класична фасада, куќата се отвора преку хоризонтални слоеви кои ги следат контурите на теренот. На овој начин, објектот останува визуелно низок и ненаметлив, речиси споен со пејзажот над заливот, создавајќи чувство дека архитектурата е дел од самата топографија, а не туѓо тело во неа.

Интересно е и како е распределена програмата. Дневните, заедничките зони се наоѓаат на средното ниво, додека приватните спални соби се стратешки поставени над и под, со што се постигнува баланс помеѓу интимноста и поврзаноста на просторот. Секој дел од куќата има своја вертикална комуникација, вклучувајќи лифт и скали, што дополнително ја нагласува модуларната структура на проектот.

Екстериерите е исто толку внимателно осмислена како и ентерите. Централната тераса функционира како срце на куќата – отворен простор за живеење со базен, покриени зони за трпезарии и места за одмор, како и интимни места за релаксација. Масивните камени ѕидови го штитат просторот од ветерот, додека лесните настрешници создаваат чувство на медитерански луксуз во сенка.

На највисоката точка од комплексот се наоѓа единствениот видлив елемент над терен – просторот за вежбање, кој воедно го означува и влезот во куќата. Овој минималистички волумен му дава на проектот орјентир, но без да ја наруши неговата суптилна архитектонска логика.

Материјалите дополнително ја зајакнуваат врската со пејзажот на Миконос. Каменот доминира на фасадите, додека бетонските и малтерисаните површини во земјени тонови се користени за комуникациските зони. Дрвото и сировиот камен внесуваат топлина и континуитет, додека долгите отвори овозможуваат природната светлина длабоко да навлезе во ентериерот.

OIKēMA така станува повеќе од луксузна вила – таа е архитектонска интерпретација на пејзажот, простор кој не се обидува да доминира во природата, туку во неа да постои со максимална воздржаност и прецизност.

Испрати коментар

Scroll To Top