Насловна / Арт и дизајн / Кучето од балон на Џеф Кунс сега како ламба и звучник

Кучето од балон на Џеф Кунс сега како ламба и звучник

Францускиот бренд Lexon и уметникот Џеф Кунс претставија колекција во која познатиот мотив на куче од балон станува и ламба и звучник.

Нивната колекција Chromatic ги носи моделите Balloon Dog Lamp и Balloon Dog Speaker, кои истовремено се расвета, гаџети, декорација и колекционерски предмет.

Со други зборови, познатото Куче од балон сега може да стои на полицата, да свети во девет бои, да пушта музика… и да чини 800 евра!

Куче од балон

Џеф Кунс е еден од најпознатите современи уметници, а неговото Куче од балон одамна стана мотив препознаен дури и од оние кои не ја следат уметничката сцена.

Неговата сила лежи токму во таа двојна природа – делува како играчка од детството, но во исто време припаѓа на светот на големите аукции, музеите и колекционерскиот престиж.

Во соработка со Lexon, тој мотив сега добива секојдневна функција. Balloon Dog Lamp доаѓа во платинеста, златна, сина и црвена завршна обработка, додека Balloon Dog Speaker е достапен во бела, златна, сина и црвена варијанта.

На прв поглед, станува збор за извонреден декоративен предмет кој јасно бара внимание. Меѓутоа, неговата цена и лимитираниот карактер покажуваат дека Lexon и Kунс не сметаат само на публиката што бара ламба или звучник, туку и на купувачите кои сакаат предмет со потпис.

Ламба, скулптура или статусен симбол?

Ламбата има девет LED бои, можност за прилагодување на интензитетот и динамични светлосни ефекти, па повеќе функционира како мал светлосен перформанс отколку како класична столна ламба.

Може да стои на комода, полица, помошна масичка или во домашно студио, но каде и да е поставена, тешко дека ќе остане само „уште еден детаљ“.

Во ова лежи суштината – современите ентериери сè повеќе бараат предмети кои не се само практични, туку и создаваат атмосфера, предизвикуваат реакција и изгледаат добро на фотографиите.

Технологија со карактер

Истиот мотив е преточен и во звучникот, кој го задржува препознатливиот облик на куче балон, но внатре крие аудио технологија.

Според брендот, звучникот има десет вградени драјвери за звук од 360 степени, како и микрофони за „hands-free“ повици и поврзување со телефонот.

Тоа е уште еден знак за поширока промена во начинот на кој ја гледаме технологијата во домот – некогаш се обидувавме да ги скриеме уредите, но денес се очекува тие да бидат дел од ентериерот, да имаат форма, боја и карактер.

Речиси 1000 евра за ламба

Цената на двата артикли изнесува 800 евра, што јасно ја одделува оваа колекција од светот на обичните додатоци за домот.

Сепак, во контекст на колекционерскиот дизајн и современата уметност, Lexon овде се насочува кон нешто друго – купувачи кои сакаат билет за визуелниот универзум на Кунс, но во форма што сè уште е употреблива во секојдневниот живот.

Секое парче има гравиран потпис на уметникот и сертификат за автентичност, а особено е нагласено дека боите од колекцијата Chromatic ќе бидат достапни само во текот на 2026 година и нема да се произведуваат повторно.

Зошто токму сега?

Оваа колекција доаѓа во време кога бојата повторно се враќа во ентериерите. По долг период на неутрални тонови, беж палети и тивок луксуз, постои сè повидлива потреба од предмети што внесуваат енергија, хумор и малку дрскост во просторот.

Balloon Dog Lamp совршено се вклопува во тој пресврт. Сјајна површина, интензивни бои и облик како играчка ја прават парче што не се обидува да биде дискретно.

За некои ентериери тоа ќе биде премногу, но за други – токму она што им недостасува.

Испрати коментар

Scroll To Top