Насловна / Вести / Климатските промени ќе го „испијат“ македонското вино

Климатските промени ќе го „испијат“ македонското вино

Земјоделското производство има голем удел во емисијата на стакленички гасови во атмосферата. Ова е исто така сектор каде силно ќе се почувствуваат негативните последици од глобалното затоплување и влијанието на климатските промени. Лозарството како гранка, исто така, ќе има последици  и тоа не само врз физиологијата на лозата, туку и врз квалитетот и традиционалниот вкус на виното. Најзагрозени ќе бидат централните делови на нашата земја, како што е Повардарието, каде се одгледува виновата лоза. За да се спречи ова ќе мора да се менува структурата на лозарството преку воведување нови сорти грозје ако сакаме да го задржиме квалитетот на виното по кој сме препознатливи.

lozje

ПОРАНО ЦВЕТАЊЕ НА ВИНОВАТА ЛОЗА
Според  проектот на Балканската фондација за одржлив развој „Да зборуваме за климатските промени и иднината на виновата лоза и виното“,  во кој се вклучени и професори од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), поради климатските промени виновата лоза цвета порано за шест до 18 дена па неопходно е да се размислува и за нејзино одгледување на поголема надморска височина што е веќе тренд во светот.

Според предвидувањата, порастот на просечната температура за 6,5 Целзиусови степени до 2100 година, ќе доведе до намалување на приносите на виновата лоза за 59 отсто. Климатските промени во земјава може да предизвикаат поинтензивни и продолжени сушни периоди поради намалување на врнежите во летниот период  за 16-26 отсто, како и изразената аномалија на појавата на екстремни врнежи или сушни периоди.

lozje2

Климатските промени, исто така, влијаат и на прераното започнување на вегетацијата, промени во количината и распоредот на врнежите, промена на органската материја на почвата, како и зголемување на интензитетот на УВ зрачењето. Сето ова доведува до негативно влијание врз количината и квалитетот  и тоа не само на грозјето, туку и на виното како краен производ.

САДЕЊЕ НА ПОВИСОКА НАДМОРСКАТА ВИСОЧИНА

Тренд во светот е лозовите насади да ја менуваат надморскта височна. Бидејќи досега се одгледувале на околу 300 до 400 метри, сега надморската височина треба да биде поголема зашто таму температурите се пониски, со помалку врнежи и нема толку трошоци за наводнување на лозата, нагласува професорката Силвана Манасиевска Симиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна и раководител на проектот. Според неа, и во Италија и во Франција и во Шпанија каде лозарството е многу застапено, има промена во традиционалниот вкус на виното. “Поради климатските промени и глобалното затоплување има одредени промени во квалитетот на виното и во традиционалниот вкус. Забележана е и промена на фенофазите кај виновата лоза, односно нивно порано одвивање во последните 10 до 20 години. Цветањето на виновата лоза во овие краишта, пак, е порано за шест до 18 дена. Ние анализата што ја направивме од податоците добиени од УХМР, но исто така и од она што беше он-лајн агро метео, можеме да анализираме дека од 2012 до 2019 година, посебно во Велес, сортата „вранец“ цвета порано за скоро 15 дена, додека „смедеревката“ цвета десетина дена порано. Тоа е поради климатските промени, температурата, влагата, но зависи и од регионот“, дополнува професорката.

И ПОЧВАТА ВЛИЈАЕ НА КЛИМАТА

Климата е еден од педогенетските фактори од кои зависи образувањето на почвата. Таа не само што влијае на почвата, туку и почвата влијае на климата.

lozje3

Во климатските промени голема улога играат почвите. Еден од гасовите на ефектот на стаклена градина, јаглеродниот диоксид, што ја задржува топлината во атмосферата се разменува меѓу почвениот воздух и атмосферата. Со намалување на органската материја во почвата, се ослободува поголемо количество ЦО2 во атмосферата и почнуваат климатските промени. Професорката Татјана Миткова, професор по педологија на  Факултетот за земјоделски науки и храна, која исто така е дел од проектот, вели дека промени во начинот на користењето на почвите драматично можат да ги зголемат емисиите на стакленички гасови. “Почвите може да бидат потенцијален резервоар на ЦО2 со соодветни практики и технологии на управување, а био-отпадот може да биде значаен извор на органски јаглерод во почвата доколку се применува со добри практики“, нагласува Миткова и вели дека почвата не чува, односно го спречува емитувањето на ЦО2 во атмосферата кој што директно влијае на климатските промени. Според неа процентот на органска материја во почвата во нашата земја е многу мал, значи опаѓа со текот на годините и тоа е резултат пред се на неправилно искористување на почвата во земјоделското производство и неспроведување на добра земјоделска пракса и на сите оние мерки што ќе значат наголемување на органската материја во почвата и зачувување на тој органски јаглерод во неа. “Токму тука со земјоделците и лозарите имавме обуки и презентации за да им ги презентираме мерките за адаптација преку кои мерки ќе спроведат добра земјоделска пракса во насока на зголемување и зачувување на органската материја во почвата“, додава Миткова.

ПРЕПОРАКИ ЗА УБЛАЖУВАЊЕ НА ВЛИЈАНИЈАТА

Препораките на експертите за ублажување на влијанието од климатските промени се модернизација на земјоделството, користење нови технологии од страна на лозарите и винарите, како и поставување повеќе нови метеоролошки станици на повеќе локации низ земјата кои ќе бидат пристапни за производителите и пошироката јавност. Институциите ќе треба систематски и континуирано да ги следат фенолошките фази на виновата лоза кои се особено важни за приносот од кој, пак, зависи економскиот бенефит.

lozje1

“Државата треба да финансира обуки и научно-истражувачки проекти кои на терен ќе ги согледаат климатските промени во подолг временски период“, додава Манасиевска Симиќ.

Во рамки на проектните активности биле посетени Градско, Велес, Кавадарци, Неготино, лозарите и винарските визби, со цел воспоставување мрежа меѓу нив и формирање работна група која ќе работи на климатските промени во лозарството.

Заклучоците, резултатите и препораките ќе бидат доставени до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да се вметнат во стратегијата за климатски промени која треба да се воведе.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top