Насловна / Архитектура / Интервју со Невена Георгиевска: Ако сакаме здрав град, инвеститорите да ги тргнат рацете од плановите

Интервју со Невена Георгиевска: Ако сакаме здрав град, инвеститорите да ги тргнат рацете од плановите

Од досегашното искуство не видовме дека политичките партии, кои ја кројат судбината на нашите градови, некогаш имале стручен однос кон архитектурата и урбанизмот, не видовме ни вистински професионалци од овие области помеѓу членовите на советите во локалната самоуправа. Секако дека локалната власт треба да има вклучено стручни лица од повеќе сфери, но она што се случува со урбанистичките планови во Скопје кулминираше со непланиран град, кој имаше простор како ресурс, но кој е неповратно, изгубен засекогаш.  Поради децениските проблеми со урбанистичките планови и нивното „кроење“ и „прекројување“ исклучиво и само според желби поттикнати единствено од профит – инвеститорите и сопствениците на локациите, кои секогаш се повикуваат на „божјата заповед“, „стекнатото право“, Порта 3 одлучи да разговара со архитектите кои се на независните листи за советници во општините Центар и Карпош. Со единствена надеж дека конечно ќе дојдеме до квалитетни урбани решенија, на оној малку простор кој ни преостана.

Во продолжение ви пренесуваме четири интервјуа со четири архтекти, кои одговараат на истите прашања со цел да видиме какви се нивните размислувања за урбаните проблеми. Прочитајте што велат: д-р Дивна Пенчиќ, Билјана Филиповска и Даница Павловска – Циги од „Шанса за Центар“, како и Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“, кои воедно се и долгогодишни соработници на Порта 3.

Порта 3 е подготвена да разговара и со останатите кандидати кои се на советничките листи на политичките партии, кои по професија се архитекти, градежни инженери или екологисти, а кои би сакале да го дадат својот став околу решавање на проблемите кои се од најтесен интерес на нашето списание. Подготвени сме да отстапиме простор за промовирање на идеите и иницијативите во некој од следните броеви на списанието или на порталот. 

slika Nevena Georgievska

Можеби за прв пат кај нас на една советничка листа се пријавуваат повеќе архитекти. Влева ли ова надеж дека конечно за плановите навремено ќе реагираат стручни лица?

Се надевам дека, да. Со Циги и Дивна од Шанса за Центар, сме во постојан контакт, секоја искра во која гледаме пожар се обидуваме да ја презентираме, соработуваме со разни здруженија на граѓани, се консултираме околу случувањата, учествуваме во разни иницијативи, предлози и сл. Речиси секојдневно пишуваме за некој проблем, собираме потписи, се препишуваме со колеги или со граѓани кои забораваат на вредностите на здрав град. Учеството на повеќе архитекти во советот на општината е секако пожелно.

Архитектурата е една од најважните работи со кои треба да ѝ помогнеме на заедницата да се обликува, буквално и фигуративно. Ние, архитектите, можеме да одговориме на предизвиците со објективна и аналитичка перспектива. Во светот, сѐ повеќе е распространет интересот кај архитектите да направат нешто за својата средина. Дури има истражувања кои покажуваат дека кај 8 од 10 студенти желбата за подобрување на квалитетот на животот во нивните заедници се зголемила откако влегле на архитектонски факултет. Но, иако чувството на изолираност е неспорно, како практичари, треба да се обидеме, во општинскиот совет, да ја искористиме својата експертиза при решавање локални прашања.

Но има и други предуслови, а не само желбата. Мојата општина, Карпош, е рангирана, според нивото на транспарентност, како прва во Скопје и втора во државата. А баш пред некој ден се случи токму обратното: два часа пред седница се објави дека ќе има седница на Совет со дневен ред, во кој ,меѓудругото, треба да се гласа усвојување на ДУП. Иако седниците се ЈАВНИ, правилата се, кога граѓани присуствуваат на седница, дека НЕ СМЕАТ да зборуваат, коментираат. Зборувајте ми за транспарентност!

5

Сметате ли дека е возможно да се изработуваат ДУП-овите како досега? Да се добиваат на јавна набавка и да ги изработуваат неколкуте планерски куќи, одамна етаблирани по лошо урбанистичко планирање?

Јас одамна сметам дека е ова погрешно. ДУП-овите исклучиво треба да одат на јавен конкурс, кои ќе ги објавува општината и условите да бидат што поедноставни да може секој поединец или планерска куќа да се пријави. Во планирањето, урбанизмот, архитектурата, идејата е таа што е важна. Мора да видиме борба на идеи.

Јавните набавки бараат докажување на личната состојба на операторите: платени даноци, придонеси и сл. Знаејќи ги цените за проектирање, ќе се сложите дека многу од планерите и архитектите не се во можност да ги подмират секогаш навремено. Затоа, пак, својата одговорност треба да ја преземе Комората и што побрзо да ги реши овие горливи прашања за струката. А на тендер се јавуваат едни исти планерски куќи, кои ја утапкале личната состојба. Документите спремни, само се чека нов тендер. За електронската аукција и да не зборуваме: многу ретко покрај најниската цена како услов стои и квалитетот. Затоа, сметајте дека утре да има јавна набавка за нов ДУП ќе се јават истите планерски куќи. Жалниот момент е што заради сите овие постапки на сите влади, изгубена е довербата на граѓаните кај планерите. Планерите мора да работат за интересите на граѓаните, треба да соработуваат со нив и за тоа треба да им се обезбеди независност.

Дали сметате дека градоначалникот треба да има неколку советници архитекти од пракса?

Во моменталната ситуација во која се наоѓа нашиот град, секоја помош е добредојдена. И да, добро е тоа да бидат архитекти од пракса. Има такви примери: Лондон, Хелсинки, но има и такви каде системот беспрекорно функционира и градоначалникот нема свои советници – Ротердам на пример. За жал, многу често и ваквите функции се искористуваат за своја лична промоција и добробит. Имаме такви примери и во Асоцијацијата на архитекти. Би сакала да видам пример кој навистина ќе се вложи со своето знаење, некоруптивност, отвореност кон спротивни мислења и дискусија. Се разбира за тоа треба да има и слух и самиот градоначалник.

7

Досега не видовме дека државата, застана зад градоначалниците во борбата за подобро урбанистичко планирање. Сметате ли дека е неопходно општините да формираат стручен тим составен од професионалци кој ќе работи исклучиво на плановите со јасно зададени задачи, програми и рокови, наместо плановите да одат на јавна набавка?

Мене, искрено, ми е малку чудно кој, зад кого стои кога зборуваме за планирање град, општина, место во кое и едните и другите, сите ние живееме. Лошиот план во Козле е лош и за Чаир. Климатските промени се доказ дека мора сите заедно да работиме. Лошите планови се лоша средина, лош воздух. Воздухот од Козле нема граница кај Тафталиџе. Сите треба да работат на иста линија, да соработуваат и да се поддржуваат за подобар и поздрав град. Можеби звучи наивно, но тоа е единствениот рецепт за излез од нималку светлата состојба. Тим од професионалци е секогаш добра идеја, сега особено: треба да се формира „кризен штаб“ за насоки во ГУП-от, кој сега се изработува и работи на плановите за „спас“ на Скопје. Тим, кој ќе биде платен, ќе работи за општината, ќе биде независен во одлуките, градоначалник кој ќе ја испочитува одлуката и политички партии и други инволвирани, кои „со крв“ ќе потпишат дека ќе ја почитуваат стратегијата, независно кој е на власт.

Постои ли доволно развиена свест и кај политичарите и кај граѓаните кога станува збор за планирање, а кога е во прашање личниот или јавниот интерес?

Не. Интересно е дека во Македонија, генерално преовладува личниот интерес. Мислев дека со пандемијата ќе сфатиме дека интересот на заедницата мора да биде пред личниот, но не, не се случи тоа. Сè уште општината вели: тоа е приватно земјиште.

Еве на пример: пред мојата зграда, ќе се гради станбен блок П+9, и тоа не еден, туку два по ред на приватен имот. Значи приватен интерес. Како тоа се заборава дека сите ние во постојните објекти, имаме приватен имот, нашиот стан и наш личен интерес. И со поставувањето такви зградурини се загрозува и нашиот личен интерес: погледот, осончувањето, пристапот, паркирањето, зеленилото, пристапот на децата до игралишта на трева, а не бетонски плочници итн. Прашањето е: како нечии лични интереси се полични од нечии други?

Јавниот интерес не треба многу да се анализира. Доволно е да се погледне колку отпад има наоколу, колку измет од миленичиња… како што ми рече една госпоѓа: Ах знам, Вие сте од Скопје, градот каде летаат пластични кеси!

Општина Центар беше единствената која влезе во борба со урбанистичкото планирање. Даде ли мораториумот очекуван резултат? И зошто?

Па тоа е она на што одговорив и претходно. Идеи има, можности и решенија постојат, но нема консензус. Ако се договараме дека сакаме здрав град, инвеститорите треба да ги тргнат рацете од плановите, општините мора да го овозможат тоа, Владата мора да даде поддршка, за да можат планерите да почувствуваат независност дека можат да го спроведат најдоброто решение. Многу често сме сведоци на револуционерни мерки, но овозможувањето е само паѓање во замка. Мораториумот беше исклучително добра мерка. Но, како времена. Јасно беше дека одолговлекувањето на мораториумот ќе предизвика негодувања и реакции кај приватните сопственици и кај инвеститорите. Некои повеќе го гледаа само како прилика за корист повеќе, но некои се заглавија со кредити и сл. А, се разбира дека на сите треба да ни биде јасно дека ДУП-ови нови или за промена не се работат преку ноќ. Роковите, па ако сакате и на конкурсните решенија, се смешно кратки. И не може да се дадат очекуваните решенија.

Karpos

Во затечената состојба во Скопје има ли воопшто шанса да добиеме поквалитетен град?

Секогаш има. Иако изградените објекти имаат животен век по 50, 100 години. И што е направено тешко дека брзо ќе се поправи, но затоа треба под итно да се ревидираат сите „спорни“ ДУП-ови во најава. Моите содружници, членовите на невладините организации од советничката листа на Независни за Карпош, верувам и независните од другите општини, ги имаат сите тие податоци. Вака „екипирани“ со нивна поддршка и со широка инволвираност на граѓаните и ние како професионалци, со зголемена меѓуопштинска соработка, треба одма, сега, да почнеме со работа. Градовите мора да бидат здрави и тука нема дилема. Инвестирањето во урбано планирање, засновано на здравје, обезбедува долгорочно наследство на здравје и благосостојба за граѓаните. Ако целта на урбанистичкото планирање не е за здравјето на луѓето, тогаш за што е?

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Невена Георгиевска: архитект, магистер за програмирање, планирање и управување со здравствени објекти, предавач од пракса на Факултет за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје. „Стар Гранитовец“ и долгогодишен сопственик на биро за проектирање.Специјалист за здравствени објекти и проект-менаџер на Проектната единица при Министерството за здравство, проектант на чисти соби. Денес работи како асистент за развој и проширување во првата приватна општа болница Ре-Медика, во Скопје. Желбата за едукација и запознавање на пошироката публика со теми поврзани со здрави градови често ги споделува во своите колумни во Порта 3.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top