Насловна / Архитектура / Интервју со Даница Павловска-Циги: Потребна е синергија во делувањето и на жителите и на креаторите на политиките

Интервју со Даница Павловска-Циги: Потребна е синергија во делувањето и на жителите и на креаторите на политиките

Од досегашното искуство не видовме дека политичките партии, кои ја кројат судбината на нашите градови, некогаш имале стручен однос кон архитектурата и урбанизмот, не видовме ни вистински професионалци од овие области помеѓу членовите на советите во локалната самоуправа. Секако дека локалната власт треба да има вклучено стручни лица од повеќе сфери, но она што се случува со урбанистичките планови во Скопје кулминираше со непланиран град, кој имаше простор како ресурс, но кој е неповратно, изгубен засекогаш.  Поради децениските проблеми со урбанистичките планови и нивното „кроење“ и „прекројување“ исклучиво и само според желби поттикнати единствено од профит – инвеститорите и сопствениците на локациите, кои секогаш се повикуваат на „божјата заповед“, „стекнатото право“, Порта 3 одлучи да разговара со архитектите кои се на независните листи за советници во општините Центар и Карпош. Со единствена надеж дека конечно ќе дојдеме до квалитетни урбани решенија, на оној малку простор кој ни преостана.

Во продолжение ви пренесуваме четири интервјуа со четири архтекти, кои одговараат на истите прашања со цел да видиме какви се нивните размислувања за урбаните проблеми. Прочитајте што велат: д-р Дивна Пенчиќ, Билјана Филиповска и Даница Павловска – Циги од „Шанса за Центар“, како и Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“, кои воедно се и долгогодишни соработници на Порта 3.

Порта 3 е подготвена да разговара и со останатите кандидати кои се на советничките листи на политичките партии, кои по професија се архитекти, градежни инженери или екологисти, а кои би сакале да го дадат својот став околу решавање на проблемите кои се од најтесен интерес на нашето списание. Подготвени сме да отстапиме простор за промовирање на идеите и иницијативите во некој од следните броеви на списанието или на порталот. 

2

Можеби за прв пат кај нас на една советничка листа се пријавуваат повеќе архитекти. Влева ли ова надеж дека конечно за плановите навремено ќе реагираат стручни лица?

Да, влева надеж и пожелно е. Архитектите имаат широк дијапазон на професионално делување во сферата на подобрувањето на квалитетот на живеењето на заедницата. Нивното присуство во тимовите што одлучуваат само може да помогне во градење на локалните урбани политики, но друго прашање е колку објективно системот дозволува и предвидува нивно влијание како стручни лица. Генерално, со нив може да се очекуваат поголеми ефекти од стручните контроли и проверки на плановите.

Сметате ли  дека е возможно да се изработуваат ДУП-овите како досега? Да се добиваат плановите на јавни набавки и да ги изработуваат неколкуте планерски куќи, одамна етаблирани по лошо урбанистичко планирање?

nova-mapa

Сметам дека системски реформи не се направени во сферата на планирањето и градењето така што со делување во постојната законска рамка ДУП-овите ќе се изработуваат како и досега, но можно е создавање на една освестеност на спецификите на тој креативен и високостручен производ и формирање сензитивен пазар со вистинско вреднување на квалитетот во урбанистичкото планирање.

Дали сметате дека градоначалникот треба да има повеќе советници архитекти од пракса?

Секако, особено со наследените, обременети и деликатни состојби, а за еминентна современа визија за развојот на општината и теоретичари, авторитети, меѓународно потврдени ликови и др.

Досега не видовме дека државата, застана зад градоначалниците во борбата за подобро урбанистичко планирање. Сметате ли дека е неопходно оптштините да формираат стручен тим составен од професионалци кој ќе работи исклучиво на плановите со јасно зададени задачи, програми и рокови, наместо плановите да одат на јавна набавка?

Јавните набавки го девалвираат процесот на одбирот врзан за урбанистичките планови, така што стручните тимови само можат да помогнат и да го ублажат навредливиот однос кон нивното значење, нивната креативност, вреднување…

1

Постои ли доволно развиена свест и кај политичарите и кај граѓаните кога станува збор за планирање, а кога станува збор за личниот или јавниот интерес?

За жал, не. За жал голем дел од граѓаните не се свесни дека јавниот интерес всушност го подигнува и личниот квалитет на живеење. Сведоци сме на сега веќе култното „Не сакаме зеленило, сакаме станови за децата“. Тоа е вистинската слика на размислување на просечниот граѓанин. А профитот на инвеститорите им е поважен од сè, спремни се на секоја цена, што впрочем и е видливо во градот со голо око.

Општина Центар беше единствената која влезе во борба со урбанистичкото планирање. Даде ли мораториумот очекуван резултат? И зошто?

На оваа тема веќе има направено квалитетна анализа (проф. Д. Пенчиќ) и допрва ќе се прават  проценки на нови аспекти на периодот со мораториумот  и неговите ефекти, но и покрај неговото лошо менаџирање тој направи промена во осознавање на моќта на локалната самоуправа, на слабостите на одлуките на Уставниот суд.

KIR_0026

Во затечената состојба во Скопје има ли воопшто шанса да добиеме поквалитетен град?

Можеби треба да се залагаме за стариот концепт на еден град – една единствена управувачка единица со заедници, маала, населби… како помали колективни субјекти со свои специфики, можности, потреби… но, дотогаш градот Скопје како заедница на општини треба да има интенција да ги обединува, хармонизира и координира општините како делови од сложувалка што градат една слика. Секоја општина мора да е по мерка на граѓаните, со вградено достоинство на граѓаните, со политики во интерес на граѓаните, со приоритетен јавен интерес  (не, на моќни поединци; не, за спроведување партиски интереси). Но, ако граѓаните одговорноста ја делегираат единствено кај креаторите на политиките, а самите не ги почитуваат правилата кои значат поквалитетен живот, мисијата на новите избраници нема да успее. Ако креаторите на политики нудат решенија кои не ги земаат предвид интересите на целата заедница, големата слика за развој на која било општина, па и на градот во целина, само ќе се мултиплицираат проблемите. Оттука, потребна е синергија во делувањето и на жителите и на креаторите на политиките кон раст и рамномерен развој за доброто на сите. Значи, има шанса.

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Даница Павловска-Циги е архитект – планер, својот професионален работен век го поминува во Заводот за урбанизам – Скопје и во Министерството за животна средина и просторно планирање, каде работи како раководен државен службеник. Таа е граѓанска активистка и општествено ангажирана, поранешен претседател на ААМ, иницијатор на повеќе граѓански акции како „Го сакам ГТЦ“ и организирањето гушкање на ГТЦ. Една е од иницијаторите да се обжали на Уставен суд членот 50 од Законот за урбанизам и просторно планирање. Овој член ѝ овозможи на поранешната влада: ГТЦ, Македонската опера и балет и НУБ „Св. Климент Охридски“ да ги прогласи за објекти од посебен интерес и да ѝ ја одземе ингеренцијата на Општина Центар за нив. Таа е „главниот кривец“ за соработката со професорот Јан Гел и за преводот на неговата книга „Градови за луѓе“. Добитник е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2018 година за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top